Цветово
Цветово — село во Општина Студеничани, во областа Торбешија, во околината на градот Скопје.
Цветово | |
Поглед на селото Цветово | |
Координати 41°51′29″N 21°24′34″E / 41.85806° СГШ; 21.40944° ИГД | |
Општина | Студеничани |
Население | 809 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 25162 |
Надм. вис. | 921 м |
Цветово на општинската карта Атарот на Цветово во рамките на општината | |
Цветово на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото Цветово се наоѓа во областа Торбешија. Поточно, Цветово се наоѓа во југозападниот дел на Скопската Котлина во горното сливно подрачје на Маркова Река во рамките на територијата на Општина Студеничани[2]. Расположено е на падината на Мокра Планина во изворишниот дел на потокот Цветовска Река, која како десна притока на Маркова Река[3] се влева во неа непосредно кај Марковиот манастир. Селото Цветово е сместено во мало седло - преслап веднаш под самиот врв наречен Пијанче (1170 м.н.в.) на огранката на Караџица и масивот Мокра која се нарекува Темна Бука. Цветово е видливо и се гледа директно во права линија од крстот на врвот на Водно. Според ваквата местоположба селото е планинско на надморска височина од 820 метри[2]. Од градот Скопје е оддалечено 33 километри[2]. Во Цветово се разликуваат главниот селски дел наречен Село кој се состои од Рамчевско, Шундевско, Рабовско, Скендеровско, Шабановско и Исовско маало и двете оддалечени маала Лениште, Стругарска Река и Рамниште основани пред 150, 85 и 102 години. Првите две се оддалечени околу 1 час одење јужно од селото, поради што тоа има разбиен тип[3]. Сепак, овие оддалечени маала како Лениште или „старо Цветово“ денес имаат по мал број на куќи во кои не живее постојано население туку само привремено престојуваат неговите жители за извршување на сточарски потреби поради зарамнетите услови на теренот и поширокото пространство. Маалата Лениште и Рамниште се наоѓаат на коњскиот и планинарските патеки кои водат кон бачилата на Празни Торба и планинарскиот дом „Караџица“ и околу нив има поила за стока. Атарот на селото Цветово зафаќа површина од 14,7 км2, на кои шумите заземаат површина од 762 хектари, на пасиштата отпаѓаат 361 хектар, а на обработливото земјиште 307 хектари[2].
Историја
уредиЖителите на Цветово, кое е денес целосно македонско муслиманско село, знаат дека тоа некогаш порано било македонско православно христијанско село[3]. Доказ за тоа се пишаните турски документи од средновековиот период од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 од 1452/1453 година за тогашниот Скопски вилает, каде селото поради непостоење на буквата ц во арапската азбука е запишано како Исветово и во него живееле вкупно 5 македонски христијански семејства на Стајо син на Продан и неговиот брат Радош, Дабе син на Минчо и неговиот брат Рале и сиромавиот Тихомир, коишто одгледувале лозја за што остварувале приход од 515 акчиња[4]. Подоцна во XVI век, во 1544 селото имало 9 македонски христијански семејства, а во 1568 биле забележани 5 христијански семејства[4]. Муслиманите започнале да се населуваат од крајот на ХVIII век, при што христијаните почнале постепено да се иселуваат[3]. До пред околу 110-120 години во Цветово се познавала куќата на тогаш последното иселено христијанско православно семејство[3]. Од некогашното христијанско население останале некои топографски називи како името на селото, месноста Стојаново Трло итн[3]. Остатоци од старини има во месностите Дабово, Куќиште и Драгонош, северозападно од селото, каде биле изорани „старовремски гробови“ и остатоци од куќи[3]. Стари гробови биле пројандени и во месностите Рид и Цуцул, но нивните видните знаци биле растурени од мештаните со текот на времето[3]. Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ објавен во „Цариградски весник“ на 1 мај 1855 година забележувајќи ги природните убавини на неговата непосредна околина, за селото Цветово запишал дека е со разни полски украси и весели зеленини и има урнисани цркви[5]. Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, селото имало 450 жители муслимани (Македонци).[6]
Во XIX век, селото е дел од нахијата Каршијак во Скопската каза во Отоманското Царство.
Потекло, значење и предание за името
уредиИмето на селото Цветово е потекло и значење на македонски јазик, кој е мајчин и говорен на жителите на селото. На името Цветово соодветствува и самата природа на околината која има изобилство на цветни ливади исполнета со најразновнидни планински цвеќиња и цветни растенија. Сепак постојат и неколку народни преданија, кои се поврзуваат со лични имиња и историскиот периодот кога во селото живееле христијани. Едно народно предание за настанокот на името забележал П. Скок, во кое се вели дека во овој крајв во дамнешното минато живееле тројца браќа Будим, Умар и Цветан кои се заселиле и ги основале селата Будилово (на атарот на Умово), Умово и Цветово кое настанало од името на Цветан[3]. Јован Трифуноски забележал две верзии на народно предание поврзано со настанокот на името Цветово. Според едната која му ја кажале месни жители на селото, таму некогаш живеела некоја жена по име Цвета од која останало името на селото[3]. Во другата верзија која ја слушнал во блиското село Добри Дол наведува дека Цвета според која селото го добило името, останала како единствен жител на селото откако „Турците“ (муслиманите) ги истерале останатите селани - христијани[3].
