Мехмед I
Мехмед І бил петтиот султан на Отоманското Царство. По смртта на неговиот брат Муса Челебија, осмманлиските земји останале под власта на Мехмед. Тој станал најголемиот монарх чии територии се простирале од Сивас преку Анкара до Бурса и Мраморно Море. Според еден натпис во Ќутахија од 1414 година, на Мехмед му се потчиниле емирот на Ајдан и на Гермијан. Во Европа, границите на османлиската држава ги вклучувале Силиври, место блиску до Цариград на исток, долината на реката Морава и реката Дунав на север. На југ земјата се протегала до Пелопонез, без повластените брегови кои биле под управа на Византија, како и без Албанија и Епир.
Мехмед Челеби محمد چلبى | |
---|---|
Султан на Отоманското Царство | |
Период | Подем на Отоманското Царство |
Крунисување | 1413 |
Полно име | Мехмед I |
Роден | 1390 |
Место | Бурса |
Починал | 26 мај 1421 |
Место | Одрин |
Погребан | Џамија Јешил, Бурса |
Претходник | Интеррегнум |
Наследник | Мурат II |
Сопружник | Шехзаде Хатун Кумру Хатун Емине Хатун |
Потомство | Мехмед Челеби Ахмед Челеби |
Семејство | Отоманска династија |
Династија | Отоманска династија |
Татко | Бајазид I |
Валиде султан | Девлет Хатун |
Обединување на империјата
уредиУште пред враќањето на Мехмед од последната битка против Муса, престолнината му Бурса била опсадена. Во текот на јуни 1413 година, емирот на Караманија ја нападнал Бурса и го опожарил целиот град. Целта на емирот била да ја зазеде тврдината, но кога дознал за ова управителот на градот Хаџи Иваз паша, извршил напад и силите на Караманија се повлекле кон планината. По ова следувал и втор напад од страна на пашата и целосно ги победил. Но опсадата продолжила со мали прекини до јули 1413 година, кога во Бурса пристигнал ковчегот на Муса Челебија и победникот на војната Мехмед.
До крајот на годината се водиле преговори со императорот Мануел и балканските кнезови. Според Дука, Мануел го испратил својот амбасадор кај Мехмед за да ги исполни дадените во Цариград ветувања. Султанот се согласил и склучил договор, според кој ги отстапува "сите тврдини на Црното Море, селата и тврдините во Тесалија и реоните покрај Мраморното Море". Тој се обратил до Мануел со традиционални византиски изрази како "мојот татко, императорот на ромеите на кого ќе се покорам како на татко". Овие зборови во случај да не се додадени од страна на Дука, покажуваат дека новиот договор е потврда на одредбите од Галиполскиот договор (1403 година) кои се однесуваат на Византија. Дука наведува и другите владетели, чии пратеници пристигнале во Бурса. Но споменувањето на пратениците од Бугарија, која веќе не постои како независна држава, покажува дека Дука едноставно замислува што се случило всушност. Посочувањето на Србија сепак, е точно, бидејќи Константин Филозоф, исто така го опишал ова, но од Мехмед кај Стефан Лазаревиќ. Преку него на деспотот биле вратени тврдината Чупријан и реонот меѓу Врање и Софија.
Така во следните години завладеал мир. Дубровнишки писма забележуваат дека во мај 1414 година во Рашка бил постигнат мир и дека во јуни 1415 година деспотот на Славонија - Стефан Лазаревиќ го одобрил мирот со турските сили. Во октомври 1416 година повторно се споменува мирот меѓу двете земји[1]. За Мануел сепак договорот служи само како позадина. Кон крајот на 1413 година неговиот амбасадор заминал во Венеција, за да бара пари за војна против Османлиите, но во јануари 1414 година бил одбиен. Всушност венецијанците се обиделе да постигнат сепаративен договор со Мехмед и во јули 1414 година. Франческо Фоскарини започнал да преговара со отоманските претставници. Фоскарини бил информиран дека емирот на Ајдин и Нане исто така барале договор со Мехмед. Тоа се гледа од мислењето на претставниците од Венеција според кои сметале дека крајот од преговорите со емиратите ќе му даде на султанот власт да ги спречува од напади врз бродовите на Републиката. Сепак, овој договор не бил постигнат.
По пропаѓањето на договорот меѓу Византија и Венеција, Мануел го пуштил на слобода синот на Сулејман, Орхан кој заминал во Влашко за да добие поддршка од Мирчо. Но самиот Орхан бил заробен во Јамбол каде неговите сили биле поразени, а Орхан бил ослепен и донесен во Бурса по заповед на султанот Мехмед во 1414 година.
1415-1416
уредиДодека Мехмед бил во Мала Азија, во Европа османлиските напади биле обновени. Во февруари 1415 година започнале нереди во Босна, а во едно дубровничко писмо се споменува дека Исхак Турчинот ја собирал армијата за далечни напади. Веројатно тоа е армијата која ги победила Унгарците во август[2] и според Константин, и заробила двајца унгарски благородници, Јован и Петар Марони. По интервенцијата на Стефан Лазаревиќ тие успеале да бидат откупени и пуштени на слободата.
