Подгорци
Подгорци — село во областа Дримкол, Општина Струга.
Подгорци | |
Поглед на селото Подгорци | |
Координати 41°15′33″N 20°35′44″E / 41.25917° СГШ; 20.59556° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Струга |
Област | Дримкол |
Население | 2.430 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 6336 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 26040 |
Надм. вис. | 800-1000 м |
Слава | Голема Богородица за православното население Рамадан Бајрам за муслиманското население |
Подгорци на општинската карта Атарот на Подгорци во рамките на општината | |
Подгорци на Ризницата |
Потекло на името
уредиИмето на селото потекнува од неговата местоположба, односно се наоѓа во подгорјето на планината Јабланица.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во областа Дримкол, во јужниот дел на територијата на Општина Струга, во западниот дел на Струшкото Поле, чиј атар се издига на источната падина на планината Јабланица.[3] Селото е планинско, на надморска височина од 910 метри. Од самиот град Струга е оддалечено 12 километри.[3]
Соседни села се Лабуништа на север и Вевчани на југ. На планината се наоѓа помало езеро, меѓу мештаните наречено Локва.[2]
Месностите во атарот на селото во западниот дел на селото ги носат следниве имиња: Црн Камен (2.257 м.), Фурна, Ајдарова Ливада, Долиште, Гогов Даб, Кубур Ливада, Пироски Камен, Присој, Ледина, Лениште, Коприви, Млаки, Длабоки Кутел, Мало Кутле, Петрово Сено, Петреска Краста, Грчев Кутел, Јадрин, Скала, Вишевац, Ѓуров Кладенец, Корен.[2]
Месностите во атарот на селото во источниот дел на селото се следни: Долиште, Лазиште, Браненица, Марул, Голем камен, Селиште, Ранкостен, Шаркин орев, Маринска кула и Суво поле.[2]
Селото е од збиен тип и се дели на Горен, Среден и Долен крај. Во секој крај има маала кои зависат од имињата на родовите кои живеат во нив. Вакви маала се: Србакоско, Маринско, Сулејмановско, Дервишовско и други.[2]
Селото Подгорци е скоро споено со селото Лабуништа. Селата се веќе споени и нема голема оддалеченост меѓу нив. Многу куќи од селото Лабуништа се градат на територијата на селото Подгорци, и обратно.
Историја
уредиМесноста Селиште се наоѓа 1 километар источно од денешното село. Преданието наведува дека таму најпрвин се наоѓало селото, но пораду чума се префрлило на денешното место. На Селиште не можат да се пронајдат остатоци од старини, бидејќи земјата се обработува како ниви.[2]
Подгорци спаѓа меѓу најстарите струшки села, кои постоеле од средниот век до денес. Старинците во селото биле сменети со доселеници во помал дел низ времето. Постојаноста на жителите се гледа и преку зачуваните топоними.[2]
Селото најпрвин претставувало мала словенско-христијанска населба. Подоцна, селото станало мешано: христијанско и муслиманско. Најстари муслимански жители на селото се од денешниот род Сулејмановци, кои се гранка на христијанскиот селски род Маринци. Се пренесува дека тие два рода потекнуваат од два браќа, а и нивните ниви се наоѓаат на исти места. Еден од браќата, поради некоја причина, убил некој Турчин и кога дошла војската да го испитува убиството, тој ставил фес и изјавил дека е муслиман.[2]
Џамијата во населбата е изградена од страна на Османлиите. Се смета дека е изградена во XVII век. Потоа, во 1903 година, според вградениот клесан камен во минарето, поради дотраеноста на градбата, имошен старец, кој сакал да остане анонимен, со сопствени средства им платил на понеимашното население да ја обноват џамијата. Од тогаш џамијата внатрешно, како и фасадата, заедно со некои други додавки и поправки, претрпела уште една обнова пред 20 години. Последната измена џамијата ја добила во 2003 година, кога е урнато старото минаре, кое било изградено во 1903 година и на негово место било изградено ново минаре.
Клесаниот камен кој е испишан на османлиски јазик со персиско писмо, најпрво бил вграден во основата на старото минаре во 1903 година, но во 2003 година поради обновата на минарето, каменот бил изваден и вграден во ѕидот над влезот во џамијата, каде што стои и ден денес. Во населбата постојат две стари гробишта, кои според надгробните споменици се муслимански и потекнуваат од 1800 па сѐ до 1930-тите години. Станува збор за сто и педесетина гробови, кои имаат надгробни споменици испишани на османлиски јазик и персиско писмо. Во старите гробишта кои се наоѓаат на патот до месноста „Марул“ пронајдени се семејните гробишта на Абдурахман-ага, чии надгробни споменици претставуваат вистинска уметничка вредност и реткост на просторите на кои се простирала османлиската држава. Абдурахман-ага бил селски големец и вазал, потекнувал од населбата, починал пред 120 години. Погребан е на наведеното место, каде се наоѓаат уште и гробовите на неговиот син, ќерка, сопруга и брат.
