Драслајца

село во Општина Струга

Драслајцасело во Општина Струга, во околината на градот Струга, сместено во средишниот дел на Струшкото Поле.

Драслајца

Панорамски поглед на селото Драслајца, фотографирано од хеликоптер

Драслајца во рамките на Македонија
Драслајца
Местоположба на Драслајца во Македонија
Драслајца на карта

Карта

Координати 41°12′56″N 20°41′35″E / 41.21556° СГШ; 20.69306° ИГД / 41.21556; 20.69306
Регион  Југозападен
Општина  Струга
Област Струшко Поле
Население 714 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6330
Повик. бр. 046
Шифра на КО 26018
Надм. вис. 687 м
Слава Голема Богородица
Мреж. место Драслајца
Драслајца на општинската карта

Атарот на Драслајца во рамките на општината
Драслајца на Ризницата

Потекло на името

уреди

Постојат неколку извори и толкувања како Драслајца го добило името. Во турскиот дефтер од 1583 година е забележано како Драгославица. Под истото име, пред крајот на првата половина на XVI век, се споменува и во Поменикот на манастирот Свети Јован во близина на селото Слепче, Демирхисарско. Полскиот етнолог и славист Влоѓимјеж Пјанка, кој на почетокот на шеесеттите години го посетил Драслјаца, објаснува дека името Драгославица со тек на време и со скратување на некои букви се трансформирало во Драслајца. Според него, тоа е добиено од личното име на некојси Драгослав. Етнологот Бранислав Русиќ го запишал како Драславица. Негов впечаток е дека драслајчани и соседите селото го викале со името Драслаица или Драслајца.

Географија и местоположба

уреди
 
Традиционална архитектура од Драслајца

Селото се наоѓа во рамништето на Струшкото Поле, во источниот дел на територијата на Општина Струга и ѝ припаѓа на рурбалната зона на градот Струга, бидејќи од него е оддалечено само четири километри.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 699 метри.[2]

Куќите на ова големо село се наоѓаат на влажната и плодна почва помеѓу коритата на реките Сатеска и Црн Дрим. Низ средината на селото поминува Драслајскиот Поток, кој подоцна се влева во Црн Дрим.[3]

На северозапад од него се наоѓа селото Ложани, на североисток селата Биџево и Ливада, на исток Волино, на запад Враништа и на југ Мороишта.[3]

Месностите на атарот околу селото ги носат следниве називи: Средорек, Горни ливади, Санџак, Гроб, Бузелец, Копачка, Ограда, Добриш, Речиште, Мерка, Долна ограда, Шаварика, Миличина нива, Трн, Јаглишта, Краповница, Бардуница и Гола губа.[3]

Границите на Драслајчкиот синор се движат по местата На Оро, Под Круша, Краповица, Вировица, Средорек, Санџак, Малеш, Гроб (место каде што има непознат гроб со огромна плоча), Дупки (во близина на реката Сатеска), Черешна, Бузулец, Горни ливаѓе, Копачка, Дебрич (равни загони), Мерка, Дрим. Во тие граници се наоѓаат драслајчките ниви, ливади, ораници, а местата селаните ги нарекуваат: Миличева нива, Шаварка (некогаш тука имало шавар), Црквана (до самата црква), Јаглите (се претпоставува дека на тоа место се правел дрвен јаглен), Крапница (некогаш тука имало длабоки ендеци каде што селаните ловеле крап), Долни санџак, Ограда, Шушурица, Долна Ограда, Долзни разори (крај Црн Дрим), Вакоска Ледина, Вакоска ливада (во близина на црквата), Горни ливаѓе, Горни ливаѓе, Бела вода (каде се наоѓаат изворите на селската река) и Света Недела.

