Блаце (Чучер-Сандево)

село во Општина Чучер-Сандево

Блаце — село во Општина Чучер-Сандево, во областа Црногорија, во околината на градот Скопје.

Блаце

Поглед на селото Блаце
(во средишниот дел на фотографијата)

Блаце во рамките на Македонија
Блаце
Местоположба на Блаце во Македонија
Блаце на карта

Карта

Координати 42°9′7″N 21°19′58″E / 42.15194° СГШ; 21.33278° ИГД / 42.15194; 21.33278
Регион  Скопски
Општина  Чучер-Сандево
Област Црногорија
Население 862 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1011
Повик. бр. 02
Шифра на КО 25012
Надм. вис. 939 м
Блаце на општинската карта

Атарот на Блаце во рамките на општината
Блаце на Ризницата

Потекло на името

уреди

Селото најпрвин запишано како Блатце се сретнува во 1299 година. Се верува дека името потекнува од Блатце, што доаѓа од блато (застоена вода, поголемо место со кал) и додавката -це, или пак од Блаца, што означува мочуриште.[2]

Географија и местоположба

уреди
 
Поглед на атарот и селото во далечина

Селото се наоѓа во северниот дел на Скопската Котлина, во западниот дел на територијата на Општина Чучер-Сандево, чиј атар нашироко се допира со државната гранична линија со Косово.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 420 метри. Од градот Скопје, селото е оддалечено 31 километар, додека од регионалниот пат Скопје-Приштина е оддалечено само 3,6 километри.[3]

Селото е планинско и се наоѓа во Скопска Црна Гора. Селото е во близина на македонско-косовската граница и има граничен пункт.

Во суштина, селото е поделено на два различни делови, кои долго време во материјалите биле споменувани како две различни села. Тоа се Долно Блаце, сместено во непосредна близина на денешниот регионален пат Скопје-Приштина и граничниот премин „Блаце, и Горно Блаце (или само Блаце), сместено околу 3 километри повисоко на падините на планината Скопска Црна Гора.

Долно Блаце

уреди

Селото е мало и се наоѓа на левиот брег од реката Лепенец, сместено на ниска падина на планината Скопска Црна Гора. Под селото се наоѓаат извори од кои мештаните се снабдувале со вода за пиење. Како месности во неговиот атар се сретнуваат: Прслина, Роѓа, Ара Куч и Кодра Виеш.[4]

Селото има разбиен тип, чии маала се многу раздвоени. Главни се две маала: Бард, на северозапад, и Точ, на југоисток. Имињата ги добиле по родовите кои живеат во нив и оддалеченоста меѓу нив е над 1 километар.[4]

Горно Блаце

уреди

Селото се наоѓа на висока тераса од левата страна на Лепенец, сместено на падина на планината Скопска Црна Гора. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од бунари, чешми и неколку извори. Како месности во неговиот атар се сретнуваат: Појата, Селиште, Роѓа, Плениште, Кодра Виеш и Бањица.[4]

Селото има разбиен тип. Поделено е на маала, како Блаце, Дочај, Тушевска и Преслав. Исто така, постојат и повеќе групирања на куќи, кои се нарекуваат по родовите кои живеат во нив. Оддалеченоста меѓу маалата и групите куќи е од 300 до 500 метри.[4]

Историја

уреди

Блаце се смета за старо село во делот на Скопска Црна Гора. Се смета дека порано се наоѓало над денешната положба, во месноста Селиште. Нема податоци кога била извршена преселбата во денешното село. Во историските извори под името Блаце првпат е споменато во 1300 година. Потоа, во 1308 година било споменато повторно во една од грамотите на кралот Милутин, кога било дадено во сопственост на средновековниот манастир „Св. Никита“.[4]