Црквата во населбата, исто така е изградена во периодот на османлиското владеење. Црквата е изградена со дозвола (тапија) на султанот од Цариград. Се смета дека е стара околу 150 години.
Во XIX век, Подгорци било село во рамките на Струшката нахија во Охридската каза на Отоманското Царство.
Стопанство
уредиАтарот се издига дури до сртот на планината Јабланица и зафаќа простор од 13,6 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 567 хектари, на пасиштата отпаѓаат 480 хектари, а на обработливото земјиште 256 хектари.[3]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]
Во минатото, жителите на Подгорци помалку се занимавале со сточарство и повеќе биле полјоделци или оделе на печалба. Иако селото се наоѓа во подножјето на планината Јабланица, селските пасишта не припаѓале на Подгорци и Вевчани, туку на влашкото село Горна Белица. Поради тоа малку било развиено сточарството. И денес, одењето на печалба е доста присутно.[2]
Стопанството во селото е доста развиено. И покрај тоа што сепак претставува селска населба, има преку 100 регистрирани фирми со постојана работа.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година, селото имало 70 домаќинства и 201 жител, 21 муслиман и 180 христијани.[4]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Подгорци имало 1.150 жители, од кои 600 Македонци христијани и 550 Македонци-муслимани.[5]
Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Подгорци имало 640 жители.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Подгорци е претставено како македонско-албанско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 202 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 900 Македонци и 50 Албанци.[8]
Подгорци е големо село со пораст на населението. Така, во 1961 година имало 1.240 жители, од кои 1.176 биле Македонци, 37 Турци и 12 жители Албанци. Во 1994 година, бројот се зголемил на 2.231 жител, од кои 1.339 биле Македонци, 465 Турци, 103 Албанци двајца жители Срби, а 322 жители се изјасниле како останати.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Подгорци живееле 2.160 жители, од кои 376 Македонци, 573 Албанци, 564 Турци, 7 Власи, 41 Бошњак и 599 останати.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2.430 жители, од кои 243 Македонци, 583 Албанци, 857 Турци, 1 Влав, 18 Бошњаци, 641 останат и 87 лица без податоци.[10]
Селото е населено речиси исклучиво со Македонци, православни и муслимани. Оние кои се изјасниле поинаку, тоа го сториле чисто од верско-политички причини:[2]
Година | Македонци | Албанци | Турци | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | Лица без под. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | 1.053 |
1953 | 778 | 57 | 273 | 0 | 1 | — | 2 | — | 1.111 |
1961 | 1.176 | 12 | 37 | — | 0 | — | 15 | — | 1.240 |
1971 | 1.252 | 0 | 137 | 0 | 1 | — | 0 | — | 1.390 |
1981 | 1.682 | 0 | 28 | 0 | 0 | — | 10 | — | 1.720 |
1991 | 940 | 74 | 228 | 0 | 0 | — | 918 | — | 2.160 |
1994 | 1.339 | 103 | 465 | 0 | 2 | — | 322 | — | 2.231 |
2002 | 376 | 573 | 564 | 7 | 0 | 41 | 599 | — | 2.160 |
2021 | 243 | 583 | 857 | 1 | 0 | 18 | 641 | 87 | 2.430 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Во селото, според пописот од 2002 година, се зборувале следниве јазици како мајчини:[9]
Јазик | Говорници |
---|---|
македонски | 1.995 |
албански | 89 |
турски | 22 |
босански | 1 |
останати | 53 |
Според пописот од 2002 година, во селото се застапени следните религии:[9]
Вероисповед | Население | Удел |
---|---|---|
муслимани | 1.792 | 82,9% |
православни | 312 | 14,4% |
останати | 56 | 2,59% |
Родови
уредиСелото Подгорци во целост е населено со Македонци од муслиманска и православна христијанска вероисповед.[2]
Според податоците од 1977 година, родови во селото се:
Македонски православни родови во Подгорци се: Маринци (10 к.) се староседелци, а една нивна родовска огранка на крајот на XVIII век преминала во ислам и од нив потекнува селскиот род Сулејмановци; Чуруковци или Младеновци (5 к.); Стрезовци (5 к.) се смета дека имаат подалечно потекло од околината на Булчицаа во Албанија, а од кои потекнува писателот Јован Стрезовски; Бимбовци (5 к.); Бошнаковци (6 к.) доселени се од некое место во Босна; Куцкини (3 к.); Торбичковци (3 к.); Србаковци или Пашовци (20 к.) нивниот предок Симо Србак бил донесен како младо момче заробено во војната (востанието) во Србија во 1813 година, а во селото го довеле предците на муслиманскиот род Муслиовци, го знаат следното родословие: Душан (жив на 70 г. во 1977 година) Стојан-Анастас-Коста-Секула-Симо, кој бил донесен од Србија; Поповци или Крстиќи (5 к.), Шкуртовци (5 к.) и Бојчевци (5 к.) доселени се веројатно од некое место во Црна Гора, во турско време биле многу познат род, и дале 23 свештеници ; Стојановци или Ѓорговци (5 к.) се доселиле од селото Здрчани во Голо Брдо; Кукунешовци (3 к.) имаат влашко потекло и се доселиле некаде од Албанија.
