Томино Село

село во Општина Македонски Брод
(Пренасочено од Томино село)

Томино Село — село во Општина Македонски Брод, во областа Порече, во околината на градот Македонски Брод.

Томино Село

Поглед на селото

Томино Село во рамките на Македонија
Томино Село
Местоположба на Томино Село во Македонија
Томино Село на карта

Карта

Координати 41°37′47″N 21°9′2″E / 41.62972° СГШ; 21.15056° ИГД / 41.62972; 21.15056
Регион  Југозападен
Општина  Македонски Брод
Област Порече
Население 18 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6533
Повик. бр. 045
Шифра на КО 03046
Надм. вис. 900 м
Томино Село на општинската карта

Атарот на Томино Село во рамките на општината
Томино Село на Ризницата

Потекло на името

уреди

Маалската структура на селото и поделеноста на истото за прославување на сенародниот верски празник Водици и празникот Света Варвара (или само Варвара) како семеен, основано ја потврдуваат легендата која е пренесувана од колено на колено, а која за настанувањето на селото вели: „На сегашната локација на селото најпрво, по бегството од уништениот град Закамен во Малесија, се населил некојси Томо со своите синови Лозин, Бурад и Коритјан. Поради тој факт Томо станал епоним за името на селото, а неговите синови епоними за трите маала: Лозиновско, Бурадовско и Коритјановско, како што и денес се нарекуваат. Секое од овие маала за прослава на празникот Водици претставува засебен крст што значи се празнува заедно во кругот на родот што потекнува од епонимот на маалото, додека пак сите семејства во трите маала ја славаат истата семејна, домашна слава Варвара, според традицијата на преземање од претходната генерација, односно во случајот од епонимот на селото по пат на делби. Четвртото маало во селото е наречено Станоовци, според името на епонимот Станоја кој се доселил од кај Шкодра во денешна Албанија и имал ковачки занает. И ова маало го слави празникот Водици како општ верски празник, но бидејќи епонимот не потекнува од родот на Томо, ова маало ја слави семејната слава Свети Ѓорѓија.

Постои и друга легенда според која селото името го добило по името на третата сестра на Крале Марко по име Тома, која изградила град на врвот од томиноселската планина Козјак познат како Кале Кула, од кој постојат и денес остатоци, наводно што служел за одбрана и засолнување од зулумќари и други натрапници.

Географија и местоположба

уреди
 
Поглед на разрушена куќа во селото

Селото се наоѓа во областа Порече, во западниот висок планински дел на територијата на Општина Македонски Брод.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 900 метри. Од градот Македонски Брод е оддалечено околу девет километри.[2]

Атарот зафаќа површина од 10,2 км2. На него шумите зафаќаат површина од 558 хектари, на пасиштата отпаѓаат 327 хектари, а на обработливото земјиште 119 хектари.[2]

Местоположбата на селото е на источните падини од планинскиот масив што се протега во правец север-југ од планините Сува Гора, Добра Вода на север до Песјак на југ, опкружено со синорите на селата: Сушица и Инче од север, Горни Манастирец и маалото Василковци од исток, Тополница од југ и југозапад и село Туин од запад.

До селото се стигнува по магистралниот пат Македонски Брод-Самоков и локалниот пат од Долни Манастирец преку Василковци до Томино Село што е единствен пат за патување со моторно возило. Релјефот на синорот на селото е изразито планински подложен на ерозивни случувања и тешко пристапен особено во неговиот планински дел.

Историја

уреди

Атарот на селото бил населуван и во постари времиња, на што укажуваат имињата на повеќе месности како на пример: Старо Село што се наоѓа на северната падина на ридот Сукалоец, спроти селото од северна страна, потоа месноста Горно Село, што се наоаѓа на околу два километри западно од селото, потоа Гркови куќишта, високо на планината Подишта над селото, потоа месноста викана Гробишта на ридот длабоко во томиноселската планина Бачилишта, каде се наоѓаат неистражувани некрополи и на крај постојат остатоци од населба на ридот Дрење источно од селото каде се откривани темели од ѕидана населба како и некропола на поширок простор на самиот врв од висорамнината.

На денешното место на Томино Село постоела стара средновековна населба, која, според легендата, настанала со доселување на неговите први жители од опустошениот град Закамен,[3] кој се наоѓал во областа Малесија помеѓу Струга и Дебар во западна Македонија.

Првпат, Томино Село се спомнува во пописниот дефтер[4] на турските вилаети, за даночни обврзници од пописот извршен во 1467/68 година. Во тоа време во селото имало 11 домаќинства. Во пописот на даночни обврзници извршен сто години подоцна во 1568/69 година во турскиот дефтер се наведени имињата на домаќините на 19 домаќинства и 12 неженети жители и тие како даночни обврзници.

