Фумарола

(Пренасочено од Солфатара)

Фумарола (италијански: fumarola) или чадилка — отвор во Земјината кора во вулканско подрачје, од код кој избиваат пареа и гасови како јаглерод диоксид, сулфур диоксид, хлороводород и сулфурводород. Струјата настанува кога прегреаната вода кондензира со снижувањето на притисокот при излегувањето од земјата. Фумаролата која испушта сулфурни гасови се нарекува солфатара (од италијански: solfo, сулфур).

Фумароли на островот Вулкано, Сицилија.
Отвор на солфатарата Дувало кај с. Косел, Охридско.

Ваквата образба може да се јави на места од многу мали пукнатини, па сè до големи расцепи, во безредни китки или полиња, но и на површините на лавини текови и дебели наслаги од пирокластични текови. фумаролско поле е подрачје со топли извори и гасни отвори каде магма или врелите магматски карпи се сместени плитко и испуштаат гасови или доаѓаат во допир со подземните води.[1]

Фумаролите опстануваат со десетлетија или векови ако се сместени над долготраен извор на топлина; може да исчезне во текот на неколку седмици или месеци ако е поставена врз нова вулканска наслага која бргу се разладува. На пример, Долината на Десет Илјади Чадови е создадена во 1912 г. со избувот на Новарупта во Алјаска. Првично се јавиле илјадници фумароли во пепелот, но како што тој се ладел, тие постепено исчезнувале и денес се исчезнати.

Оние фумароли кои испуштаат сулфурни испаренија од површински наслаги се искористуваат за добивање на сулфур. Таков пример е фумаролата Дувало кај с. Косел, Охридско од која се вадел сулфур во турско време.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Neuendorf, Klaus K. E. (2005). Jackson, Julia A.; Mehl, James P.; Neuendorf, Klaus K. E. (уред.). Glossary of Geology. Springer Science & Business Media. стр. 257. ISBN 9780922152766. Посетено на 2015-06-06.

Надворешни врски

уреди