Нови воени дејствија биле преземени против братот на Мехмед, познат како Лажниот Мустафа во летото 1415 година кој се наоѓал во Трапезунд. Во август Мустафа заминал во влашко на покана од влашкиот владетел Мирчо за да се договорат околу идните воени походи и начинот на кој Мехмед ќе биде симнат од власт.
Во исто време Мехмед бил заплашен и од бунтови во Егејско Море. Прв започнал да дејствува византискиот цар Мануел. Во март 1415 година тој заминал од главниот град кон Пелопонез, а во април надгледува обновата на Хексамилион[3], кој требало да ја заштити Мистра од отомански напади. Сепак, даноците за изградба на тврдината ги принудиле жителите на Мистра да бегаат кон венецијански територии во Пелопонез.
Венеција кон крајот 1415 година забрзано работела на формирање на антиосманлискиот сојуз, но без поголем успех. Османлиите најпрвин успеале да ја потиснат венецијанската флота и во текот на јануари 1416 година успеале да го заземат Негропонте, од каде однеле 1.500 заробеници. Венеција во текот на април 1416 година се обидела да договори мир со султанот Мехмед, но неуспешен бил обидот во овие преговори на пратеникот Долфин Вениер. На 29 мај 1416 година венецијанската флота предводена од капетанот Пјетро Лорендано ја уништила османлиската ескадра на Дарданелите кај Галиполе, а нејзиниот командант Чали бег загинал во судирот.
Во текот на 1416 година исто така кулминирале два бунта, едниот бунт во Западна Анадолија, во близина на Измир, кој бил предводен од Берклуџе Мустафа и другиот во регионот на Добруџа и Делиорман во североисточна Бугарија, предводен од Бедредин Симави. Но, ова востание всушност било поттикнато од влашкиот војвода Мирче, сè со цел да завладее со тие области. Востанието на шејхот Бедредин било толку силно што по неговата смрт се појавила и секта со неговото име во Добруџа која го сметала шејхот Бедредин за свој духовен водач. Бунтот бил задушен во текот на декември 1416 година, притоа без поголеми жртви и на двете страни, а водачот на бунтот шејхот Бедредин бил фатен и обесен во Сер.
1417-1421
уредиВо текот на 1417 година Мехмед го опсадувал Солун со намера да го зароби својот брат Мустафа и Ѓунејд од Ајдин. Но, набргу по интервенцијата на византискиот цар Мануил, Мустафа бил задржан во заробеништво, а притоа бил постигнат договор со султанот Мехмед со кој Византија се обврзала да му исплаќа 3.000 сребреници годишно. Во пролетта 1417 година, Мехмед тргнал во кампања во Анадолија, притоа разорувајќи многу гратчиња и села по патот до Конија и Караман. Мехмед внимавал да не ги наруши односите со синот на Тимур, Шахрух, кој во тој период им се заканил на анадолските кнежевства дека сурово ќе го казни секој обид на непослушност. Мехмед по Анадолија своите сили ги насочил кон Балканот каде се судрил со Мирчо Стариот, војводата на Влашка и во 1419 година го освоил градот Ѓурѓево, кој претставувал стратешка тврдина за Османлиите која била сместена на левиот брег на Дунав. Исто така, заземен бил и градот Турну Северин.
Голем успех на султанот Мехмед претставувало и освојувањето на џеновската колонија во Самсун и градот Бафра во Анадолија, по судирот на Мехмед со Исфендароглу. Целта на султанот Мехмед I била реобнова на централизираната империја од времето на неговиот татко султанот Бајазид I. Во текот на овој период османлиската држава, пред сè била контролирана од анадолските семејства кои господареле со вакуфи или емлаци (земја во слободна сопственост). Овие семејства ги поддржувале поранешните династии, кои биле благонаклонети кон нив и тешко можеле да се одвикнат од старите традиции, кои биле во спротивност со централизацијата и од таму тие одиграле и главна улога во граѓанските војни. Во овој период особено се развил и кулот т.е. османлискиот систем над потчинетите. Исто така, јаничарските корпуси се зголемиле на шест до седум илјади воени намесници со потекло од потчинетите народи, вклучително и војска од спахии, кои имале голема улога во зацврстувањето на централната власт. Додека спахијата бил задолжен да опреми по најмалку еден џебелија. Според историчарот Иналџик, и тогашните османлиски изворни документи, може да се заклучи дека данокот за робови (а пред сè млади момчиња), т.е. девширме, отпочнал пошироко да се применува кон крајот на 14 век. По потчинувањето на Влашка и војводата Мирче во 1421 година, тој бил обврзан да му плаќа данок на султанот и да праќа одреди од неговата војска, Мехмед ги засилил трите тврдини на брегот на Дунав, меѓу кои Ѓурѓево, Исакча и Турну Северин. Меѓутоа набрзо потоа во текот на летото 1421 г. додека јавал на својот коњ султанот Мехмед доживеал несреќа а набрзо потоа и починал.
Наводи
уреди- ↑ 2St. STANOJEVIC, „Die Biographie Stefan Lazarevits von Konstantin dem Philosophen als Geschichtsquelle", Archiv für Slavische Philologie, XVIII (1896), 453.
- ↑ S. STANOJEVIC, „Die Biographie Stefan Lazarevits",455.
- ↑ J.W. BARKER, Manuel II Palaeologus: a Study in Late Byzantine Statesmanship, New Brunswick (1968).