Осинчани
Осинчани — целосно раселено село во Општина Студеничани, во областа Торбешија, во околината на градот Скопје.
Осинчани | |
Поглед на дел од селото Осинчани од патот кој води кон с. Црн Врв | |
Координати 41°53′26″N 21°22′17″E / 41.89056° СГШ; 21.37139° ИГД | |
Општина | Студеничани |
Население | 0 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 25103 |
Надм. вис. | 592 м |
Осинчани на општинската карта Атарот на Осинчани во рамките на општината | |
Осинчани на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото Осинчани се наоѓа во јужниот дел на Скопската Котлина, во областа Торбешија, на територијата на Општина Студеничани во средишното сливно подрачје на Маркова Река[2]. Сместено е на десната падина во долот на Патишка Река[3] на преслапот во северното подножје на планините Караџица и Китка. Осинчани е планинско село ,расположено на надморска височина од 700 метри. Од градот Скопје е оддалечено 18 километри[2], односно 25 километри, вклучувајќи ги 4,5 километри од крстопатот пред рудникот за цемент. До него може да се стигне преку патот за Драчево, односно патот кој води за Марков Манастир и вештачкото езеро Козјак во областа Порече, или пак од другата страна преку Горно и Долно Соње. Најблиски села до Осинчани се Јаболци на запад (3 км воздушна линија), Маркова Сушица на североисток (3 км воздушна линија), Малчште на југоисток (2 км воздушна линија) и Држилово на југозапад (4 км воздушна линија)[3]. Атарот на селото зафаќа површина од 11,9 км2, од кои на обработливото земјиште отпаѓаат 700 хектари, на шумите 391 хектар, а на пасиштата 83 хектари[2]. Селото Осинчани е опкружено со густа дабова шума, а се срќеваат и буки и јасики. На атарот на селото избиваат изворите Присој, Млака и Костен[3], на кои е изградена и чешма во средината на селото. Селото се дели на три маала: Ристовска (десно од долот), Трајковска и Јанковска (лево од долот), според родовските презимиња на жителите[3]. Густата шума се протега над селото, додека под селото и во долот се пространите пасишта. По патот во правец на соседното село Црн Врв пределот е зарамнет, со тревнати ливади и по некоја нива - ораница.
Историја
уредиНаоѓалиштата близу до селото Осинчани, на околу 13 км воздушна линија јужно од центарот на Скопје, изобилуваат со пронајдоци на исклучително специфична материјална култура од праисторијата, новото камено време и антиката, која сведочи за долг континуитет на живеење на овие простори. Селото Осинчани се смета за многу старо село како според народните традиции и преданија, така и по старините, археолошките пронајдоци и пишаните документи.
Во повелбата на кралот Милутин за обновениот стар манастир Свети Ѓорѓи - Горг Скоропостижник во Скопје, од 1300 година, како негови приложени села од овој крај се споменуваат Барово, Козарево, Винско или Синско и Златоустинчани, за кое со сигурност може да се утврди дека се однесува на Осинчани[3]. Народното предание вели дека селото Осинчани било големо македонско село со околу 300 домови и пространи ораници, а било распределено и во повеќе оддалечени маала во пределите Брзовец, Кочково, Црна Лома, кои во случај на некаква потреба биле повикувани на тој начин што некој човек од возвишението на некој рид чукал во тапанче[3]. За староста на селото сведочат и остатоците од неколку црквишта, за кои селаните сметале дека се римски. Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Скопскиот Вилает и имало 42 христијански семејства и 4 вдовици христијани.[4]
Во XIX век, селото е дел од нахијата Каршијак во Скопската каза во Отоманското Царство.
