Панаит Истрати (романски: Panait Istrati) (10 август 1884, Браила, Романија - 18 април 1935, Букурешт, Романија) - романски писател.

Панаит Истрати во 1927 година.

Животопис

уреди

Истрати е роден во 1884 година, во Браила, Романија, од татко - Грк кој се занимавал со контрабанда и мајка - Романка со селско потекло, која целокупниот свој мачен живот му го посветила на детето. На возраст од само 12 години, Панаит ја напуштил мајка си и следните 20 години ги поминал во скитање низ Средоземјето, работејќи безброј работи, како: бравар, служител во кафеани, слаткар, прост работник, казанџија, механичар, носач, слуга, човек-сендвич, бојаџија, цртач на фирми, новинар и фотограф. Некои време, Истрати бил дел од револуционерните движења, а во периодот пред Првата светска војна пропатувал низ повеќе градови и земји, како: Истанбул, Бејрут, Јафа, Неапол, Каиро, Египет, Сирија, Дамаск, Грција, Италија итн., најчесто без пари, а понекогаш и како „слеп патник“ на бродовите. Во тоа време, за да го залаже гладот, тој често читал книги, особено од руските автори, но исто така ги запознал и западните писатели. Токму читајќи ги француските класици, Истрати самостојно го научил францускиот јазик.[1] За време на патувањата, тој имал два неуспешни брака, а потоа отишол во Швајцарија, каде се лечел од туберкулоза. Во 1915 година повторно се вратил во Романија, каде работел на една свињарска фарма, но повторно започнал да скита.[2]

Сиромашен, болен и депресивен, во јануари 1921 година, на патот за Ница, Истрати се обидел да изврши самоубиство така што си го пресекол гркланот, но успеал да преживее. Додека лежел во болницата започнал да се допишува со францускиот писател Ромен Ролан со кого набргу се спријателил.[1] Дружејќи се со Ролан, Истрати станал приврзаник на болшевичките идеи и во 1927 година го посетил СССР во друштво со Кристијан Раковски, тогашниот советски амбасадор во Париз. Истрати патувал низ европскиот дел на СССР и присуствувал на прославите на Октомвриската револуција во Москва и во Киев, а во Москва се спријателил со Никос Казанѕакис. Во Москва, Истрати се сретнал со Виктор Серж кому му ја изразил желбата да стане државјанин на СССР.[3]

Во 1928-1929 година, по бурниот престој во Грција (каде бил уапсен), Истрати бил принуден да ја напушти земјата и пак се вратил во СССР. Таму ги посетил Молдавија, Батуми, Нижни Новгород и Баку, што му овозможило да ја сфати диктатурата на Сталин, која ја опишал во својата позната книга „Исповед на губитникот“. Поради тоа, Истрати бил жестоко напднат од поранешните комунистички пријатели (особено од Барбис), кои го жигосале како „троцкист“ и „фашист“. Болен и разочаран, Истрати се вратил во Романија, потоа заминал на лекување во Ница и најпосле се вратил во Букурешт. За време на престојот во татковината, иако веќе се разделил со комунистите, тој бил следен од романската тајна полиција. Истовремено, започнал да пишува во едно списание блиско до ултранационалистичката „Железна гарда“.[4]

Осамен и болен, Истрати умрел во еден санаториум, на 18 април 1935 година.

Творештво

уреди

Првите книжевни обиди на Истрати потекнуваат од 1907 година, кога започнал да пишува во социјалистичките весници во Романија, а дебитирал со текстот „Хотел Регина“. Подоцна ги објавил и првите кратки раскази: „Искупување“, „Коњот на Балан“, „Нашето семејство“ итн.[2]

Во 1921 година, истрати се запознал со Ромен Ролан, кој бил воодушевен од неговата дарба за раскажување и го убедил да напише книга. Така настанал романотКира Киралина“ (прв од циклусот за Адријан Зографи), објавен во 1923 година, чиј предговор го напишал Ролан. Во него, Ролан вели: „...бев обземен од мрачните бранувања на генијот“ и го нарекува авторот „роден раскажувач, еден од прочуените сказнописци од Истокот“ и „нов Горки од балканските земји“.[1] Во овој период, Ролан често објавувал делови од делата на Истрати во списанието „Klarté“ коешто го уредувал заедно со Анри Барбис.[5] По успехот на „Кира Киралина“, следното позначајно дело на Истрати бил романот „Кодин“.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Панаит Истрати, Кира Киралина. Скопје: Темплум, 2006, стр. 5-7.
  2. 2,0 2,1 „Белешка за авторот“, во: Панаит Истрати, Кира Киралина. Скопје: Темплум, 2006, стр. 197.
  3. „Белешка за авторот“, во: Панаит Истрати, Кира Киралина. Скопје: Темплум, 2006, стр. 199-199.
  4. „Белешка за авторот“, во: Панаит Истрати, Кира Киралина. Скопје: Темплум, 2006, стр. 199.
  5. „Белешка за авторот“, во: Панаит Истрати, Кира Киралина. Скопје: Темплум, 2006, стр. 198.