Крани
Крани — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.
Крани | |
Поглед кон селото од црквата „Св. Атанасиј“ во Штрбово | |
Координати 40°56′21″N 21°06′30″E / 40.93917° СГШ; 21.10833° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Ресен |
Област | Долна Преспа |
Население | 361 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7317 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 23019 |
Надм. вис. | 900 м |
Слава | нема |
Крани на општинската карта Атарот на Крани во рамките на општината | |
Крани на Ризницата |
Потекло на името
уредиВо врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е етничко, образувано со помош на наставката „-ани“ од именката „крај“. Блиску на ова пишување се и усните преданија на кранци кои говорат дека тука некогаш живееле Украинци (како што во соседното село Арвати живееле Хрвати) и дека по етносот Украинци, подоцна селото го добило името Крани.[2]
Покрај ова, името на селото Крани се доведува и во врска со името на местото Крањ, во Словенија. Се вели дека кон крајот на XVI и почетокот на XVII век, кога во Хрватска и во Словенија се случувале селски буни, барајќи спас во Преспа пристигнале предците на семејствата Ќирицовци, а можеби и Церјановци, кои биле прибрани од еден од тогашните бегови за да му ја обработуваат земјата. Подоцна, по местото на нивното потекло (Крањ) селото го добило името Крани.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото е сместено на околу 2,5 километри источно од Големото Преспанско Езеро, во една од подлабоките западни пазуви на планината Баба, во долината и средишниот тек на реката Шара (позната и како Арватска или Кранска Река, како што ја нарекуваат мештаните). Сместено е на надморска височина од околу 900 метри.[2] Од општинското средиште, градот Ресен, е оддалечено 24 километри.[3]
Нема податоци, ниту други сознанија дека селото некогаш било преместувано.[2]
Крани се граничи со следниве села: со селото Сливница на север, со селото Арвати на исток, со Штрбово на југ и со водите на езерото на запад.[2]
Атарот на Крани се простира на површина од 612 хектари (околу 6,12 км2) и зафаќа претежно рамничарско земјиште. Од вкупната површина на атарот: 445,8 хектари се обработливо земјиште, 99,8 хектари пасишта и 0,9 хектари шума.[2][3]
Крани е големо село од собран, дури збиен тип, со околу 150 куќи, сите обновени или новоизградени, подигнати на еден или на неколку ката. На куќите преовладуваат белите фасади. Околу куќите постојат оградени дворни места во кои се изградени потребните стопански и други објекти (тремови, гаражи, магацини, штали, плевни, летни кујни, фурни и др.), а во некои има и овошни градини. Влезниот пат во селото ја чини и основната улица во него, на која под различни агли излегуваат повеќе споредни улички. Некои од нив минуваат преку четирите бетонски мостови на Шара, која никогаш не пресушува. Според групираноста на куќите и семејствата, селото се дели на пет маала: Саќовско Маало (околу културниот дом), Садиковско и Оџовско Маало (од левата), а Заќировско и Ќеримовско Маало (од десната страна на реката). Селото претежно просторно се развива на северозападната страна.[2]
Историја
уредиКрани е старо етнички мешано село во кое отсекогаш сложно живееле православни Македонци и муслимански Албанци. Под различни облици на денешното име (Крахни, Крахани, Груни, Храни, Крајну и Крани) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди.[2]
Во XIX век, Крани се наоѓало во Битолската каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.
До 1912 година, Крани било под турска власт, а во тој склоп и беговски чифлик. Во тоа време, кранци земале учество во четите на околните христијански села. Загинале двајца.[2]
Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација, со што се најде и во зафатот на Македонскиот фронт. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, кранци биле мобилизирани во војските на спротивставените страни. Во еден период од војната (1916-1918) жителите на Крани биле евакуирани во селата Љубојно и Брајчино.[2]
По завршувањето на Првата светска војна, Крани повторно се нашло под српска власт. Во ова време, селото било во состав на општината Љубојно.[2]
Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија, која успеала од албанското население во селото да основа своја вооружена единица под команда на Муса Крања и донекаде ги држела под своја контрола селата Арвати и Сливница. Во тоа време контролата над селото ја држеле балистите на Муса Крања. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943) било слободна територија на НОАВМ. На 8 ноември 1943 година паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Во текот на оваа војна загинале 4 жители.[2][4]
Со своја прва училишна зграда селото се здобило во 1925 година, во која меѓу двете светски војни учеле и децата од Арвати, Штрбово и Сливница, со електрична енергија во 1950 година (кога на реката Шара во селото Арвати била изградена мала хидроцентрала), со систем за наводнување во 1956 година, со задружен дом во 1952 година, со телевизиски прием околу 1970 година, со водовод во 1974 година, со амбуланта во 1975 година, со асфалтен пат во 1977 година, со телефонски приклучоци во 1988 година.[2]
Стопанство
уредиСвојата издршка кранци секогаш ја обезбедувале преку поледелството и сточарството. Во рамките на поледелството најмногу се одгледувало жито (’рж, пченица, пченка, овес, јачмен, и др.). Одгледувале лозја и градинарски култури (компир, праз, домати, лук, кромид, зелка, бостан и др.). Во годините на задругарството се садело и тутун. Доста се одело на печалба во странство. Во рамките на сточарството најмногу се одгледувале волови, крави, биволи, коњи, овци и кози. Селото има услови за развој на поледелството и туризмот.[2]
Туризам
уредиДенес, Крани е едно од поголемите туристички места на Големото Преспанско Езеро. Во 1978 година, во некогашните цветни ливади и мочуришни места покрај брегот на езерото, било изградено летувалиште во чиј состав има хотел (сопственост на Министерството за внатрешни работи) и автокамп со ресторан и други придружни објекти (сопственост на АД „Агроплод“).[2]
Автокампот Крани е целосно обновен и во него работи ресторанот „Капри“.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во текот на своето постоење, Крани го бележело следниот демографски развој: во 1519 година селото имало 18 христијански семејства (М. Соколовски); во 1865 година 50 муслимански куќи (Ј. Хан); во 1889 година имало 30 куќи и 227 жители (С. Верковиќ).[2]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Крани имало 180 Македонци христијани, 200 Албанци муслимани и 130 Роми.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Крани имало 598 жители.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци и 500 Албанци.[7]
Иако од Крани се иселил извесен број на населението, сепак населбата е голема и во 1961 година имала 1.050 жители, од кои 711 биле Албанци, а 336 жители Македонци, а во 1994 година 529 жители, од кои 373 биле Албанци, 136 Македонци и 20 други.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Крани имало 416 жители, од кои 103 Македонци, 305 Албанци, 1 Србин и 7 други.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 361 жител, од кои 74 Македонци, 263 Албанци, 13 Роми и 11 лица без податоци.[9]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Крани:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | Лица без под. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | — | 953 |
1953 | 327 | 659 | 1 | 23 | 8 | 0 | — | 1 | — | 1.019 |
1961 | 336 | 711 | 0 | — | — | 1 | — | 2 | — | 1.050 |
1971 | 336 | 867 | 0 | 0 | — | 3 | — | 1 | — | 1.207 |
1981 | 350 | 709 | 0 | 0 | 0 | 1 | — | 27 | — | 1.087 |
1991 | 337 | 639 | 0 | 0 | 0 | 2 | — | 22 | — | 1.001 |
1994 | 136 | 373 | 0 | 0 | 0 | 0 | — | 20 | — | 529 |
2002 | 103 | 305 | 0 | 0 | 0 | 1 | 0 | 7 | — | 529 |
2021 | 74 | 263 | 0 | 13 | 0 | 0 | 0 | 0 | 11 | 361 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
уредиДенешниве кранци се потомци на следниве постари крански семејства:[2]
- македонски: Гајтановци (доселени од Костурско во 1944 година), Димитриовци, Дудумовци, Јаневци (дојдени од Брајчино во 1860 година), Калешовци, Николовци, Нивичановци (доселени од Нивици), Рабаџиовци, Секуловци (доселени од Штрбово околу 1870 година), Слимничани (доселени од Сливница околу 1880 година), Трифуновци, Ќирицовци, Црковци, Церјановци, Шлдоровци, Шапаловци и Штрбовчани (доселени од Штрбово во 1894 година).
- албански: Иљази (доселени од Граждено околу 1890 година), Ељмази (доселени од Лешња околу 1805 година), Демири (доселени од Граждено околу 1820 година), Исени (дојдени од Граждено околу 1850 година), Иљази (дојдени од Козјак околу 1900 година), Миртија (најстари од сите албански родови во Крани), Мемети (дојдени од Лешња околу 1810 година), Оџа (дојдени од Валона околу 1805 година), Таири (дојдени од Гора, Албанија, околу 1750 година), Ферати (дојдени од Жарна, Албанија, околу 1895 година) и Фејзулаху (дојдени од Валона околу 1840 година).
