Том Стопард

британски драмски писател

Том Стопард (англиски: Tom Stoppard; роден како Томаш Штрауслер чешки: Tomáš Straussler; 3 јули 1937 година) ― британски драматург и сценарист со чешко потекло.[1] Пишувал сценарија за филм, радио, театар и телевизија. Во неговите дела ги опфаќа темите за човековите права, цензурата и политичката слобода, а често навлегувал во подлабоката филозофска тематика на општеството. Стопард бил драматург при британскиот Кралски национален театар и бил еден од најизведуваните драматурзи од неговата генерација во светски рамки.[2] За неговиот придонес во театарот, кралицата Елизабета II во 1997 година го прогласила за витез.

Сер
Том Стопард
РЧ CBE FRSL 
Том Стопард во 2022
Роден/аТомаш Штрауслер
3 јули 1937(1937-07-03)(87 г.)
Злин, Чехословачка (денес Чешка Република)
Занимање
  • Драмски писател
  • сценарист
Период1953–денес
Жанр
Сопруг/а
  • Џози Ингл
     (в. 1965; раз. 1972)
  • Миријам Стерн
     (в. 1972; раз. 1992)
  • Сабрина Гинис
     (в. 2014)
ПартнерФелисити Кендал (1991–1998)
Деца4
мрежно место
unitedagents.co.uk/tom-stoppard

Том Стопард е роден во Чехословачка која ја напуштил како дете-бегалец од непосредната нацистичка окупација. Во 1946 година со неговото семејство се преселил во Велика Британија, откако претходните три години (1943–1946) ги поминал во Дарџилинг на индиските Хималаи. Учел во училиштата во Нотингем и Јоркшир. Подоцна станал новинар, драмски критичар, а во 1960 година и драматург.

Најпознати драми на Стопард се: Розенкранц и Гилденстерн се мртви (1966), Скокачи (1972), Гротески (1974), Ноќ и ден (1978), Вистинска работа (1982), Аркадија (1993), Изумот на љубовта (1997), Брегот на Утопија (2002), Рокенрол (2006) и Леополдштат (2020). Тој ги напишал сценаријата за Бразил (1985), Империја на сонцето (1987), Руска куќа (1990), Били Батгејт (1991), Вљубениот Шекспир (1998), Енигма (2001) и Ана Каренина (2012), како и ограничената серија на HBO „Крај на Рајот“ (2013). Тој го режирал филмот Розенкранц и Гилденстерн се мртви (1990), адаптација на неговата драма од 1966 година, со Гери Олдман и Тим Рот во главните улоги.

Добитник е на многу награди и почести, вклучувајќи Оскар, награда Лоренс Оливие и пет награди Тони.[3] Во 2008 година, Дејли Телеграф го ставил на 11-то место на нивниот список од „100 најмоќни луѓе во британската култура“.[4]

Животопис

уреди

Том Стопард е роден како Томаш Штрауслер,[5] во Злин, во регионот Моравија во Чехословачка. Тој бил единствено дете на Марта Бекова и Еуген Штрауслер,[5] доктор вработен во компанијата за чевли Бата. Неговите родители биле Евреи.[6] Непосредно пред германската окупација на Чехословачка, патронот на градот, Јан Антонин Бата, ги префрлил неговите еврејски работници, претежно лекари, во подружници на неговата компанија надвор од Европа.[7][8] На 15 март 1939 година, денот кога нацистите ја нападнале Чехословачка, семејството Штрауслер [5] побегнало во Сингапур, каде што Бата имал фабрика.

Пред јапонската окупација на Сингапур, Стопард, неговиот брат и нивната мајка избегале во Индија. Таткото на Стопард останал во Сингапур како доброволец во британската армија, знаејќи дека како лекар ќе биде потребен за неговата одбрана.[6] Кога Стопард имал четири години, неговиот татко починал.[9] Тој долго време мислел дека татко му починал како воен заробеник на Јапонците.[10][11] Ова е наведено во книгата Во разговор со Том Стопард, но авторот подоцна го открил дека татко му бил пријавен [5] како давител на брод кој бил бомбардиран од јапонските сили, додека се обидувал да побегне од Сингапур во 1942 година.[6]

