Бернајс пропаганда
Бернајс Пропаганда (Bernays Propaganda)[1] — македонски рок бенд од Скопје. Формиран е во 2006 година.
Гледано од десетгодишна временска дистанца, може да се каже дека е еден од најзначајните македонски бендови во целата нејзина историја.
Историја
уреди2006 година - почеток
уредиВо јули 2006 година неофицијално започнал со работа бендот Бернајс пропаганда. Со оглед на солидното акумулирано бендовско искуство што се движи од кросовер преку хардкор и панк, пост-панк, па до автентичен кантавторски трубадурски пристап, акцентот во новиот бенд што го оформил Васко Атанасоски, бил ставен на она што јавноста најмалку го очекувала од него, игривата музика. Но, тоа не се одразило и на веќе добро познатите и стандардно социјално ангажирани текстови - остри и директни како и секогаш. На идејата базично ѝ се и придружиле Раде Јордановски на бас, неговиот стар сопатник од FxPxOx, бенд сè уште активен во тој момент, како и Игор Стојановски (екс член на бендот Smut) на тапани. Но, иако оваа формација го поминала летниот период во интензивни проби, проектот не заживеал концертно, со оглед на ангажманите на Васко со FxPxOx и хардкор- проектот со бендот This Home is Prepared, кои биле во преден план.
2007 година
уредиШест месеци подоцна, во јануари 2007 година, Васко оформил нова постава, со два женски вокала: Кристина Горовска од бендот This Home is Prepared и Елеонора Стојановиќ-Нора (екс член на Мизар). Басист во оваа постава бил Горан Аргировски, а тапанар Џано Куч од бендот FxPxOx. Неколку дена пред првиот договорен настап, на 19.02.2007 како предгрупа на „Girls Against Boys“, Hopa го напуштила бендот.
Прв демо албуми
уредиСо веќе создадени основни контури на поставата каква што ја посакувале, но со многу побучен звук од планираното, по уште само неколку локални настапи, Бернајс Пропаганда веднаш одлучил да го снима своето прво демо, во студиото „Blla Blla Blla“, со Дејан Еврушоски (екс Кипарис) како снимател и како продуцент. За релативно краток период, следело и снимањето ново, второ демо со четири песни, овојпат во студиото „Е-Gо- East“ со Ненад Неделков како продуцент.
Прво појавување на Бернајс Пропаганда на носач на звук
уредиХиперактивен како и секогаш, и во овој период Васко не останал само со еден бенд па покрај споменатите два хардкор - бенда, започнал да настапува и да снима како гитарист во PMG Kolektiv. Од друга страна, фронтменот на PMG Kolektiv и основач на етикетата „PMG Recordings“ - Мирко Попов, бил фасциниран од првиот настап на бендот и веднаш му понудил издавање на снимениот материјал. Нешто пред официјалната објава на макси синглот, „PMG Recordings“ на својата компилација Нов Бран V3.0 објавена на крајот од 2007 година, ја вклучил и песната Homo ili sapiens. Toa било првото појавување на Бернајс Пропаганда на некаков носач на звук.
2008 година
уредиВеќе на почетокот од 2008 година, во јавноста се појавило и првото официјално издание на бендот, макси синглот ставен на цеде, а во издание на „PMG Recordings“. Колажот што бил употребен за насловниот омот на изданието е дело на уметникот Синиша Цветковски, еден од основачите на уметничката група „Зеро“ и гитаристот на групата Т.Б. Трачери. Комплетниот дизајн на обвивката го направила Цаци Чавдаровска. Работејќи на ова издание, улогата на доминантен текстописец во бендот полека ја преземала Кристина Горовска, а заедно со Васко го чинат авторскиот тандем што во иднина бил потпишан зад секое нивно дело. Ударната промоција на четирите теми главно се случувала преку брановите на музичкото радио „Канал 103“, па веќе на концертната промоција 11.01.2008 во МHT, Бендот го распродал комплетниот лимитиран тираж на своето прво EP. EП - то денес е вистински раритет.
Вистинско воздигнување до статус на предводници на новата генерација бендови од таканаречената македонска андерграунд-сцена се случило по нивниот настап на 24 мај во рамките на „Off Fest“, како загревање на легендарниот британски состав „Gang of Four“. Особено апострофирана била изјавата на „Gang оf Four“ дека Бернајс Пропаганда e една од најдобрите предгрупи што бендот ги имал во својата долга и богата концертна кариера, а за нив отворале бендови како „Joy Division“, „New Order“ и слични. Иако во тој период е сè уште без целосен албум, поради брзо стекнатата локална популарност кон крајот на годината, на 29.11.2008 ја добиле и поканата за настап на јубилејното 10 издание на фестивалот „Таксират“, најголемиот балкански фестивал во затворено. Непосредно пред настапот на „Таксират“, во бендот се случила првата посериозна промена: од бендот си заминал Горан Аргировски, а на негово место дошол Саша Павловиќ - Фрешко, басист на култните Süns.
