Смртта на трговскиот патник

Смртта на трговскиот патник (англиски: Death of a Salesman) - драма на американскиот писател Артур Милер од 1949 година.

За драмата

уреди

Драмата содржи два чина и еден реквием. Од критиката, таа е оценета како ремек-дело и како најдобар драмски текст на Милер. Критичарите ја оценуваат како „приказна за Пепелашка во облик на маж“ (Хоган), како модерна верзија на „гинтизмот“ (Геснер), но и како осуда на „американскиот сон“.[1]

Ликови

уреди

Во дарамата се појавуваат следниве ликови:[2]

  • Вили Ломан, трговски патник
  • Линда, неговата жена
  • Биф, неговиот постар син
  • Хепи, неговиот помлад син
  • Стрикото Бен, брат на Вили
  • Чарли, сосед на Вили
  • Бернард, син на Чарли
  • Џени, секретарка на Чарли
  • Жената
  • Стенли, келнер
  • Госпоѓица Форсајт
  • Лета

Содржина

уреди

Прв чин

уреди

Трговскиот патник Вили ненадејно се враќа дома, бидејќи не бил во состојба да вози и за малку ќе направел сообраќајна незгода. Тој е растроен и се чувствува многу уморен од работата и животот. Во неговиот дом се наоѓаат Биф и Хепи, неговите два сина, кои му дошле во посета. Вили е во лоши односи со Биф, бидејќи не е задоволен од неговиот начин на живот. Имено, Биф нема успех во животот поради што е во постојани расправии со татко му. Исцрпениот Вили одвреме-навреме губи врска со реалноста, си зборува сам со себе и му се причинуваат некои ликови од неговиот живот. Така, често „зборува“ со постариот брат, Бен, кој во младоста заминал во Алјаска и таму се збогатил. Поради тоа, Вили си префрла самиот на себе, бидејќи не ја прифатил поканата на Бен да му се придружи во Алјаска.
Иако има триесетгодишен стаж како трговски патник, во последно време, Вили заработува малку и недостигот на пари му создава постојан притисок. Неговиот син Биф променил многу работи, но наспроти желбата на татко му, не се гледа себеси како успешен деловен човек, туку копнее за слободен живот на некоја фарма. Во детството, тој бил талентиран спортист, но поради неуспехот на испитот по математика, не успеал да матурира и да се запише на универзитет. Неговиот брат Хепи има добра работа и има голем успех кај жените, но и тој се чувствува осамен, зашто не може да најде девојка со која би се оженил. Биф планира да позајми пари, а Хепи му предлага да започнат сопствен бизнис. Тие му ја соопштуваат идејата на татко им и тој е среќен, мислејќи дека Биф најпосле ќе успее во животот.[3]

Втор чин

уреди

Утредента, Биф оди во посета на еден познајник со намера да позајми пари, но неговиот обид доживува целосен неуспех. Истовремено, Вили оди кај сопственикот на фирмата и го замолува да му даде работа во Њујорк, но наместо тоа, тој добива отказ од работата. Разочаран, Вили го посетува соседот Чарли, кој одвреме-навреме му дава пари на заем за да може да ги покрие секојдневните животни трошоци. Хепи и Биф се среќаваат во еден ресторан, чекајќи да им се придружи татко им. Таму, тие запознаваат една убава девојка (г-ца Форсајт). Во ресторанот доаѓа Вили, целиот во бунило, но со надеж дека Биф успеал да најде пари. Биф безуспешно се обидува да му објасни за неуспехот, но Вили воопшто не сака да го слуша. Тогаш, Вили запаѓа во бунило и „разговара“ со жената со која во мминатото имал љубовна врска во еден хотел во Бостон. Тоа се случило дента кога Биф паднал на испитот по математика, па набрзина отпатувал во Бостон за да се види со татко му, барајќи помош од него. Кога влегол во хотелската соба, младиот Биф ја видел жената и целосно се разочарал и тогаш му се скршила волјата за напредок во животот.
Гледајќи го бунилото на Вили, Биф го напушта ресторанот во очај, а Хепи со двете девојки (г-ца Форсајт и Лета) тргнува по него, оставајќи го татко им во ресторанот. Вили си оди дома и ноќта започнува да сее зеленчук во дворот. Тогаш, повторно „води разговор“ со Бен, соопштувајќи му ја идејата да умре, со цел на Биф да му припаднат 20.000 долари од полисата за животно осигурување. Во домот доаѓаат Биф и Хепи и започнува остра караница меѓу Биф и татко му. Биф остро му кажува дека не сака да направи деловна кариера, туку дека сака да живее слободен живот. Тогаш, Вили ја напушта куќата и заминува некаде со автомобилот.[4]

Реквием

уреди

На погребот на Вили се присутни само неговото семејство, Чарли и Бернард, иако целиот живот Вили се фалел со тоа дека е омилен кај луѓето и дека има голем број пријатели.[5]

Наводи

уреди
  1. Tihomir Vučković, „Artur Miler“, во: Artur Miler, Smrt trgovačkog putnika. Beograd: Rad, 1969, стр. 87-89.
  2. Artur Miler, Smrt trgovačkog putnika. Beograd: Rad, 1969.
  3. Artur Miler, Smrt trgovačkog putnika. Beograd: Rad, 1969, стр. 5-41.
  4. Artur Miler, Smrt trgovačkog putnika. Beograd: Rad, 1969, стр. 43-83.
  5. Artur Miler, Smrt trgovačkog putnika. Beograd: Rad, 1969, стр. 84-85.