Остров
земјишен облик кој е целосно заобиколен со водно тело
(Пренасочено од Тропски остров)
Остров е копно опколено од сите страни со вода од море, езеро или река. Неговото потекло може да биде вулканско, корално, или, пак, островот може да биде продолжување на некој континент или врвови на подводни планини. Една заедничка одлика на сите острови е тоа што климата на нив е во голема мерка условена од близината на морето.
Сите острови на Земјата се класифицирани во неколку групи:
- Континентални острови. Вакви се островите кои се наоѓаат во непосредна близина на некој континент, од кој се одделени со не многу длабок проток. Тие, всушност, во геолошка смисла, се продолжение на континентот. Ова го докажуваат некои фосили и видови на карпи. Пример за ваков вид на острови се Британските, кои се наоѓаат на континенталната платформа во Западна Европа, а се одделени од остатокот од континентот со протокот Ламанш, чијашто максимална длабочина изнесува околу 100 m.
- Океански острови. Тоа се островите кои се наоѓаат далеку од континентите и кои имаат различно потекло. Се појавуваат како резултат на некои процеси кои настануваат на и во Земјината кора, како што се издигнувањето до површината на водата на некој дорсал (подводен планински венец), при што високите гребени на подводната планина го образуваат островот, кој најчесто е со доста груб релјеф и големите набирања на првобитните натконтиненти, кои не се споиле со сегашните. Океанските острови се обично со големи димензии. Едни од најголемите океански острови се Мадагаскар и Нов Зеланд.
- Вулкански острови. Тие се директен резултат на вулканска активност која се јавува кај дорсалите или во други центри од овој вид распрснати во океаните. Овие острови најчесто се јавуваат како собрани во огромни појаси, притоа создавајќи вулкански појаси. Ваков вид на острови се создаваат и денес, како што е случај со островот Суртси, близу Исланд, кој се оформил во 1963 година, во текот на една ерупција. Ваквите острови се многубројни во Тихиот Океан, многу од нив се со интензивна еруптивно-вулканска активност. Друг пример се Канарските Острови, кои се оформиле во текот на последните етапи од набирањето на Атлантскиот Дорсал.
- Корални острови. Овие острови имаат биолошко потекло. Се нарекуваат и атоли. Тие се последица на големата активност на коралите. По изумирањето, нивните скелети создаваат една структура која служи како основа за развој на нови корали. На ваков начин може да се постигне голема дебелина. Најдлабоките делови потонуваат и овозможуваат структурата да расте во горниот дел каде има повеќе светлина. Колебањето на нивото на морето овозможува гребенот да излезе на површина, а потоа ерозијата создава почва погодна за растенијата. Тоа се ниски острови, многу малку над нивото на морето. Се создаваат и кога средишната лагуна на некој атол ќе се исуши. Таков пример се островите Голема Барера од австралиските гребени.
Единствен остров во Македонија е Голем Град во Преспанското Езеро.
Список на десетте најголеми острови во светот:
Име на островот | Океан | Земја | Површина (км2) |
---|---|---|---|
Гренланд | Атлантски | Данска | 2 175 600 |
Нова Гвинеја | Тихи | Папуа Нова Гвинеја | 791 439 |
Борнео (Калимантан) | Тихи | Индонезија, Малезија, Брунеи | 725 472 |
Мадагаскар | Индиски | Малгазија | 587 037 |
Бафинова Земја | Северноледен | Канада | 507 451 |
Суматра | Тихи | Индонезија | 473 604 |
Хоншу | Тихи | Јапонија | 227 411 |
Велика Британија | Атлантски | Обединето Кралство | 218 040 |
Викторија | Северноледен | Канада | 212 197 |
Елзмир | Северноледен | Канада | 196 236 |
Островот како тема во уметноста и во популарната култура
уредиОстровот како тема во книжевноста