Ставот на бендот кон медиумите
уредиСтавот на бендот уште од самиот почеток бил да избегнува мејнстрим медиуми, да не снима видеа и да не дава интервјуа. До овој став бендот се држел безмалку во целата своја кариера, само понекогаш отстапувајќи од него во моментите кога самите негови членови чувствувале дека имаат нешто дополнително да кажат, и претежно тие изјави односно интервјуа биле давани за странски медиуми или фанзин-портали. Пораката што ја упатува овој став е порака кон медиумите за нивната тривијалност, лицемерност и за служење на големиот капитал. Бернајс Пропаганда, низ годините на активност и на напорна работа, успеал да им докаже на сите добронамерници дека самиот производ е нивниот релевантен медиум и промотер. Во тој сè уште почетен период на истражување и на формирање на поголемата слика, бендот бил доста интригантен, паподоцна бил и носител на содржината на документарниот филм „Ако никој не свири“ во режија на Ѓорѓи Јаневски, а во продукција на музичкото радио „Канал 103“. Иако со интенција да ја прикаже целата надоаѓачка сцена, фокусот бил токму вpз Бернајс Пропаганда. Филмот ја освоил првата награда на меѓународниот фестивал DORF за документарни филмови во Винковци, Хрватска.
Со оглед на претходното големо искуство на Васко и на неговиот авторитет стекнат со безбројните настапи на FxPxOx по Балканот и по Европа, првичните сомнежи кај промотерите во неговиот нов проект музички дијаметрално спротивен од FxPxОx бргу ги снемало, па веќе во 2008 година за Бернајс Пропаганда започнале да се интересираат и регионалните издавачи. Најупорен во обезбедувањето потпис од бендот (само симболично бидејќи еден од ставовите на бендот е и непотпишувањето договор туку верба во даден збор), бил словенечкиот „Moonlee Records“. Toј стоел потпишан како издавач на првиот, и само со еден исклучок, на сите наредни албуми на бендот. Албумот Happiness Machines, како ко-издавачи ќе го потпишат и германците „Prügelprinz“ и издавачката куќа зад која стои самиот Васко, „Направи заедно“. Десетте теми на албумот биле снимени во студиото „Enterprise“, во периодот од октомври до декември 2008 година, во продукција на Валентино Скендеровски. Со самото влегување во студио, Васко им ставил точка на два од трите паралелни проекти во кои до тој момент бил инволвиран, FxPxOх и This Home Is Prepared. Во PMG Kolektiv останал и во наредните 6 месеци. На деби-албумот, бендот ги преснимил и четирите теми од EP-изданието веќе познати на јавноста. На само една од песните на албумот, Убиј ме! како текстописец се потпишал Васко, а сите останати се поетско-критички опсервации на Тина. Тоа ќе претставува и самиот буклет што одел со албумот, кој бил всушност дипломска работа на првенецот на генерација, филозофот Кристина Горовска. Со овој потег бендот уште еднаш ја истакнал својата определба за искажување став по однос на секое општествено прашање, најчесто низ текстовите, но понекогаш и низ дополнителни буклети. Решението за обвивката е дело на босанскиот дизајнер Дарко Кујунџик, но работено врз базична идеја на Тина. Интересно е дека покрај објавата на албумот на винилен формат, постојат и две различни цеде-објави, една од словенечкиот издавач и една заедничка од „РMG Recordings“ и „Направи Заедно“ наменета за домашниот пазар. Обете се разликуваат единствено по логоата на издавачките куќи.
2009 година
уредиАлбумот бил објавен во април 2009 година и добил генерално охрабрувачки рецензии од медиуми од целиот свет. Неколку балкански медиуми биле доволно визионерски и го прогласиле за албум на годината на Балканот. Неколку години подоцна, хрватската едиција на списанието „Rolling Stone“, го прогласиле албумот Happiness Machines за третата најважна плоча објавена на просторите на поранешна Југославија во периодот од 1991 до 2015. Ова било релевантна потврда за култниот статус што Бернајс Пропаганда го стекнала на просторите на некогашна Југославија за релативно краток период од постоењето. Една изјава на познатиот хрватски новинар Дубравко Јагатиќ од тој период најдобро ја опишува енергијата на овој албум:
„[…] ѓаволски интересно дискографско издание што може само топло да се препорача […]“
Понатаму во рецензијата тој искажал верување дека следниот материјал на групата ќе биде многу битен албум за целиот регион - и бил во право.
На скопската промоција на албумот Happiness Machines, на 27.02.2009 во клубот „Хавана“, за првпат во својата кариера Бернајс Пропаганда наполнил еден клуб со солиден капацитет од 600 луѓе. Безбедно лево, Ден пред да исчезнам и Не сакам да знам, се само некои од ултимативните генерациски химни од овој албум. Покрај промоцијата, овој концерт всушност бил претпремиера за почетокот на првата голема европска турнеја на бендот, која ја започнал неколку дена подоцна, на 6 март со концерт во Белград. Турнејата траела цели 45 дена, неверојатни за еден македонски, па и балкански бенд од поновото време. Завршниот концерт бил на 19.04.2009, повторно во Скопје, во еден поинтимен концертен простор, клубот „Retox". Турнеите како оваа станале заштитен знак на бендот, пa Бернајс Пропаганда ги практикувал по секој следен албум, во некои периоди и по две во една календарска година. Тие се уште еден показател што ја потврдува искажаната теза за големиот придонес на бендот во развојот на македонската сцена, но и во освежувањето на некои Балкански музички сцени. Како ретко кој македонски бенд низ историјата, токму Бернајс Пропаганда, во изјавите на помладите бендови што се појавувале на просторите на некогашна Југославија, бил посочуван како еден од бендовите што им извршиле влијание. Притоа, особено се почитувал токму нивниот бескомпромисен став кон медиумите, како и променливоста на звукот, која нималку не влијаела врз енергичноста и врз секогаш перфектно спакуваните пораки на бендот.