Селото припаѓало на Кичевската каза, а било во владение на Али-бег.

Во XIX век, Томино Село било село во Поречката нахија на Кичевската каза на Отоманското Царство.

Значајно од историски аспект за селото е вклученоста на неговите жители во револуционерните движења на македонскиот народ. Уште во времето на предилинденскиот период, заради подготовка на Илинденското востание во текот на 1902 година селото го посетиле Дамјан Груев и Ѓорѓи Сугаре и при тоа бил создаден револуционерен комитет од три члена: Грујовски Наумче-началник, Премчевски Стојан и Јовановски Јован-членови.

Во селото е создадена и комитска чета што ја сочинувале, Јовановски Јован-војвода, Кофиловски Стојо, Симоновски Мирче и Димитриовски Совронија-комити и др. Голем број жители од селото земале учество за жал, на страната на окупаторите во Балканските војни како и во Првата светска војна во кои петнаесет томиноселци ги дале своите животи:[5] Аце Трендафилоски, Младен Србиноски, Боге Стојчевски, Пејо Јаневски, Здраве Здравески, Софронија Маркоски, Димко Јанески, Стојан Премчески, Јован Јованоски, Смилко Столески, Илија Руфчески, Стеван Грујовски, Мисајле Миланоски, Трпе Трајковски и Јованче Ѓорѓиоски.

Од страна на врховистичка чета на ВМРО, на Бадник (6 јануари) во 1916 година на месноста Дервишка Нива на патот Македонски Брод-Прилеп, 103 лица од Поречието набедени за соработка со српската власт се заклани, меѓу кои и следните томиноселци: Милорад Танкоски, Стојо Манески, Здраве Наумоски, Аце Миленкоски, Данило Миланоски, Јован Стојкоски-учител во селото и уште три засега неидентификувани лица.

Во Втората светска војна и народноослободителна војна за македонскиот народ во периодот 1941-1944 година, Томино Село се наоѓало под окупација[6] на Бугарија, со стационирана бугарска воена единица, со задача да ја чува границата со Италија и квислиншка Албанија и да внимава на населението. Есента 1944 година во селското училиште, од страна на Првата македонско-косовска ударна бригада е организирана[5] Прва партизанска болница на македонско-косовската и поречка бригада за лекување на ранети борци од поширокиот реон. Во таа војна зеле учество поголем број на жители од селото од кои седуммина ги дале своите животи:

  1. Велимир Н. Трајкоски р. 1928 г. загинал на 29.9.1944 г. на Шар Планина;
  2. Драге М. Меноски р. 1910 г. загинал на 28.9.1944 г. на Шар Планина;
  3. Данаил Д. Митаноски р. 1914 г. загинал на 2.10.1944 г. кај Дреница-Косово;
  4. Младен З. Јованоски р. 1922 г. загинал на 5.9.1944 г. кај Д. Крушје;
  5. Маринко Т. Наумоски р. 1909 г. загинал на 25.9.1944 г. кај Дечани-Косово;
  6. Петронија Д. Наумоски р. 1900 г. загинал на 28.9.1944 г. кај Дрим-Косово; и
  7. Слободан Е. Николоски р. 1919 г. загинал на 16.11.1944 г. кај Србица-Кичевско.

Други учесници во Народноослободителната војна и револуцијата во Македонија: Стојмир С. Ристески, Лубе Г. Дамчески, Стојанче Б. Трајаноски, Ристе Дукоски, Ѓорѓија Т. Трендафилоски, Костадин Ј. Симоски, Раде В. Лозаноски, Елена М. Златаноска, Софронија Настоски, Ефтимија Трпески, Стојмир Ѓонески, Стојчески С. Миливој, Стојмир Настоски, Богољуб Јандрески, Митија Митаноски, Аце Митаноски. Сите со своите семејства отселени во селата Јабука и Качарево крај Панчево во Банат.

Стопанство

уреди

Селото има мешовита земјоделска функција.[2]

Томино Село е село од планински тип со мешано земјоделско-сточарско стопанисување. Во главно покрај земјоделието скоро секое домаќинство се занимавало и со сточарство при што се одгледувани овци, кози и говеда. Како главни земјоделски производи биле житата и градинарските растенија. Значајно место заземало и овоштарството, особено застапен бил костенот, но како спореден извор на приходи. Жителите од ова село во размената со останатиот свет во главно учествувале со костенот, при што ги пополнувале потребите од лебно жито и сточна храна.

По Илинденското востание и ова село го зафаќа бранот на печалбарството како последица на сиромаштија од опустошувања и репресалиите. Поголем број на печалбари во тајфи оделе во Влашко. Секоја тајфа имала свој водач. Посебно се истакнувала тајфата на Сиљан Н., кој предводел околу 50 печалбари. Тие биле ценети и барани по балканските метрополи. Печалбарството го раздвижувало и носело промени во начинот на животот во селото во поглед на исхрана, облекувањето, како и согледување на потребата од описменување.