Драслајца има збиен тип, а одредени делови од селото се нарекуваат по родови, како: Спасевци, Митревци, Костовци, Чурковци, Стојановци и други.[3]

Историја

уреди
 
Од прославата на Водици во Драслајца во 2013 година

За Драслајца нема многу документи, ниту од подалечното, ниту пак од поблиското минато, што создава големи тешкотии за осознавање на неговото минато. Единствен постар документ во кој се споменува селото е Опширниот турски дефтер од пописот за Охридскиот санџак од 1583 година, но под името Драгославица. За тоа колку време пред тоа постоело Драслајца не се знае ништо, бидејќи не постојат никакви други документи и белези врз кои може да се утврди неговата старост.

Пред крајот на турската власт, обработливата површина во атарот на селото, една третина припаѓала на христијанските родови (Костевци, Митревци и други), додека две третини припаѓале на поседувачите на чифликот, како што биле Мерсим-ага, Мустафа-ага, Ариф-ага, Шукри Џура и една жена Анка.[3]

Мерсим-ага бил Албанец од селото Мислодежда на планината Караорман, додека останатите биле Турци од Охрид. По ослободувањето во 1912 година, земјата била купувана постепено од македонските родови.[3]

Во XIX век, Драслајца било село во рамките на Струшката нахија, на Охридската каза на Отоманското Царство.

Стопанство

уреди
 
Жетва во селото Драслајца

Атарот е мал и зафаќа простор од 4,5 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 426,5 хектари, на пасиштата отпаѓаат 5,1 хектар, а на шумите само 0,3 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделска функција.[2]

Во минатото сите жители се занимавале со земјоделство, чии производи подоцна ги продавале во градовите Струга и Охрид. Во поскромни размери развиено е и сточарството, особено одгледувањето крави, свињи и живина.[3]

Во минатото, исто така, во селото работела земјоделската задруга „Напредок“, која била заедничка со соседното село Ложани.[3]

Население

уреди
 
Оро сретсело за Водици во 2013 година
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948612—    
1953668+9.2%
1961760+13.8%
1971805+5.9%
1981828+2.9%
ГодинаНас.±%
1991888+7.2%
1994804−9.5%
2002778−3.2%
2021714−8.2%

Според податоците од 1873 година, селото имало 40 домаќинства и 112 жители мажи.[4]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Драслајца имало 340 жители.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Драслајца имало 360 жители.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Драслајца е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 45 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[8]

Драслајца има позитивен популациски биланс. Имено, во 1961 година селото броело 780 жители, додека во 1994 година бројот се зголемил на 804 жители, од кои 801 Македонец и 3 Срби.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Драслајца живееле 778 жители, од кои 775 Македонци, 2 Срби и 1 Ром.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 714 жители, од кои 679 Македонци, 1 Влав, 1 Србин, 5 останати и 28 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 340 360 612 668 760 805 828 888 804 778 714
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови

уреди

Драслајца е во целост македонско православно село. Родовите во селото се староседелски и доселенички, а поради добрата местоположба селото нема иселеници и во него доаѓаат постојано нови жители.[3]

Староседелски родови во селото се: Митревци (10 к.) и Кичевци (3 к.), за нив се вели дека отсекогаш живеат овде.[3]

Доселенички родови до крајот на турското владеење во селото се: Костевци (10 к.) доселени се од некое село во околината на Костур, Егејска Македонија, го знаат следното родословие: Благоја (жив на 60 г. во 1980 година) Јонче-Сарафин-Спиро-Јоан, кој се доселил од Костурско, околу 1830 година со неговите браќа Стефан, Аврам и Димо, во Костурско влегле во расправија со Турците и затоа пребегнале овде; Спасевци (20 к.) доселени се од некаде; Пеќиновци или Трајановци (5 к.) доселени се од соседното село Биџево, таму имаат истоимени роднини, подалечно потекло им е од некое село во Пеќ; Чурковци (15 к.) доселени се од некое село во Прилепско; Стојановци (20 к.) доселени се од сега раселеното село Црско на Караорман, тоа село постоело во атарот на селото Поум; Милошевци (17 к.) доселени се од селото Ложани; Торковци (12 к.), Чоловци (6 к.), Далчевци (6 к.), Малевци (5 к.) и Манговци (2 к.) доселеници од непознато место; Љајковци (7 к.) доселени се после Првата светска војна од селото Ливада; Љанговци (6 к.) доселени се од соседното село Биџево исто така после Првата светска војна; Мартиновци (4 к.) доселени се од селото Мешеишта, време на доселување како претходните два рода и Ојлевци (4 к.) доселени околу 1950 година од селото Модрич, во Дебарски Дримкол.[3]

Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото биле:

  • Костевци (8 к.) доселени се во втората половина на XVIII век од околината на Костур во Егејска Македонија; Митревци со Чолевци (7 к.) доселени се од околината на Приштина во Косово; Торковци (7 к.) доселени се од некое место во Албанија; Стојановци или Лулевци (10 к.) доселени се од некогашното село Црско на Караорман; Крушаровци (1 к.) и они се доселени од Црско; Чурковци (12 к.) доселени се од селото Горенци кај Охрид, околу 1835 година; Спасевци со Нејковци (16 к.) доселени се од Кукуш на Шкумба, близу границата; Јолдевци (1 к.) доселени се од селото Велмеј во Дебрца. Таму припаѓале на родот Нечевци; Сарџиновци или Лајковци (2 к.) доселени се од селото Мороишта. Каде имаат истоимени роднини; Милошовци (5 к.) доселени се од селото Ложани. Подалечно потекло имаат од селото Ливада; Пеќиновци или Ломушовци (2 к.) доселени се од селото Биџево, каде имаат истоимени роднини; Бајрактаровци или Лакџовци (3 к.) доселени се од селото Биџево после 1918 година; Томовци (1 к.) доселени се од Дебарско; Мартиновци (3 к.) доселени се во 1935 година од селото Мешеишта, каде припаѓале на истиот род; Спасевци (1 к.) доселени се во 1938 година од селото Ложани.[15]

Општествени установи

уреди
 
Поранешниот задружен дом во селото

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Струга, една од општините која доживеала најголеми промени со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Струга.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Струга.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Драслајца, во која покрај селото Драслајца, се наоѓале и селата Биџево, Делогожди, Ливада, Ложани, Мороиште и Ново Село. Општината Драслајца постоела и во периодот 1950-1952 година.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачко место бр. 1865 според Државната изборна комисија, кое е сместено во младинскиот дом „Гоце Делчев“ во селото.[17]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 701 гласач.[18] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 688 гласачи.[19]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Главната селска црква „Успение на Пресвета Богородица“
Археолошки наоѓалишта[20]
Цркви[21]

Редовни настани

уреди

Личности

уреди
Родени во Драслајца

Култура и спорт

уреди

Иселеништво

уреди

Во минатото, од селото не се забележани поголеми иселувања, освен на некои помлади семејства, кои се иселиле околу 1960-тите години во Струга (5 к.) и во Охрид (2 к.).[3]

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до крајот на 1940-тите:

  • Костевци иселени има во Струга (две семејства од 1905 година).
  • Митревци иселени има во Скопје (едно семејство од 1912 година).
  • Спасевци иселени има во Софија (едно семејство од 1904 година).
  • Стојановци иселени има во Романија (едно семејство од 1890 година).[15]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 112. Посетено на 15 октомври 2018.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 234–236.
  4. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995. стр. 102-103.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 253.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 162-163.
  7. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 30.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 5 ноември 2016.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. 15,0 15,1 Русиќ, Бранислав. Струшко Поле-Драслајца. Архивски фонд на МАНУ АЕ 88/1.
  16. „Основни и средни училишта“. Општина Струга. Посетено на 15 октомври 2018.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 15 октомври 2018.
  18. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-10-24. Посетено на 15 октомври 2018.
  19. „Референдум 2018“. Посетено на 15 октомври 2018.[мртва врска]
  20. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  21. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  22. Официјална страна на Фудбалската федерација на Македонија
  23. „Кратка биографија на Виктор Цветаноски“. Архивирано од изворникот на 2008-07-27. Посетено на 2008-06-15.

Надворешни врски

уреди