Во текот на летото, надвор од спомнатата турнеја, бендот свирел концерти и фестивали по целиот регион, но и работел на новиот материјал. Токму во аранжманите на повеќе од половината нови теми придонел и Фрешко, но кон крајот на летото, на некој начин не можејќи да го следи „убиственото“ темпо на Васко, тој го напуштил бендот. Набргу по неговото заминување во нов басист бил промовиран уште еден поранешен член на FxPxOx и This Home is Prepared, Ненад Трифуновски-Трипе. Таа, најпозната постава на Бернајс Пропаганда, која го создала и го отсвирила најголемиот дел од опусот на бендот, своето уигрување го имала на турнејата што следува. Турнејата била само малку пократка од претходната - траела 40 дена - а започнала на 07.09.2009 со првото искачување на групата на сцената во МКЦ, со гостите на концертот, Словенците „In-Sane“ и локалните Sludge.
2010 година
уредиНа почетокот од 2010 година, во периодот кога музичкото радио Канал 103 било прв меѓу балканските медиуми што го прогласиле Наppiness Machine за албум на годината. Бернајс Пропаганда повторно влегле во студио и снимиле нов материјал. Вториот албум, Му Personal Holiday, делумо е сниман во студиото „Blla Blla Blla" на Идриз Амети (Blla Blla Blla...), а другиот дел е сработен во МКЦ со Трипе како снимател и како продуцент. Во две од деветте теми на албумот, како соавтор бил потпишан и Васко. Останатите теми биле поетска реакција на Тина на општествените случувања во државата. Нејзино е и дизајнерското решение на комплетниот омот.
Потврда за неговиот квалитет била одлуката на хрватскиот уметнички колектив „ЕМГЕ“ во 2016 година да ја вклучи обвивката на овој албум во својата изложба на највпечатливи музички дизајни од регионот, заедно со вториот албум на ХаХаХа. Официјалната објава на Му Personal Holiday била на 17 мај, најпрвин во винилна верзија во која партиципирале матичната „Moonlee Records“, но и германските куќи „Prügelprinz“, „Narshardaa“ и „Trashbastard“, како и француската „Crapoulet“. Цеде-верзијата, по примерот на првиот албум, повторно имала две верзии зад кои се потпишани истите издавачи како и на дебитантскиот албум. Дека изданието доживеало успех потврдува и фактот што „Moonlee“ веќе во октомври го допечатил како цеде, објавувајќи го со малку поразличен внатрешен омот. Реакциите што пристигнале по ова издание биле уште подарежливи со суперлативи. По него, особено балканската јавност била на чисто дека во регионот се појавил нов и моќен политички ангажиран њу вејв панк состав со корени длабоко во американскиот пост-хардкор звук. Изданието добило одлични рецензии и од другата страна на Атлантикот од панк-библијата, месечникот „Maximumrocknroll“. Списанието и во иднина ги проследувал со рецензија сите изданија на бендот отстапувајќи му место за интервју, но и за спомнување на името на бендот на насловната страница од магазинот.
Традиционално, и таа година Бернајс Пропаганда одработил две европски турнеи, пролетна и есенска, со околу осумдесетина концерти. Круна на пролетната турнеја бил настапот на главната бина на фестивалот „Exit“, на 10.07.2010, додека домашна потврда на сè поголемата популарност бил самостојниот концерт во Скопје, на 26.11.2010, 200-тиот настап во дотогашната историја на бендот. Овој ден да помине, Намести фризура и гладувај и Кога е доволно се само дел од познатиот репертоар во кој уживале повеќе од 1000 фанови во клубот „Collosseum“.
2011 година
уредиИако делува како забревтана машина, Булдожер што руши сè пред себе, на почетокот на 2011 година, Васко ја изненадил јавноста започнувајќи уште еден свој проект, хардкор-панк бендот ХаХаХа. Бернајс Пропаганда креативно паузирал, но во соработка co Хахаха (Бернајс Пропаганда минус Тина), во 2011 година одработиле уште две нови и долги турнеи (првата од 5 мај до 27 јуни, и втората од 8 септември до 8 октомври), па и една кратка и само балканска (од 28 до 29 април) со канаѓаните „Handsome Furs“. Со настапите таа година бендот значително се доближил до магичната бројка од 300 отсвирени концерти во триесетина европски земји, позиционирајќи се со овој број рамо до рамо со еден од своите детски идоли, Leb I sol. Ha 04.07.2011 и директно го искажале својот став против полициското насилството настапувајќи на фестивалот наречен „103 Слободна зона“, на кејот на Скопскиот плоштад, собирајќи на настанот околу 2000 луѓе.
Штотуку вратени од пролетната турнеја, членовите на групата побрзале да снимат неколку од веќе увежбаните теми. Во јули, во МКЦ со Трипе како снимател и како продуцент, ги снимиле Јас и Денот кога се родив. На двете теми како гостин се појавил перкусионистот Југослав Стојчески (екс Conquering Lion) кој практично станал и нов официјален член на бендот, учествувајќи и на снмањето на третиот албум.