Споменатото старо село Осинчани, за време на турското владеење, еднаш било во голема мера раселено поради големите злодела кои врз Македонците ги вршеле поедини муслимани, при што дел од иселените жители преминале и се населиле во селото Градовци во сливот на Кадина Река[5] на падините на Китка. Кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, земјиштето во селото Осинчани го приграбиле некои скопски „беглери“, бидејќи според народното предание, една година во селото владеел страшен глад, поради што селаните од беговите позајмиле „сто шиници просо“, кои не можеле да ги вратат, па затоа беговите го почифличиле селото[5]. Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ објавен во „Цариградски весник“ на 1 мај 1855 година за Осинчани запишал дека е добро плодно село богато од секакво плодородие, а неговите древности едвај се забележувале[6]. Во 1907 година македонските комити од четата на ВМРО во Осинчани го убиле најсилниот поседник Рамиз-бег, при што за одмазда селото било нападнато од страна на Македонците - муслимани (Торбеши) од Држилово и Албанци од другите села, запалувајќи ги сите тогашни 17 македонски куќи и приморувајќи ги на иселување тогашните жители[5]. На местото на иселените жители, биле населени 8 семејства на косовски Албанци, кои поради тоа што на сопствениците на чифлиците не им давале дел од своите производи и се обидувале да ја присвојат земјата биле иселени во велешкото село Џидимирци, источно од Пчиња, а на нивно место во 1910 година повторно биле вратени 9 куќи од иселените Македонци претходни жители на Осинчани[5].
Потекло и значење на името
уредиЗа потеклото и значењето на името Осинчани постојат повеќе непотврдени претпоставки. Споре П. Скок името Осинчани би требало да потекнува од зборот осинец кој означува стршлен, меѓутоа таков збор не е присутен ниту познат во местниот говор и дијалект, ниту во топономастиката на овој крај[5]. Бидејќи селото е поставено присојно, Ј. Трифуноски сметал дека името не може да потекнува од зборот осој, осојница[5] (место кое не го грее сонце). Меѓутоа од пишаните извори каде што селото се споменува како Златоустинчани името на селото може да води потекло од светецот Св. Јован Златоуст, или пак од некогашни ископини на злато (златоусти) кои постоеле во минатото или пак неговата положба да била осојна во подалечното минато.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, каде имало 9 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 45 мажи христијани, со 5 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 100 жители.[7]
Стефан Верковиќ во 1857 година го забележува со 83 жители.[8]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото Осинчани имало 120 жители, сите Македонци[9].[10] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Осинчани имало 120 Македонци[9], под врховенството на Бугарската егзархија.[11]
После Втората балканска војна, 1913 г. селото влегува во границите на Србија, како дел од општина Говрлево и има 76 жители.[12]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 100 Македонци.[13]
Сепак во селото постојат и се обновени поголем број на стари куќи на иселени жители од селото, како и сосема новоизградени куќи и викендички кои се посетуваат во летниот, пролетниот и есенскиот период, кога селото брои и до 70ина повремени жители. Неколкумина поранешни повозрасни жители, пензионерските денови ги минуваат во селото, останувајќи постојано да живеат во него, при што селото има околу 10ина постари луѓе кои постојано престојуваат во него, но не се водат како негови жители.
Статистички селото бележи постојан пад на населението, во 1961 година тоа броело 170 жители, а во 1994 само 2 жители, Македонци[2].
Според пописот од 2002 година, во селото бил запишан само 1 жител, Македонец.[14]
Според последниот попис од 2021 година, во селото немало жители.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 120 | 120 | 161 | 185 | 170 | 23 | 12 | 6 | 2 | 1 | 0 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[15]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[16]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]
Родови
уредиСелото Осинчани отсекогаш било населено со православни Македонци.
Според истражувањата од 1950 година родови во селото биле:
- Староседелци: Јанковци (4 к.), Тодоровци (2 к.) и Бриовци (1 к.)
