Градманци
Градманци — село во Општина Петровец чиј атар се допира со територијата на Општина Велес, во околината на градот Скопје.
Градманци | |
Поглед на Градманци од југ | |
Координати 41°53′56″N 21°43′23″E / 41.89889° СГШ; 21.72306° ИГД | |
Регион | Скопски |
Општина | Петровец |
Област | Блатија |
Население | 52 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1043 |
Повик. бр. | 02 |
Шифра на КО | 25061 |
Надм. вис. | 320 м |
Слава | Спасовден |
Градманци на општинската карта Атарот на Градманци во рамките на општината | |
Градманци на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиГрадманци — село во Општина Петровец, во околината на град Скопје, во крајниот југоисточен дел на Скопската Котлина на територијата на Општина Петровец, во долното сливно подрачје на Пчиња, а атарот на селото се допира со територијата на Општина Велес.[2]
Од градот Скопје е оддалечено 32 километри, а е расположено на надморска височина од 320 метри[2]. Низ селото тече Градманската речица, лева притока на Пчиња[3]. Од Градманци води земјен пат кој доаѓа од Катланово и продолжува кон селата Џидимирци и Крушје во Општина Велес. Градманци се наоѓа во густа шума на бука, јасика, топола и нискостеблести растенија. Во атарот на селото избиваат три извори соѕидани во чешми: Велкова Чешма, Бегова Чешма (на патот за село Дивље) и Кисела Вода близу Катлановска Бања.
Историја
уредиВо минатото преку Градманци минувал важен пат кој доаѓал од Скопје и Катланово, а водел за Свети Николе и Штип[3]. По народните кажувања и легенди Градманци во минатото било големо село со 190 македонски куќи, меѓутоа за време на турското владеење поради некоја причина селото пропаднало, а со него и големата селска црква „Свети Спас“ чии рушевини со должина од 22 и ширина од 8 метри се наоѓале 200 метри северно од денешното село[3]. По разрушувањето на селото, тоа било повторно обновено од старинечките родови: Ѓуреви, Златанчеви, Мицеви и Стојанови. Сè до крајот на турското владеење во 1912 година, Градманци било чифлик на 3 чифлик-сајбии и во него постоеле 3 кули[4].
Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Скопскиот Вилает и имало 33 христијански семејства.[5]
Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство.
Околу селото Градманци на различни страни постојат повеќе крстови со имиња: Крст Св. Илија, Крст Гумења, Крст Дол, Станчев Крст и Крст Горни Дабје. Селска слава е Спасовден, а курбан се коле за Илинден и Св. Атанасиј[4]. За потеклото на името на селото Градманци, П.Скок навел дека означува семејна населба, задруга или слично[4].
Стопанство
уредиНајразвиена стопанска гранка во селото Градманци е сточарството. Во најголема мера се одгледуваат кози и овци, што се должи на ридскиот терен со нискостеблеста шума и тревни пасишта, а во помала и крупен добиток како крави, волови, коњи. Во Градманци исто така е застапено и пчеларството и производството на мед, а од земјоделските култури најповеќе се застапени житните култури како пченицата и стрмните жита 'рж, овес и јачмен. Покрај земјоделието, во близината на Градманци се ископува и камен за градежништвото. До Втората светска војна, населението на Градманци многу се занимавало и со сеча и продажба на дрво за огрев, кое со товари го пренесувале и продавале во Велес и блатиското село Петровец[6].
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, каде имало 10 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 45 мажи христијани, со 5 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 100 жители.[7]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Градманци живееле 455 жители. По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото имало 85 жители.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 25 до 50 Македонци.[8]
Во 1961 година селото имало околу 115 жители. Следно, во 1971 година, имало 66 жители, а во 1994 година само 11 жители.
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 66 жители, од кои 56 Македонци, 5 Срби и пет други.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 52 жители, од кои 51 Македонец и 1 Турчин.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 455 | 85 | 96 | 112 | 115 | 66 | 59 | 11 | 11 | 66 | 52 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
уредиВо антропогеографските испитувања на Јован Трифуноски вршени кон крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години на XX век, за населението на Градманци се забележани повеќе родови, меѓу кои и старинци. Мнозинството биле Македонци, и помал број на доселени Црногорци и Роми.
Старински родови биле: Ѓуревци (1 к.), Стојановци (4 к.), Златанчевци (2 к.) и Мицевци (4 к.). Првите славеле Свети Никола, а останатите Митровден. Сите биле Македонци и биле жители на Градманци од пред неговото запустување во турско.
Доселенички родови: Митреви (3 к.), Македонци доселени од блиското село Дивље каде што биле старинци и по што го добиле прекарот Дивљанци; Басекиќи (1 к.) и Митровиќи (1 к.) доселени од околината Беране во Црна Гора, поради женидбата со Македонки во времето на истражувањето овие родови во своите домови, а посебно нивните деца го користеле исклучиво македонскиот јазик; Абазови (1 к.) биле Роми доселени како момоци од околината на Штимле во Косово, се претставувале дека се дел од албанскиот род (фис) Хот). Сите доселенички родови се доселиле во 1927 година.
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Петровец, една од ретките која не била променета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало исто така на Општина Петровец.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кале. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото Градманци припаѓало на некогашната општина Петровец.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Катланово, во која покрај селото Градманци, се наоѓале и селата Бадар, Блаце, Кажаново, Кажановска Брезица, Кожле и Летевци. Општината Катланово постоела и во периодот 1950-1952.
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви[14]
- Црква „Вознесение Христово“ — главна селска црква
Редовни настани
уреди- Спасовден — селска слава
Иселеништво
уредиСо текот на времето поради засилената миграција село-град, селото денес е во фаза на потполно раселување. Двата црногорски и едниот ромски род се потполно иселени. Преостанатите жители се претежно старци. Најголем дел од иселениците од Градманци се населиле во блиските села и градови: Катланово, Бадар, Петровец, ’Ржаничино, Велес и Скопје.
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр. 84
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 74
- ↑ 4,0 4,1 4,2 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 75
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 499
- ↑ Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 76
- ↑ Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 6 јули 2013.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.