2012 година
уредиПатувајќи и настапувајќи во континуитет, логично било дека бендот творел на пат. Дел од материјалите за следниот албум Тина ги напишала токму по патиштата во Европа, префрлувајќи се од еден во друг град, но секогаш со мислите за луѓето и за нивниот живот во родното Скопје. Новиот албум го најавиле со фридаунлоуд ЕР-то Играј Слободно!, кое во јануари 2012 година го објавиле „Moonlee Records“ и „Направи Заедно“. Изданието е збир на ремикси на осум теми на Бернајс Пропаганда, шест веќе познати и две нови работени во 2011 година, од неколку доста влијателни европски и локални артисти: Марк Хини од „Gang Of Four“, Зеја од „The Ex“, Bei The Fish & Ida од хрватскиот бенд „Lollobrigida", нивниот поранешен басист Fresh, Sethstat, Anomalia Nativa и од Mindless Violence. Изданието ја вклучува и заедничката песна Fakt, работена со Дуке Бојаџиев, која била снимена во студиото на Трајко Симоновски-Таци, басистот на придружниот бенд на Тоше Проески. Годината што ја отвориле со изданието Играј Слободно! и во која лично влегле со големи амбиции, членовите на групата концертно ја започнале со својот прв настап во популарната Денсинг сала во МКЦ. Ha 17.02.2012 Бернајс Пропаганда прославувале и пет години од својот прв одржан концерт, почестувајќи ги фановите со премиерна изведба на 6 нови песни. Таа била најслабата концертна сезона на бендот, во која имало само триесетина отсвирени регионални концерти. Позначајни секако биле четирите отсвирени од 22 до 26 октомври, во Софија, Букурешт, Белград и во Загреб заедно со легендарниот холандски бенд „The Ex“.
Во ноември таа, 2012 година, Васко и Тина започнале со снимање нов албум. Во студиото „MarryPhat“, co Ивица Јанкуловски-Шраф како снимател и продуцент биле сработени 9 целосно нови песни. За првпат Тина и Васко се обиделе да направат омаж на некои свои книжевни фасцинации создавајќи музика на текстови на Џек Лондон и на Георг Бихнер. За првпат во својата кариера и Бернајс Пропаганда во процесот на снимање повикале пријатели од еден друг македонски бенд, Sethstat. Во темата во која гостува Sethstat, Леб и игри, употребени се и семплови и ефекти командувани од нивниот поранешен басист Саша Павловиќ-Фрешко.
2013 година
уредиСамо три дена по официјалната објава на албумот Забранета Планета, на 26.02.2013, француската издавачка куќа „Stonehenge“ во соработка со „Направи Заедно“, го објавила заедничкото издание на Бернајс Пропаганда и на норвежаните „Modern Love“, во формат на сплит-сингл, именувано како Untill All Are Free. На синглот се поместени двете теми снимени неколку месеци претходно во МКЦ. Албумот Забранета Планета повторно како издавач го потпишал „Moonlee“. На винилното издание коиздавачи се и „МКЦ“, „Направи Заедно“ и „Prügelprinz“, додека цеде-верзијата во овој случај е само една и зад неа стојат истите спомнати издавачи. Дизајнот повторно го направила Кристина Горовска. Со објавувањето на Забранета Планета, Бернајс Пропаганда бил вториот бенд во македонската дискографска историја што во своето портфолио има повеќе од два албума објавени на винил. Со подоцнежните изданија бендот значително се одделил од останатите бендови, но сè уште бил далеку од фантастичните 11 винилни албуми на Leb I Sol. Промотивниот концерт пред скопската публика се случил во Денсинг салата на МКЦ, на 01.03.2013, настап што останал трајно во меморијата на посетителите по невообичаената сценска поставеност - бината била во средината на салата - и по неверојатниот контролиран излив на енергија во А bone to the dog, Ordinary toy, Чувај се од тие што те чуваат, како од бендот, така и од неприкосновениот сценски лидер, Тина. По одамна воспоставената традиција, следувале две огромни европски турнеи, првата од 14 март до 19 мај, и втората неколку месеци подоцна, од 5 септември до 19 октомври таа, 2013 година, во која Бернајс Пропаганда свиреле буквално во цела Европа, поминувајќи речиси 4 месеци на пат.
Американска „топ 200 листа“
уредиВо 2013-тата биле вклучени на 112. место на американската „топ 200 листа“ создадена според бројот на емитувања на американските колеџ-радиостаници, успех што ниту еден македонски бенд го немал постигнато до тој момент.
На враќање од првата европска турнеја таа година, на 26.05.2013 Бернајс Пропаганда го имал и своето прво гостување со настап во живо на музичкото радио „Канал 103“, во емисијата „Ако никој не свири". Годината триумфално ја завршил со уште еден настап на фестивалот „Таксират“, 06.12. 2013 на Скопскиот саем.
Театарска претстава
уредиТаа, 2013 година, Кристина била поканета и земала учество во театарската претстава „SKRIP inc.“ во Љубљана, во режија на Јелена Русјан, а во продукција на „Maska“. Претставата во еден подолг период по премиерата била најгледаната претстава во Словенија, а Тина станала вистински миленик на театарската критика во Словенија.
