Горњане
Горњане (се користи и Горњани) — село во Општина Чучер-Сандево, во областа Црногорија, во околината на градот Скопје.
Горњане Горњани | |
Поглед на селото Горњане | |
Координати 42°6′37″N 21°22′45″E / 42.11028° СГШ; 21.37917° ИГД | |
Регион | Скопски |
Општина | Чучер-Сандево |
Област | Црногорија |
Население | 80 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1011 |
Повик. бр. | 02 |
Шифра на КО | 25058 |
Надм. вис. | 580 м |
Слава | Духовден |
Горњане на општинската карта Атарот на Горњане во рамките на општината | |
Горњане на Ризницата |
Потекло на името
уредиИмето го добило по тоа што се наоѓа на повисок терен отколку соседните села Бањане и Чучер.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во северниот дел на Скопската Котлина, на територијата на Општина Чучер-Сандево, под југозападната падина на Скопска Црна Гора.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 580 метри. Од градот Скопје, селото е оддалечено 17 километри.[3]
Горњане е едно од најзападните села на Скопска Црна Гора. Зазема амфитеатрална положба. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од две чешми изградени во 1926 година, додека северно од селото извираат извори, како што се: Врбица, Студено, Мора Ливада и други.[2]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Марков Даб, Тополовик, Ранѓел, Еревин, Бел Камен, Рамна Шума, Љутика, Кочињи, Посидол, Моравдол, Посивер, Дубови, Долњи Посидол, Лука, Трчмео, Голина, Извор, Врвеш, Кленчики, Лазово, Радунац, Темково, Сливе, Долња Чешма, Варница, Чука, Барчиња, Леске, Говедариште, Појата, Селиште, Куќетине и Горњански Присој.[2]
Селото е поделено на маала, а во маалата куќите се збиени една до друга.[2]
Селото се наоѓа во областа Црногорија, во југозападните предели на планината Скопска Црна Гора, северно од Скопје.
Историја
уредиЈужно од селото се наоѓа возвишението Тромеѓа, каде се наоѓа средновековниот манастир „Св. Никита“. Околу него се наоѓаат селата Горњане, Чучер и Бањане, поради што бројни автори, манастирот го одредуваат на едно од селата.[2]
Горњане се смета за стара населба во областа на Скопска Црна Гора. Преданието наведува дека најпрвин се наоѓало 500 метри западно од денешната местоположба. Таму се наоѓа селиштето Радунац. Меѓутоа, за време на отоманскиот период, мештаните го напуштиле тоа село, бидејќи се наоѓало покрај стариот пат Скопје-Качаник и обично било напаѓано од страна на муслиманските Арбанаси.[2]
Селото не било преместено наеднаш, туку домаќинствата се селеле повеќепати. Од старите родови во Радунац, во денешното село се зачувани само родовите Пешови и Пусиќеви, додека некои заминале во други села.[2]
Според бугарските извори, во селото се доселиле српски доселеници во периодот 1689-1739 година.[4]
До крајот на турската власт во 1912 година, селото трпело напади од страна на муслиманските жители и не добивало заштита од страна на државата.[2]
Во XIX век, селото е дел од нахијата Кара Даг во Скопската каза во Отоманското Царство.
Стопанство
уредиАтарот на селото зафаќа простор од 11,4 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 709,4 хектари, на шумите отпаѓаат 255,5 хектари, а на обработливото земјиште 164,5 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[3]
Сточарството било главна стопанска гранка на мештаните до крајот на Втората светска војна. Дотогаш, во селото постоеле задруги составени од по 15 и 25 члена. Од таа причина во селото се наоѓаат големи камени куќи, кои се зачувани и денес. Во нив се наоѓаат специјално вградени фурни, во кои се печел леб за многубројните членови.[2]
Мештаните стекнале своја земја дури во 1925 година, кога државните власти им доделиле земјиште во атарот на селата Орман и Волково.[2]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, со 10 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 46 мажи христијани, без новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 92 жители.[6]
Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 319 жители.[7]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Горњане живееле 180 жители, сите Македонци.[8] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Горњане имало 160 жители, патријаршисти.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 350 Македонци.[10]
Во 1961 година селото броело 313 жители, од кои 174 биле Македонци и 139 Срби, а во 1994 година бројот значително се намалил на само 93 жители, од кои 48 Срби, 41 Македонец.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Горњане живееле 80 жители, од кои 51 Македонец и 29 Срби.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 80 жители, од кои 41 Македонец, 29 Срби и 10 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 180 | 160 | 369 | 384 | 313 | 184 | 107 | 90 | 93 | 80 | 80 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
уредиГорњане е чисто македонско православно село. Малку се родови кои се сметаат за староседелци, тоа се само родовите Пешовци и Пусиќевци, другите родови се доселени.[2]
Родови во Горњани се:
