Ѓорче Петров (населба)

населба во Општина Ѓорче Петров, Скопје
(Пренасочено од Жостово)
За поранешниот македонски професор и публицист, видете Ѓорче Петров.

Ѓорче Петровнаселба во крајниот западен дел на градот Скопје на излезот кон Тетово, во состав на истоимената Општина Ѓорче Петров. На исток населбата се граничи со населбите Влае и Хром, на југ се допира до десниот брег на реката Вардар, на север се граничи со месните заедници на населбите Даме Груев, Волково и селата Орман и Кучково.

Споменикот на Ѓорче Петров во паркот
Ѓорче Петров на картата на Општина Ѓорче Петров.

Население

уреди

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, населбата имала 650 Македонци.[1]

Ѓорче Петров е населба со околу 18 700 жители од кои 94,5% се Македонци, 2% Срби, 2% Роми, 1% Албанци (претежно во западниот дел, односно Ѓорче Петров II или Дексион) и 0,5% останати (претежно Власи и Бошњаци). Карактеристично за населението на Ѓорче Петров е тоа што потекнува од Западна Македонија (Тетово и тетовските села, Поречието, Гостивар и гостиварските села, Прилеп и прилепските села).

Според последниот попис на населението на Македонија од 2021 година, Ѓорче Петров има 34.040 жители.

Следува табела на народносната структура на населението:

Народност Вкупно
Македонци 27. 506
Албанци 671
Турци 271
Роми 1.037
Власи 148
Срби 854
Бошњаци 452
Други 3.101

Историја на името

уреди

Населбата многупати го менувала своето име. Во времето на турското ропство, на дел од подрачјето на денешната населба се наоѓало селото Оризари (постело некаде до 1960/1965 година); а со доаѓањето на Србите, по 1913 година, населбата го добила името Анриево (по франацускиот генерал Анри); со окупацијата од страна на Бугарите, населбата го добила името Жостово (по името на бугарскиот генерал од Пиринска Македонија - Константин Жостов); и по ослободувањето на Македонија, населението на населбата едногласно (100%) го избрала денешното име, чествувајќи го македонскиот револуционер Ѓорче Петров.

Историја на населбата

уреди

За разлика од останатите скопски населби во западниот дел на градот, кои датираат по ослободувањето 1944/1945 година или по скопскиот земјотрес од 1963 година, Ѓорче Петров бил посебен град и седиште на истоимената општина. Градот бил создаден во 1916 година, кога започнала изградбата на железничката пруга до Охрид. Тогаш, таму биле изградени живеалишта за работниците на пругата, а потоа, постепено израснала населбата. Притоа, населбата била наречена Железничка станица „Генерал Жостов“, според генералот на бугарската армија Константин Жостов, кој бил иницијатор за градење на пругата. По Првата светска војна, населбата била преименувана во Генерал Анри (Анриево), според францускиот генерал. Во 1923 година била доградена пругата од Скопје со Анриево, со што била завршена пругата Скопје-Охрид-Ташмаруништа. Со развојот на железничкиот сообраќај, набргу во населбата било формирано друштвото „Соко“, со 250 членови, кое имало секции за гимнастика, пинг-понг, музика, драма, а во летните месеци имало и пливачка секција. Во состав на друштвото постоел спортскиот клуб ХАСК, како и Друштвото на кнегињата Љубица, на чело со Радмила Миленковиќ. Ова друштво постоело до 1941 година.[2]

Во Анриево имало седум кафеани, иако населбата имала помалку од 1.000 жители, но, во населбата немало електрична енергија и ниту една чешма. Добило струја дури во 1938 година, кога била изградена електричната централа „Св. Андреа“. Во 1941 година населбата повторно паднала под бугарска окупација, со што било вратено старото име, Генерал Жостов. Во тој период, во населбата биле изградени објекти за сместување на Германците од фирмата „Тот“ кои ја експлоатирале хромната руда од „Радуша“, со што започанала да се формира населбата Хром. Населбата била ослободена од бугарската окупација на 14 ноември 1944 година.[2]

По ослободувањето, населбата го добила името Ѓорче Петров. Така, во информацијата испратена до Општинскиот народен одбор на селото Анриево од 17 септември 1945 година се известувало за промената на името. Во овој период, низ населбата поминувала пинерска железничка линија, која во 1952 година била продолжена кон Матка и се поврзала со теснолинијката за Охрид. Во 1950 година започнала изградбата на пругата со нормален колосек до Охрид.[2]

Од земјотресот наваму, железничката станица ја загубила важноста. До првата деценија од ослободувањето на Македонија, градот Ѓорче Петров не влегувал во состав на градот Скопје, за дури некаде по земјотресот, со изградбата на населбата Влае, градот Ѓорче Петров станал дел од новоникнатата општина Карпош. Истовремено, по земјотресот од 1963 година, населбата се проширила значително, бидејќи биле поставени бројни бараки како помош за настраданите, и тоа: 140 бараки за Ѓорче Петров 1 и 700 бараки за Ѓорче Петров 2.[2][3]

Сè до 1996 година населбата Ѓорче Петров припаѓала во рамките на скопската градска општина Карпош, по што била основана истоимена општина со седиште во оваа населба.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 „Војната донесе пруга, а железничарите населба“, Публика - неделен политички прилог, број 300, сабота, 24 септември 2016, стр. 2-3.
  3. „Промоција на книга за обичаите во Ѓорче Петров од Марко Китевски“, Дневник, година XVIII, број 5570, петок, 19 септември 2014, стр. 23.