2014 година
уредиАмериканска турнеја
уредиНаредната 2014 година за првпат по подолг период Бернајс Пропаганда ja започнале без некакво официјално издание или нова песна, на 1 февруари за првпат се појавиле на локалниот фестивал што ја популаризирал независната музичка сцена „Земјотрес 2“. Причината за пасивноста била обелоденета многу бргу, а таа е фокусот на бендот кон проектот што значел уште една потврда за неговиот влог во музиката, но и неверојатно достигнување за еден бенд од Балканот во 2014 година, од 5 април до 21 мај. Бернајс Пропаганда, по многу перипетии во подготвителниот период и по одбиена поддршка од државата, самостојно се финансирал и заминал на американска турнеја. На турнејата се претставувал себеси како бенд, но ја претставувал и македонската држава - постигнување што тогашната власт не сакала да го верификува како успех на еден македонски бенд. Групата отсвирила неверојатни 45 концерти во 48 дена. Со вакво темпо на концерти можат да се пофалат само малку европски бендови што настапиле во Америка, а ниту еден од нив не доаѓа од Балканот. Бернајс Пропаганда ce само третиот македонски состав - по Leb I Sol и по Kismet - во целата историја на рок-музиката на овие простори што направил макар и мини турнеја во Америка.
Со оглед на тоа дека настапите по Америка воопшто не влијаеле врз кондицијата на бендот, набргу по враќањето следувала и кратката летна екс-ју турнеја, од 31 јули до 6 август, која завршила со последниот настап на домашен терен пред поаѓање на нова европска турнеја. Тој се случил на 30.08.2014 на петтото издание на фестивалот „Слободна Зона“ во Виница, фестивал на кој бендот има настапено и на неговото второ издание, на 25.08.2011 година. Сепак, таму некаде по балканските патишта се случил првиот посериозен „лом“ во бендот, кој кулминирал на претстојната европска турнеја, од 18 септември до 26 октомври. Имено, на 12 октомври, таа 2014 година, по концертот во Берлин и на 15 концерти пред крајот на турнејата, од Бернајс Пропаганда си заминала феноменално уиграната ритам секција, Ненад Трифуновски и Џано Куч.
Бендот бил на крстопат, а во некои размислувања на Васко од тој период, можби и на својот крај. Но, дефинитивен бил само крајот на дотогашниот музички израз, за што Васко не бил разбран, но и за кој крај никој сè уште не бил свесен. Васко ги направил првите чекори кон реализација на таа нова идеја за промени. На крајот од годината, во бендот повторно се вратил Саша Павловиќ. Саша во тој период го реактивирал својот стар проект Демек, во кој Васко често свирел гитара. Како нов член на Бернајс Пропаганда бил промовиран и Дени Крстев од Фонија, зачудувачки за најупатените фанови на бендот. Но, улогата на Дени не била тапанар (што била во еден период во Фонија), туку да програмира ритмови и да свири синтисајзер, ризичен потег што на никој во тој момент не му било јасно каков краен производ ќе даде. Сите од музичките кругови знаеле дека Васко е своеглав и дека сака да ризикува секогаш кога цврсто верува во своите идеи, но во овој случај сите биле скептици. Покрај спомнатата улога на Дени, од тие моменти тој бил и човекот што во иднина ги снимил сите песни на групата и бил задолжен за звукот на нивните настапи во живо.
2015 година
уредиДилемите околу исправниот потег за промената на звукот што бендот ја зацртал како нов почеток, не се оттргнале ниту со издавањето на дигиталниот сингл Здраво млади во мај 2015 година. Двете песни, И двете и Сакав да се заљубам, само уште повеќе ја разгореле јавната музичка дебата за нужноста од постоењето на еден ваков „електронски“ Бернајс Пропаганда. Иако спонтани и непланирани, овие дилеми и препукувања биле своевиден пи-ар - во стилот на големиот маг на пропагандата по кого е именуван бендот, Едвард Бернајс - што го зголемил интересот за бендот дури и во кругови што претходно воопшто немале допир со македонската андерграунд-сцена. По промотивниот сингл кој бил и последно издание на издавачката куќа „Направи заедно“, следувал и промотивниот концерт на фестивалот „Здраво Млади 7“, одржан на 07.06.2015 на улицата пред МКЦ. По овој контроверзен настап што уште толку ги поделил фановите на „за“ и „против“ новиот Бернајс Пропаганда, бендот отсвирил дваесетина концерти во ваква формација, помеѓу кои и заедничкиот со реобновените Тело-Наука Совршена на 23.07.2015 во рамките на фестивалот „ДримОн“ во Струга.
Став на бендот кон одржување на концерти
уредиИнтересно е фактот дека веројатно не постои град во Македонија во кој Бернајс Пропаганда немаат одржано концерт. Понекогаш тие концерти биле во рамките на некој фестивал, но многу често бендот знаел да прифати покана од некој локален фан и да настапи за локална екипа, во мали концертни простори, обидувајќи се да ја пренесе својата порака секому и секаде.
По објавата на Здраво Млади, следувале долги 10 месеци исчекување на поконкретен материјал, со што албумот Политика претставувал еден од најдолго исчекуваните македонски изданија во поновата музичка историја. Под притисок на овие големи и противставени очекување од јавноста, групата започнала да ги снима преостанатите седум теми, кои заедно со веќе објавениот сингл подоцна биле дел од четвртиот албум на бендот. Дени Крстев бил снимателот и копродуцентот, а снимањето на албумот се одвивало во неговата спална соба преуредена во студио.
Театарска претстава
уредиВо октомври 2015 година, во пауза од наснимувањата, Бернајс Пропаганда ja направиле и музиката за театарската претстава на Орвеловата „1984“ во режија на Александра Кардалевска.