Стопанство
уредиСпоред составот на селскиот атар Цветово има мешовита земјоделска функција[2]. Земјоделството е главната стопанска гранка од која се издржува населението, но поради не многу поволните услови за негов развој, значаен број на жители се занимава и со разни други дејности надвор од селото во градот Скопје и странство. Од скромните услови за поледелство најмногу се одгледува грав со добар квалитет[7], потоа тутун, кромид и многу малку стрни планински жита. Поради поволните услови во поголема мерка е развиено сточарството, односно одгледувањето крупен добиток како крави, телиња, волови, коњи и магариња за кои има бројни поила и штали на падините северно и јужно од селото. Застапено е и овчарството за кое во летниот период селани од Цветово имаат бачила на месностите Празни Торба, Бегово Поле и Салакова Планина. Главни мајстори за правење на сирење и преработка на млекото - бачови на нивните бачила се постари Македонци христијани од соседните блиски села на јужната падина на Водно - Добри Дол, Сопиште, Ракотинци и Долно и Горно Соње кои во минатото имале свои заеднички бачила на овие места[8]. Поради поволните услови Цветово е едно од неколкуте познати скопски села од овој крај кои се големи производители на јагоди, а значаен дел од жителите се занимаваат и со собирање на шумски плодови како капини, малини, шипинки и дренки кои заедно со гравот се продаваат на познати купувачи или на Зелениот пазар во Скопје[7]. Густите букови и дабови шуми на атарот јужно од селото кој се протега на падините на пределите Темна Бука, Празни Торба во поречието на Кадина Река на Караџица нудат услови дел од населението да се занимава и со шумарство и сеча на огревно дрво. Значаен дел од жителите се занимаваат и со други занаети како градежништво, плочкарство, ѕидарство, санитарија и трговија во градот Скопје, околните поголеми села и странство, пред сѐ во западна Европа.
Население
уредиСпоред опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било муслиманско, со 36 муслимански домаќинства. На овој попис биле забележани 85 мажи муслимани, со 6 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 182 жители.[9]
Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 458 жители.[10]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 900 Македонци.[11]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во 1961 година селото Цветово броело 519 жители, додека во 1994 бројот на жителите се зголемил на 847 од кои 835 се изјасниле како Турци, а 12 како Македонци[2].
Според пописот од 2002 година, во селото Цветово живееле 807 жители, од кои 805 се изјасниле како Турци и 2 други. По етничко потекло населението се Македонци-муслимани, а поради политичко-религиски причини се изјасниле како Турци.[12]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 809 жители, од кои 1 Албанец, 592 Турци, 1 останат и 215 лица без податоци.[13]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 450 | — | 906 | 967 | 519 | 461 | 610 | 838 | 847 | 807 | 809 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]
Родови
уредиЦветово e торбешко село.
Според истражувањата од 1950 година, родови во Цветово се:
- Доселеници: Скендеровци (17 к.) доселени се од селото Жировница поради мака од Албанците. Го знаат следното родословие: Садик (жив на 83 г. во 1950 година) Муртезан-Мустафа-Нуредин-Скендер, кој се доселил во селото пред околу 240 години; Рамчевци (20 к.) доселени се од селото Ростуше; Ибраимовци (6 к.) гранка се од родот Рамчевци; Рамбовци (15 к.) доселени се исто така од селото Ростуше, го знаат следното родословие: Абаз (жив на 40 г. во 1950 година) Мурат-Раман-Љатиф-Раман, кој се доселил; Шундевци (10 к.) имаат потекло како и родот Скендеровци (Жировница); Шабановци (14 к.) и Исовци (18 к.) доселени се исто така од селото Ростуше; Бегалци (6 к.) доселени се од некое село во Долна Река; Реканци (3 к.), Чајланци (6 к.) и Јашаровци (3 к.) потеклото на овие родови е албанско. Првиот род е доселен од некое село во Горна Река, вториот род во е доселен од Чаја во Калиса (с. Албанија), а третиот род од селото Црн Врв, поддалечно потекло од Горна Река. Мешајќи се со Торбешите го имаат примено македонскиот јазик.
Бидејќи повеќето родови во селото се доселени од селото Ростуше, населението од другите села говори дека населението на Цветово зборува по ростушки.[3]
Иселеништво
уредиОд Цветово има голем број на иселеници. Од родовите Скендеровци (8), Рамчевци (2), Шабановци (4), Шундевци (3) и Исовци (2) има вкупно 19 семејства иселени во Скопје и Турција, додека родот Имеровци во Арачиново пред крајот на турското владеење се доселил од Цветово[3].
Културни и природни знаменитости
уреди- Џамии
- Џамија - селската џамија
- Реки
Галерија
уреди-
Панорама кон западниот дел
-
Панорама кон западниот дел
-
Панорама кон западниот дел
-
Панорама од западниот дел
-
Панорама од западниот дел
-
Сред село
-
Стара куќа до џамијата
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Панов, Митко (1998). „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје. стр. 310.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Ф. Трифуноски, Јован (1958). „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“ (српски). Филозофски факултет Скопје. стр. 174-176.
- ↑ 4,0 4,1 Соколоски, Методија (1976). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 214.
- ↑ Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр.81
- ↑ Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.209
- ↑ 7,0 7,1 Забележал Марио Шаревски во разговор со Алит - жител на с. Цветово во август и септември 2014
- ↑ Забележал Марио Шаревски во разговор со бачот Павле од с. Сопиште (по потекло од Соње) и месни жители на 04.08.2014
- ↑ Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на муслиманското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2020.
- ↑ Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Архивирано од изворникот на 2012-03-24. Посетено на 5 март 2021.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
Надворешни врски
уреди- Сателитска снимка на Цветово на Карти на Гугл