- Доселеници: Шијаковци или Ристовци (5 к.) и Трајковци (8 к.) потекнуваат од ист предок. Доселени се во турско време од местото Шијак во Албанија по кое и го добиле името. Од таму избегале поради крв. Кога дошле во селото биле христијани и збореле на нашински (македонски).[5]
Стопанство
уредиВо основа селото имало полјоделска функција[2], меѓутоа со раселувањето и повремениот живот во него тоа главно има шумарско-сточарска функција. Од земјоделството најзастапено е градинарството, односно одгледувањето зеленчук (пиперки, домати, краставици, кромид, лук, моркови) на отворено и под плaстеници, за сопствени потреби, како и овоштарството преку насади на цреши, вишни, јаболка, круши, како и лозови насади. На бујните пасишта и грмушки на падините се напасуваат овци, кози и крупен добиток како крави од околните села, а во голема мера е застапено и пчеларството и производството на мед. На атарот на селото се сечат и дрвја за огрев, а постојат и ископи за цемент, камен и песок, пред влезот на селото. На крајот на селото во фаза на изградба е и фармата за ноеви во сопственост на Димо Тодоровски, некогашен жител населото.
Личности
уредиЛичности родени во Осинчани:
- Цветан Зафировски (1922-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
Иселеништво
уредиИселеници од Осинчани се забележани во Говрлево, Драчево, Јаболци, Долно Соње, Сопиште, Маркова Сушица, Матка, градот Скопје (Кисела Вода и други маала), како и во Бугарија во Софија[19]. По Втората светска војна најголемиот дел од населението се иселило во Скопје, а подоцна еден мал дел од нив и во странство
Културни и природни знаменитости
уредиВо наоѓалиштето Дабје е регистрирана веројатно надгробна плоча (1,20 х 0,60х 0,10) со барелјефна композиција во вид на стилизирана еленска глава со нагласени очи и нос што по својот општ ликовен третман асоцира на мотивите од скулптурите на лепенсковирската уметност.
На самиот врв на планината Црна Лома или Илина Гора, веднаш над селото Осинчани, се зачувани мегалитски структури во вид на долмени, кои формираат светилиште, т.е. првобитен организиран затворен простор, заграден од трите страни со карпи и покриен со поголема масивна карпа. Кон светилиштето води "патека" обложена со поголеми необработени камени блокови. Во непосредна близина на светилиштето се регистрирани повеќе натписи на карпи и камења со асоцирање на симболичка претстава на соѕвездијата "Скорпија", "Вага", "Змееносец", "Овен", "Риба", "Крст" итн., а на поголема карпа со димензии 3,80 х 2,85 м има и изгравиран круг со пречник 1,35 м и екцентрично издлабена дупка со пречник околу 8 см во површината на кругот,кои фактички заеднички формираат ПЛАНЕТАРЕН ЗНАК НА СОНЦЕТО.
На јужната страна на Црна Лома или Илина Гора, во наоѓалиштето Присој, се регистрирани уште две светилишта во вид на ДОЛМЕНИ, од кои едното со својата просторна организација го симболизира соѕвездието "Стрелец" и има елементи на нагласена космографија.
На атарот во непосредната околина и во селото постоеле 4 црквишта, од кои 2 се денес возобновени, тоа се Св. Никола (возобновена), Св. Петка, Св. Атанасиј (возобновена) и една на непознат светител.
Цркви
уреди- Црква „Св. Никола“ - Осинчани - на самиот влез на селото, од десната страна на патот
- Црква „Св. Атанасиј“ - Осинчани
Галерија
уреди-
Глетка од Ристовското маало во Осинчани
-
Стара македонска куќа - „чардаклија“ во Осинчани
-
Глетка од Осинчани
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.224
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.150
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.491
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.151
- ↑ Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр.79
- ↑ Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
- ↑ Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
- ↑ 9,0 9,1 Македонците биле забележани како Бугари.
- ↑ Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.209
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905, р.116-117.
- ↑ Речник на местата во ослободената област Стара Србија по службени податоци. Белград: Мил. Ант. Вујиќ. 1914.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.[мртва врска]
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Архивирано од изворникот на 2012-03-24. Посетено на 6 август 2020.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр.151-152
Надворешни врски
уреди- Сателитска снимка на Осинчани на Карти на Гугл