2016 година
уредиКонечно, на 14 март 2016 година „Moonlee Records“ го отпечатиле албумот Политика. Повторно на еден албум биле поместени девет теми, но за првпат сите биле отпеани на македонски јазик. Една од најубавите обвивки во историјата на македонската дискографија, повторно ја направила Кристина Горовска, искористувајќи случајно направена фотографија од еден фан на бендот, Љупчо Јовановски, која совршено ја отсликувала мрачната приказна на македонското општествено живеење. Политика е албум што музички е пред своето време, кој низ поетиката на Тина совршено го прикажува парадоксот на едно реално и мачно македонско животарење во апокалиптичниот сон на поединци, наречен „Скопје 2014“. Недолго по „Moonlee“, во март 2016 година и американската куќа „Land Animal Тарes“ истиот материјал го објавила за тамошниот пазар, но во форма на касета и со бонус-траката „Bread and games“. Кон крајот на месецот кога бил објавен албумот, се одржала и неговата скопска промоција. За првпат се случило еден македонски бенд да закаже и да распродаде три последователни концерти, одржани од 25 до 27 март во киното „Фросина“ во МКЦ. Но, веселбата била навидум непотполна поради заминувањето на Саша Павловиќ во Белфаст, Северна Ирска, па подготовките и самите настапи бендот ги изведувал како трио. Лажи ме, лажи ме станал првиот мејнстрим радиохит на бендот, не симнувајќи се од топ-листите на многубројни локални и регионални радиостаници. За првпат од кога постои, Бернајс Пропаганда направил и видеоспот за една тема, Лажи ме, лажи ме, во продукција на „Рутина“ (Русе Арсов и Тина Горовска).
Според мое лично мислење, овие три концерти на групата се едни од најдобрите концептуални концертни перформанси што еден македонски бенд досега ги има направено. Прецизни од почеток до крај. Звук, видео и игра, во совршен микс што атакува на сите сетила и што секој посетител го држи прикован за седиштето од почетокот до крајот на концертот.
Две недели подоцна, не дозволувајќи позитивните импресии да стигнат подалеку од Белград, држејќи ги балканската и европска јавност сè уште во недоверба околу новиот правец на бендот, во периодот од 14 април до 14 мај таа, 2016 година, бендот Бернајс Пропаганда заминал на уште една долга едномесечна турнеја низ Европа. Враќајќи се од турнејата со која сите сомнежи биле отстранети, јавноста дознала за ново издание: култната калифорниска издавачка куќа „Asian Man“ го објавила заедничкиот сингл на „Mike Watt & The Secondman“ (Мајк Ват е легендарниот басист на „Minutemen“, „Firehose“, „Iggy and The Stooges“) и Бернајс Пропаганда. На неговата страна од плочата се наоѓал еден малку поинаков микс на веќе познатата Лажи ме, лажи ме (Lie to me, lie to me). Влегувајќи во едни поинакви односи со музичката индустрија, со материјал што го донел на границата на комерцијален успех, потезите што почнал да ги влече бендот биле само навидум спротивни од неговите првични убедувања. Групата била подотворена кон јавноста, но не по секоја цена. Естетиката на секое ново медиумско изразување во висок степен морала да биде запазена и морало да биде во соработка со самиот бенд. Во прилог на медиумската заинтересираност, го снимиле и првиот професионален видеоспот, во кој за првпат се појавил и член на бендот (Тина), за темата Повеќе во режија на Бојан Кртолица. Спотот бил добра увертира за претстојните настапи на бендот на отворено, на 13.06.2016 на еден од најголемите европски фестивали, „Sziget“ во Унгарија, и на 17.07.2016 на веќе етаблираниот регионален фестивал „Д Фестивал“ во Дојран. За првпат во својата историја, бендот добил и ја прифатил понудата за интервју со насловна страница во едно списание, Тина била на насловната страница на магазинот „Портрет“.
Во овој период, кон крајот од 2016 година, Васко ја стартувал издавачката куќа „Балкан Велики“ и започнал соло кариера. Тина започнала да работи како графички дизајнер во МКЦ, а Дени го отворил музичкото студио „1060“. Во декември „Балкан Велики“, заедно со стариот соработник „PMG Recordings“, единствено во дигитален формат, го објавиле ремикс ЕP-то наречено Skopje 2016. Изданието содржи 10 ремикси на четири теми (Lazi me, lazi, Povekje, Ne sum vekje ubava и Ovoj den da pomine), направени од неколку локални и регионални артисти (Фонија, DJ Goce, GameOver, Khara, Марк Хини, PMG Kolektiv и други). Во пресрет на годината во која прославувале 10 години од постоењето, за краток период бил објавен уште еден дигитален материјал, од архивски карактер - првиот концерт на Бернајс Пропаганда во клубот „Castro“. EP-то е едноставно наречено „Castro“ 19 02 07. Третото последователно дигитално издание во период од само еден месец е албум во живо со 13 теми, именуван најсоодветно можно, Едно 500-600 пати.
