Силвија Плат (27 октомври 1932 година - 11 февруари 1963 година) била американска поетеса и писателка. Нејзиното најпознато дело е „Стакленото ѕвоно“ (The Bell Jar) што е полуавтобиографска книга за нејзината борба со клиничката депресија. По нејзиното самоубиство во 1963 година,[4] таа стекнала статус на икона и се смета за една од најдобрите поети на нејзината генерација.

Силвија Плат
Плат на возраст од 20 години.
Занимањепоетеса, писателка
НационалностАмериканка
Жанравтобиографија, детска литература, феминизам, ментално здравје, roman à clef
Книжевно движењеисповедничка поезија
Значајни делаСтакленото ѕвоно и Ариел
Значајни наградиПулицерова награда за поезија
Сопруг/аТед Хјуз (1956-1963)
ДецаФрида Хјуз
Николас Хјуз (починат)

Животопис

уреди

Плат е родена во Бостон, Масачусетс, а детството го поминала во близината на Бостон, во градот Винторп, на брегот на Атлантскиот Океан. Мајка ѝ Аурелија била по потекло од Австрија, а татко ѝ Ото Плат во младоста емигрирал од Полска. Тој бил многу трудољубив, имал голема дарба за изучување на јазиците (покрај германски, тој зборувал и полски, англиски и француски), а оосбен успех покажувал во природните науки. Така, тој станал професор по биологија на универзитетот во Бостон (бил познат експерт за пчели), но предавал и хуманистички дисциплини. Ото Плат умрел во 1940 година од емболија по ампутацијата на ногата (како последица на дијабетес) кога Силвија имала осум, а нејзиниот брат Ворен пет години. Неговите две деца не присуствувале на закопот, а тие ретко го поминувале времето со татко им и во текот на неговата четиригодишна болест. Во својот дневник, Силвија Плат запишала дека првите девет години од нејзиниот живот останале запечатени „како брод во шише“.[5][6]

Во средношколските денови, Силвија Плат била уредничка на училишниот весник, а била ангажирана и бројни општествени активности. Во септември 1950 година се запишала на најголемиот женски колеџ во светот, Колеџот Смит (Smith College) во Нортхемптон, Масачусетс, благодарение на стипендијата од фондацијата на писателката Олив Хигинс Праути, која подоцна станала нејзина покровителка и пријателка. Летото 1953 година било пресудно во животот на Плат, зашто тоа било време на успех и почести, но потоа западнала во тешка психичка криза што траела шест месеци, по што следел период на постепено закрепнување. Така, во текот на јуни 1953 година, Плат била во Њујорк, како една од 12 добитнички на стипендијата на списанието „Мадмозаел“, каде имала можност да им помага на уредничките на списанието. Овој период, Плат го опишала како „бран на креативен, општествен и финансиски успех“. Меѓутоа, по завршувањето на престојот, таа паднала во депресија, а страдала и од несоница и нарушување на однесувањето, поради што била задржана во психијатриска болница каде ја лечеле со електро-конвулзивна шок-терапија (ЕЦТ). Овој период, таа го опишала како „мрак, очај, губење на илузиите - црн како што само може да биде Инферното на човечката душа“. Како последица на тоа, на 24 август 1953 година се обидела да изврши самоубиство, по што била примена во болницата во Белмонт, каде ја лечеле со инсулинска терапија и со електро-шокови. Пролетта 1954 година, Плат ги продолжила студиите на Колеџот Смит, каде дипломирала во 1955 година, на проблемот на двојната личност во делата на Достоевски. Есента, истата година, како добитник на Фулбрајтовата стипендија, престојувала на колеџот Њунам во Кембриџ, Англија, каде објавила неколку песни во студентскиот магазин „Варсити“. Таму, во февруари 1956 година го запознала Тед Хјуз со кого се омажила на 16 јуни истата година, откако претходно добила согласност до својата мајка, а датата на венчавката била избрана во чест на Џејмс Џојс. Во јуни 1957 година, Плат и Хјуз заминуваат во САД при што таа предавала англиски јазик на Колеџот Смит, а потоа во Бостон го посетувала поетскиот семинар на Роберт Лоуел, каде се запознала со поетесата Ен Секстон.[7]