Во средниот век во Горно Блаце несомнено е дека постоеле две цркви: „Св. Богородица“ и „Св. Ѓорѓи“. Остатоци од првата црква се наоѓаат во месноста Селиште, додека втората црква се наоѓала под селото, во денешната месност Киша (Црква). Повеќе нема никакви остатоци од храмот, но во атарот на селото порано се наоѓале плочи со натписи.[4]

Во народната традиција се зачувани спомените за некогашното православно население на Горно Блаце, кое подоцна со доселувањето на муслиманското население од Албанија, постепено се иселувало. Од тоа време останати се топонимите и црквиштата, како и самото име на селото. Дел од православните родови од Горно Блаце кои се иселиле се Ѓорѓиовци, Томшеви, Мрчкови и Љотови.[4]

И Долно Блаце се смета за постара населба, бидејќи околу селото се наоѓале старини. И тоа село било порано населено со православно население, кое подоцна целосно се иселило. Дел од родовите биле Живковци и Китановци.[4]

Во XIX век, селото е дел од нахијата Кара Даг во Скопската каза во Отоманското Царство.

До крајот на турската власт во 1912 година, селото Долно Блаце било чифлиг.[4]

Стопанство

уреди

Атарот на селото зафаќа простор од 7 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 334,1 хектар, на обработливото земјиште отпаѓаат 171,9 хектари, а на шумите 152,1 хектар.[3]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[3]

Селаните од Долно Блаце одгледувале жито, пченка и тутун долж реката Лепенец, но чувале и стока, која ја напасувале над Горно Блаце. Исто така, дел од мештаните работеле и во цементарницата во Генерал Јанковиќ.[4]

Сточарството и земјоделството биле главни стопански гранки на мештаните до крајот на Втората светска војна во Горно Блаце.[4]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.138—    
19531.181+3.8%
19611.137−3.7%
19711.271+11.8%
19811.182−7.0%
ГодинаНас.±%
19910−100.0%
19941.090—    
2002972−10.8%
2021862−11.3%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било муслиманско, со 49 муслимански домаќинства. На овој попис биле забележани 161 мажи муслимани, со 11 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 344 жители.[5]

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 374 жители.[6]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, Блаце е албанско село во Скопската каза во Отоманското Царство.[7]

Како албанско село го означил и Леонард Шулце Јена.[8] и Афанасиј Селишчев[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 1.050 Албанци.[10]

Блаце е големо село, кое што во 1961 година броело 1.137 жители, од кои 1.072 биле Албанци и 60 жители Турци, додека во 1994 година имало 1.090 жители, албанско население.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Блаце живееле 972 жители, од кои 968 Албанци, 1 Македонец и 3 останати.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 862 жители, од кои 760 Албанци и 102 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 1.138 1.181 1.137 1.271 1.182 0[заб 1] 1.090 972 862
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови

уреди

Блаце е македонско муслиманско село со доминантно албанско население. Сите родови се доселени, освен еден кој бил исламизиран.[4]

Според истражувањата од 1960-тите родови во двете села се следниве родови:

  • Горно Блаце:
    • Исламизирани старинци: Ковачевци (13 к.), сместени во истоименото маало. Исламот го примиле кон крајот на XVIII век или почетокот на XIX век.
    • Доселени муслимани: Феровци (12 к.), доселени од Северна Албанија; Љусњаи (19 к.), името го добиле по место во Северна Албанија од каде и дошле; Тушај (11 к.), сместени во истоимено маало, преминале од Косово; Точови (11 к.), потекнуваат од Голема Малесија; Мучај (7 к.), Салијас (10 к.), Дода (2 к.) и Чајаз (3 к.), дојдени на почетокот на XIX век од Северна Албанија; Ахмат (9 к.), доселени преку Косово, роднини со родот Бард од Долно Блаце; Дочај (7 к.), сместени во истоимено маало, исто потекло со Тушај; Шеови (7 к.), Кока (18 к.) и Ључови (7 к.), потекнуваат од Северна Албанија; Ариор (4 к.), името им е место во Албанија и Дошљак (2 к.), најнови доселеници.
  • Долно Блаце:
    • Доселеници: Бард (10 к.), името им е од село во близина на Скадар, од каде избегале браќата Селим и Али. По иселувањето најпрвин останале во Бардовци, но таму имале спор со Хамзи-паша. По неуспешната пресметка со него се раздвоиле и Али се населил во Горно Блаце, а Селим во Биљач кај Прешево. Алиловиот син Синан се отселил од Горно Блаце и се населил во Долно Блаце во средината на XIX век и Точ (7 к.), дојдени по родот Бард, исто така од Горно Блаце.