Во 1945 година, неговата мајка, Марта, се омажила за британскиот мајор Кенет Стопард и во 1946 година се преселиле во Англија.[1] Стопард учел во Нотингемшир, а подоцна и во училиштето Поклингтон во Ист Рајдинг, Јоркшир.[11]

На 17 години Стопард го напуштил училиштето и почнал да работи како новинар во Вестерн Дејли Прес во Бристол.[11] Години подоцна, тој почнал да жали поради одлуката да се откаже од универзитетското образование.[11] Работел во весникот од 1954 до 1958 година, а потоа од Bristol Evening World добил понуда да стане писател, хумористичен колумнист и секундарен драмски критичар, што го одвело во светот на театарот. Во Бристол, станал познат повеќе по неговите невешти обиди за хумор и лошиот стил на облекување отколку по неговото пишување.[1]

Кариера

уреди

Почетоци

уреди

Стопард напишал кратки радио-драми во 1953-1954 година, а во 1960 година ја завршил неговата прва сценска драма, Прошетка по водата, која подоцна била преименувана во Влези во слободен човек (1968).[11] Тој рекол дека за пишувањето на делото големи заслуги имаат Расцветаната цреша од Роберт Болт и Смртта на трговскиот патник од Артур Милер. Неговата прва драма била избрана, поставена во Хамбург, а потоа и емитувана на Британската независна телевизија во 1963 година.[1] Од септември 1962 година до април 1963 година, Стопард работел во Лондон како драмски критичар за списанието Scene, пишувајќи критики и интервјуа и под неговото име и под псевдонимот Вилијам Бут (преземено од Scoop од Ивлин Во). Во 1964 година, добил грант од Фондацијата Форд кој на Стопард му овозможил да помине 5 месеци пишувајќи во замок во Берлин и се појавил во едночинката под наслов Розенкранц и Гилденстерн се запознаваат кралот Лир, која подоцна еволуирала во неговата драма Розенкранц и Гилденстерн се мртви, наградена со Тони.[1]

Следните години, Стопард продуцирал неколку дела за радио, телевизија и театар, меѓу кои: „М“ е за Месечината покрај другите нешта (1964), Одделен мир (1966) и Ако ти е мило, ќе бидам Френк (1966). На 11 април 1967 г – по наградата на фестивалот во Единбург во 1966 година – Розенкранц и Гилденстерн се мртви била изведена од Кралскиот националниот театар во Олд Вик и Стопард преку ноќ станал успешен. Во драмата Скокачи (1972) професор по морална филозофија се обидува да го реши мистериозното убиство. Гротески (1974) се занимава со „Вајлдовата“ веројатност на фактот дека Владимир Ленин, Џејмс Џојс и Тристан Цара биле во Цирих за време на Првата светска војна.[2] Стопард напишал и еден роман, Лорд Малквист и г-дин Мун (1966), сместен во современ Лондон.

1980-тите

уреди

Во 1980-тите, покрај пишувањето свои дела, Стопард превел многу драми на англиски, вклучувајќи дела од Славомир Мрожек, Јохан Нестрој, Артур Шницлер и Вацлав Хавел. Во тоа време Стопард бил под влијание на делата на полските и чешките апсурдисти.

Во 1982 година премиерно била изведена драмата од Стопард „Вистинската работа“. Драмата се смета за една од „најпопуларните, најтрајните и најдобри автобиографски драми на Стопард“.[12]

Претставата била пренесена на Бродвеј во 1984 година, во режија на Мајк Николс со Џереми Ајронс и Глен Клоуз во главните улоги. Театарскиот критичар од Њујорк Тајмс, Френк Рич, изјавил: „Бродвејската верзија на „Вистинската работа“ - значителна ревизија на оригиналната лондонска продукција - не е само најтрогателната претстава на г-дин Стопард, туку и највозбудлива драма за љубовта и бракот напишана во претходните неколку години“.[13] Продукцијата добила седум номинации за наградата Тони, а освоила пет награди за најдобра претстава, како и награда за Николс, Ајронс, Клоус и Барански.[14] Ова е трета Тони награда за најдобра претстава за Стопард, по Розенкранц и Гилденстерн се мртви во 1968 година и Гротески во 1976 година.

