Арсо Локвички

македонски револуционер

Арсо Јовески, познат како Арсо Локвички[1] (1870 - 10 март 1923) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и поречки војвода на Македонската револуционерна организација.

Арсо Јовески
1870 - 10 март 1923 (52-53 г.)
Арсо Локвички
Прекар:Локвички[1]
Роден во:Локвица,  Османлиско Царство (денес Македонија Македонија)
Починал во:Визбегово,  Кралство на Срби, Хрвати и Словенци (денес Македонија Македонија)[2]
Служба во:Македонско национално движење
Период на служба:1903 - 1923
Чин:војвода
Битки/војни:Борба за Македонија
Други занимања:ѕидар

Животопис уреди

Арсо Локвички е роден во 1870 година во поречкото село Локвица. По професија бил ѕидар и долг период бил на печалба во Романија и Трансилванија. Иако не бил школуван, читал и пишувал на македонски и романски, а ги знаел влашкиот и турскиот јазик. Тој бил строен со широки плеќи и лице прошарано со слаби лузни од прележана сипаница за време на детството. По разговор со повеќе дејци на македонското револуционерно движење тој се приклучил во движењето за самостојна македонска држава.

Илинденското востание го затекнува во неговиот роден крај. За време на востанието земал активно учество како дел од четата на Јордан Пиперката. По востанието, Арсо Локвички станал поречки војвода и бил еден од првите кој водел жестоки борби со четите на српската пропаганда во Поречието и Азот. Во пролетта 1904 година Локвички ја уништил четата на Тренко Рујанов од село Крапа која застапувала просрпски позиции. Во 1905 година, се обединил со четите на војводите Пано Костадинов, Иван Наумов Алабакот и Ѓакон Евстатиј.

 
Четата на Арсо Локвички, фотографија на браќата Манаки

На 6 август 1905 година, во борбата на обединетите чети на Македонската револуционерна организација и четите на српската вооружена пропаганда предводени од србоманите Глигор Соколов и Тренко Рујанов, која се води во близина на селото Крапа, Арсо Локвички бил ранет во десната нога. Во 1911 година, српската пропаганда се обидува да го поткупи со плата од три лири месечно, но не успева во својата намера. Сепак, за време на Првата балканска војна во 1912 година дејствува со четата во Поречието и ја помага српската војска. По завршувањето на Првата светска војна Арсо Локвички заминал во Бугарија, кадешто работел како ѕидар. Тој бил физички здрав и на барање на организацијата повторно се приклучил во борбените акции.

 
Арсо Локвички (десно) со неговите соборци Петар Ацевски (лево) и Андреја Тодоровски (средина) пред неговото погубување.
 
Чета на кичевскиот војвода Јанаки Јанев и подвојводата Максим Ненов. Арсо Локвички е втор од лево.

Во 1922 година заедно со својот соборец Петар Ацевски биле испратени за Кичевско од централниот комитет на ВМРО со задача да достават летоци, но во Скопско тие биле заробени од српските окупациони власти. На 26 јуни 1922 бил осуден на смрт од страна на скопскиот воен суд и бил стрелан на 10 март 1923 година во атарот на селото Визбегово.[2]

Смртта на Арсо Локвички била една од најголемите загуби на Македонското револуционерно движење во Западна Македонија.

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Ангел и Христо Узунови: Псеводнимите на ВМРО, издавач ДАРМ, Скоје 2015
  2. 2,0 2,1 Весник Политика, Белград | Недела 11 март 1923 | година 19 | број 5345 | страница 3