Во декември 1959 година, брачниот пар Хјуз се преселил во Лондон, а на 1 април 1960 година Силвија ја родила ќерката Фрида Ребека Хјуз. Во февруари 1961 година, таа имала спонтан абортус и операција на слепото црево, но за нецела година, на 17 јануари 1962 година, го родила синот Николас. Истата година настапила криза во бракот со Тед Хјуз, таа имала и здравствени проблеми, во октомври ја напуштил сопругот. За пропаста на нејзиниот брак се наведуваат различни причини, од нејзината психичка состојба (биполарно нарушување, т.е. манична депресија, шизофренија, опсесивно-компулсивно нарушување, итн.) до врската на Тед Хјуз и Асја Вевил. Во половината на декември 1962 година, Силвија и децата се преселиле во куќата со број 23 на улицата Фицрој во која своевремено живеел Вилијам Батлер Јејтс.[8] Зимата 1962/1963, Силвија Плат го поминала својот последен викенд во куќата на Џилијан Бекер при што таа изгледала среќно. Меѓутоа, на 11 февруари 1963 година, Силвија Плат извршала самоубиство задушувајќи се со гас во сопствената кујна. Нејзините две деца, тригодишната Фрида и едногодишниот Николас, биле пронајдени живи и во совршена здравствена состојба, бидејќи таа ги сместила во друга соба, одлично изолирана со водени кујнски крпи, отворајќи го прозорецот од собата на децата за да не вдишат гас.[9] Плат била погребана на гробиштата во Хептонстал, Западен Јоркшир. Шест години по нејзиното самоубиство, на сличен начин умрела и Асја Вевил, љубовницата на Тед Хјуз, но таа ја убила и четиригодишната ќерка Шура на која еден ден претходно ѝ дала апчиња за спиење. Инаку, во врската со Хјуз, Асја останала бремена, а се претпоставува дека Силвија Плат знаела за тоа. Набргу по смртта на Силвија, Асја абортирала, а Тед Хјуз најверојатно бил биолошки татко на Шура Вевил. И синот на Силвија Плат, Николас завршил на сличен начин, извршувајќи самоубиство на 16 март 2009 година, по долготрајната борба со депресијата. Ќерката на Силвија Плат, Фрида Хјуз, се занимава со сликарство, пишува поезија и книги за деца , а покрај британското државјанство, во 1992 година зела и австралиско државјанство.[9]

И покрај брачната криза, Силвија Плат не започнала постапка за развод, така што целото наследство му припаднало на Хјуз, кој со писмо се обратил до The Guardian велејќи дека Силвија никогаш сериозно не размислувала за развод, туку тој и Силвија планирале заедничка иднина. Во 2017 година биле откриени писмата на Плат од периодот помеѓу 18 февруари 1960 и 4 февруари 1963 година, кои откриваат дека Тед ја тепал два дена пред нејзиниот спонтан абортус во 1961 година и дека ѝ кажал дека сака таа да е мртва.[10] Една книжевна критичарка духовито го претставила Хјуз како најозлогласениот сопруг во историјата, по Ксантипа.[11]

Творештво

уреди

Силвија Плат почнала да пишува поезија уште во детството, а во адолесцентските години нејзината книжевна дејност станала систематична и дисциплинирана: водела дневник, ги средувала своите белешки, го проучувала речникот на синоними кој му припаѓал на татко ѝ, итн. Својот прв расказ, „Летото нема повторно да дојде“ го објавила во август 1950 година, во списанието Seventeen, но пред тоа ѝ биле одбиени дури 45 прилози, понудени во разни весници. Во 1951 година ја освоила првата награда за проза на конкурсот што го распишало списанието „Мадмоазел“, а исто така освоила и две поетски награди на Колеџот Смит. Така, во 1955 година ја освоила престижната награда Glascock за нејзината поема „Two Lovers and a Beachcomber by the Real Sea“. Својата прва поетска книга, „Колос“ (The Colossus), Плат ја објавила во октомври 1960 година, а во текот на 1962 година интензивно работела на збирката „Ариел“. Во јануари 1963 година, еден месец пред нејзината смрт, бил објавен романот „Стакленото ѕвоно“. Во 1965 година излегла од печат поетската збирка „Ариел“, а во 1971 година се појавиле двете збирки со необјавените песни на Плат, „Премин преку водата“ (Crossing the water) и „Зимски дрвја“ (Winter Trees). Во 1977 година, Хјуз ги собрал расказите, есеите и записите од нејзиниот дневник и ги објавил под насловот „Џони Пеник и Библијата на соништата“ (Johnny Panic and the Bible of Dreams). Во 1982 година, на Плат ѝ била посмртно доделена Пулицеровата награда за „Собраните песни“ (Sylvia Plath: The Collected Poems), а истата година, во САД биле објавени „Дневниците на Силвија Плат, 1950-1962“ (The Journals of Sylvia Plath, 1950-1962). Покрај овие дела, се тврди дека постоел ракопис од нејзиниот недовршен роман „Двојна експлозија“ во кој се опишува бракот со Тед Хјуз, за кој се тврди дека имал околу 70 страници, но ракописот не бил никогаш пронајден.[12]