Во 1985 година, Стопард заедно со Тери Гилијам и Чарлс МекКјун бил косценарист на долгометражниот филм, сатиричната научно-фантастична темна комедија Бразил (1985). Филмот добил многу позитивни критики. Стопард заедно со Гилијам и МекКјун биле номинирани за Оскар за најдобро оригинално сценарио. Тој подоцна ги напишал сценаријата за филмовите од Стивен Спилберг: Империја на сонцето (1987) и Индијана Џонс: последната крстоносна војна (1989).[15]

1990-ти

уреди

Во 1993 година, Стопард ја напишал Аркадија, драма во која ја истражува интеракцијата меѓу два современи академици и жителите на селската куќа во Дербишир на почетокот на 19 век, вклучувајќи аристократи, тутори и минливото присуство на сцената, невидено од Лорд Бајрон.

Драмата премиерно била изведена во Кралскиот национален театар, а во 1993 година ја добила наградата Лоренс Оливие за најдобра нова драма. Една година подоцна драмата била префрлена на Бродвеј. Бродвејската продукцијата добила три номинации за наградата Тони, меѓу кои и номинација за најдобра драма.

Стопард добил признание со пишувањето на сценариото за играниот филм Вљубениот Шекспир (1998). Филмот е романтична комедија во кој се обработува измислената приказна за љубовта на Вилијам Шекспир кон една млада жена која е инспирација за драмата Ромео и Јулија. Во филмот глумат: Џозеф Фајнс, Гвинет Палтроу, Џефри Раш, Колин Фирт и Џуди Денч. Филмот добил седум награди на Оскар, вклучувајќи ја и наградата за најдобар филм. Стопард вторпат бил номиниран за Оскар и првпат ја добил наградата за најдобро оригинално сценарио. За неговото сценарио добил и награда БАФТА и награда Златен глобус.

2000-ти

уреди

Брегот на Утопија (2002) бил драмска трилогија во која Стопард пишувал за филозофските аргументи меѓу руските револуционери од крајот на 19 век. Трилогијата се состои од „Патување“, „Бродолом “ и „Спасување“. Главните ликови во драмата се: Михаил Бакунин, Иван Тургенев и Александар Херцен.[16] Претставата премиерно била изведена во 2002 година во Националниот театар во режија на Тревор Нан и добила три номинации за наградата Лоренс Оливие, вклучително и за најдобра нова драма, но загубила во сите категории.

Рокенрол (2006) била поставена во Кембриџ и во Прага. Претставата се занимава рок-музичката култура во 1960-тите, особено личноста на Сид Барет и политичкиот предизвик на чешкиот бенд The Plastic People of the Universe, пресликувајќи го контрастот помеѓу либералното општество во Англија и репресивната чешка држава по интервенцијата на Варшавскиот пакт во Прашката пролет.[17]

2010-ти

уреди

За Џо Рајт, Стопард ја адаптирал Ана Каренина од Лав Толстој за филм од 2012 година со Кира Најтли во главната улога. Филмската критичарка Лиза Шварцбаум за Entertainment Weekly го пофалила филмот и пишувањето на Стопард.

Во 2013 година, Стопард напишал ограничена серија од пет дела „Крај на парадата“, која се врти околу љубовен триаголник помеѓу конзервативен англиски аристократ, неговата злобна социјалистичка сопруга и млада суфражетка. Во серијата глумат Бенедикт Камбербач и Ребека Хол. Стопард добил Телевизиска награда од Британската академија и бил номиниран за наградата Еми за ударен термин за серијата.[18]

Во јуни 2019 година било објавено дека Стопард напишал нова драма, Леополдштат, сместена во еврејската заедница од Виена на почетокот на 20 век. Претставата била премиерно изведена во јануари 2020 година во театарот Виндам,[19] и била наградена со Лоренс Оливие за најдобра нова претстава.[20][21] Претставата потоа била префрлена на Бродвеј, премиерно прикажана на 2 октомври 2022 година.[22] Била номинирана за шест награди Тони, а освоила четири, вклучувајќи ја и наградта за најдобра драма.