Општествени установи

уреди

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Чучер-Сандево и која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од тогашната Општина Чучер-Сандево.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Кале.

Во периодот од 1955 до 1962 година, селото било дел од тогашната општина Бутељ. Потоа, оваа општината била распуштена и била префрлена во општината Кале.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бразда, во која покрај селото Блаце, се наоѓале и селата Бањане, Бразда, Визбегово, Глуво, Горно Оризари, Горњане, Мирковци и Чучер. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Блаце, во која влегувало селото Блаце.

Избирачко место

уреди

Во селото постојат избирачките места бр. 2467 и 2468 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на подрачното основно училиште.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.019 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[19]
Џамии[20]
Реки

Личности

уреди
Родени во Блаце

Иселеништво

уреди

Од Горно Блаце се имаат иселено 14 муслимански семејства, најчесто во Скопје и во Турција.[4]

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 59. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 31. Посетено на 3 февруари 2019.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 Трифуноски; Јован Ф. (1971). Kačanička Klisura : antropogeografska ispitivanja. Белград: Српска академија на науките. OCLC 28398114.
  5. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на муслиманското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2020.
  6. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  7. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 206.
  8. Leonhard Schultze Jena. "Makedonien, Landschafts- und Kulturbilder", Jena, G. Fischer, 1927
  9. Афанасий Селищев. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 3 февруари 2020.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 4 февруари 2020.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-01-31. Посетено на 4 февруари 2020.
  19. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 365. ISBN 9989-649-28-6.
  20. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Забелешки
  1. Во пописот од 1991 година, во населените места: Грачани, Никиштане, Ново Село (Боговиње), Раковец, Селце Кеч, Гургурница, Долно Јаболчиште, Клуковец, Добовјани, Врановци, Јажинце, Орашје, Равен, Спас, Богојци, Поум, Џепин, Долна Ѓоновица, Горна Лешница, Групчин, Добарце, Копачин Дол, Ларце, Мерово, Ново Село (Желино), Палатица, Рогле, Седларево, Стримница, Церово, Чифлик (Желино), Грешница, Длапкин Дол, Долно Строгомиште, Колибари, Речани - Зајаско, Вражале, Горно Седларце, Новаќе, Синичане, Мамудовци, Трапчин Дол, Горно Свиларе, Дворце, Рашче, Алашевце, Ваксинце, Виштица, Глажња, Гошинце, Злокуќане, Извор (Липково), Липково, Лојане, Оризари, Отља, Р’нковце, Руница, Слупчане, Стрима, Бибај, Богдево, Грекај, Нивиште, Орќуше, Рибница, Горјане, Градец, Ѓурѓевиште, Ломница, Арангел, Жубрино, Папрадиште, Ќафа, Црвивци, Бојане, Копаница, Паничари, Раовиќ, Чајлане, Патишка Река, Света Петка, Чифлик (Сопиште), Лакавица, Падалиште, Србиново, Страјане, Трново, Франгово, Шум, Алдинци, Горно Количани, Драчевица, Рамни Габер, Црвена Вода, Црн Врв, Нераште, Вејце, Селце, Корито, Блаце, Брест, Танушевци, Ѓермо, Порој, Бозовце, Бродец, Вешала и Шипковица, целото население не прифати да земе учество (го бојкотираше) во Пописот.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди