Арвати

село во Општина Ресен
Арвати
Викиекспедиција Преспа 222.jpg

Поглед кон влезот на селото

Арвати се наоѓа во Македонија
Арвати
Местоположба на Арвати во Македонија
Координати 40°56′37″ СГШ 21°06′47″ ИГД / 
Регион Logo of Pelagonia Region.svg Пелагониски регион
Општина Coat of arms of Resen Municipality.svg Општина Ресен
Област Долна Преспа
Население 137[1] жит.
Пошт. бр. 7318
Повик. бр. 047
Надм. вис. 900 м
Слава Голема Богородица
Commons-logo.svg Арвати на Ризницата


Арвати — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.

Содржина

ЕтимологијаУреди

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е примарно, етничко (се мисли на Хрвати како нација) што во потполност се совпаѓа и со преданијата на арваштани. Тие пренесуваат сеќавање дека, некаде кон крајот на XVI век и во почетокот на XVII век, кога во Хрватска и во Словенија се случувале селски буни, претците на денешното семејство Лозановци, со целокупниот свој ситен и крупен добиток дошле на македонска земја и стигнале во селото Шара, кое имало два бега (на долниот и горниот крај на селото). Бегалците ги прибрал горниот бег пришто им ја присвоил стоката, а тие станале раја како и другите христијани. Се смета дека по овие луѓе Харвати (Хрвати) подоцна селото го добило името Арвати.[2]

Географија и местоположбаУреди

 
Влезот во селото Арвати

Селото е сместено на околу 3 километри источно од Големото Преспанско Езеро, во длабока живописна пазува на планината Баба, во средишниот дел и од двете страни на реката Шара (позната и како Арватска или Кранска Река). Сместено е на надморска височина од околу 900 метри.[2] Од патот Ресен-Љубојно, селото е оддалечено три километри, а од општинското средиште, градот Ресен, е оддалечено 24,5 километри.[3]

Се пренесува предание дека селото е два пати преместувано. За негови претходно положби се споменуваат месностите Павлоец (на околу 3 километри источно од денешната местоположба на селото и од левата страна на реката) и Грмада (на околу 1 километар источно од денешната местоположба на селото и од десната страна на реката). За времето на преместувањето се вели дека било одамна, а како причина се наведува владеењето на некоја тешка заразна болест.[2]

Арвати се граничи со следниве села: со селото Сливница и подрачјето на Општина Битола (во тој склоп со селата Маловиште, Нижеполе и Злокуќани) на север, со селото Брајчино и со Штрбово на југ и со селото Крани на запад.[2]

 
Реката Шара низ Арвати

Атарот на Арвати се простира на површина од 2907 хектари (околу 29,07 км²) и зафаќа исклучително ридско-планинско земјиште, обраснато со листопадна и иглолисна шума и тревнати планински пасишта. Од вкупната површина на атарот: 215,2 хектари се обработливо земјиште, 1.098 хектари пасишта и 1.562,9 хектари шума.[2][3]

Атарот на селото изобилува со извори и бистри водотеци, кои се леви и десни притоки на Шара.[2]

Арвати е село од собран тип. Сите куќи се обновени или новоизградени и подигнати на кат, преовладуваат белите фасади. Околу куќите постојат различно оградени дворни места во кои се наоѓаат потребните стопански и други објекти (плевни, зимници, штали, тремови, фурни, гаражи и сл.), а во некои од нив се засадени и овошни градини. Селото го вкрстува една асфалтирана и повеќе други неасфалтирани улици од кои некои минуваат преку шесте бетонски моста на Шара. Според поставеноста на куќите и групираноста на семејствата, селото се дели на Горно Маало (од левата), Чифлик Маало (од десната) и Решетовско Маало (од десната страна на реката кон месноста Присој). Денес, селото се развива на северната страна.[2]

ИсторијаУреди

Арвати е старо етнички мешано село во кое отсекогаш сложно живееле православни Македонци и муслимански Албанци. Под различни облици на денешното име (Харвати, Харват, Хрвати и Арвати) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди.[2]

Во 19 век, Арвати се наоѓало во Битолската каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.

До 1912 година, Арвати било под турска власт, а во тој склоп и беговски чифлик. Во тоа време, арваштани земале поединечно учество во борбата на македонскиот народ за негово национално обединување.[2]

 
Споменик за загинатиот мештанин Славе П. Недановски при експлозија

Во Првата Балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација, со што се најде и во зафатот на Македонскиот фронт. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, арваштани биле мобилизирани во војските на спротивставените страни.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Арвати повторно се нашло под српска власт. Во ова време, селото било во состав на општината Љубојно.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. Во тоа време контролата над селото ја држеле балистите на Муса Крања. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) било слободна територија на НОАВМ. На 8 ноември 1943 година паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година.[2]

До шеесеттите години од XX век на Шара работеле 9 воденици, 1 валалница и неколку казани за печење ракија. Со електрична енергија, селото се здобило во 1950 година, кога на Шара била изградена мала хидроцентрала, со телевизиски прием во 1965 година, со водовод во 1974 година, со асфалтен пат во 1977 година и со телефонски приклучоци во 1988 година.[2]

Жителите од Арвати пренесуваат сеќавање дека во јуни 1956 година во планината фатило големо невреме проследено со студен ветар и изобилен крупен град и во таа прилика настрадал голем број ситен и крупен добиток.[2]

СтопанствоУреди

 
Меана „Воденица“ во селото

Својата егзистенција арваштани ја обезбедувале преку поледелството, сточарството и печалбарството. Во рамките на поледелството некогаш преовладувале житариците (’рж, пченица, јачмен, пченка) и градинарските производи (пиперки, домати, лук, кромид, грав, тикви, краставици и др.), а денес преовладуваат јаболковото овоштарство. Во рамките на сточарството најмногу се одгледувале говеда, коњи, овци и кози. Арваштани повремено се занимавале со дрводелство и пчеларство. Се одело и на печалба.[2]

НаселениеУреди

Во текот на своето постоење, Арвати го бележело следниот демографски развој: во 1568/69 година селото имало 25 семејства (опширен пописен дефтер за казите Горица, Биглишта и Хрупишта); во 1889 година имало 45 куќи, од кои 18 македонски и 27 муслимански и 151 Македонец и 116 муслимани од машки род (С. Верковиќ).[2]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Арвати имало 160 Македонци христијани, 100 Албанци муслимани и 65 Роми.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Арвати имало 386 жители.[5]

Селото Арвати во 1961 година броело 490 жители, од кои 310 биле Албанци, а 179 жители Македонци, додека во 1994 година бројот се намалил на 183 жители, од кои 129 биле Албанци, а 54 Македонци.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Арвати имало 137 жители, од кои 51 Македонец, 85 Албанци и 1 Бошњак.[1]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Арвати:

Години Македонци Албанци Турци Срби Бошњаци Ост. Вкупно
1948 489
1953 190 315 6 0 0 0 511
1961 179 310 0 0 1 490
1971 150 383 1 1 1 536
1981 160 344 0 0 3 507
1991 149 366 0 0 0 0 515
1994 54 129 0 0 0 0 183
2002 51 85 0 0 1 0 137

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1953-2002), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

РодовиУреди

Денешниве арваштани се потомци на следниве постари арватски семејства:[2]

  • македонски: Бузаковци, Волчевци (Стерјовци), Ѓорѓовци, Крунтовци, Кочовци, Лозановци (Рендевци), Марковци (Палашовци), Пампулевци, Паљуковци, Ташовци, Шашковци (Секуловци) и Шајновци (Трпчевци).
  • албански: Амети (доселени од Козјак околу 1850 година), Велиу (доселени од Босна пред многу години), Алити (дојдени од Куртес, Албанија, преку Роби околу 1850 година), Ганиу (дојдени од Љуграси, Албанија, околу 1820 година), Усеини (дојдени од с. Ќинам, Колоња, Албанија околу 1840 година), Узеири, Карамфили (дојдени од Љуграси, Албанија, околу 1815 година), Мустафи (дојдени одамна), Метуши (дојдени од Албанија околу 1840 година), Салиу (дојдени од с. Ракицка, Албанија), Сулејмани (дојдени од Куртес, Албанија, преку Љубојно во 1923 година) и Исмаили (дојдени од Љуграси, Албанија, пред многу години).

Самоуправа и политикаУреди

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општините, која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Љубојно, во која покрај селото Арвати, се наоѓале и селата Брајчино, Долно Дупени, Крани, Љубојно, Наколец, Сливница и Штрбово. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Крани, во која влегувале селата Арвати, Крани, Сливница и Штрбово.

Културни и природни знаменитостиУреди

 
Главната селска црква „Св. Архангел Михаил“
Цркви[6]
Реки
  • Кранска Река — позната и како Арватска или Шара, поминува низ селото

Редовни настаниУреди

ЛичностиУреди

ГалеријаУреди

НаводиУреди

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“. Завод за статистика на Македонија. 2002. http://www.stat.gov.mk/Publikacii/knigaX.pdf. конс. 17 декември 2016 г. 
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 Јовановски, Владо (2005) (на македонски). Населбите во Преспа. Скопје: Ѓурѓа. стр. 35–42. ISBN 9789989920554. https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/f/f8/%D0%9D%D0%B0%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B1%D0%B8%D1%82%D0%B5_%D0%B2%D0%BE_%D0%9F%D1%80%D0%B5%D1%81%D0%BF%D0%B0.pdf. конс. 17 декември 2016 г. 
  3. 3,0 3,1 3,2 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 11. https://commons.wikimedia.org/wiki/File:%D0%95%D0%BD%D1%86%D0%B8%D0%BA%D0%BB%D0%BE%D0%BF%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0_%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B0_%D0%B2%D0%BE_%D0%A0%D0%B5%D0%BF%D1%83%D0%B1%D0%BB%D0%B8%D0%BA%D0%B0_%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0.pdf. конс. 17 декември 2016 г. 
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
  6. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Надворешни врскиУреди