Балисти
Балистите ― припадници на албанското националистичко и профашистичко движење, организирани во националниот фронт Бали Комбетар (алб. Balli Kombëtar ) основана во 1939 година. Дејствувале за создавање на Голема Албанија. Го сочинувале оружениот дел на организацијата и биле испраќани директно во судир со партизанските единици во Македонија, Србија и Црна Гора. Особено жестоко се пресметувале со припадниците на НОВ од Западна Македонија, вршејќи убиства, терор и пљачкосување на македонското и на другото неалбанско население.[1] Политичката програма на оваа организација вклучувала обединување на етничките територии на Албанците и создавање на Голема Албанија. Иако декларативно балистите биле антифашисти, сепак им помагале на Силите на оската во воените операции во текот на Втората светска војна, особено во Македонија, Грција и на Косово.[2] На денот кога е објавена капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) Бали Комбетар склучил спогодба со Германците и објавил дека Албанија е обединета и независна, оправдувајќи го привременото присуство на германските сили како потреба на борбата против англоамериканско-советската коалиција. Со овој договор Бали Комбетар се ставил во отворена служба на Германците и ги прифатил германските офицери како главен команден кадар на своите оружени формации или како инструктори. Во оваа смисла, некои историчари, главно етнички Албанци, гледаат на балистите како на квинслиншка националистичка власт која остварила контрола над етничките албански територии.[3]
Во 1943 година Комунистичката партија на Албанија им објавила војна на балистите што довело до граѓанска војна. Со крајот на Втората светска војна и победата на комунистите во Југославија и Албанија, балистите биле прогонувани, затворани и убивани. Голем дел од нив емигрирале во Европа и САД.
Организација
уредиВо април 1943 година Бали Комбетар дефинитивно ја поставил својата организациона форма која изгледала вака: Во Тирана било седиштето на Централниот комитет, во сите седишта на окрузите имало т.н. окружни комитети, додека во околиите - поткомитети, а во секое село селски одбор. Окружните комитети во поголемите градови биле поделени на реонски комитети (или поткомитети) кои имале свои групи (од 10 до 15 души) раководени од постари и поистакнати балисти. При реонскиот комитет дејствувале и организирани младински групи, вооружени со огнено оружје, а биле користени за борба против народноослободителното движење, како и за вршење на грабеж и насилно земање помош за балистите.
Балистите во Македонија
уредиНајистакнат политички раководител на Македонската балистичка организација бил Кадри Сали, претседател на организацијата во Гостивар и претседател на Фашистичката партија во Гостивар, член на Корпоративниот комитет во Тирана и член на Окружниот комитет на организацијата на Косово. Најголем замав ширењето на Организацијата имало со појавувањето на Џемаил Хасани - Џемо (1908-1945) од с. Симница, Гостиварско. Најпрвин Џемо во 1942 година, пред појавувањето на балистичката организација, со околу 40 души Албанци се одметнал в шума, наводно за борба против Италијанците, а, всушност, оттаму вршел терор врз македонското население. Италијанците, за да го искористат за борба против партизанските единици во Македонија, го поткупиле за големи пари и му дале чин мајор. Неговата месечна плата изнесувала околу 50.000 леки, додека членовите на неговата група уживале многу привилегии. Затоа, тој целосно се ставил во служба на италијанската власт. По доаѓањето на Германците, тој и со нив ја продолжил соработката. Со благослов на Италијанците, а потоа и на Германците, балистите вршеле такви злосторства, насилства, пљачкосување и друго, што предизвикало страв и иселување на македонскиот народ. Во Кичевската околија балистите ги раководел Мефаил Еипов - Мефо од с. Зајас, кого најпрво Италијанците го унапредиле во чин капетан, а потоа и Германците го исползувале за свои цели.
Џемо Хасани ги собирал масите под паролата: „Бидете со мене и тргнете во борба против партизаните за да не ве мобилизираат Германците за Источниот фронт". Луѓето ги вооружувал со италијанско оружје. Тоа било причина македонското население, за да се спаси од натамошните непријателски активности против него, да бега на територијата под бугарска окупација. Балистичката организација во Западна Македонија во 1944 година нараснала во оружена сила со околу 9-10.000 членови. Наоружани од Германците, воделе тешки борби со Народноослободителната војска. Покрај тоа, имале огромни привилегии, поради што на крајот станале добро организирана оружена организација, која била единствена власт и како таква ги спроведувала и ги штитела "законите" на албанската власт во Западна Македонија. Нејзиното дејствување било директно на терен, и тоа не само политички и пропагандно, туку и со оружени дејства.
Резултатите од нивното дејствување по однос на македонскиот народ биле катастрофални, бидејќи цели семејства и села, за да се спасат, бегале од своите огништа. Тоа било причина да се промени демографската состојба на населението во полза на албанското население, како и промена на културните, социјалните, економските и други прилики во сферата на општественото живеење.[4]
ОЗНА (подоцна УДБА и КОС) ја презеле борбата против балистите во западна Македонија, кои броеле околу 8.000 по крајот на Втората светска војна. Во периодот 1945-1948 биле разбиени нивните групи, а водачите биле убиени.[5]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Ѓорѓи Малковски, „Балистичката организација во Македонија во Втората светска војна (1941-1944 година)“, Скопје, 2002; Ѓорѓи Малковски, „Политичките партии, организации и групи во Македонија во Втората светска војна : 1941-1944 година“, Скопје, 2002.
- ↑ Mazower, Mark. After The War Was Over: Reconstructing the Family, Nation and State in Greece, 1943-1960. Princeton University Press, 2000, ISBN 0-691-05842-3, p. 25. "Not surprisingly, when the Italians finally took control of mainland Greece in 1941, they found Cham activists willing to call for unification of the region with Albania. Several hundred were conscripted into the anti-communist Bal Komitare to act as local gendarmes. From the autumn of 1943, these armed bands took part alongside the Wehrmacht in burning Greek villages. Such actions, it seems, were not supported by many of the local beys, nor by the Mufti."
- ↑ Време 29.06.2004: „Бали комбтар“ за Македонците неофашисти, за Албанците патриоти.[мртва врска]
- ↑ „СМК: ФАШИСТИЧКАТА БАЛИ КОМБЕТАР И ЕГЗОДУСОТ НА МАКЕДОНЦИТЕ“. Архивирано од изворникот на 2007-10-26. Посетено на 2008-10-06.
- ↑ Вечер 5.9.2006: Убиството на Џемо Хасани и формирањето на НДШ во Македонија.[мртва врска]