Кишава

село во Општина Битола

Кишава — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.

Кишава

Воздушен поглед на селото Кишава

Кишава во рамките на Македонија
Кишава
Местоположба на Кишава во Македонија
Кишава на карта

Карта

Координати 40°52′59″N 21°19′0″E / 40.88306° СГШ; 21.31667° ИГД / 40.88306; 21.31667
Регион  Пелагониски
Општина  Битола
Област Пелагонија
Население 185 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7223
Повик. бр. 047
Шифра на КО 02061
Надм. вис. 860 м
Слава Бајрам
Кишава на општинската карта

Атарот на Кишава во рамките на општината
Кишава на Ризницата

Потекло и значење на името

уреди
 
Поглед на селото

Постојат две тези за потеклото на името Кишава. Според една теза, поимот се однесува на влажен дол кој бил мокар и богат со вода, и веројатно се однесува на Кишавска Река која минува низ селото. Според другата теза, населбата претходно носела друго име, а денешното го добила од албанските доселеници, кои ја нарекле по затекнатата стара црква или манастир (на албански „киша“ значи црква).[2]

Географија и местоположба

уреди

Селото се наоѓа во Пелагонија, во крајниот југозападен дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, под источната страна на планината Баба, со што може да се смета како потпелистерско село. Воедно, атарот на селото на една страна се допира со државната гранична линија, а на друга страна со подрачјето на Општина Ресен.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 860 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 27 километри во јужна насока.[3]

До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2333 и минува низ соседното село Граешница.

Кишава е планинско село во непосредна близина на државната граница со Грција. Низ селото поминува Кишавска Река, која не пресушува ни летно време. Во минатото на нејзе имало неколку воденици, а водата за пиење се добивала од три чешми (Чешма теќас, Вилајетли и Елмази), од реката и од бунари (околу 12). Подалеку од селото има послаби извори: Стани-дичес, Гропе-буримит, Кладенец-маилит и други.[4]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Врешта, Лесија, Варе, Пртеј, Селиште, Девија, Грерат, Гури-мад, Бачат, Мези-прејва, Аришта, Лови-балос, Кроја-ре, Стогу, Батаку, Шулаја, Плепи, Матан-љумит, Ливад-дези, Шипец, Гропе-корунит, Улабареве, Кремена, Шоши-мад, Гропе-мала, Корија и Аре-вртеј.[4]

Селото има збиен тип и е поделено на седум маала: Џамис, Баракалар, Грабовско, Меркан, Вилајетли, Љума и Чешма.[4]

Историја

уреди
 
Стар селски сокак.

Првиот пишан податок за Кишава датира од периодот меѓу XVI до XVIII век. Тогаш, во селото живеело македонско население. Христијаните Петко и Дојчин по име наводно потекнувале од Кишава. Нешто подоцна, во 1804 година, се споменуваат луѓе „соколари“ во ова село.[4]

И во околината на другите села, Граешница и Драгош се зборува дека во Кишава живеело христијанско македонско население. Тие постари жители подоцна се иселиле. На нивното место останала само црквата. Свештеникот по име Димитри од селото Описирино кај Лерин, говорел дека неговите предци водат потекло од Кишава. На почетокот на XIX век, почнале да се доселуваат и Албанци муслимани.[4]

Денес, Кишава е албанско село. Албанците доаѓале од јужна Албанија и затоа кажувале дека биле Тоски. Албанците во Кишава се разликуваат по говорот и другите особини од нивните сонародници во соседното Острец. Причината за тоа е што Албанците во Острец и Злокуќани се по потекло од северна Албанија (од групата Геги). Исто така, Албанците во Кишава етнолошки се поблиски со Албанците во Нижополе. Црквата на Македонците во Кишава, се наоѓала во денешната Вилает Маало, десно од реката во дворот на Маличи Ракипов. Подоцна тоа било текија на Садик-баба. Во текијата на Садик-баба се наоѓал еден гроб и икона од Света Богородица. Во Кишава постои и џамија, изградена во XIX век. Пониско во селото се муслиманските гробишта.[4]

Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[5]

Стопанство

уреди
 
Полето (долината) на Кишава гледајќи кон планината Баба.

Атарот на селото е релативно голем и зафаќа простор од 19,6 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.913 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 324 хектари, а на пасиштата 304 хектари.[3]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција. Во него работат неколку услужни објекти.[3]

Главното занимање на селаните е земјоделството и сточарството. Најпознат производ на ова село е кишавскиот грав, кој некои го сметаат за највкусен во цела Македонија.

