Шејмас Хини (13 април 1939 — 30 август 2013) — ирски поет, добитник на Нобеловата награда за литература во 1995 година.

Шејмас Хини, ирски поет

Животопис

уреди

Хини е роден во селото Мосбон, во грофовијата Дери во Северна Ирска, како најстаро од девете деца во едно селско католичко семејство. Детството го минал во родното село, а средното училиште го завршил во колеџот Свети Колумбо во Лондондери. Студирал англиски јазик и книжевност на Краличиниот колеџ во Белфаст, а по завршувањето на студиите, во текот на две години (1962-1963) работел како професор во средно училиште. Набргу станал предавач на Краличиниот колеџ во Белфаст и тогаш се оженил со Марија Девлин со која имал три деца. По враќањето од САД, каде во текот на една година бил гостин-професор на Калифорнискиот универзитет во Беркли, во 1971 година се преселил во Република Ирска. Најпрвин ѓивеел во грофовијата Виклоу, а потоа се преселил во Даблин, каде работел како професор на Католичкиот колеџ Керисфорт.[1]

Творештво

уреди

Хини е еден од најзначајните имиња во современата англиска поезија. Тој дебитирал на книжевната сцена на почетокот од 1960-тите, кога започнал да објавува песни во угледните книжевни списанија. Оттогаш, објавил повеќе поетски дела меѓу кои најпознати се: „Смртта на природонаучникот“ (1966), „Врата кон мракот“ (1969), „Презимување“ (1972), „Север“ (1976), „Полски работи“ (1979), „Избрани песни 1965-1975“ (1980), „Станицата-остров“ (1984), „Шипковата светилка“ (1987) итн. Покрај поетските дела, тој пишувал и кратка проза, објавил и една книга со превод од старата ирска епска поезија, а заедно со Тед Хјуз бил уредник на антологија на поезија за деца. Хини станал миленик на публиката и на критиката уште со првите објавени стихови, а целосната афирмација ја остварил со збирката „Север“. Во неа, тој го стекнал статусот на национален поет, успевајќи да ги пронајде вистинските зборови за пределите, историјата и луѓето на Ирска, вклучувајќи ја и прародителката Земја. Исто така, во својата поезија тој кажал многу непријатни вистини за судирите меѓу католиците и протестантите при што успеал да остане истовремено Ирец и англиски поет. Хини истакнал дека во нашето време христијанските симболи не се доволни за да ги разрешат судирите и недоразбирањата меѓу луѓето, а покрај тоа, го вовел мочуриштето како симбол на ирската земја и на исконското паметење. Трагајќи по константата на траењето, Хини укажува дека насилството е пратеник на човекот од денот на неговото настанување, но од друга страна, како равнотежна константа се јавуваат и љубовта и разумот на љубовта, толеранцијата и помирливоста.[2]

Наводи

уреди
  1. Шејмас Хини, Песме. Београд: Цицеро, Земун: Писмо, Нови Сад: Матица српска, 1993, стр. 93.
  2. Шејмас Хини, Песме. Београд: Цицеро, Земун: Писмо, Нови Сад: Матица српска, 1993, стр. 93-94.