Вулканизам во Македонија

вулканските појави во геолошкото минато на Македонија

Вулканизам во Македонијавулканска дејност на територијата на Република Македонија која денес е згасната, но се одвивала во времето на протерозоикот, јурата и терцијарот.

Карта на вулканските области во Македонија.
(1) Осоговско-малешевска (2) Кратовско-злетовска (3) Кумановско-светиниколска (4) Бучимско-боровдолско-дамјанска (5) Кожуфска (6) Мариовско-кајмакчаланска (7) Охридско-коселска

Од протерозоиска старост вулканонаносната област претставува метагабро-дијабазен комплекс, образба од времето на рифејот и камбриумот, кој е распространет на Осоговско-малешевските Планини и Плачковица.[1] Остатоци од една мошне широко распространета јурска вулканска област на просторот на Вардарската зона денес се сочувани во офиолитскиот масив Демир КапијаГевгелија, кај Клепа (Велешко) и кај Липковско на Скопска Црна Гора. Карпестите маси се тип на океанска кора, изградена во долните нивоа од разновидни габрови, преку кои лежат масивни базалти и пилолави од спилит-базалти. Со терцијарната магматска активност се создадени Кратовско-злетовската вулканска област, во источните делови на Вардарската зона, појасот ТораницаСасаДелчевоПехчево и помалата Бучим-боровдолска вулканска област[1]. Сите се од горноолигоценска до средномиоценска старост, и изградени се од андезити, латити, кварцлатити. Со овој вулканизам се создадени оловно-цинкови, златоносни, бакарни и неметални наоѓалишта (ЗлетовоДобрево, Саса, Тораница, Бучим). Кожуфската вулканска област е од миоценско-плиоценска старост, има андезит-латитски и кварцлатитски состав и во неа се јавуваат оруднувања на антимон, арсен, талиум, злато и вулкански стакла.[1]

Вулкански области

уреди

Вулканските области во Македонија се подрачја со вулканска активност во далечното минато на Македонија, од олигоценот, миоценот, плиоценот, па сè до квартерот. Денес се издвојуваат седум области на згасната вулканска активност.[2]

Осоговско-малешевска вулканска област

уреди

Осоговско-малешевската вулканска област се протега од селото Луке на север преку Деве БаирТораницаСасаДелчевоПехчево.[2] Вулканите се одликувале со лава со преоден хемиски состав. Како последица на вулканската активност и ерозијата многу ретко се сочувани вистински вулкански купи. Како потипични во денешно време може да се споменат Буковик и Бело Брдо кај Пехчево. Староста на оваа вулканска активност е олиго-миоценска, а за оваа област е поврзана и минерализацијата на оловото и на цинкот во областите на Саса и на Тораница.

Кратовско-злетовска вулканска област

уреди
 
Поглед на Здравчи Камен.

Кратовско-злетовската вулканска област е најголемата згасната вулканска област на нашата територија. Се простира меѓу планината Козјак на север, реката Брегалница на југ, Овче Поле на запад и Осоговските Планини на исток. Вулканските избуви биле копнени и подводни и се одликувале со силна екпслозивна фаза со производство на голема количина на лава и пирокластични материјали. Во денешно време во релјефот се истакнуваат повеќе поранешни вулкански купи (Злетовска, Маричанска и Црн Врв). Од поствулканските појави се познати: мофети, фумароли и термоминерални извори (Кочанска Бања, Боровиќ и др.)[2]. За оваа вулканска активност се поврзани и минерализациите на олово и цинк.

Купи во Кратовско-злетовската вулканска област
Купа Височина (м) Истакнатост (м) Пречник

(км)