Сценарио

уреди

Стопард, исто така, ги напишал сценаријата за: Вљубениот Шекспир (1998) и Индијана Џонс: Последната крстоносна војна (1989).[15] Стопард работел и на Војна на ѕвездите Епизода 3: Одмаздата на Сит, но Стопард не добил официјална или формална заслуга за ова.[23][24] На сличен начин соработувал со Тим Бартон за неговиот филм Заспаната долина.[25] Неговата радио-продукција, Darkside (2013), била напишана за BBC Radio 2 за 40-годишнината од албумот од Pink Floyd, The Dark Side of the Moon.[26]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Reiter, Amy (13 November 2001). „Tom Stoppard“. Salon. Посетено на 9 October 2008.
  2. 2,0 2,1 "Stoppard, Tom" The Oxford Companion to Theatre and Performance. Edited by Dennis Kennedy. Oxford University Press Inc.
  3. „Stoppard play sweeps Tony awards“. BBC News. 11 June 2007. Посетено на 5 October 2008.
  4. „The 100 most powerful people in British culture“. The Daily Telegraph. 9 November 2016. Архивирано од изворникот на 12 January 2022. Посетено на 9 May 2020.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Kois, Dan (23 February 2021). „Tom Stoppard Doesn't Trust Biographies. Now He's the Subject of One“. Slate Magazine. Посетено на 24 February 2021.
  6. 6,0 6,1 6,2 Moss, Stephen (22 June 2002). „And now, the real thing“. 'The Guardian. Посетено на 10 February 2010.
  7. „Theresienstadt memorial archive Tom Stoppard Discloses his Past. Архивирано од изворникот на 2016-11-06. Посетено на 2024-03-20.
  8. "And now the real thing" The Guardian, 22 June 2002. Retrieved 10 October 2010
  9. Bloom, p.13
  10. Tom Stoppard, Paul Delaney (1994). Tom Stoppard in Conversation, p. 91, University of Michigan Press
  11. 11,0 11,1 11,2 11,3 11,4 BBC John Tusa Interview (Audio 43 mins). Transcript
  12. Baddeley, Anna (29 January 2015). „The Telegraph's original verdicts on Tom Stoppard's plays“. The Daily Telegraph. ISSN 0307-1235. Посетено на 16 July 2019.
  13. Rich, Frank (6 January 1984). „THEATER: TOM STOPPARD'S REAL THING. The New York Times. Посетено на 14 June 2022.
  14. Freedman, Samuel G. (4 June 1984). 'REAL THING' AND 'LA CAGE' DOMINATE THE TONY AWARDS“. The New York Times. Посетено на 14 June 2022.
  15. 15,0 15,1 „Empire: Features“. Empire. Посетено на 8 July 2009.
  16. „The Coast of Utopia: Voyage“. Royal National Theatre. 2008. Архивирано од изворникот на 18 May 2011. Посетено на 12 October 2020.
  17. Broderson, Elizabeth (2008). „Words on Plays: Rock'n'Roll“ (PDF). act.sf. Посетено на 11 October 2020.[мртва врска]
  18. „Emmys 2013: Benedict Cumberbatch on 'Parade's End“. Los Angeles Times. 19 July 2013. Посетено на 14 June 2022.
  19. Brown, Mark (26 June 2019). „Jewish district inspires Tom Stoppard in 'personal' new play“. The Guardian. Посетено на 18 September 2021.
  20. Wolf, Matt (26 October 2020). „2020 Olivier Awards: Better late than never as Dear Evan Hansen and Tom Stoppard win top awards“. London Theatre Guide. Посетено на 2 October 2021.
  21. „Tom Stoppard's Olivier-Winning Leopoldstadt Sets Dates for West End Return“. Broadway.com. Посетено на 2 October 2021.
  22. Dowd, Maureen (7 September 2022). „Tom Stoppard Finally Looks Into His Shadow“. The New York Times. Посетено на 26 September 2022.
  23. „TimeOut New York interview“. 17 September 2014.
  24. Rolling Stone magazine article. Retrieved 19 February 2010
  25. Morris, Mark (30 November 1999). "Get me Tom Stoppard". The Guardian Retrieved 9 May 2020.
  26. „Tom Stoppard's Dark Side comes to BBC Radio 2“. Tuppence Magazine. 16 April 2013. Посетено на 28 April 2013.

Извори

уреди

Надворешни врски

уреди