Денес, во селото напуштено е и земјоделието и сточарството, така што ниту се ора, ниту коси трева за стока, па земјата што некогаш била обработувана постепено ја освојуваат шумите. Сето тоа како причина што нема со тие активности кој да се занимава. Денес се егзистира од пензиски примања, собирање на шумски плодови, лековити билки и други извори.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948222—    
1953237+6.8%
1961212−10.5%
1971182−14.2%
1981116−36.3%
ГодинаНас.±%
199166−43.1%
199456−15.2%
200244−21.4%
202118−59.1%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Томино Село имало 320 жители, сите Македонци.[7] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Томино Село имало 320 жители.[8]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Томино Село се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 40 куќи.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 300 Македонци.[10]

На крајот од Втората светска војна, селото броело 59 куќи со над 250-300 жители. Во 1946 година државата спроведе колонизација на население од пасивни краишта при што и од Томино Село се отселиле во Војводина 23 семејства. Новото време, по завршувањето на Втората светска војна донело можности за помасовно школување на новите генерации кои по школувањето го напуштале селото заради вработувања во разни места на земјата со што започнува постепеното стареење на селото и намалување на неговите жители. Тоа доведува и до напуштање на одредени стопански дејности, како обработка на земјата, намалување на сточниот фонд, а и намалување на новородени деца што во осумдесеттите години на минатиот век доведува и до затворање на основното четиригодишно училиште. Во 1996 година во селото има 54 жители од кои дел пензионирани повратници и воглавно стари луѓе.

Селото е мало и е населено со македонско население. Така, во 1961 година броело 212 жители, а во 1994 година само 56 жители.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Томино Село имало 44 жители, сите Македонци.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 18 жители, од кои 16 Македонци и 2 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 320 320 222 237 212 182 116 66 56 44 18
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови

уреди

Томино Село е македонско село.

Родови во селото се:

  • Доселеници: Алузиновци (20 к.), Бурадовци (8 к.) и Кориќановци (6 к.), сите се еден род и доселени се од раселениот град Закамен во Охридско (според нив); Станоовци (9 к.), доселени се од околината на Скадар во Албанија.[17]

Општествени установи

уреди

Во Томино Село, уште во 1904 година во просторија на куќа во сопственост на манастирот Св. Богородица, што се наоѓала во дворот на сегашната постоечка училишна зграда е отворено основно четиригодишно училиште. Прв учител во селото бил некојси Герман. Во 1924 година во селото е изградена зграда на училиштето, која и денес постои. Поради отселување на младите жители, селото постепено останува без подмладок, поради што во 1980 година училиштето престанува да работи. Во текот на НОБ училиштето било користено за привремена партизанска болница.

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Македонски Брод, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната Општина Самоков. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Самоков.

Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Манастирец, во која влегувале селата Горни Манастирец, Долни Манастирец, Драгов Дол, Инче, Томино Село и Тополница.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Долни Манастирец, во која покрај селото Томино Село се наоѓале селата Горни Манастирец, Горно Крушје, Долни Манастирец, Долно Крушје, Драгов Дол, Слатино и Тополница.

Во периодот 1955-1957, селото било дел од тогашната општина Манастирец.

Во периодот 1957-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Брод.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Брод.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачко место бр. 0241 според Државната изборна комисија, кое е сместено во месната заедница.[18]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 19 гласачи.[19] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 18 гласачи.[20]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Главната селска црква „Св. Константин и Елена“
Археолошки наоѓалишта[21]
Цркви[22]
  • Црква „Св. Константин и Елена” — главна селска црква, изградена и осветена во јуни 1903 година. Посебна мајсторија томиноселските мајстори направиле во ѕидањето на олтарот, кој претставува врвно мајсторство во обликувањето на каменот. Главен мајстор бил Секуле Симоски. Иконостасот го изработиле и иконописале мијачки зографи.
Спомен-плочи
  • Спомен-плоча поставена на училишната зграда, во знак на спомен за функционирањето на Првата партизанска болница на Македонско-косовската ударна бригада и Петнаесеттата Поречка бригада, за лечење и опоравок на ранетите борци од поширокиот реон на општината, што постоела есента 1944 година и почетокот на 1945 година до конечното ослободување на земјата. Плочата е подигната од страна на Сојузот на борците на општината Макeдонски Брод.

Редовни настани

уреди
  • Томиноселски средби — народни средби на месните и раселените жители низ земјата, кои се одржуваат на 2 јуни во чест на Свети Талалеј, заштитник на селото.
  • Водици — верски празник и помасовна средба на соселаните.

