Бањане

село во Општина Чучер-Сандево

Бањане (се користи и Бањани) — село во Општина Чучер-Сандево, во областа Црногорија, во околината на градот Скопје.

Бањане
Бањани

Поглед на селото Бањане

Бањане во рамките на Македонија
Бањане
Местоположба на Бањане во Македонија
Бањане на карта

Карта

Координати 42°6′29″N 21°23′17″E / 42.10806° СГШ; 21.38806° ИГД / 42.10806; 21.38806
Регион  Скопски
Општина  Чучер-Сандево
Област Црногорија
Население 527 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1011
Повик. бр. 02
Шифра на КО 25006
Надм. вис. 500 м
Слава Ѓурѓовден[2]
Бањане на општинската карта

Атарот на Бањане во рамките на општината
Бањане на Ризницата

Потекло на името

уреди

Селото е споменато под името Бањане во 1308 година. Се верува дека неговото име доаѓа од бања и наставката -ане, со значење „луѓе дојдени од Бања“. Во минатото селото било создадено околу изворот Бања, но поради бигорливата вода народот се разболел и го преместил селото на сегашното место.[3]

Географија и местоположба

уреди
 
Поглед на селата Глуво, Бањане и Мирковци (селото се наоѓа во најлевиот дел од фотографијата)

Селото се наоѓа во северниот дел на Скопската Котлина, на територијата на Општина Чучер-Сандево, под југозападната падина на Скопска Црна Гора.[4] Селото е ридско, на надморска височина од 500 метри. Од градот Скопје, селото е оддалечено 15 километри.[4]

Бањане има одлична местоположба и атарот изобилува со шуми и пасишта во северниот дел, а во јужниот дел се наоѓа обработливо земјиште. Низ него поминува и Бањанска Река. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од бунари, пумпи и чешми.[5]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Крепје или Рид, Барница, Средни Рид, Сливовиќ, Састанци, Спас, Шупљи Камен, Доњи Забел, Свињачки Дол, Крна Глава, Јама, Појата, Брдарица, Трника, Марков Камен, Петров Камен, Мојсовац, Ѓорѓијов Гроб, Гнојине, Широка Нива, Капавац, Крс, Мавала, Рупа, Грамада, Бања, Подселац и Јаз.[5]

Селото има збиен тип, со што куќите една на друга се наслонуваат, а низ нив поминуваат мали сокаци. Во маалата куќите се групирани по родови.[5]

Бањане отсекогаш се сметало за едно од најважните села во областа на Скопска Црна Гора, веднаш зад поголемите Кучевиште и Љубанци.[5]

Околни села се Горњане и Чучер од запад, Кучевиште од исток и Глуво/Бразда од југ.

Историја

уреди
 
Бањане во 1919 година

Бањане се смета за стара населба во областа на Скопска Црна Гора. Првпат е споменато на почетокот на XIV век, кога кралот Милутин го споменил во една од своите грамоти во периодот 1302-1308. Селото било сопственост на познатиот средновековен манастир „Св. Никита“. Второто споменување на селото е од XV век, кога на 9 февруари 1445 година Иса-бег го предал на својата Алаџа-џамија во Скопје.[5]

Преданието наведува дека селото првин се наоѓало илјада метри источно од денешната местоположба околу карстниот извор Бања или Дуло, односно под ридот Крепје. Таму се наоѓала голема населба од 500 словенски куќи. Самото име на селото потекнува од тој извор. Сепак, од таму селаните морале да избегаат поради некој зулум, најверојатно кон крајот на XVII век. На тоа селиште има одредени остатоци од старини, најмногу од куќи и гробови, а постои и црквиште „Св. Мина“.[5]

Селото не било преместено наеднаш, туку домаќинствата се селеле повеќепати. Предците на денешните староседелски родови потекнуваат од тоа селиште. Некои христијани се преселиле и во денешното албанско село Блаце, каде порано имало словенско население. Од тие родови потекнува големиот исламизиран род Ковачи.[5]

Во близина на селото се наоѓа возвишението Тромеѓа, каде се наоѓа средновековниот манастир „Св. Никита“. Околу него се наоѓаат селата Горњане, Чучер и Бањане, поради што бројни автори, манастирот го одредуваат на едно од селата.[5]

Според бугарските извори, во селото се доселиле српски доселеници во периодот 1689-1739 година.[6]

Планинската падина над селото е доста блага, поради што во минатото дел од шумата бил исечен и земјиштето било наменето за ниви. На две места се наоѓале и мали населби познати како Букоо-рамна (или Букарана) и Св. Спас. Таму живееле родовите Попови, Коларови, Павчевиќи и Вуканови. Во селиштето Букоо-рамна се наоѓа црквиштето „Св. Јован“.[5]

Селото трпело напади за време на турскиот период од страна на муслиманските жители и не добивало заштита од страна на државата.[5]

Во XIX век, селото е дел од нахијата Кара Даг во Скопската каза во Отоманското Царство.