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:
Ромски
- Доселеници: Таировци (2 к.), Пендовци (3 к.), Исламовци (2 к.) и Зиловци (1 к.) доселени се однекаде; Исламовци (1 к.) и Земовци (1 к.) доселени се од Ресен; Сулејмановци (1 к.) доселени се од Струга.
Власи
Албански
- Староседелци: Муртовци (2 к.)
- Доселеници: Садиковци (12 к.), Оџовци и Касовци (18 к.), Зеќировци (9 к.) и Фејзуловци (1 к.) доселени се од селото Љора кај Ѓирокастро; Таировци (9 к.) доселени се од селото Гора кај Поградец; Диковци (1 к.), Великовци (1 к.), Бекташовци (2 к.), Макевци (1 к.) и Метковци и Саковци (7 к.) и Сеитовци и Демировци (6 к.) доселени се од селото Лешња кај Колоња; Ајазовци (1 к.), Демчовци (1 к.) и Исеиновци (3 к.) доселени се од селото Граждано во егејскиот дел од Преспа; Иљасовци (2 к.) доселени се од селото Козјак; Фератовци (1 к.) доселени се од Жорна кај Колоња.
Македонски
- Староседелци: Трифуновци (1 к.), Димитриовци (4 к.), Дудумовци (2 к.), Рабаџиовци (1 к.), Шалдаровци (4 к.), Шапаловци (2 к.), Николовци (2 к.), Ќирицовци (1 к.)
- Доселеници: Сомуновци и Секуловци (4 к.) доселени се од селото Штрбово; Јаневци (8 к.) и Црковци (7 к.) доселени се од селото Брајчино, каде припаѓале на родот Мачковци; Слимничани (4 к.) доселени се од селото Сливница, каде припаѓале на родот Пишовци (Стерјовци); Ќелешовци (7 к.) доселени се однекаде; Церјановци (1 к.) доселени се од селото Церје во Мала Преспа; Нивичановци (4 к.) доселени се од селото Нивици во егејскиот дел од Преспа; Штрбочани (2 к.) доселени се од селото Штрбово во 1894 година, каде припаѓале на Крстиновци; Гајтановци (1 к.) доселени се во 1944 година од костурско.[10]
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Љубојно, во која покрај селото Крани, се наоѓале и селата Арвати, Брајчино, Долно Дупени, Љубојно, Наколец, Сливница и Штрбово. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на некогашната Општина Крани, во која влегувале селата Арвати, Крани, Сливница и Штрбово.
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[11]
- Св. Никола — црква и некропола од средниот век;
- Анче — населба од доцноантичко време;
- Кобел — населба од хеленистичко време;
- Св. Илија — црква и некропола од средниот век.
- Цркви[12]
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — главна селска црква, изградена во 1865 година;
- Црква „Св. Никола“ — се наоѓа на 1 километар јужно од селото;
- Црква „Св. Илија“ — во месноста Илинец, изградена во 1975 година;
- Црква „Св. Богородица“ — изградена во 1995 година;
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — мала црквичка во месноста Мечкина Вода.
- Џамии
- Џамија — џамија во селото, сместена помеѓу селата Арвати и Крани, изградена во XIX, а обновена во 2002 година
- Реки
- Кранска Река — река низ селото Крани (позната и како Арватска Река или Шара)
Личности
уреди- Родени
- Али Алиу (р. 1934) — есеист, критичар, преведувач и теоретичар
- Наум Спиров Димитриовски — македонски револуционер од ВМОРО.[13]
- Стојан Стефанов Димитриовски — македонски револуционер од ВМОРО.[13]
- Вангел Василев Шалдаровски — македонски револуционер од ВМОРО.[14]
Иселеништво
уредиДо 1949 година македонски иселеници од селото има во САД (5 семејства), Австралија (1 семејство), Бугарија (2 семејства), Канада (1 семејство), Битола (2 семејства) и во Турција (1 семејство).[10]
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 156–162. ISBN 9789989920554. Посетено на 19 декември 2016.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 162. Посетено на 19 декември 2016.
- ↑ Загинати: Факри Абдуловски, Стефан Ќерамидовски, Малик Саковски и Ѓорѓија Црковски.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 19 декември 2016.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ 10,0 10,1 Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ 13,0 13,1 . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link) - ↑ . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link)