2017 година
уредиНеколкумесечната концертна апстиненција бендот ја прекинал со два исклучително значајни концерта, на 12 и на 13 јануари 2017 година, во рамките на најголемиот саем на европска музика „Eurosonic“ во Гронинген. Со враќањето во јавноста, го пуштил и спотот за Политика (во продукција на дигиталната „Бла Бла ТВ“), и сето тоа како најава за претстојното одбележување на 10-годишнината од првиот концерт на бендот. Во таа, 2017 година, 17 и 18 февруари повторно останале забележани како значајни датуми од македонската музичка историја. Уште од далечната 1987 година и трите последователни концерти на Леб и Сол во Денсинг салата на МКЦ ниту еден македонски бенд се нема осмелено да закаже и да отсвири повеќе од еден концерт во тој простор. Бернајс Пропаганда поставил уште еден предизвик за новите генерации македонски бендови. На овие концерти, кои биле сосема поразлично конципирани од промотивните три за Политика, бендот настапил во состав што вклучува неколку гости за време на целиот концерт: екс тапанарот на „Gang Of Four“, Марк Хини, и бас-гитаристот на Љубојна, Оливер Јосифовски, но и DJ Goce, кој настапил само на уводните теми. На овие два концерта, Бернајс Пропаганда покажал дека новите теми може да звучат еднакво моќно и во многу пожестоки аранжмани од постојните. Како куриозитет врзан за Бернајс Пропаганда била и винилната објава на 12“EP од страна на канадската издавачка куќа „III In The Head Records“, во јануари 2017 година, во само 32 примерока. Куриозитетот за ова издание била грешката на фабриката за изработка на винилот, која на плочата втиснала само 3 теми: веќе познатиот микс на групата Anomalia Nativa на темата My personal holiday, новиот микс на Politika и - за јавноста дотогаш необјавена тема од музиката за театарската претстава „Animal farm“. Во јуни истата година, грешката била исправена па „III In The Head Records“ го објавил албумот на Бернајс Пропаганда, Na Ta Igrišće Ne Smem. Албумот покрај спомнатите три теми, донел уште 6, ремикси дотогаш необјавени на винил, меѓу кои и заедничката преработка на PMG Kolektiv и Бернајс Пропаганда на легендарната тема на Падот на Византија, Почеток и крај.
Бендот свири на концерт на 07.08.2017 година во Призрен, како дел од музичката програма на фестивалот „Dokufest“. Последната песна што бендот ја снимил и која е планирана како најава за следен албум е темата Ништо нема да не раздели, во која како гостин се појавил Мајк Ват на бас. Со темата во јавноста е промовиран и новиот член на бендот, тапанарот на Фонија, Кристијан Лафазановски.
2018 година
уредиБендот песната ја промовирал во јануари, и наместо да следуваат нови изданија и нови турнеи, на почетокот од февруари 2018 година, групата била вовлечена во небулозна правна битка со неизвесна разрешница. Имено, надвор од сите стандарди и правила, Министерството за култура, во својата годишна објава за финансиски поддржани проекти, објавиле информација дека ќе биде поддржан и заеднички концерт на Бернајс Пропаганда и на Македонската Филхармонија, со одреден буџет и со точен датум. Реакцијата од страна на бендот, а и на јавноста била доста бурна и логична. Бил нарушен неговиот имиџ внимателно граден со години, кој се базира на чесност, праведност и на принципиелност. Разговори за една таква меѓусебна соработка постоеле една година претходно, но никогаш не добиле завршница во форма на потпишување каков било преддоговор, кој е единствен валиден документ за какво било аплицирање, па и за односниот конкурс. Очигледниот пропуст на комисијата во Министерството за култура, која по закон е должна да одбие чија било непотполна апликација, била одговорна за скандал од невидени размери, кој имплицирал и обид за нечии и за некакви финансиски малверзации, во кои неправедно бил инволвиран македонски рок-состав. Со полно право бендот побарал правна заштита и одговорност од Министерството за култура, кое - за да биде иронијата поголема очигледно по урнек на некоја од тезите на таткото на агресивниот пи-ар, Едвард Бернајс се обидело комплетно да го спинува и да го релативизира целиот случај.
Од средината на февруари 2018 година, Бернајс Пропаганда се повлекле од јавноста оставајќи ги фановите во неизвеснот дали ќе продолжат со работа или е ставена точка на една од највозбудливите македонски рок-приказни во самостојна Македонија.
Студиски албуми
уредиГодина | Наслов | Издавач |
2009 | Happiness Machines (ЦД, Албум) | PMG Recordings, Направи Заедно |
Happiness Machines (ЦД, Албум) | Moonlee Records | |
Happiness Machines (ЛП, Албум) | Moonlee Records, Prügelprinz Records, Направи Заедно | |
2010 | My Personal Holiday (ЦД, Албум) | Moonlee Records, Направи Заедно |
My Personal Holiday (ЦД, Албум) | Moonlee Records | |
