Агроплод — македонско трговско друштво.

Историјат уреди

Во 2006 година, непосредно пред парламентарните избори, била извршена приватизација на претпријатието „Агроплод“ АД Ресен. Во тоа време, 38% од акциите биле во сопственост на Ѓорѓи Китановски; 25,39% биле во сопственост на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ), со кои управувало министерството за економија; 5% се наоѓале во сопственост на ПИОМ, кој самостојно управувал со нив; додека 31% веќе биле во сопственост на швајцарската фирма „Свислион“ (Swisslion), која претходно ги откупила од голем број ситни акционери. Подоцна, македонската влада го прогласила „Агроплод“ за фабрика од државен интерес и објавила јавен повик за продажба на државните акции, а повикот се однесувал на 5.339 обични акции (25,39% од акциите) кои биле во сопственост на ПИОМ. Како купувач, на повикот се јавила само фирмата „Свислион“, која така станала мнозински сопственик на „Агроплод“, поседувајќи вкупно 56% од акциите. Притоа, со купопродажниот договор, склучен во јуни 2006 година, „Свислион“ се обврзал да инвестира 7,8 милиони евра во фабриката. Веднаш по преземањето на „Агроплод“, новиот сопственик формирал три посебни фирми-ќерки: „Свиослион Агроплод“ ДОО, „Свислион Аграр“ ДОО и „Преспатурист“.[1]

Меѓутоа, во мај 2008 година, Државното правобранителство, во името на министерството за економија поднесло тужба против „Свислион“, барајќи да се раскине договорот за купопродажба на акциите што биле во државна сопственост. Притоа, Бирото за судски вештачења утврдило дека „Свислион“ не ги извршила инвестициите предвидени со договорот за купопродажба на акциите. Во 2009 година, Основниот суд Скопје 2 донел пресуда со која го раскинал купопродажниот договор и му наложил на Централниот депозитар за хартии од вредност 5.339 акции да ги пренесе во сопственост на министерството за економија. „Свислион“ ја обжалил судската одлука, но Апелациониот суд ја потврдил донесената судска пресуда.[1]

Со враќањето на акциите во сопственост на Министерството за економија била променета сопственичката структура во „Агроплод“, бидејќи „Свислион“ не бил мнозински сопственик, туку мнозинскиот пакет акции го имал Ѓорѓи Китановски, кој заедно со македонската влада именувале нов управен одбор. Новото раководство на „Агроплод“ извршило ревизија на работењето на претходното раководство и против сите членови на поранешниот одбор на директори поднесло судска тужба, а Основното јавно обвинителство во Битола отворило истрага за случајот. Врз основа на тоа, судот донел неколку мерки со кои го замрзнал имотот на „Агроплод“. Тогаш, врз основа на Спогодбата за заштита на инвестициите склучена меѓу Македонија и Швајцарија, „Свислион“ поднесло тужба против Македонија до Арбитражниот суд во Вашингтон со која се барало отштета од 21 милион евра. Во јули 2012 година, Арбитражниот суд донел одлука со која Македонија била должна да му исплати на „Свислион“ надомест од 350.000 евра на име судски трошоци, како и надомест од 350.000 евра поради ограничувањата наметнати врз втората транша на акции и привремените мерки со кои било спречено користењето на првата транша на акции.[1]

Во февруари 2013 година бил променет управниот одбор на „Агроплод“, а неколку недели подоцна „Свислион“ поднесол тужба против Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и против Миистерството за економија, со барање да им се врати износот од 1,1 милион евра, заедно со камата, како надомест за одземените 5.339 акции. Истовремено, Државното правобранителство поднесло тужба за надомест во износ од 4 милиони евра поради обезвреднувањето на акциите. На 4 јули 2013 година, „Свислион“ и Министерството за економија склучиле спогодба за вонсудско порамнување, кое било спроведено на 12 јули 2013 година во Основниот суд Скопје 2. Со порамнувањето, двете страни ги повлекле тужбите, а „Свислион“ ги добил назад 5.339 акции, со што повторно станал мнозински сопственик на „Агроплод“.[1]

Организација и менаџмент уреди

Активности уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Валентина Вурмо, „Владата потроши над 4 милиони евра за да го загуби „Агроплод“?!““, Фокус, број 1098, 21 октомври 2016, стр. 28-33.