Градиштанска Планина

планина во Македонија

Градиштанска Планина (Градманска Планина, Ѓуришка Планина или Ѓуриште) — ниска и доста расчленета планина што се протега во правец ЈЗ-СИ, помеѓу долниот тек на Пчиња на запад и Овче Поле на исток, во должина од околу 30 км.[1] Просечната ширина е околу 9 км со вкупна површина од 230 км2. Највисок врв е Градиште или Ѓуриште (861 м), потоа Венец (853 м), кој се наоѓа во средишниот дел, Голиќ (790 м) во северниот дел и Црн Врв во јужниот дел на планината. Поради големата дисецираност, не постои јасно изразено планинско било, па затоа нејзините ограноци Венец, Градиште, Голиќ и други се сметаат за посебни планини.[2]

Градиштанска Планина
Градманска Планина
планина
Регион Македонија Македонија
Највисока точка Градиште
 - височина 861 м
Поглед кон планината кај селото Градманци
Поглед кон планината кај селото Градманци
Поглед кон планината кај селото Градманци

Големата расчленетост и бројните ридови на планината се обраснати со густи нискостеблести и грмушести растенија како дрен, прнар, див јоргован, но и листопадни дрвја како даб, врба, топола и јасика. Самите услови на теренот придонесуваат за сточарство, односно одгледување на кози, што всушност е и најразвиената стопанска гранка во селските населби расположени на планината, како во поединечно домашно така и во фармерско одгледување и производство. Составот на почвите е настанат под дејство на геолошките процеси во развитокот на земјата, при што се застапени глината, црвеницата, песокливата и црната почва, а големи се и наоѓалиштата на квалитетниот и далеку познатиот ѓуришки камен кој се користи во градежништвото, посебно во ѕидарството.

Хидрографски, Градиштанска Планина се одликува со голем број на доста силни и издашни водени извори и кратки планински потоци и брзаци. Целата речна и водна мрежа на Градиштанската Планина припаѓа на егејскиот морски слив, односно на сливот на реките Вардар и Пчиња, а на оваа планина се наоѓа и изворишното подрачје на реката Отовица на која е изградено вештачкото велешко езеро „Младост“. Во западниот дел на подножјето на планината во Катланово крај Пчиња избиваат термални извори на лековита минерална вода, на кои е изградена познатата Катлановска Бања.

Од животинскиот свет на планината се застапени дивокозите, кртовите, лисиците, волците, ласиците, диви зајаци како и дивите птици еребица, фазан, потполшка, при што доста е развиен ловот, за што постојат и повеќе ловни домови.

Географски, Градиштанската Планина претставува четиримеѓе во кое се допираат и граничат четири различни региони и области на Македонија: Скопско и Скопската Котлина (Општина Петровец) од северозапад, Кумановско (Општина Куманово) од север и североисток, Овче Поле (Општина Свети Николе) од исток и југоисток и Велешко (Општина Велес) од југозапад. Поради ваквата поволна поставеност, на Црн Врв уште во 60-тите години на XX век е поставен радиодифузен објект и предавател кој емитува телевизиска и радиска програма во сите овие области, а исто така постои и репетитор во месноста Ѓуриште[3].

Етнографски, селата сместени на планината ја сочинуваат посебната етногеографска област наречена Ѓуриште. Во месноста Ѓуриште се наоѓа и познатиот средновековен Ѓуришки манастир, посветен на Рождеството на Пресвета Богородица, изграден во 11 - 12 век[4].

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Географско друштво на СР Македонија (1989). Географски разгледи (27-30. изд.). Skopje: Društvo.
  2. Zemjodelsko-šumarski fakultet (1970). Godišen zbornik: Annuaire. Sylviculture. Šumarstvo. Univerzitet vo Skopje.
  3. „Предавател Македонија - Радиодифузен објект Црн Врв“. Архивирано од изворникот на 2012-12-31. Посетено на 2013-01-22.
  4. „Предавател Македонија - Репетитор Ѓуриште“. Архивирано од изворникот на 2013-01-25. Посетено на 2013-01-22.