My Personal Holiday (ЦД, Албум) | PMG Recordings, Направи Заедно | |
My Personal Holiday (ЛП, Албум) | Moonlee Records, Prügelprinz Records, Направи Заедно, Narshardaa Records, Thrashbastard, Crapoulet Records | |
2013 | Забранета Планета (ЛП, Албум, Нум, ТП) | Moonlee Records, Направи Заедно, MKC Skopje, Prügelprinz Records |
Забранета Планета (ЛП, Албум) | Moonlee Records, Направи Заедно, MKC Skopje, Prügelprinz Records | |
Забранета Планета (ЦД, Албум) | Moonlee Records, Направи Заедно, MKC Skopje | |
2016 | Политика (ЦД, Албум) | Moonlee Records |
Политика (ЛП, Албум) | Moonlee Records | |
Politika (Cass, Албум, Ltd) | Land Animal Tapes | |
2017 | Na To Igrišče Ne Smem (ЛП, Comp, Ltd) | Ill In The Head |
Na To Igrišče Ne Smem (12", Maxi, Ltd, MP) | Ill In The Head | |
Na To Igrišče Ne Smem (ЛП, Comp, Ltd, ТП) | Ill In The Head | |
2017 | Edno 500-600 Pati | Balkan Veliki |
2019 | Vtora mladost, treta svetska vojna (ЛП, Албум) | Moonlee Records, Geenger Records, Pop Depresija, Balkan Veliki, Ill In The Head |
Vtora mladost, treta svetska vojna (ЦД, Албум) | Moonlee Records, Geenger Records, Pop Depresija, Balkan Veliki, Ill In The Head |
Синглови
уредиГодина | Наслов | Издавач |
2008 | Бернајс Пропаганда (ЦД - r, ЕП, Ltd, Promo) | PMG Recordings |
2012 | Играј Слободно! (8xФајл, MP3, ЕП, 320) | Moonlee Records, Направи Заедно |
2013 | Бернајс Пропаганда / Modern Love - Until All Are Free (7") | Stonehenge Records, Направи Заедно |
2015 | Zdravo Mladi Demo (2xФајл, FLAC, Maxi) | kritika.mk, Направи Заедно |
2016 | Mike Watt + The Secondmen*, Бернајс Пропаганда - Mike Watt + The Secondmen / Бернајс Пропаганда (7", ЕП, Bla) | Asian Man Records |
Mike Watt + The Secondmen*, Бернајс Пропаганда - Mike Watt + The Secondmen / Бернајс Пропаганда (7", ЕП, Ras) | Asian Man Records | |
2016 | Castro 19 02 07 (2xФајл, MP3, ЕП, 320) | Balkan Veliki |
2016 | Skopje 2016 Remix EP (10xФајл, MP3, ЕП, 320) | Balkan Veliki |
2018 | Ништо Нема Да Нѐ Раздели (3xФајл, WAV, EP) | Moonlee Records, Geenger Records, Balkan Veliki, Pop Depresija |
2019 | Ретки Билки (Фајл, FLAC, MP3, Сингл) | Balkan Veliki |
Компилации
уредиГодина | Наслов | Издавач |
2007 | Homo Ili SapiensVarious - Нов Бран V 3.0 (ЦД - r, Comp) | PMG Recordings |
2009 | Den Pred Da IsceznamVarious - Разрушая Тюрьмы (ЦД, Comp) | АЧК Москва |
2009 | Se Ke Se RaspadneVarious - Smoke And Spotlight Vol. 4 (ЦД - r, Албум, Comp, Ltd, Num) | Death-rock.de |
2011 | VIP In ParadiseVarious - Centro Sociale - Laut (ЦД, Comp, Smplr) | Centro Sociale e.V. |
2011 | Ovoj Den Da PomineVarious - Kompot (18xФајл, MP3, Comp, 320) | Pot Lista |
2012 | Bezbedno LevoVarious - Ex-Yu No Borders Underground Jamming (ЦД, Comp) | Front Rock, Subkulturni Azil |
2013 | Se Plašam Od Lugje (as Bernay's Propaganda)Various - Zajednička Borba - Antifašistička Akcija - Ujedinjeni Protiv Fašizma (ЦД, Comp) | Zajednička Borba |
2014 | Некои Девоjки (ЦД - r, Comp, Ltd) | MKC Skopje, Ako Nikoj Ne Sviri |
Некои Девоjки (15xФајл, FLAC, Comp) | Ako Nikoj Ne Sviri | |
2014 | Makedonski SonVarious - Kompot Berba 2013. (26xФајл, MP3, Comp, 320) | Pot Lista |
2015 | Сакав да се заљубам (I Wanted To Fall In Love) (Demo)Various - Ra Meat (19xФајл, FLAC, Comp) | Land Animal Tapes |
Сакав да се заљубам (I Wanted To Fall In Love) (Demo)Various - Ra Meat (19xФајл, MP3, Comp, 320) | Land Animal Tapes | |
Сакав да се заљубам (I Wanted To Fall In Love) (Demo)Various - Ra Meat (Cass, Comp, Num) | Land Animal Tapes | |
Сакав да се заљубам (I Wanted To Fall In Love) (Demo)Various - Ra Meat (Artist's Edition) (Cass + ЦД - r, Comp + Ltd, Num, S/Edition) | Land Animal Tapes | |
2015 | Laži Me, Laži MeVarious - Benefit Food Not Bombs (Minsk) (Cass, Comp) | Potato Records (3) |
2018 | Ništo Nema da ne RazdeliVarious - Songs From Under The Floorboard, Vol. 1 - A Compilation Benefitting Planned Parenthood (ЛП, Comp, Ltd) | Accident Prone Records |
2019 | Дарвин нема право / Darwin was WrongVarious - My World is Upside Down (7", Албум, Comp) | PDV |
/ | BuldozerVarious - 28 Fingaz and a Twintoe comp! (Cass, Comp) | Twintoe Records |
/ | Homo 111 SapiensVarious - Benefit Compilation Supporting Shelter For Homeless Animals "Зов Предков" (ЦД - r, Comp) | Not On Label |
Галерија
уредиНаводи
уреди- ↑ Филиповски, Тошо (2018 година). Македонска рок енциклопедија (1963 - 2018). Скопје: Корпус Деликти Рекордс, Тошо Филиповски. стр. 64–70. Проверете ги датумските вредности во:
|year=
(help) - ↑ „Bernays Propaganda“. Discogs (англиски). Посетено на 2023-02-19.
Надворешни врски
уреди- Официјално мрежно место
- Изданија на „Бернајс Пропаганда“ Архивирано на 29 мај 2016 г. евидентирани од ВБУ Музички Регистар.