Во 1916 година, бугарската војска сакала да го запали селото.[5]

Селото учествувало во НОБ со многубројни борци.[7]

Стопанство

уреди
 
Влезот во рудникот „Бањани“

Атарот на селото е голем и зафаќа простор од 15 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.915,1 хектар, на пасиштата отпаѓаат 301,1 хектар, а на обработливото земјиште 153 хектари.[4]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[4]

До крајот на турската власт во 1912 година, селото не било поделено на чифлици, а по Првата светска војна, селаните добиле плодна земја во самата котлина, околу селото Бардовци.[5]

Околу селото се наоѓаат четири рударски окна, од кои порано се вадела железна руда.[5] Денес, во селото работи рудникот „Бањане“, отворен во 1964 година, наменет за неметални минерални суровини.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948800—    
1953798−0.2%
1961687−13.9%
1971625−9.0%
1981660+5.6%
ГодинаНас.±%
1991621−5.9%
1994563−9.3%
2002597+6.0%
2021527−11.7%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, со 37 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 143 мажи христијани, со 31 новороденчe. Се проценува дека селото во тој период имало 348 жители.[8]

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 668 жители.[9]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Бањане живееле 400 жители, сите Македонци.[10] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Бањане имало 600 жители, патријаршисти.[11]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 700 Македонци.[12]

Селото е средно по големина, со мало намалување на бројот на населението. Во 1961 година селото броело 687 жители, од кои 382 биле Македонци, а 293 Срби, додека во 1994 година имало 563 жители, од кои 324 се Срби, 221 Македонец и осум жители Роми.[4]

Според пописот од 2002 година, во селото Бањане живееле 597 жители, од кои 294 Македонци, 288 Срби, 9 Роми, 1 Албанец и 5 останати.[13]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 527 жители, од кои 255 Македонци, 215 Срби, 7 останати и 50 лица без податоци.[14]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Бањане:

Година Македонци Албанци Турци Роми Срби Ост. б.п. Вкупно
1948 800
1953 119 0 0 8 670 1 798
1961 382 0 5 293 7 687
1971 214 0 0 6 401 4 625
1981 400 0 0 5 224 31 660
1991 245 0 0 8 233 135 621
1994 221 0 0 8 324 10 563
2002 294 1 0 9 288 5 597
2021 255 0 0 0 215 7 50 527

* Извор: Државен завод за статистика на Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови

уреди

Бањане е православно македонско-српско село. Неговите родови се староседелски и доселеници. Првите најпрвин живееле на селиштето околу изворот Бања, додека доселеници потекнуваат од повеќе места.[5]

Родови во селото се:

  • Староседелци: Башчиќевци се делат на Рајковчевци (8 к.) и Жежовци[15][16] (6 к.) и Василковци (5 к.), од овој род бил Ѓоргија Башчиќевски, кој бил кмет на селото; Ковачевци (3 к.); Кировци (6 к.); Јазаџини (6 к.), Паунковци (3 к.), Царевци (3 к.) и Цигови (1 к.), порано претставувале еден род; Чакаловци (8 к.); Миличини (5 к.); Вујовци (6 к.); Шопкини (6 к.), Шаговци (5 к.) и Љубовчеви (2 к.), потекнуваат од ист предок.
  • Доселеници: Поповци (10 к.), доселени се од местото Букоо-рамно на планината Скопска Црна Гора; Павчевци (5 к.), и тие се доселени од местото Букоо-рамно, една нивна гранка се вика Вукановци, го знаат следното родословие: Раде (жив на 64 г. во 1969 година) Перо-Додо-Стојко, од Букоо-рамно се доселил неговиот татко; Коларовци (9 к.), доселени се од местото Св. Спас на планината Скопска Црна Гора; Горанчани (7 к.), доселени се од денешното албанско село Горанце кај Качаничка Клисура; Крагујевци (5 к.), за нив некој наведува дека се доселени од околината на Крагуевац, Србија. Меѓутоа, тие имаат ниви на местото Св. Спас па најверојатно од таму се доселени; Бошковци (8 к.), доселени се од Велешко; Станковчевци (4 к.), доселени се од Чучер; Василевци (3 к.), доселени се од Горњане, каде припаѓале на родот Маринковци, чие понатамошно потекло е од денешното албанско село Ѓурѓевдол во Качаничката Клисура; Мутовци (4 к.), доселени се однекаде и Кајовци (13 к.), по потекло се од селото Ѓерекара во Биначка Морава. Во тоа село по кажување биле тројца браќа. Меѓутоа кога се вршело потурчување двајца браќа го примиле исламот, а едниот не сакал да го прими и избегал и се иселил во селото Горњане. Меѓутоа неговата куќа во Горњане изгорела и затоа се иселиле во селото Чучер. Во Чучер останале неговите два сина (денес 20 к.), додека третиот дошол во селото Бањане.