Вид врв Местоположба
Најг. Најм.
Баба 908 150 70 0,5 грло 42°4′11″N 22°10′48″E / 42.06972° СГШ; 22.18000° ИГД / 42.06972; 22.18000 (Баба)
Буковец 1.423 250 110 1,0 грло 42°3′32″N 22°13′16″E / 42.05889° СГШ; 22.22111° ИГД / 42.05889; 22.22111 (Буковец)
Голем Рид 1.532 400 200 1,4 грло 42°5′13″N 22°14′27″E / 42.08694° СГШ; 22.24083° ИГД / 42.08694; 22.24083 (Голем Рид)
Градиште 993 200 120 0,8 грло 42°2′4″N 22°11′41″E / 42.03444° СГШ; 22.19472° ИГД / 42.03444; 22.19472 (Градиште)
Живалевска Чука 723 200 60 0,7 грло 42°5′20″N 22°7′53″E / 42.08889° СГШ; 22.13139° ИГД / 42.08889; 22.13139 (Живалевска Чука)
Здравчи Камен 844 300 50 0,6 грло 42°4′47″N 22°8′43″E / 42.07972° СГШ; 22.14528° ИГД / 42.07972; 22.14528 (Здравчи Камен)
Кала 798 200 80 1,0 грло 42°1′4″N 22°10′11″E / 42.01778° СГШ; 22.16972° ИГД / 42.01778; 22.16972 (Кала)
Куновска Чука 1.347 600 100 0,8 грло 42°3′43″N 22°15′8″E / 42.06194° СГШ; 22.25222° ИГД / 42.06194; 22.25222 (Куновска Чука)
Лесновска Купа 1.127 500 300 3,2 калдера 42°1′10″N 22°13′44″E / 42.01944° СГШ; 22.22889° ИГД / 42.01944; 22.22889 (Лесновска Купа)
Марчинска Купа 1.044 250 50 1,0 грло 42°2′3″N 22°11′0″E / 42.03417° СГШ; 22.18333° ИГД / 42.03417; 22.18333 (Марчинска Купа)
Пантелејска Чука 825 100 60 0,5 грло 41°57′33″N 22°18′53″E / 41.95917° СГШ; 22.31472° ИГД / 41.95917; 22.31472 (Пантелејска Чука)
Плавичка Купа 1.297 500 400 3,0 калдера 42°2′58″N 22°10′44″E / 42.04944° СГШ; 22.17889° ИГД / 42.04944; 22.17889 (Плавичка Купа)
Преслап 1.117 300 150 1,2 калдера 41°59′27″N 22°18′17″E / 41.99083° СГШ; 22.30472° ИГД / 41.99083; 22.30472 (Преслап)
Рајчанска Купа 867 350 200 3,5 калдери (2) 41°56′36″N 22°15′32″E / 41.94333° СГШ; 22.25889° ИГД / 41.94333; 22.25889 (Рајчанска Купа)
Уво 1.472 300 160 1,2 грло 42°3′25″N 22°13′53″E / 42.05694° СГШ; 22.23139° ИГД / 42.05694; 22.23139 (Уво)

Кумановско-светиниколска вулканска област

уреди
 
Костоперска Карпа, Кумановско — остаток од голема вулканска плоча.

Кумановско-светиниколската вулканска област се наоѓа меѓу Нагоричане, Кумановско до Свети Николе. Вулканите биле од линеарен тип, кои се наоѓале на местата на длабоките структури и од нив се излевала базична лава, а вулканските избуви биле следени и со послаби експлозии. Лавата, која се продуцирала на површината на Земјата, градела сливови и плочи од базична лава што се наредени еден преку друг. Во одредени фази на работата на вулканите се произвела и одредена количина на пирокластични материјали што се наталожени преку сливовите на лави. Староста на оваа вулканска активност е на границата на олигоценот и на миоценот.

Бучимско-боровдолско-дамјанска вулканска област

уреди
 
Вулкански купи крај езерото Мантово, Радовишко.

Бучимско-боровдолско-дамјанската вулканска област е просторно сместена меѓу Штип и Радовиш. Како морфолошки облици се забележуваат вулканските купи и кратери: Пилав Тепе, Трескавичка Чука и др. За оваа вулканска активност е поврзано и оруднувањето на бакар во Бучим и во Боров Дол и одруднувањето на железо во Дамјан.[2]

Мариовско-кајмакчаланска вулканска област

уреди

Мариовско-кајмакчаланската вулканска област се протега меѓу селото Витолиште на север и планината Ниџе со Кајмакчалан на југ. Вулканската активност била проследена со силна производство на пирокластични материјали. Ова условува овој дел од теренот да е препокриен со: туфови, бречи и агломерати. Во одделни фази имало и производство на поголема количина на лава, која денеска се манифестира со појава на вулкански карпи во определени месности како што се: Камила, Црна Тумба, Кравица и др.

Кожуфска вулканска област

уреди
 
Висорамнината Витачево, сочинета од туф.

Кожуфската вулканска област е најмладата вулканска област во Македонија. Нејзината старост е одредена како миоценско-плиоценска до квартерна. Се наоѓа меѓу Кавадарци на север и планината Кожуф на југ со продолжеток кон Егејска Македонија. Вулканската активност се одликувала со експлозивна работа на вулканите и производство на голема количина на пирокластични материјали, кои, во периодот од плиоцен до квартер го заполниле Тиквешкото Езеро. Денес во морфологијата на планината Кожуф се забележуваат бројни остатоци од некогашните вулкани како што се: Васов Град, Коприва, Прашник, Цврстец, Острец, Дудица и Момина Чука. Со оваа вулканска област се поврзани и минерализациите: на бакар, на олово и на цинк на Дудица, како и минерализациите на: арсен, антимон, злато и талиум во Алшар.[2]

Охридско-коселска вулканска област

уреди
 
Вулканска образба кај Косел.

Охридско-коселската вулканска област се наоѓа северно од Охрид. Тука вулканската активност е поврзана за систем на раседи од кои најпознат е Коселскиот Расед. По должината на раседните структури кај селата: Песочани, Вапила, Косел, Велгошти се појавуваат поствулкански појави како што се мофетите. Најпозната е солфатарата-мофета кај селото Косел.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Вулкански области во Македонија“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 323–324. Text "series " ignored (help)
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Група автори (2016). „Појави на вулканизам на територијата на Република Македонија“. Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (PDF). Скопје: Министерство за животна средина и просторно планирање. стр. 57-59. ISBN 978-9989-110-90-0.

Надворешни врски

уреди