Црква „Св. Никита“ - Горњане
Свети Никита — главна и единствена манастирска црква на средновековниот Горњански манастир во скопското село Горњане.[1] Прогласена е за споменик на културата на Македонија.
Свети Никита
| |
Поглед на црквата | |
македонска православна црква | |
Епархија | Скопска |
Архијерејско намесништво | Северноскопско |
Местоположба | |
---|---|
Координати | 42°6′28.27″N 21°22′48.38″E / 42.1078528° СГШ; 21.3801056° ИГД |
Место | Горњане |
Општина | Чучер-Сандево |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Свети Никита |
Изградба | 1307 |
Завршено | 1308 |
Живопис | 1316 |
Зограф | Михаил и Евтихиј |
Архитектонски опис |
Местоположба
уредиОваа средновековна црква се наоѓа на едно возвишение наречено Тромеѓа, под кое се наоѓаат селата Горњане, Бањане и Чучер. Различни автори различно наведуваат кому припаѓала оваа црква, која ја користеле селаните од сите три села.[2]
Катастарски објектот на црквата се наоѓа во атарот на селото Горњане.
Историја
уредиИсториските податоци навестуваат дека црквата е византиска градба и можеби потекнува од XII век, од кога потекнуваат и други византиски градби околу Скопје. Меѓутоа, таа градба подоцна била срушена и црквата заедно со манастирот биле обновени во 1307 година од страна на српскиот крал Милутин.[2] Сепак, најновите истражувања покажуваат дека можеби црквата била подигната подоцна, во периодот 1319-1320.[3]
Низ историјата црквата била повеќепати поправана и доградувана.[4]
Архитектура
уредиГрадбата на црквата има облик на впишан крст во правоаголен простор, со купола врз висок тамбур. Била изградена од делкан камен, тули и малтер. Керамопластичната декорација на фасадите е особена застапена при обликувањето на олтарната апсида.[3] Фасадата е збогатена и со слепи аркади исполнети со најразлични геометриски орнаменти.[4]
Фрескоживопис
уредиЦрквата е целосно живописана. Тоа било направено во 1316 година.[2] Истиот е добро зачуван. Имињата на зографите може да се видат врз штитот на фреската на Свети Теодор Тирон, насликана во првата зона. Тоа се потписите на прочуените средновековни сликари, Михаил и Евтихиј. Тие работеле и на фрескоживописот во црквата „Богородица Перивлептос“ во Охрид, а во 1317 година и голем дел од живописот на црквата „Св. Ѓорѓи“ во селото Старо Нагоричане.[3]
Овој фрескоживопис се смета за значајно дело во средновековната уметност во Македонија, поради својот богат иконографски репертоар и високите ликовни вредности.[3] Најголемиот дел е насликан во периодот на нејзиното градење, додека од поново време (од XIX век) е единствено фрескоживописот околу куполата.[4]
Во првата зона внимание привлекува фигурата на патронот на црквата „Св. Никита“, претставен во панцирна облека, со копје во десната и лак за стрели во левата рака. Од неговата десна страна, како воин во панцир и со целосно вооружување, е претставен „Св. Ѓорѓи“, а левата страна „Св. Стефан Првомаченик“. Во втората зона впечатливи се композициите „Изгонувањето на трговците од храмот“ и „Свадбата во Кана Галилејска“, а во третата зона сцените од страдањата Христови.[3]
Ова сликарство споредено со тоа во „Св. Богородица Перивлептос“ покажува развојна фаза и наместо монументалност се забележува наративен карактер на насликаните ликови и композиции.[3]
Сликарството од поново време било извршено од страна на Дичо Зограф, кој во темето на куполата на наосот ја пресликал Божествената литургија со Исус Седржител, запазувајќи го инкарнатот и линијата на облиците изведени од постарите мајстори.[5]
Иконостас
уредиКон крајот на 1846 година и почетокот на 1847 година, Дичо Зограф ги изработил иконите за целиот иконостас и ѕидното сликарство во куполата на наосот во црквата.[5]
За потребите на иконостасот ги изработил престолните икони Исус Христос Седржител, Богородица со Христос, Свети Јован Претеча, Свети Никита, Архангел Михаил, Крунисување на Богородица, Свети Ѓорѓи и Свети Димитриј, која денес се чува во оваа црква и стои потпрена на долниот дел од иконостасот се претпоставува дека припаѓала на иконостасот од црквата „Св. Троица“ во село Чучер.[5]
Дичо, исто така, ги изработил и царските двери, иконите со апостолите, празничните икони, крстот над иконостасот и мала икона Богородица со Христос и светители.[5]
-
Икона „Свети Никита“ од 1847 г.
-
Икона „Архангел Михаил“ од 1847 г.
-
Икона „Крунисување на Богородица“
-
Икона „Свети Ѓорѓи и Свети Димитриј“ од 1856 г.
-
Икона „Свети Јаков“
-
Икона „Отсекувањето на главата на Јован Крстител“
-
Икона „Богородица со Христос и светители“
Занимливост
уредиВо внатрешноста на црквата постои камен под кого се верува дека се наоѓаат моштите на светецот Никита.
Со овој камен поврзан е и ритуал, односно секој кој има некаква мака или желба доаѓа во црквата и најпрвин пали свеќа. Подоцна, клисарот на црквата ќе го тргне тепихот под кој се наоѓа самиот камен. Човекот ќе застане со лицето кон олтарот. Ќе се прекрсти, ќе направи круг и ќе се поклони свртен кон олтарот. Ова ќе го повтори трипати. По последниот круг се кажува молитвата „Оче наш“ и се кажува маката или желбата.[6]
Галерија
уреди-
Поглед на црквата
-
Знакот за споменик на културата
-
Фреска надвор од црквата
-
Поглед на црквата
-
Поглед на црквата
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Трифуноски, Јован Ф.; Трифуноски, Јован Ф. (1971). Скопска Црна гора : природна средина, прошлост, насеља, становништво и привреда : (са скицама, фотографијама и картом) = Skopska Crna Gora : antropogeographische Forschungen. Skopje: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. OCLC 637308591.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Свети“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1330. Text "series " ignored (help)
- ↑ 4,0 4,1 4,2 „Манастирот Свети Никита, скопско“. web.archive.org. 2015-04-02. Архивирано од изворникот на 2015-04-02. Посетено на 2020-01-27.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 „ИКОНОПИСНОТО ТВОРЕШТВО НА ДИЧО ЗОГРАФ ВО СКОПЈЕ И СКОПСКИОТ РЕГИОН“. preminportal.com.mk. Посетено на 2020-01-27.
- ↑ „Чудотворниот камен во манастирот Свети Никита на Скопска Црна Гора“. zase.mk. Посетено на 2020-02-01.
Надворешни врски
уреди- Црква „Св. Никита“ - Горњане на Ризницата ?