Брајчино
Брајчино — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.
Брајчино | |
Поглед кон Горното Маало во Брајчино | |
Координати 40°54′23″N 21°9′33″E / 40.90639° СГШ; 21.15917° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Ресен |
Област | Долна Преспа |
Население | 68 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7310 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 23003 |
Надм. вис. | 1000 м |
Слава | Света Петка |
Мреж. место | Брајчино |
Брајчино на општинската карта Атарот на Брајчино во рамките на општината | |
Брајчино на Ризницата |
Потекло на името
уредиВо врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека Брајчино е посвојно име образувано со помош на наставката „-ино“ од личното име Братица, со отпаѓање на меѓувокалното „т“,[2] што се надоврзува на записите од XIV век каде се среќава името Братица или личното име Брајчин запишано во турските документи од 1467-68 (Брајчин син на Дојчин). Како втора можност се наведува: придавната синтагма Братичино (Село) од личното име Братица.[3]
Меѓутоа, жителите на селото пренесуваа предание и можни претпоставки дека името на селото потекнува уште од неговиот почеток, кога го населиле луѓе блиски по род (браќа и братучеди) по кои селото добило име најпрвин Братучина, а со текот на времето преминало во Брајчино.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото е сместено на источниот дел од Големото Преспанско Езеро, во една од подлабоките западни пазуви на планината Баба, во средишниот дел на живописната Брајчинска Река. Се простира на обата брега на реката, на надморска височина од околу 1000 метри.[2][4]
Брајчино се наоѓа во крајниот југоисточен дел на територијата на Општина Ресен, чиј атар се издигнува до југозападниот срт на планината Баба, каде што се допира со атарот на Општина Битола, како и со државната линија на јужниот сосед.[4] Се наоѓа 6 километри од езерото, а на 32 километри оддалеченост од градот Ресен.[4]
Преданијата говорат дека селото некогаш било преместено. Како негова претходна местоположба се спомнува месноста Рамни Пат, во близина на Станишарско Мосте (источно од денешната местоположба на селото). Како причина за ова се наведуваат поројните дождови и вчестените штети од нив. Брајчино пред неколку стотина години не било село, туку заселок со пет-шест куќи, кој претрпел големи штети при некои исклучително силни поројни дождови, поради што жителите го напуштиле и се раселиле во други краишта (се спомнува градот Прилеп). Но, поради своите природни убавини, селото повторно било населено со луѓе од разни краишта (се спомнува Егејска Македонија). Бројот на жителите постојано се зголемувал, со што по извесно време се создала права населба, која првично била наречена Братичино, а подоцна Брајчино.[2]
Брајчино се граничи со следниве села: со Штрбово и Арвати на север, со подрачјето на Општина Битола (во тој склоп со селата: Нижеполе, Злокуќани, Острец, Граешница и Кишава) на исток, со селото Долно Дупени и територијата на Грција (во тој склоп со селото Герман) на југ и со селото Љубојно на запад.[2]
Во областа Преспа, Брајчино има најголем селски атар. Се простира на површина од 6028 хектари (околу 60,28 км2) и безмалку зафаќа исклучително ридско-планинско земјиште обраснато со листопадна и иглолисна шума (даб, бука, јавор, јасен, бор, ела, смрека и др.) и тревнати пасишта, по кои сè до Втората светска војна паселе многубројни стада овци. Од вкупната површина на атарот: 498,1 хектар е обработливо земјиште, 2780,8 хектари пасишта и 2426 хектари шума.[2]
Низ селото тече бистрата и бујна Брајчинска Река, која го дели селото на Горно Маало од нејзината лева страна и Долно Маало на нејзиниот десен брег.[4] Атарот на Брајчино изобилува со извори и брзи бистри водотеци (леви и десни притоки на Брајчинска Река или Стара Река, како што ја нарекуваат мештаните) на која некогаш во селото работеле 12 воденици и 4 валалници.[2]
Брајчино е село од собран тип, со стари и нови куќи, сите на кат, градени од камен, а поновите од блок-тула, покриени со ќерамиди. Околу куќите постојат дворни места во кои се изградени стопанските и други објекти (плевни, штали, тремови, гумна, гаражи, магацини, фурни и др.), а во некои постојат зеленчукови и овошни градини. Поголем број од постарите куќи се обновени, а се изградени и нови.[2]
Според групираноста на куќите и семејствата, селото се дели на четири поголеми маала: Горна Маала (го зафаќа источниот), Долна Маала (северозападниот), Чороловска Маала (западниот) и Камејнче Маала (јужниот дел на селото). Маалата меѓусебно ги поврзуваат два бетонски моста на Брајчинска Река и повеќе стрмни, тесни, но асфалтирани улици. Покрај Брајчинска Река, како нејзина лева притока низ селото тече и реката Брезница. Селото Брајчино е на пат да стане привлечно туристичко место.[2]
Планинските падини околу Брајчино изобилуваат со густа букова и дабова шума, а од самото село почнувајќи од ширината на игралиштето пред Горното Маало водат неколку обележани планинарски патеки кои низ густата букова, дабова и ореова шума богата со извори водат кон врвот Пелистер (3 часа) и Големото Езеро од Пелистерски Очи (6 часа), планинарските домови Неолица и Копанки и селото Нижеполе во Битолско, кои се обележани со патоказни табли и планинарско обележување.