Родови на Македонци-муслимани во Подгорци се: Сулејмановци (60 к.) се родовска гранка од старинечкиот православен род Маринци, од каде според предание еден брат поради некоја причина убил турски „таксилдар“, а кога дошле властите да го испитаат убиството, тој на главата ставил фес и изјавил дека е муслиман. Од овој род потекнувале и селските оџи, а долго време со православниот род Маринци се чувале како роднини; староседелски муслимански родови се и: Беговци (15 к.), Садиковци (15 к.), Мазниковци (15 к.) и Имеровци (15 к.); доселени муслимански родови се: Исаковци (15 к.) Агушовци (12 к.) и Муслиовци (10 к.) сите три родови се доселени од селото Клење во Голо Брдо; Дервишовци (30 к.) и Муратовци (13 к.) некогаш сочинувале еден род, а потеклото им е албанско.
Општествени установи
уреди- Основно училиште „Гоце Делчев“ — централно основно училиште до IX одделение
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Струга.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото било дел од тогашната општина Велешта.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Лабуништа, во која покрај селото Подгорци, се наоѓале и селата Бороец и Лабуништа. Во периодот 1950-1952 година, селото припаѓало на некогашната општина Лабуништа, во која влегувале селата Лабуништа и Подгорци.
Избирачко место
уредиВо селото постојат следниве избирачки места: 1910, 1910/1 и 1911 според Државната изборна комисија, сите сместени во основното училиште во селото.[11]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 2.081 гласач.[12] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 2.083 гласачи.[13]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[14]
- Цркви[15]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква, изградена во 1845 година, а фрескоживописана во 1847 година за време на султанот Абдул Меџид. Осветена е од надлежниот архијереј Дионисиј;
- Црква „Св. Јован Владимир“ — гробјанска црква, изградена во 1924 година, не е осветена; и
- Црква „Воведение на Пресвета Богородица“ — обновена црква, камен-темелник е осветен и поставен во 1995 година од страна на митрополитот г. Тимотеј.
- Други црковни светилишта
- месност „Света Петка“ — збирно место со икона на кое треба да се гради црква
- Џамии[15]
- Џамија — главна селска џамија
- Нова џамија
- Езера
- Подгоречко Езеро — ледничко езеро на Јабланица
Редовни настани
уреди- Голема Богородица — главна селска слава; и
- Свети Никола Летен — црковно-народен собир.
- Гоцеви денови — манифестација започната во 1971 г.[16]
Личности
уреди- Родени во Подгорци
- Радмила Пашиќ (р. 1931) — археолог
- Јован Стрезовски (р. 1931) — поет, раскажувач и романописец
- Ранко Младеноски (р. 1966) — писател и преведувач
Култура и спорт
уредиРедовно се одржуваат „Зимски игри“, кои се одржуваат на падините на Јабланица.
Во селото работата две здруженија на граѓани, „Амбиција“ и „Леништа“.
Иселеништво
уредиОд селото имало иселувања. Од Македонците иселени се околу 160 домаќинства, најмногу во Белград, Скопје, Струга и Романија. Има и сосем отселени селски родови. Еден таков род бил Гоговци. Торбешите главно не се иселувале. Само во поново време, има околу 20 семејства кои се отселиле во Охрид и во Струга. Во Турција заминале 5 домаќинства.[2]
Иселеништвото од оваа населба, моментално се одвива преку заминувањата на машкото население на привремена работа во некоја од поразвиените европски држави, па потоа повлекувајќи го и своето семејство со себе, но во историјата од оваа населба се бележи голема преселба во четвртата, петтата, па сѐ до осмата деценија на XX век, кога голем број на семејства од оваа населба емигрирале во Турција. Печалбарството е застапено од 90% од населението на оваа населба, издршката ја бараат во развиените западноевропски држави работејќи како градежни работници.
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 190–192.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 237. Посетено на 28 ноември 2018.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995. стр. 104-105.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 254.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.164-155.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 31.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ 9,0 9,1 9,2 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 ноември 2018.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 28 ноември 2018.
- ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2021-01-12. Посетено на 28 ноември 2018.
- ↑ „Референдум 2018“. Посетено на 28 ноември 2018.[мртва врска]
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 397. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ 15,0 15,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „„Гоце"“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 384. Text "series " ignored (help)
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди„Подгорци“ на Ризницата ? |
- Портал за Подгорци Архивирано на 26 јуни 2012 г.
- Здружение за образование и култура „Амбиција“
- Репортажа Архивирано на 1 февруари 2012 г.