- Староседелци: Пешовци (4 к.) и Пусиќевци (3 к.), потекнуваат од ист предок и некогаш имале куќи во селиштето Радунац;
- Доселеници: Маринковци (12 к.), Писевци (7 к.) и Алексовци (1 к.), потекнуваат од ист предок, доселени се од селото Ѓургевдол во Качаничката Клисура, денес на Косово, кон крајот на ХVIII век, во народната традиција се наведува дека нивните предци еднаш за Велигден отишле на собир во селото Бразда, собирот се одржувал на местото Рудина, за време на враќањето во Ѓургевдол нив во близина на селото Генерал Јанковиќ ги нападнале Албанци, со намера да им ја земат сестрата, тие тогаш со намера да ја заштитат сестрата убиле еден Албанец и после тоа решиле да се преселат во Горњане. Во Горњане дошле тројца браќа Маринко, Писо и Алексо. Маринко подоцна земал жена од родот Пешовци. Од родот Маринковци една гранка го носи името „Брњарчевци“. Во Маринковци се знае следното родословие: Спасо (жив на 69 г. во 1969 година) Младен-Перо-Трајко-Анѓелко-Маринко основачот на родот; Љотовци (10 к.) и Мрчковци (5 к.) потекнуваат од двајца браќа Љоте и Мрчко кои се доселиле од денес албанското село Бојане крајот на ХVIII век, го знаат следното родословие: Милан (жив на 52 г. во 1969 година) Анѓел-Нешо-?-?-Мрчко кој дошол од Бојане, дошол во селото за да живее со „православен народ“ и Вујовци (1 к.), потекнуваат од предок кој дошол како домазет од селото Кучевиште, подалечното потекло им е непознато.
Општествени установи
уреди- Дом на културата
- Месна заедница
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Чучер-Сандево и која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од тогашната Општина Чучер-Сандево.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Кале.
Во периодот од 1955 до 1962 година, селото било дел од тогашната општина Бутељ. Потоа, оваа општината била распуштена и била префрлена во општината Кале.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бразда, во која покрај селото Горњане, се наоѓале и селата Бањане, Блаце, Бразда, Визбегово, Глуво, Горно Оризари, Мирковци и Чучер. Во периодот 1950-1952, селото исто така било дел од некогашната општина Бразда, во која влегувале селата Бањане, Бразда, Глуво, Горњане, Мирковци, Оризари и Чучер.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 2463 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната заедница.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 68 гласачи.[18]
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви[19]
- Црква „Св. Никита“ — средновековна манастирска црква
- Параклиси
- Параклис „Св. Јован Претеча“ во склоп на Горњанскиот манастир „Св. Никита“, срушен помеѓу двете светски војни
- Манастири
- Горњански манастир — средновековен манастир во близина на селото
- Спомен-плочи
- Спомен-плоча за загинатите борци од НОБ
Редовни настани
уредиЛичност
уредиЛичности родени во Горњане:
- Живко Љотиќ (1926-1944) — македонски партизан, револуционер, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Коце Пусичевски (1919-1945) — македонски партизан, револуционер, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Стојко Маринковски (1918-1945) — македонски партизан, револуционер, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
Иселеништво
уредиНајвеќе домаќинства во селото имало 54 во 1956 година. После Првата светска војна, а особено по Втората светска војна имало голем број на иселени домаќинства.[2]
До 1970 година, иселеници има на следните места. Скопје (10 к.), Ѓорче Петров (10 к.), Шуто Оризари (10 к.), Волково (8 к., се викаат Брњарчевци), Бутел (5 к.), Инџиково (3 к.), Сингелик (2 к.), Орман (2 к.) и во Бардовци (1 к.).[2]
Околу 20 семејства се иселиле во Глогоњ во Војводина. Од родовите Љотови (11 к.), Мрчковци (2 к.), Писевиќи (2 к.), Маринковиќи (2 к.), Гурмешовиќи (2 к.) и Црничани (1 к.).[2]
Галерија
уреди-
Вообичаена архитектура во селото
-
Спомен-чешма и игралиште во селото
-
Сокак во селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 Трифуноски, Јован Ф.; Трифуноски, Јован Ф. (1971). Скопска Црна гора : природна средина, прошлост, насеља, становништво и привреда : (са скицама, фотографијама и картом) = Skopska Crna Gora : antropogeographische Forschungen. Skopje: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. OCLC 637308591.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 82. Посетено на 24 јануари 2019.
- ↑ Георгиев, Величко, Стайко Трифонов, История на българите 1878 - 1944 в документи, том 1 1878 - 1912, част втора, стр. 296.
- ↑ Стојановски, Бојко (1999). Скопско Црногорие од Бразда до Брњарци. Скопје.
- ↑ Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
- ↑ Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 206
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 114-115.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 јануари 2020.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 24 јануари 2020.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-01-24. Посетено на 24 јануари 2020.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.