Топонимија
уредиОва е список на позначајните топоними во атарот на Брајчино:[2]
А — Арангела
Б — Багра, Балтан, Балчеа Бука, Балчеа Стена, Бела Плевна, Бобоишта, Бојаџиев, Брајчински Рид, Брани, Брезница, Бунуш, Буче
В — Врто
Г — Гарван, Гаришта, Гаштите, Голем Дол, Горно Рамни, Градиње, Грива, Грмае, Гура, Гурски Орници, Ѓурчои Нивје, Гушоа Падина
Д — Дабоа Гла, Дечкои Ливае, Добје, Долно Рамни, Дреноа Ливада, Дрење, Дрмишар, Дрстила
З — Завоите, Злигари, Змиите, Змијин Камен
И — Иванче, Игралишта, Изворите
Ј — Јадреш, Јазмиње, Јанков Гроб, Јанкои Гумна, Јончевска Нива
К — Казанче, Калински Нивје, Калмур, Калојзана, Катиноа Бука, Кичикото, Кловите, Кокалница, Кокоите, Кољоа Стрна, Крајни Камен, Крива Горница, Крива Кобила, Кутлишта, Кучина Леска, Кушубер
Л — Леската, Ливае, Лозја
М — Мал Дол, Малковски Грм, Маљоа Колиба, Манастир, Манастирче, Марушица, Митро Ливаче
Н — Наврат, Начоа Ела, Нељкои Нивје, Непртка, Ниски Дол
О — Орле, Орница
П — Паје Горномалско, Палов Рид, Паља Гора, Пачоа Ливада, Перамидата, Плеша, Поп Ливаишта, Порта, Прана, Преслап, Псол Дол
Р — Рагушкојца, Раскрсница,’Ржана, Ристои Бачила, Рупа
С — Сапунџица, Селиште, Скала, Смаил Гроб, Спајски Ливае, Спиље, Средни Рид, Станишар, Стара Бука, Стените, Стого, Страчка, Стрелец
Т — Темни Дол, Тепција, Топо, Трлишта, Трпкои Куи, Турско Нивче
Ќ — Ќералец, Ќумурница
У — Уло Нивче, Урвалта, Усаро
Ц — Цветкои Улици, Црници, Црнојца, Цуце, Цуцулести Камен
Ч — Чекарна, Чолакоото, Чолни Камен
Џ — Џајкои Ливачиња
Ш — Шабаница
Историја
уредиБрајчино е старо христијанско село во кое отсекогаш живееле православни Македонци. Под различни облици на денешното име (Братучина, Братичка и Брајчино) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди.[2]
Врз основа на средновековните пишани историски записи на византискиот историчар Јован Скилица дека Давид — најстариот брат на Цар Самоил, во 976 година бил убиен од страна на Власи во месноста Убави Дабови на патот од Преспа за Костур, современиот хроничар на Преспа, Кирил Ј. Јоновски во својата книга „Преспа - историска енигма“, претпоставува дека тоа се случило во непосредната близина на селото Брајчино во месноста Дабје.[5] Ваквата своја претпоставка покрај сличноста на името на месностите Убави Дабови и Дабје, Јоновски ја поткрепува со фактите дека токму од Брајчино води патот од Преспа за Битола и Костур, а сѐ до скоро време Власи имале свои бачила на овој пат кој води преку планината Баба.[6]
Во XIX век, Брајчино се наоѓало во Битолската каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.