Творештвото на Плат симболично било заокружено во 1998 година, кога Хјуз ја објавил својата поетска збирка „Роденденски писма“ (Birthday Letters), посветена на неа, а насловната страна на збирката била направена од ќерката Фрида. Инаку, Хјуз бил извршител на поетскиот тестамент на Плат, иако е познато дека токму тој ја уништил последната тетратка од нејзиниот дневник, со објаснение дека тоа го направил „од обѕир кон нивните деца“.[13] Многу критичари сметаат дека Хјуз се обидувал да ги контролира сите можни публикации на Силвија Плат сè до неговата смрт во 1998 година. Дури и откако по многугодишното криење, тој го открил нејзиниот дневник, Хјуз цензурирал делови од нејзините текстови. Тој дури ја цензурирал и нејзината стихозбирка „Ариел“, отфрлајќи ги песните кои се однесувале на него.

Во историјата на американската книжевност Плат важи за редок пример на „школуван талент“, истакнувајќи се со способноста на несигурните темели (нарушеното ментално здравје и психичкото растројство) да изгради автентично уметничко дело. Во нејзината поезија} внимателно и ефектно се соочени хистеријата и егзалтацијата, лиричноста и жестокоста, еруптивните емоции и внимателно оформените метафори. Таа е клучниот претставник на т.н. „конфесионална поезија“ која се одликува со непосредност и отвореност во обработката на темата на „приватниот пекол“, но исто така и со страст за самоуништување поради која критичарот Роберт Скоулз изјвил дека нејзините дела се напишани „меѓу две самоубиства“. Нејзините песни се инспирирани од приватните и егзистенцијалните теми при што таа се драматизира себеси во многу необични улоги: таа се набљудува себеси како жртва на масовни злосторства, како одраз на митолошките и библиските јунаци, а главните машки ликови се претставени како спасители или предавници, па дури и како нацистички мачители. Од друга страна, на нејзината поезија не ѝ недостасуваат идилични и пријатни теми, слики од природата и мајчински мотиви.[14]

Плат извршила големо влијание во феминистичкото движење при што била сметана за „симбол на уништениот женски гениј“. Така, писателката Онор Мур ја опишува збирката „Ариел“ како означувањето на почетокот на феминистичкото движење, велејќи: „Кога Ариел од Силвија Плат била објавена во САД во 1966 година, американските жени ја забележале. Не само жените кои вообичаено ги читаат песните, туку и домаќинки и мајки чии амбиции се разбудиле [...] Ова е жена, извонредно обучена во нејзиниот занает, чии песни бескомпромисно го мапираа женскиот гнев, амбивалентност, и тагата, во еден глас со кој се идентификувале многу жени.“[15]

Во тој поглед, самата Плат има изјавено:

Да, мојата најголема желба е да се мешам со морнари и војници, редовните во баровите - да бидам дел од сцена, анонимна, слушајќи, снимајќи - сето тоа е овознеможено од фактот што сум жена, жена секогаш наводно во опасност од напад. Мојот интерес за мажите и нивните животи често е погрешно сфатен како желба да ги заведам, или како покана за интимност. Сакам да зборувам со сите длабоко колку што можам. Сакам да бидам во можност да спијам на отворено поле, да патувам на запад, слободно да одам во текот на ноќта...[16]

Белешки

уреди
  1. Introduction to Twilight at the Equator: A Novel by Jaime Manrique. University of Wisconsin Press, 2003 ISBN 0-299-18774-8
  2. Journal of Modern Literature, Vol. 1, No. 1 (1970), pp. 57–74
  3. Zusak interview for The Book Depository accessed 2010-02-21
  4. Becker. (2003)
  5. Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 13-14.
  6. Steven Axelrod. „Sylvia Plath“. The Literary Encyclopedia, 17 Sept. 2003, The Literary Dictionary Company (April 24, 2007), University of California Riverside. Посетено на 2007-06-01.
  7. Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 14-15.
  8. Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 15-16.
  9. 9,0 9,1 Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 25.
  10. Kean, Danuta (2017-04-11). „Unseen Sylvia Plath letters claim domestic abuse by Ted Hughes“. The Guardian (англиски). ISSN 0261-3077. Посетено на 2017-04-14.
  11. Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 11-12.
  12. Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 14-16.
  13. Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 16.
  14. Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 9-10.
  15. Boston Review. Article by Honor Moore. March/April 2009. After Ariel: Celebrating the poetry of the women’s movement Архивирано на 18 февруари 2013 г. Accessed 2010-07-09
  16. „Feminspire“. Архивирано од изворникот на 2016-03-14. Посетено на 2015-10-12.

Надворешни врски

уреди
 
Викицитат има збирка цитати поврзани со: