Црква „Св. Петка“ - Брајчино

црква во селото Брајчино

Света Петка — главна манастирска црква на Брајчинскиот манастир во селото Брајчино, Општина Ресен, Македонија. Се наоѓа источно од селото, а околу манастирот се наоѓа голема ливада. Црквата зазема средишна положба во дворот на манастирот.[1]

Света Петка

Поглед на црквата

македонска православна црква
Епархија Преспанско-пелагониска
Архијерејско намесништво Ресенско
Парохија Подмочанско-љубојнска
Местоположба

Карта

Координати 40°54′18″N 21°10′05″E / 40.90500° СГШ; 21.16806° ИГД / 40.90500; 21.16806
Место Брајчино
Општина Ресен
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Света Петка
Архитектонски опис
Архит. тип еднокорабна

До црквата може да се стигне преку пешачка патека, која започнува во источниот дел од селото, во времетраење од 15 минути.

Градба

уреди

Црквата „Св. Петка“ се наоѓа во средишниот дел на манастирскиот комплекс. Таа претставува мала еднокорабна градба, со покрив на две води, триделна апсида и единствен влез од западната страна.[2]

Според најновите научни сознанија, малата еднокорабна црква била подигната и насликана во последната четвртина на XV век.[2]

Фрескоживопис

уреди

Најстарото сликарство е сочувана на источниот и западниот ѕид од наосот, како и на западната фасада од најстариот дел, која сега со подоцнежната доградба се претворила во источен ѕид од нартексот. На источниот ѕид во апсидната конха се претставени „Св. Богородица“ и малиот Христос, во горниот дел и службата на светата литургија, во која учествуваат „Св. Василиј Велики“ и „Св. Јован Златоуст“, во најдолната зона. Повеќе нив насликан е малиот Христос, кој како жртва лежи во широк сад, покрај путирот поставени на чесната трпеза. Од двете страни на триумфалниот лак се насликани популарните маченици „Св. Симеон“ и „Св. Данило“. Во нишата од жртвеникот е фигурата на првомаченикот „Св. Стефан“, а во онаа од ѓаконикот е допојасјето на Роман Слаткопевецот. Во погорната зона од источниот ѕид како што е вообичаено е претставата на Благовештението со фигурите на архангел Гаврил и Св. Богородица.[2]

На некогашната западна фасада преовладува претставата на Страшниот суд, намалена само на поединечни елементи од оваа сложена композиција. Најгоре се наоѓа иконографијата на Царскиот деизис, кој од XIV век на територијата на Охридската архиепископија се насликувал во различни варијанти. Во патроната ниша е допојасната претстава на „Св. Петка“ со крст во десната рака. Лево и десно од нишата се коњаничките фигури на „Св. Мина“ и „Св. Ѓорѓи“. Според стилските анализи, се верува дека анонимниот сликар на ова сликарство потекнува од соседните зографски работилници, создадена во околината на Костур.[2]

Икони

уреди

Во црквата, покрај најстарите фрески, се сочувани и остатоци на ѕидно сликарство и икони од XVI, XVII и XIX век, што говори за повеќевековната активност и опстојувањето на манастирот.[2]

Галерија

уреди
Надворешност
Внатрешност

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 60. ISBN 9789989920554. Посетено на 22 ноември 2016.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Палигора, Ристо (декември 2011). „Студија за манастирски туризам на Баба Планина“ (PDF). Битола: Центар за развој на Пелагонискиот плански регион. Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-12-28. Посетено на 22 ноември 2016.

Надворешни врски

уреди