Брајчино во XX век
уредиДо 1912 година, Брајчино било под турска власт, а во тој склоп и беговски чифлик. Жителите на ова село не ја поднесувале туѓинската власт и преземале акции за симнување на истата. Сеќавањата говорат дека братичани имале крвав судир со турската војска околу 1880 година. Од ова село потекнува Јане Темелков, доброволен учесник во Кресненското востание (1878/79) во четата на Стефо Николов-Скендерот од село Бесвина. Со низа претходни активности и со своја востаничка чета учествувале во подготовките и текот на Илинденското востание. За селски војвода од тоа време се споменува Петко Темелков. Загинале 27 луѓе, а селото било запалено (77 куќи). Од селото останале неизгорени само 2 цркви.[7] Брајчино пропатило и во периодот по Илинденското востание со теророт и грабежите на Љуман арамијата.[2]
Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација, со што се најде и во зафатот на Македонскиот фронт. Во 1916 година, Брајчино било засолниште за евакуираните жители на селата Долно Дупени и Наколец. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, братичани биле мобилизирани во војските на спротивставените страни. Загинале 9 души.[2]
Во 1917/1918 година селото го зафатило „шпанска грозница“, од која умреле повеќе луѓе.[2]
По завршувањето на Првата светска војна, Брајчино повторно се нашло под српска власт. Во ова време, Брајчино било во состав на општината Љубојно.[2]
Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) било слободна територија на НОАВМ. На 8 ноември 1943 година паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Загинале двајца жители.[2][8]
Со своја прва училишна зграда селото се здобило во 1921 година, со електрична енергија во 1952 година (од изградената мала хидроелектрана на Брајчинска Река), со задружен дом во 1949 година, со водовод во 1975 година, со асфалтен пат во 1977 година, со телефонски приклучоци во 1988 година, со асфалтирани улици во 1998 година.[2]
Стопанство
уредиСпоред составот на селскиот атар Брајчино има мешовита земјоделска функција.[4]
Братичани својата издршка секогаш ја обезбедувале преку поледелството и сточарството. Во рамките на поледелството некогаш најмногу се произведувало жито (’рж, пченица, јачмен, пченка), градинарски култури (компир, пипер, праз, лук, кромид, зелка, грав, домати и др.), се одгледувале лозја и друго. Во рамките на сточарството најмногу се чувале овци, кози, волови, коњи, мазги, свињи и друго. Покрај ова, братичани се занимавале со сечење и преработка на дрво, а во некои периоди береле билки и шумски плодови, одгледувале пчели и оделе на печалба. Во 2002 и 2004 година на Брајчинска Река се изградени 2 рибника, во кои се одгледува пастрмка. Денес, најмногу е развиено овоштарството.[2]
Главни и најразвиени стопански гранки на жителите и во рамки на селото се земјоделството, шумарството, сточарството и особено во последно време туризмот. Поради густите букови шуми во атарот на селото е развиена сечата на огревно дрво, но и дрвена граѓа за градежништвото и производството за мебел. Од сточарството најзастапено е одгледувањето кози и крупен добиток (крави, волови) за сопствени потреби. Земјоделското производство е исто така претежно за сопствени потреби и најмногу се одгледуваат стрмни жита како пченица, ’рж и пченка и во многу мал обем градинарски култури. Како и во другите преспански села и во Брајчино е застапено овоштарството односно одгледувањето јаболка, а во помали размери и цреши, сливи, круши, ореви. Поради густите шуми и цветните ливади, во селото е многу развиено и пчеларството и производството на мед со кое се занимаваат повеќе жители и сопственици на викенд-куќи.
Особено значаен е развојот на туризмот за кои се користат планината, близината на Преспанското Езеро, самото село со својата занимлива архитектура и црковни храмови. Самото село живее само од развојот на селскиот туризам. Поголемиот број на посетители се домашни туристи, додека останатите се главно туристи од Европа, Америка и од Австралија.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во текот на своето постоење, Брајчино го бележело следниот демографски развој: во 1568/69 година селото имало 41 семејство од кои едно муслиманско (опширен пописен дефтер за казите Горица, Биглишта и Хрупишта), во 1889 година селото имало 34 куќи и 278 жители (С. Верковиќ).[2]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Брајчино имало 340 жители, сите Македонци христијани.[9] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Брајчино имало 480 жители.[10]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Брајчино се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 33 куќи.[11]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 700 Македонци.[12]
Поради планинскиот предел и оддалеченоста како и долгогодишната печалбарска традиција селото Брајчино забележало драстичен пад и значајно намалување на бројот на своите жители. Во 1961 година во селото живееле 795 жители, додека во 1994 бројот опаднал на 212 жители, сите Македонци.[4]
Според пописот од 2002 година, во селото Брајчино имало 134 жители, од кои 133 Македонци и 1 Србин.[13]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 68 жители, од кои 61 Македонец, 2 Срби, 1 останат и 4 лица без податоци.[14]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 340 | 480 | 933 | 931 | 795 | 689 | 755 | 810 | 212 | 134 | 68 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[15]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[16]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]
Родови
уредиВо селото Брајчино отсекогаш живееле само Македонци од православна христијанска вероисповед. Родови и семејства кои живеат или живееле во Брајчино се: Вржовци, Гаговци, Дрисковци, Бунковци, Јанкуловци, Јоновци, Костовци, Кожовци, Кираџилевци, Каљчовци, Кринчевци, Метеловци, Мачковци кои се делат на Диневци и Краловци, Петревци, Попајаневци, Поповци кои се доселиле од Долно Дупени, Рабаџиовци, Теговци кои се делат на Жулевци, Танчевци и Пашумовци, Темелковци, Таневци, Толовци, Чороловци, Џајковци кои се доселиле од Љубојно, Шуковци или Јаневци, Шајновци, Шкековци или Тотевци.[2]
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:
- Староседелци: Темелковци (1 к.), Кираџилевци (2 к.), Јоновци со Ружовци (9 к.), Чороловци со Јанкуловци (14 к.) најстар род во селото, Метеловци (2 к.), Кринчевци (4 к.), Вржевци (4 к.), Шкековци со Тотевци (3 к.), Мачковци (11 к.), Гаговци (4 к.), Кожовци (7 к.), Толовци (2 к.) и Врановци со Јоновци и Калчовци (10 к.). Потекнуваат од предок Влав
- Доселеници: Паловци со Петревци (3 к.) доселени се одамна од селото Наколец; Теговци (10 к.) доселени се од Рупишта кај Костур; Костовци (13 к.) доселени се одамна од селото Бесвина во егејскиот дел од Преспа; Попа-Јаневци (1 к.) доселени се од селото Орово во егејскиот дел од Преспа; Шаиновци (2 к.) и Дрисковци (1 к.) потекнуваат од предок Влав од некои Бабандановци; Џајковци (6 к.) доселени се од селото Нивици во егејскиот дел од Преспа; Ѕунковци или Тимиовци (1 к.) доселени се од селото Орово во егејскиот дел од Преспа; Поповци (8 к.) доселени се од селото Долно Дупени, каде имале истоимени роднини; Таневци со Шашовци (3 к.) од некои Бабандановци се; Шуковци (8 к.) доселени се од селото Нивици во егејскиот дел од Преспа. Порано биле еден род со Џајковци; Коминовци (1 к.) доселени се од Ресен.[19]
Општествени установи
уредиВо минатото во селото имало основно училиште, коешто денес е затворено.
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Љубојно, во која покрај селото Брајчино, се наоѓале и селата Арвати, Долно Дупени, Крани, Љубојно, Наколец, Сливница и Штрбово. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Љубојно, во која влегувале селата Брајчино, Долно Дупени, Наколец и Љубојно.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1649 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[20]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 172 гласачи.[21]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[22]
- Св. Атанас — некропола од средниот век;
- Кула — тврдина од средниот век.
