Торбешија
Торбешија — област во јужниот дел на Скопската Котлина во најголем дел во состав на Општина Студеничани и во помал дел во состав на општините Сопиште и Зелениково.
Географија и природни одлики
уредиТорбешија се наоѓа меѓу планинските масиви на Сува Гора и Караџица на запад, Даутица на југ, Голешница и Китка на исток и Скоспката Котлина и западните разграноци на Таорска Клисура на североисток. Во целата област која е од ридско - планински карктер највисок врв е врвот Пепелјак на Караџица со надморска височина од 2475 метри, северно од него е врвот Миленов Камен со 2217 метри надморска височина.На северната страна на областа се врвовите Бајрак со надморска височина од 1527 метри и Китка со 1569 метри. На североисток се наоѓа Кадина Река и разграноците на Таорската Клисура на надморска височина од 960 метри.
Речната мрежа на Торбешија е многу развиена, пред сè со карстните извори на реките: Оча, Пеколник, Патишка Река, Кадина Река и Маркова Река со вкупна должина на воден тек од 200 км и сливно подрачје од 400 км².
Настанок на името и историја
уредиНастанокот на името на областа се поврзува со нејзините жители, Македонците со исламска вероисповед наречени Торбеши. Македонците со исламска вероисповед (т.н. Торбеши) во оваа област започнале масовно да се доселуваат од сливот на реката Радика во Западна Македонија кон крајот на XVIII век[1]. Исламизација на македонското население во оваа област немало, освен само еден македонски христијански род (Панчевци од селото Пагаруша) кој преминал во исламската религија[1].
Терор и насилства врз христијанското население во оваа област постојано биле спроведувани од турските власти и разни разбојници, па така се забележани колежот на сите христијани во селската црква заедно со попот Драгутин во селото Патишка Река, по што постои и месност наречена Крвеница[2], а познати се колежи на христијанско население и во селата Држилово и Умово.
Името Торбешија оваа област го добива кон крајот на XVIII век и почетокот на XIX век[3] по доселувањето на Торбешите (Македонци-муслимани) од Реканскиот крај и Дебарско од селата Жировница, Ростуше, Скудриње и други во Долна Река[3]. Цртите на реканскиот говор, кој е дел од западно-македонското дебарско наречје, како и некои физичкио-антрополошки црти кај луѓето се сè уште забележителни во селата Долно Количани и Цветово[4].
За време на Втората светска војна во овој регион се водени големи борби со балистичките чети, неколку недели пред ослободувањето на градот Скопје.
Уште од времето пред доаѓањето на Турците на Балканот познат е крвавиот судир меѓу селаните на селото Елово и севастократот Прибо поради многубројните неподносливи даноци и работни обврски, кој се проширил низ уште неколку села низ Торбешијата.
Население и демографски процеси
уредиТорбешија денес има 20790 жители од кои 362 се Македонци , 14941 се Албанци, 3825 се Турци, 1662 се Бошњаци. Секако треба да се напомене дека и во оваа област (како и во другите каде живеат Македонци со исламска вероисповед) најголем дел од попишаните Турци и дел од попишаните Албанци се всушност Македонци со исламска вероисповед. Како и останатите македонски региони така и Торбешија ја зафатиле масовни преселби и иселувања, па од 40.000 жители во почетокот на втората половина на XX век, бројот се намалил на 20.000 жители денес.
Најголемиот број жители Торбешија го загубила кон крајот на педесеттите години на XX век кога огромен број од Македонците со исламска вероисповед и Турците масовно се иселил во Турција. Но во овие години се менува и етничката структура на овој регион па така огромниот број Албанци од Косово и Бошњаци од Санџак исто така на пат за иселување Турција, се населуваат во испразентите Македонски и Турски села.
Стратешки важно е тоа што од овој регион Албанците се рашируваат и населуваат во Велешко и централна Македонија, бидејќи од Велешкиот регион ги дели само планината Голешница. Дел од Албанците од Торбешија веќе се имаат населено во велешките села Горно Јаболчиште, Долно Јаболчиште, Бузалково и Сливник, исто така на местото на Турците од овие села кои се иселиле во Турција.
Села во Торбешија
уредиЦентрално место на Торбешија, а воедно и нејзино најголемо село е Студеничани. Останати села во Торбешија се следниве села:
во составот на Општина Студеничани: Батинци, Драчевица, Долно Количани, Горно Количани, Црвена Вода, Алдинци, Цветово, Елово, Црн Врв, Маркова Сушица, Вртекица, Малчиште, Умово, Пагаруша, Калдирец, Осинчани, Рамни Габер, Морани
во составот на Општина Зелениково: Дејковец, Вражале, Гумалево, Тисовица, Палиград, Смесница, Страхојадица, Добрино
во составот на Општина Сопиште: Света Петка, Патишка Река, Јаболци, Чифлик и Држилово.
Економија
уредиГлавна стопанска гранка на Торбешија е земјоделството (полјоделство, сточарство и шумарство) бидејќи изобилува со шуми (100.000 ха, од кои 10.000 ха се во приватна сопственост), ливади и пасишта кои се протегаат на вкупно 80.000 ха (30.000 ха пасишта, 30.000 ха т.н. алпски пасишта и 20.000 природни ливади), а во шеесеттите години на минатиот век преку мелиоративни зафати во 10 села се созададени вештачки ливади, а во 7 села природни ливади.
Полјоделството во регионот се одвива на 20.000 ха обработливо земјшите на кое 11.000 ха се житни култури, 7.000 ха индустриски култури, фуражни култури на 1.400 ха и градинарски култури на 600 ха. Од овој крај е познатиот Студеничански бостан (лубеница). Со употребата на ридско-планински сорти жита во овој регион минатата деценија е остварен просечен принос од 2.300 кг пченица по хектар.
Етнологија
уредиОд големото етнолошко богатство на населението на оваа област најпозната е женската носија. Особено доста добро е проучена женската свадбена носија која е препознатлива по своите златни сирмени везови во пределот на градите. Од оваа област во збирките на народното творештво се запишани и повеќе народни песни, кои за жал се изумрени со промените во етничкиот состав на населението во педесеттите години на XX век.
Културни знаменитости
уредиВо оваа област во близина на селото Маркова Сушица се наоѓа познатиот Марков Манастир изграден од Крале Марко, а возобновен од познатиот македонски просветител Кирил Пејчиновиќ кој бил 20 години игумен на истиот манастир.
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр. 55
- ↑ Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр. 51 и 186
- ↑ 3,0 3,1 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр. 11
- ↑ Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр. 93