Личности

уреди
Родени во Томино Село
  • Стојо Ѓоргиев Кофилоски (1880 - ?) — македонски револуционер од ВМОРО, соработник на Арсо Локвички, живеел во Браилово[23]
  • Аце Трендафилоски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[24]
  • Боге Стојкоски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[24]
  • Здраве Здравески — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[24]
  • Димко Јанески — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[24]
  • Јован Јованоски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[24]
  • Јованче Ѓорѓиоски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[24]
  • Илија Рувчески — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[24]
  • Мисајле Миланоски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[24]
  • Младен Србиноски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[24]
  • Пејо Јанески — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[24]
  • Софронија Маркоски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[24]
  • Стојан Премчески — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[24]
  • Смилко Сталески — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[24]
  • Стеван Грујоски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[24]
  • Трпе Трајкоски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[24]
  • Велимир Трајкоски (1928 - 1944) — загинат во НОБ.[25]
  • Драге Меноски (1910 - 1944) — загинат во НОБ.[25]
  • Данаил Митаноски (1914 - 1944) — загинат во НОБ.[25]
  • Младен Јовески (1922 - 1944) — загинат во НОБ.[25]
  • Маринко Наумоски (1909 - 1944) — загинат во НОБ.[25]
  • Петронија Наумоски (1900 - 1944) — загинат во НОБ.[25]
  • Слободан Николоски (1919 - 1944) — загинат во НОБ.[25]
  • Здравка Миленкоска (1885 - 1944) — загината во НОБ.[25]
  • Лазар Миленкоски (1882 - 1944) — загинат во НОБ.[25]
  • Зоран Стојановски (р. 1937) — психолог и универзитетски професор

Иселеништво

уреди

На крајот од Втората светска војна во 1945 година селото броело 59 куќи со над 250-300 жители.

Во 1946 година државата спровела колонизација на население од пасивни краеви заради населување на имотите од напуштените села од страна на старите жители во Војводина. Од Томино Село се отселиле 23 семејства. Дванаесет од тие семејства добиле земја и се населиле во селото Јабука, а единаесет во селото Качарево и двете во близина на градот Панчево.

Во Јабука со своите семејства се населени: Јованоски Секула, Јованоски Илија, Јованоски Трајче, Трајаноски Стојанче, Дамчески Лубе, Дукоски Ристе, Дукоски Павле, Трендафиловски Тодосија, Лозаноски Микаил, Трпевски Евтимија, Ѓонески Стојмир, а подоцна и Ристески Г. Спасе, додека во Качарево се населени: Стојчески Миливој, Златаноски Наќе, Златаноски Светислав, Николоски Ефрем, Настоски Совронија, Златаноски Велимир, Митаноски Митија, Митаноски Аце, Јандрески Радован, Настоски Стојмир и Јандрески Богољуб.

По ова помасовно отселување од селото, настапува периодот на постепено напуштање и отселување од селото на сите што во новото време се посветија на образованието и други занимања поради што се населуваа таму каде што секој ќе најдеше работа. Стопанските дејности кои во селото беа застапени почнуваат да стагнираат и да замираат. Најголем број на отселени од Томино Село покрај колонизираните, ги има во главниот град Скопје,особено во населбата Драчево, како и на други места низ земјата и пошироко. Карактеристично е што нема отселувани во далечните земји, како САД, со исклучок на едно лице во Австралија.

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 297. Посетено на 12 ноември 2017.
  3. Весник „Вечер“ од 19/20 јуни 1999 г.
  4. Турски пописни дефтери од 1467/68 и 1568/69 год,
  5. 5,0 5,1 Порече низ историјата, Милан Ристески, НИО „Студентски збор“, Скопје, 1982
  6. „Ослободителната војна и револуцијата во Македонија 1941/45 г. Скопје 1968 г.
  7. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 258.
  8. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 156-157.
  9. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 36.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 12 ноември 2017.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. Јовановиќ, Петар (1935). Порече. Белград: Српски етнографски зборник. стр. 318.
  18. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 16 октомври 2017.
  19. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-05-29. Посетено на 16 октомври 2017.
  20. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 5 мај 2019. Посетено на 5 мај 2019.
  21. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  22. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  23. Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  24. 24,00 24,01 24,02 24,03 24,04 24,05 24,06 24,07 24,08 24,09 24,10 24,11 24,12 24,13 24,14 Порече низ историјата, Милан Ристески, НИО „Студентски збор“, Скопје, 1982, стр.257
  25. 25,0 25,1 25,2 25,3 25,4 25,5 25,6 25,7 25,8 . Крајчески, Цуте (2017). Порече (1943 - 1945). Скопје: Државен Архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Надворешни врски

уреди