Кисмет (музичка група)
Кисмет - македонска рок-група, основана од 1993 година од гитаристот на „Мизар“, Горазд Чаповски.[1] Успешно комбинирајќи ги македонскиот фолклор и дарк-рокот, таа станала една од највлијателните групи на македонската музичка сцена.
Кисмет Kismet | |
---|---|
Потекло | Скопје, Македонија / Мелбурн, Австралија |
Жанрови | рок, ЕБМ, традиционални балкански звуци, дарк фолк, авангарда, пост-панк, дарквејв |
Период на активност | 1993 - 2002 година |
Членови | |
(Последна постава 2000-2002) Горазд Чаповски Илија Стојановски Билјана Волческа Димитар Петров Зоран Ориѓански |
Историја
уредиПочетоци
уредиВо јануари 1993 година Горазд Чаповски го создал Кисмет, бенд што ги комбинирал новите ЕБМ/техно-елементи со постари и потрадиционални балкански звуци, притоа користејќи широк спектар на инструменти: класични (гитара, бас и тапани), традиционални (тамбура, зурла, кавал, тапани) и модерни (програмирање семплови).
Првите обиди Горазд ги направил со Гери Смит како вокал снимајќи ја песната The fog, ново исчитување на веќе познатата Магла од опусот на Мизар. Песната, неколку години подоцна била објавена како бонус на реизданието на вториот албум на Мизар, Свајт Dreams 1762-1991. По грешка била наведена како последната песна на Мизар, а всушност е првата снимена песна на Кисмет. Bo 1994 година, Heaven in Asia се појавила и на легендарната македонска компилација, Македонски документ 1.
Покрај лидерот Горазд Чаповски на гитара и Џон Храп како главен вокал, во групата биле вклучени Пеце Казановски на тапани и Методи Кундевски на бас-гитара. Вака консолидираната постава започнала да работи од март 1994 година, подготвувајќи ги материјалите за првиот албум, Dormant Dire, кој бил снимен во јуни 1994 година во Мелбурн, со Кирил Џајковски како гостин во некои песни и со Марк Инграм како продуцент. Дизајнот на омотот го изработила сестрата на Горазд, Виолета Чаповска. Од петте снимени песни, четири се оригинални теми со музика на Горазд и со текстови на Џон, а една, Death song, е тема на Зоран Спасовски и претставува навраќање кон богатиот опус на Мизар.
По неколку концерти во Мелбурн и во околината, Џон си заминал од бендот. Во ваква скратена постава како трио, во наредната, 1995 година во „001 Studios“ во Мелбурн, Кисмет го снимил својот прв целосен албум, Damjan's War.
На почетокот од 1996 година, Чаповски се вратил во Македонија со цел да го промовира албумот Damjan's War, но и да го најави својот следен проект. Поставата што овде ја оформил ја сочинувале басистот од Мизар, Илија Стојановски - Икаљ на бас, и новиот соработник Зоран Ориѓански на тапани. Промотивниот концерт, како и голем дел од концертите на Кисмет, биле во организација на „Авалон продукција“.
Следниот албум Горазд Чаповски го работел во најголем дел самостојно. Албумот содржи 11 траки, од кои една е обработка на легендарната тема на „Velvet Underground“, Venus in furs. Есента 1997 година, Горазд Чаповски го објавил албумот за македонскиот пазар самостојно на касета, промовирајки го на заеднички концерти co Кирил Џајковски, во средината на септември 1997 година во Куршумли ан во Скопје и нешто подоцна во Домот на младите во Штип.
На 10 февруари 1998 година, албумот Wake Up Gods го објавила американската издавачка куќа, „Tone Casualties“. Неколку месеци по официјалното објавување, на 23 мај 1998 година во МКЦ, Кисмет го претставил Wake Up Gods на групниот концерт по повод промоцијата на првиот број на музичкото списание „Град". По една недела се вратил во Австралија и со Кирил Џајковски го чинеле двоецот што под името Кисмет кон крајот на јуни таа година настапиле на голем индустриал - фестивал во Мелбурн. Во ноември 1998 година бендот бил повторно во Скопјe и се подготвувал за самостојни концерти, кои биле одржани на 6 декември во Домот на младите во Штип и на 11 декември во МКЦ во Скопје. Секој посетител како подарок со влезницата го добил и албумот Wake Up Gods.
Турнеја во САД
уредиВо септември 1999 година, во промотивни цели за албумот, групата имала кратка турнеја по САД, во четири различни града: Њујорк, Чикаго, Санта Барбара и Лос Анџелес. Во тој момент, по Леб и сол, Кисмет биле вториот македонски рок-бенд што има отсвирено концерти во Америка.
По враќањето, на 21 декември таа година одржале концерт во Штип, а во јануари 2000 година, следувала една кратка турнеја низ Хрватска и низ Србија, со настапи во Белград, Загреб, Риека и во Панчево. На 03 март 2000 година, Кисмет го свирела и промотивниот концерт во Скопје во МКЦ.
2000 - 2002 година
уредиКисмет имал настап во рамките на фестивалот „Скопје гори“ на 26 мај 2000 година на Скопскиот саем. Во април 2001 година, на текстови на Билјана Волческа, Кисмет создале музика што била снимена во студиото „М-2“ на MPTB. Снимените теми се Мисија, Сонувам и Тим. Песните, освен Сонувам, никогаш не биле поместени на некој носач на звук. Во ноември истата година, Горазд го започнал својот најамбициозен проект до тој момент, снимање нов албум на Кисмет, во студиото „Тра ла ла“ со Мите Димовски како продуцент. На албумот Dreaming кој го објавила „Авалон продукција“ во првата половина од 2002 година, свој придонос дале една плејада македонски музичари од неколку генерации, од Билјана Волческа во адаптацијата на легендарниот хит Сонувам на сараевчаните „Индекси“, до Ристо Вртев, Трајко Симоновски, Мите Димовски, како и Марта Костурска, Тања Тасевска, Горан Трајкоски и Вања Лазарова како вокали во одделни теми.
На последниот концерт на бендот, кој бил всушност и промоција на албумот, поставата ја сочинувале: Икаљ на бас-гитара, Димитар Петров на тапани, Зоран Ориѓански на тапан, Диме Игњатов на клавијатури и Билјана Волческа како главен вокал. На 22 мај 2002 година, како учесници на фестивалот „Скопје гори“, Кисмет го свиреле својот последен концерт во Скопје, а 5 месеци подоцна на 18 октомври 2002 година и последниот концерт во Штип, и воопшто, последен под името Кисмет. Набргу потоа, Горазд добил понуда за реактивирање на Мизар со што групата Кисмет згаснала.
Дискографија
уредиНаслов | Година |
---|---|
V.A. - Fresh Tracks / Heaven in Asia; The fog | 1993 |
Dormant Dire | 1994 |
V.A. - Македонски Документ 1 / Heaven in Asia | 1994 |
V.A. - Dark Eyed And Starry They Were / Zurla | 1995 |
Damjan’s War | 1996 |
V.A. - The Gothic Grimoire-Compilation 2-1996 / Voden 1948 | 1996 |
V.A. - Ceremonial – A Tribute To Joy Division / Love will tear us apart | 1996 |
V.A. - The Gothic Grimoire-Compilation 1-1997 / Cernata semja (with Cream VIII) | 1997 |
Wake Up Gods | 1997 |
V.A. - Dark Eyed And Starry They Were Volume 2 / Wake up gods | 1998 |
V.A. - Music For The Next Century / Assassination | 1999 |
V.A. - Chain D.L.K. Compilation CD #2 / Weaving | 1999 |
V.A. - Redball: Music And Words From The Controversial Motion Picture / Burnt by the sound | 1999 |
V.A. - Mind The Gap Volume 29 / Tenk (instrumental) | 1999 |
V.A. - The Attrition Directive / Love will tear us apart | 1999 |
V.A. - A Tribute To The Mission-Forevermore / Tower of strength | 1999 |
North Atlantic Balkan Express | 2000 |
V.A. - The Electronic Tribute To Pink Floyd / Main theme from the film more | 2000 |
V.A. - Vanja Lazarova-Ritmistica / Slaga se sl’nce da zajde | 2000 |
V.A. - Tribute To Мизар 1985-1991 / Dom; Istekuvam | 2001 |
V.A. - Music 4 New Millennium / Istekuvam | 2001 |
V.A. - Max Trax 2002 / Zid | 2002 |
Наводи
уредиНадворешни врски
уреди- Податоци за изданија Архивирано на 15 април 2023 г. евидентирани од ВБУ Музички Регистар