уреди- „Златните острови“ (шпански: Lis Isclo d'or) - поетска збирка на францускиот поет Фредерик Мистрал.[1]
- „Остров“ - роман на југословенскиот писател Меша Селимовиќ.[2]
- „Езерскиот остров Инсифри“ (англиски: The Lake Isle of Insifri) - песна на ирскиот поет Вилијам Батлер Јејтс.[3]
- „Островот на доктор Моро“ - роман на писателот Х. Џ. Велс.[4]
- „Пурпурниот остров“ - драма на рускиот писател Михаил Булгаков од 1927 година.[5]
- „Острови“ – песна на југословенскиот поет Мак Диздар од 1960 година.[6]
- „Остров“ — кус расказ на македонскиот писател Гето Руди од 2017 година.[7]
- „Островот на Големата Мајка“ - роман на германскиот писател Герхарт Хауптман.[8]
- „Острови во струјата“ (англиски: Islands in the stream) - книга на американскиот писател Ернест Хемингвеј од 1970 година.[9]
- „Остров“ - песна на полскиот поет Збигњев Херберт.[10]
- „Островот што исчезнува“ — песна на ирскиот поет Шејмас Хини.[11]
Островот како тема во музиката
уреди- „Островот на мртвите“ — симфониска поема на рускиот композитор Рахманинов.[12]
- „Острови“ (англиски: Islands) — песна од истоимениот музички албум на британската рок-група King Crimson од 1971 година.[13]
- „Дама од островот“ (англиски: Lady Of The Island) — песна на американската фолк-рок група Крозби, Стилс и Неш (Crosby, Stills & Nash) од 1969 година.[14]
- „Остров“ (англиски: Island) — песна на американската хеви-метал група Мастодон (Mastodon) од 2004 година.[15]
- „Острови во струјата“ (англиски: Islands in the stream) — песна на Доли Партон и Кени Роџерс од 1983 година.[16]
- „Маѓепсаниот остров“ (шпански: Isla De Encanta) — песна на американската рок-група Пиксис (Pixies) од 1987 година.[17]
- „Островот на Гилиган“ (англиски: Gilligan's Island) — песна на американската хардкор панк група Хускер Ду (Hüsker Dü) од 1982 година.[18]
Островот како тема во филмот
уреди- „Острови во струјата“ (Islands in the stream) - филм на американскиот режисер Френклин Шафнер од 1977 година.[19]
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди- Дефиниција на островот (според ОН)
- Список на островите во светот, со многу информации за нивната околина Архивирано на 14 февруари 2008 г.
- ↑ Alphonse Daudet, Pisma iz mog mlina. Zagreb: Znanje, 1986, стр. 15.
- ↑ Васил Тоциновски, „Во потрага по смислата на живеењето: Меша Селимовиќ Дервишот и смртта“, во: Меша Селимовиќ, Дервишот и смртта. Скопје: АЕА издавачи, Матица македонска, 2000, стр. 9.
- ↑ Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 59.
- ↑ Магор, Каталог 2015. Скопје, 2015, стр. 19.
- ↑ „Mihail Bulgakov 1891 - 1940. Hronologija“, во: Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008, стр. 123.
- ↑ Ристо Трифковиќ, „Мак Диздар или Патот до Камениот спијач“, во: Мак Диздар, Горчин. Скопје: Македонска книга, 1968, стр. 138.
- ↑ Гето Руди, Можеше да биде реми. Скопје: Темплум, 2017, стр. 40-41.
- ↑ B. P., „Gerhart Hauptman“, во: Gerhart Hauptman, Čuvar pruge Til – Jeretik iz Soane. Beograd: Rad, 1960, стр. 129.
- ↑ Islands in the Stream by Ernest Hemingway (пристапено на 13.9.2016)
- ↑ Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 276.
- ↑ Шејмас Хини, Песме. Београд: Цицеро, Земун: Писмо, Нови Сад: Матица српска, 1993, стр. 90.
- ↑ YouTube, Rachmaninov: The Isle of the Dead, Symphonic poem Op. 29 - Andrew Davis (пристапено на 5.2.2017)
- ↑ King Crimson – Islands (пристапено на 27.1.2023)
- ↑ Crosby, Stills & Nash – Crosby, Stills & Nash (пристапено на 23.1.2017)
- ↑ Discogs, Mastodon – Leviathan (пристапено на 28 јануари 2021)
- ↑ islands in the stream - YouTube (пристапено на 13.9.2016)
- ↑ Pixies – Come On Pilgrim (пристапено на 1 ноември 2023)
- ↑ DISCOGS, Hüsker Dü – Land Speed Record (пристапено на 3.12.2020)
- ↑ IMDb, Islands in the Stream (1977) (пристапено на 13.9.2016)