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква, изградена во 1871/72 година на постара црква;
- Црква „Св. Богородица“ — се наоѓа во месноста Плеша, 700 метри северозападно од денешната локација на селото;
- Црква „Св. Илија“ — црква позната по првото ќелијно училиште (1874-1876);
- Црква „Св. Архангели“ — се наоѓа во месноста Арангели, на 700 метри северозападно од селото, обновена во 1916 година;
- Црква „Св. Атанасиј“ — се наоѓа јужно од селото, во месноста Дабје, обновена во 1984/85 година;
- Црква „Св. Петка“ — манастирска црква;
- Манастири
- Брајчински манастир — манастир над селото, обновен во 1985 година
- Споменици и спомен-плочи
- Споменик од НОБ за двајцата загинати мештани во Горно Маало
- Спомен-плоча во месноста Калојзана
- Реки
- Брајчинска Река — главна река која тече низ Брајчино
- Брезница — лева притока на Брајчинска Река
Редовни настани
уреди- Света Петка (8 август) — селска слава и општонароден собир
Личности
уреди- Љупчо (Луј) Темелковски — канадски политичар;
- Мето Јовановски — писател;
- Вера Вржовска - Петревска (р. 1939) — македонска поетеса од Канада;
- Спасе Наумов Кожов (Кожевски) — македонски револуционер од ВМОРО.[25]
- Јован Илиев Вржовски — македонски револуционер од ВМОРО.[26]
- Сандро Илиев Вршовски — македонски револуционер од ВМОРО.[26]
- Настас Цветков Наумовски — македонски револуционер од ВМОРО.[27]
- Киро Христов Ташов — македонски револуционер од ВМОРО.[28]
- Спиро Донев поп-Јанев — македонски револуционер од ВМОРО.[29]
- Крстин Спиров Попов — македонски револуционер од ВМОРО.[29]
- Стефан Ангелев Поповски — македонски револуционер од ВМОРО.[29]
- Лена Ангеловска - Стојановиќ — учесник во НОВ на Македонија.
Иселеништво
уредиДо 1949 година иселеници од селото имало во САД (23 семејства), Битола (13 семејства), Србија (2 семејства), Канада (1 семејство), Скопје (1 семејство), Ресен (1 семејство), Австралија (1 семејство).
Иселеништвото продолжило и после 1960 година и имало иселување во САД, Канада и Шведска и др.
Галерија
уреди-
Сокак во Брајчино
-
Една од улиците во селото
-
Стара камена куќа во селото
-
Новоградби во стар стил
-
Реката Брезница, која исто така тече низ селото
-
Туристички патокази во селото
-
Летниковци на сретселото во Горно Маало
-
Дел од Брајчино
-
Улица во Брајчино
-
Дел од Горно Маало
-
Споменик од НОБ
-
Поглед кон Баба од Брајчинскиот манастир
-
Летниковци на сретселото во Горно Маало
-
Куќа во селото
-
Мештани на сретсело
-
Црквата „Св. Никола“
-
Поточе во селото
-
Напуштеното училиште
-
Двор на вилата „Раскрсница“,
-
Вилата „Раскрсница“
-
Низи со пиперки на чардак
-
Двор во селото
-
Влез на црквата „Св. Атанас“
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 2,19 2,20 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 57–63. ISBN 9789989920554. Посетено на 21 ноември 2016.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 70.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 37. Посетено на 21 ноември 2016.
- ↑ Јоновски, Ј. Кирил. „Преспа - историска енигма“. Скопје, 2002. стр. 123
- ↑ Јоновски, Ј. Кирил. „Преспа - историска енигма“. Скопје, 2002. стр. 124
- ↑ Јоновски, Ј. Кирил. „Преспа - историска енигма“. Скопје, 2002. стр. 89-91
- ↑ Загинати: Цветко Стојановски и Крстин Трандовски.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 15.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 20 ноември 2016.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ „Манастирите и Црквите во Брајчино“. Архивирано од изворникот на 2016-12-22. Посетено на 2013-12-27.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 26,0 26,1 Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 29,0 29,1 29,2 Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том III, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
Надворешни врски
уреди- Брајчино на Ризницата ?
- Официјално мрежно место Архивирано на 28 април 2014 г.