Во селото живеат и Костиќи (1 к.), православни Роми, доселени во 1968 година од Могила во областа на Биначка Морава.

Општествени установи

уреди
 
Спомен-плоча за загинатите во НОБ во селото
  • Месна заедница

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Чучер-Сандево и која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од тогашната Општина Чучер-Сандево.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Кале.

Во периодот од 1955 до 1962 година, селото било дел од тогашната општина Бутељ. Потоа, оваа општината била распуштена и била префрлена во општината Кале.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бразда, во која покрај селото Бањане, се наоѓале и селата Блаце, Бразда, Визбегово, Глуво, Горно Оризари, Горњане, Мирковци и Чучер. Во периодот 1950-1952, селото исто така било дел од некогашната општина Бразда, во која влегувале селата Бањане, Бразда, Глуво, Горњане, Мирковци, Оризари и Чучер.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 2462 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната заедница.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 381 гласач.[18]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Поглед на главната селска црква „Св. Ѓорѓи“
Археолошки наоѓалишта[19]
Цркви[20]
Манастири
Спомен-плочи
  • Спомен-плоча за загинатите борци од НОБ
Реки

Личности

уреди
Родени во Бањане

Иселеништво

уреди

И од ова село имало доста иселени домаќинства. До 1970 година, иселеници има во Скопје (10 семејства), Орман (3 семејства, Кајовци), Ѓорче Петров (3 семејства), Бутел (3 семејства), Волково (1 семејство) и во Бардовци (1 семејство).[5]

Три семејства од селото се иселиле во Глогоњ во Војводина: Чакалови (2 семејства) и Коларовиќи (1 семејство).[5]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Трајчева, Елена. „Поводи и места за играње во етничкиот предел Скопска Црна Гора“ (PDF). Годишен зборник на Факултетот за музичка уметност при УГД (3): 228. Посетено на 9 април 2021.
  3. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 35. ISBN 978-608-220-026-2.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 19. Посетено на 10 февруари 2019.
  5. 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 5,10 5,11 5,12 5,13 5,14 5,15 Трифуноски, Јован Ф. (1971). Скопска Црна гора : природна средина, прошлост, насеља, становништво и привреда : (са скицама, фотографијама и картом) = Skopska Crna Gora : antropogeographische Forschungen. Skopje: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. OCLC 637308591.
  6. Георгиев, Величко, Стайко Трифонов, История на българите 1878 - 1944 в документи, том 1 1878 - 1912, част втора, стр. 296.
  7. Стојановски, Бојко (1999). Скопско Црногорие од Бразда до Брњарци. Скопје.
  8. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  9. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  10. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 206
  11. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 114-115.
  12. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  13. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 10 февруари 2020.
  14. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  15. Трифуноски, Јован (1958). „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Скопје: Филозофски факултет.
  16. според друго предание доселени се од Драчево
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 11 февруари 2020.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-02-17. Посетено на 11 февруари 2020.
  19. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  20. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  21. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 114.
  22. 22,00 22,01 22,02 22,03 22,04 22,05 22,06 22,07 22,08 22,09 22,10 22,11 22,12 22,13 22,14 22,15 22,16 22,17 22,18 22,19 22,20 22,21 22,22 22,23 22,24 22,25 22,26 22,27 22,28 22,29 22,30 22,31 22,32 22,33 22,34 22,35 22,36 22,37 22,38 22,39 22,40 22,41 22,42 22,43 22,44 22,45 22,46 22,47 22,48 22,49 22,50 22,51 22,52 22,53 Стојановски - Цоњче, Бојко (1999). Скопско црногорие: од Бразда до Брњарци - III Книга. Скопје: "Гоце Делчев". стр. 64–66. ISBN 9989-35-022-1.
  23. ИГУМЕН МЕФОДИЙ – ЧЕЛОВЕК С ОТКРЫТЫМ СЕРДЦЕМ

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди