Лешки
Лешки или Лашки — село во Општина Кочани, во областа Осоговија, во околината на градот Кочани.
Лешки | |
Поглед на Лешки | |
Координати 41°58′40″N 22°22′35″E / 41.97778° СГШ; 22.37639° ИГД | |
Регион | Источен |
Општина | Кочани |
Област | Осоговија |
Население | 9 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2300 |
Повик. бр. | 033 |
Шифра на КО | 13021 |
Надм. вис. | 900 м |
Лешки на општинската карта Атарот на Лешки во рамките на општината | |
Лешки на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиЛешки се наоѓа во средишниот планински дел од територијата на Општина Кочани. Селото е планинско и е расположено на надморска височина од 900 м.[2] Земјата над селото е покриена со дабова шума, додека пониско од селото се простираат ниви. Подалеку од селото се наоѓаат изворите: Езеро, Млака и Букле.[3] Селскиот атар зафаќа површина од 8 км2. Од Кочани е оддалечено 13 км.[2] Лешки е поврзано со добра патна инфраструктура со Кочани преку патниот правец Кочани-Пониква.
Границата на селскиот атар поминува низ месностите: Раковик, Јанково Нивче, Мутоска Нива, Суви Дол, Таралиска Воденица, Мала Река, Слива, Пашаџиковско Пералиште, Крушка, Ливадски Рид, Габер, Вртен Камен, Белин Дол, Мазови Ливади, Белуток, Крсто, Котлина и Овнарник. Месностите внатре во селскиот атар се познати како: Тарано Поле, Гробишта, Гарван, Дрнопско, Парлан, Капиње, Пецова Нива, Орниче (под шума), Мртви Трап, Папрадница, Ливади, Елин Врв (под шума), Бурушница и Ердулица. Селото е од збиен тип и се состои од три маала: Долно, Горно и Трново. Маалото Трново е основано на почетокот на 20 век од страна на деленици.[3]
Историја
уредиПри изградбата на училишниот објект, работниците кои ги копале темелите наишле на стари гробови во кои биле погребани жителите кои на тоа место живееле пред основањето на денешното село. Денешното село го основале предци на македонски родови, а тоа изгледа било на крајот на XVIII век. Најнапред се населиле предците на родот Наковци, а по нив следувало доселувањето на другите родови.[3]
Жителите најнапред биле рајати. Но, настанала сиромаштија и не можеле да ги платат давачките. Нив ги платил некој спахија од Призрен, по што го зазел местото. На тоа селаните се спротивставиле, но биле приведени во Ќустендил и во затвор се согласиле да бидат чифчии. Сопственикот на атарот изградил чифликсајбиска кула на местото на куќата на Спиро Атанасов. Спахијата низ годините го застапувале субаши, сочинети од месното население. Тие од сопствениците им собирале дел од жетвата, а од пролет житото го продавале во Кочани. Сопственикот на чифлигот секоја година доаѓал во селото по неколку дена за да собере пари од субашите.[3]
Селото било чифлишко сè до 1912 година кога како сопственици биле затечени двајца муслимани од Призрен. Познато е дека едниот од нив се викал Фета. Истата година, селаните обработената земја ја поделиле по домаќинства на точно 16 дела, а на сопствениците им дале околу 300 златни лири. Парите ги собрале од продажба на стока.[3]
Во Првата балканска војна, 3 лица од селото биле доброволци во Македонско-одринските доброволни чети.[4]
Стопанство
уредиСелото има полјоделско-шумарска функција. Во рамките на неговиот атар, шумите зафаќаат површина од 447 ха, на пасишта отпаѓаат 180 ха, а на обработливо земјиште 166 ха.[2]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Лешки живееле 144 жители, сите Македонци.[5]
Според скопскиот митрополит Фирмилијан, во 1902 година во Лешки имало 16 куќи во подаништво на Цариградската патријаршија.[6]
По податоците на егзарсхискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Лешки имало 144 Македонци патријаршисти.[7]
Во таен извештај на бугарскиот конзулат во Скопје е наведено дека целото село со 21 куќа во 1904 година било во подаништво на Цариградската патријаршија, а по Младотурската револуција во 1908 година било под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[9]
Според пописот од 2002 година, во селото Лешки живеат 29 жители, сите Македонци.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 9 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 144 | 144 | 283 | 277 | 273 | 244 | 136 | 56 | 70 | 29 | 9 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
уредиЛешки е македонско село.
Родови во селото: Наковци (4 к.) и Цековци (2 к.) кои се најстари родови во селото и се доселеници; Цинцари (8 к.) кои се доселеници. Иако се викаат Цинцари, не се од влашко потекло, туку од некој дедо Мицо; Костадиновци (4 к.) и Ѓуровци (2 к.) кои порано биле еден род и се доселени од соседното село Пашаџиково; Чортановци (5 к.) кои исто така се доселени од Пашаџиково; Трајчовци (3 к.) кои се досени се од раселеното село Десовица коешто се наоѓало помеѓу селата Нивичани и Бања; Ефтимовци (3 к.) кои се доселени од селото Спанчево; Белевци (6 к.), Цветковци (5 к.), Божиновци (2 к.), Димчовци (1 к.) и Даниловци (1 к.) кои се доселени, но непознато од каде.[3]
Иселеништво
уредиВо врска со иселениците од селото, познато е дека од крајот на Втората светска војна во Кочани живеат претставници од родовите: Ѓуровци (4 к.), Ефтимови (3 к.), Белевци (2 к.), Тајчевци (2 к.), Цинцари (2 к.) и Цветковци (1 к.). Нивната земја ја обработувале други селани под наем. Други иселеници се преселиле во кочанските села, па така во Бели заминале Дедо Цекови (3 к. и Лешки (2 к.); во Мородвис заминале Петрушеви (2 к.); и во Долни Подлог се иселиле Баба Марини (1 к.). Од родот Ефтимови (1 к.) има иселеници во селото Радање, близу Штип.[3]
Општествени установи
уредиВо селото има основно училиште во коешто повеќе не се одржува настава. Објектот на училиштето бил изграден во 1952 година. Според кажувањата на мештаните, кај објектот на училиштето некогаш постоела црква.[3]
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Кочани од 1955 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Нивичани.
Во XIX век, Лешки било дел од Кочанската каза на Отоманското Царство.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 869 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Со ова избирачко место се опфатени и селата Пашаџиково и Црвена Нива.[15]
На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 16 гласачи.[16]
Редовни настани
уредиВо текот на годината, во Лешки има три собори: Духовден, Илинден и Митровден.[3]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[17]
- Во Селото — населба и некропола од доцноантичко време;
- Старо Село — населба од доцноантичко време.
Галерија
уреди-
Поглед на селото
-
Куќи во селото
-
Селска чешма
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја (PDF). Скопје: Патрија. стр. 178.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Трифуноски, Јован (1970). Кочанска котлина — сеоска насеља и становништво. Скопје: Универзитетска печатница. стр. 62–64.
- ↑ „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 859.
- ↑ Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 227.
- ↑ Извештај од скопскиот митрополит за бројот на куќи, 1902, отсликано од Државниот архив на Република Македонија.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 132-133.
- ↑ Георгиев, Величко, Стайко Трифонов, История на българите 1878 – 1944 в документи, том 1 1878 – 1912, част втора, стр. 300, 302.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2021.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“ (PDF). Посетено на 30 март 2021.
- ↑ „Парламентарни избори 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 1 април 2021.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. ISBN 9989649286.