Албанците од Кишава во времето на Османлиското Царство, имале пространи пасишта на Баба Планина. Тогаш тие биле добри сточари: имале многу кози. Некои мештани од ова село, поседувале ниви и во Битолското Поле. Некои основале чифлици во соседните села како Граешница, Жабени и други.[4]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948864—    
1953899+4.1%
1961832−7.5%
1971822−1.2%
1981618−24.8%
ГодинаНас.±%
1991634+2.6%
1994437−31.1%
2002308−29.5%
2021185−39.9%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Кишава живееле 700 жители, сите Албанци муслимани.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Кишава се води како чисто албанско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 80 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 750 Албанци.[8]

Според движењето на бројот на жителите, Кишава популациски се преполовила. Така, во 1961 година селото броело 832 жители, од кои 760 биле Албанци, 45 Турци, 3 Македонци и 20 жители муслимани (етничка припадност), додека во 1994 година имало 437 жители, од кои 436 биле Албанци.[3]

Според пописот од 2002 селото броело 308 жители, од кои 307 Албанци и 1 Македонец.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 185 жители, од кои 169 Албанци и 16 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 700 864 899 832 822 618 634 437 308 185
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови

уреди

Кишава е албанско муслиманско село.[4]

Според истражувањата од 1953 година, родови во селото:

  • Стари доселеници: Лимановци (10 к.), доселени во првата половина на XIX век. Основачот на родот кој се доселил бил Лиман (Аќиф, 85 години во 1953 година-Зеќир-Лиман). По потекло биле од Јужна Албанија; Елмазовци (6 к.), дошле како и првиот род, исто од Јужна Албанија; Рушитлер (6 к.) и Бракалар (2 к.), порано биле еден род, по потекло исто од Јужна Албанија; Корчаре (4 к.), по потекло од околината на Корча. Родот го основал Јусуф, кој се доселил пред 170 и нешто години и Љума (7 к.), дошле во XIX век. Нивните куќи се сместени покрај реката и по тоа го добиле името Љума. По потекло се од Јужна Албанија.
  • Останати родови: Сулејмановци I (6 к.), Исеновци (4 к.), Беќировци (4 к.), Меркањ (4 к.), Селимовци (4 к.), Таировци (3 к.), Грабовци (3 к.), Маљовци (3 к.), Сулејмановци II (3 к.), Чолаковци (3 к.), Рушитовци (3 к.), Берзатовци (3 к.), Мујединовци (2 к.), Шаќировци (2 к.), Неџиповци (2 к.), Камберовци (2 к.), Џемаиловци (2 к.), Исмаиловци (2 к.), Садри (1 к.), Еминовци (1 к.), Незир (1 к.), Шабан (1 к.), Фазли (1 к.), Џељан (1 к.), Етем (1 к.), Асан (1 к.), Ајруловци (1 к.), Сулејман (2 к.), Али Адем (1 к.), Мустафа (1 к.), Рустемовци (1 к.), Ељмаз (1 к.), Бануш (1 к.), Ризвановци (1 к.), Шерифовци (1 к.), Ајдар (1 к.), Јонуз (1 к.) и Далип (1 к.), сите родови се доселени од јужна Албанија

Иселеништво

уреди

До 1953 година, 50 албански семејства се имаат иселено во Турција. Највеќе во Одрин и Измир, од селото заминале по 1912 година.[4]

Селото има значителна дијаспора во Австралија, во гратчето Данденонг, кое е предградие на Мелбурн.

Општествени установи

уреди
 
Основното училиште во селото

Самоуправа и политика

уреди

На крајот од XIX век, Кишава било чисто албанско село во Битолската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Бистрица.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Велушина, во која покрај селото Кишава се наоѓале селата Барешани, Велушина, Граешница, Драгош, Жабени, Канино, Лажец, Олевени, Острец и Породин. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Граешница, во која влегувале селата Граешница, Драгош и Кишава.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0147 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 311 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 312 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости

уреди
Џамии[18]
  • Џамија — главна селска џамија, подигната во XIX век
Реки[19]

Редовни настани

уреди
Слави[2]

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 „Кишава“. Мој Роден Крај. Архивирано од изворникот на 2018-07-30. Посетено на 30 јули 2018.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 86. Посетено на 2 јуни 2024.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 4,8 Трифуноски, Јован (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 202-204. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  5. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  6. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 236.
  7. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 18.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 25 август 2024.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 25 август 2024.
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  19. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 37. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Надворешни врски

уреди