Кира Киралина
Кира Киралина - Раскажувањата на Адријан Зографи (француски: Kyra Kyralina: Les récits d'Adrien Zograffi) е роман од романскиот писател Панаит Истрати. Романот за првпат бил објавен во 1923 година, додека македонскиот превод е објавен во 2006 година од издавачката куќа „Темплум“.
Историјат на книгата
уредиВо предговорот на првото издание на романот, францускиот писател Ромен Ролан и самиот Истрати објаснуваат како дошло до неговото објавување: Во јануари 1921 година Ролан добил писмо од болницата во Ница, напишано од Истрати, кој штотуку се обидел да изврши самоубиство. Воодушевен од авторот, Ролан и Истрати започнале да се допишуваат и се пријателиле, а Ролан го убедил да напише дел од своите доживувања. Во писмото, Ролан му напишал на Истрати: „Од вас не очекувам писма со восхит, од вас очекувам творба. Создадете го делото, посуштествено од вас, подолготрајно од вас, плодот чијашто кора сте.“ Според предговорот на Истрати, романот настанал благодарение и на помошта од Жорж Јонеско.[1]
Содржина
уредиРоманот се состои од три глави, насловени како „Ставро“, „Кира Киралина“ и „Драгомир“.
Романот започнува така што младото момче Адријан бесцелно шета низ паркот во Браила, онерасположен поради караницата со мајка му, која постојано го прекорува за неговото лошо друштво. Крај брегот на Дунав, Адријан го среќава вујко му Ставро - чуден човек, по занимање продавач на лимонада. Неколку дена подоцна, тие пак се среќаваат и Ставро му понудува на Адријан да го придружува на панаѓурот во едно мало место во околината. Откако добива дозвола од мајка си, Адријан, Ставро и Михајло (другарот на Адријан) заминуваат на панаѓур. Ноќта, додека спијат во една плевна, Ставро почнува да го милува и бакнува Адријан, а кога Михајло го прекорува за тоа, Ставро започнува да ја раскажува својата лична приказна: Кога по долго отсуство, најпосле се вратил во татковината, Ставро лажно се претставувал како трговецот Изворану, со намера да најде соработници за некаква зделка. Еднаш, тој се зближил со еден сопственик на кафеана, чија ќерка, убавата Тинкуца, набргу се вљубила во него. Ставро сè повеќе се зближил со семејството и најпосле, наспроти неговата волја, успеале да го наговорат да се ожени со Тинкуца. Всушност, Ставро имал голем страв од жените, а кулминацијата настапила кога на денот на свадбата, Ставро бил должен да ѝ ја земе невиноста на невестата, но тој се онесвестил. И подоцна, тој не можел да има сексуални односи со неа, поради што го навлекол гневот на семејството на Тинкуца. Еден ден, некој поранешен пријател на Ставро го открил неговиот вистински идентитет, како и тоа дека тој бил хомосексуалец. Тогаш, браќата на Тинкуца крвнички го претепале и го исфрлиле на улица, а Ставро едвај останал жив. Додека закрепнувал од повредите, тој дознал дека разочараната Тинкуца се удавила во реката.[2]
Во вториот дел, наговорен од Адријан и Михајло, Ставро продолжува да ја раскажува својата приказна, осврнувајќи се на детството: Тој (чие вистинско име било Драгомир) живеел заедно со мајка си и со сестрата Кира, кои биле многу убави и целосно посветени на телесни уживања. Имено, тие не работеле ништо, туку само се веселеле, уживале во храна и пијалаци, а навечер примале мажи на кои им танцувале. Таткото и постариот брат живееле во друга куќа, на спротивниот крај од градот, а одвреме-навреме, татко му доаѓал во нивната куќа и ја тепал мајка му. Еднаш, додека мајката и Кира биле во друштво на своите заводници, во куќата ненадејно упаднале таткото и братот, кои крвнички ја претепале мајката, а потоа неа и Кира ги заклучиле во куќата, додека детето го одвеле во својата куќа. Сепак, тој успеал да избега и да ги ослободи мајката и сестрата и сите тројца избегале надвор од градот. Таму, мајката ги оставила децата, а по некое време дошле двајцата браќа на мајката, отпадници од законот, кои ги спасиле децата. Тогаш, тие се вратиле во домот на децата, а потоа вујковците го убиле братот, меѓутоа таткото испеал да се спаси со лесна повреда. Вујковците ги засолниле децата во еден ан, а по одредено време вујкото Козма бил убиен, додека другиот вујко бил ранет во престрелката со платениците кои ги испратил нивниот татко. Исплашени за своите животи, наивните деца биле заведени од слатките зборови на еден турски трговец, кој ги однел во Истанбул, каде Кира била продадена во некој харем, додека Драгомир поминал две години како роб на трговецот. Кога по 14 години се вратил во татковината, тој дознал дека преживеаниот вујко ги запалил куќите на мајка му и на татко му.[3]
Во третиот дел на книгата, четири години по раскажувањето на Ставро, Адријан се наоѓа во Каиро, каде случајно во една кафеана го среќава остарениот Ставро, кој ја продолжува својата приказна: По две години поминати затворен на едреникот на турскиот трговец, Драгомир (на возраст од 15 години) успеал да избега. Восхитен од убавините на светот, но и тажен поради разделбата со мајка му и со Кира, одредено време тој шетал низ Цариград, облечен во најубава облека и со многу пари во себе. Таму, сретнал еден богат Турчин (Мустафа-бег), кој го прифатил во својот дом и му овозможил удобен живот, но сепак Драгомир постојано копнел по слободата. Откако еднаш се обидел да побегне, тој бил затворен во палатата на бегот, но сепак, еден ден тој подметнал пожар и така избегал. Веднаш потоа, тој заминал во Бејрут, каде кратко време престојувал во еден хотел, а оттука во Дамаск. Таму, тој набавил лажни документи со кои го добил името Ставро, но истовремено му го украле целото богатство. Шетајќи разочаран по променадата, еден ден ја здогледал Кира и ја следел до палатата во која живеела. Таму, тој се обидел да влезе, но бил претепан од стражарите. Лежејќи без свест, тој бил спасен од продавачот на салеп Јани, кому му се придружил во работата. Сепак, воден од љубовта кон Кира, Драгомир се обидел ноќе да влезе во харемот, но бил фатен од стражарите и затворен. Во затворот, тој бил подложен на секојдневно изживување од страна на затворениците, а кога Јани успеал да го ослободи, двајцата заминале во Турција, а оттука во Либан, каде Јани починал.[4]
Изданија на македонски јазик
уредиРоманот „Кира Киралина“ е објавен како 49. книга на библиотеката „Магма“. Преводот од француски јазик го направил Благоја Велковски-Краш. Книгата е отпечатена во мал формат (18 сантиметри), во мек повез и има 199 страници. Каталогизацијата е извршена во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје и ја носи ознаката ISBN 9989-902-92-5. Графичкото уредување и дизајнот на книгата е дело на фирмата „Точка“. Сликата на предната корица е дело на Шарл Ландел (Charles Landelle). На крајот од книгата се наоѓа белешка за авторот, додека на задната корица е даден кус осврт врз делото.[5]
Наводи
уреди- ↑ Панаит Истрати, Кира Киралина. Скопје: Темплум, 2006, стр. 5-10.
- ↑ Панаит Истрати, Кира Киралина. Скопје: Темплум, 2006, стр. 11-61.
- ↑ Панаит Истрати, Кира Киралина. Скопје: Темплум, 2006, стр. 62-115.
- ↑ Панаит Истрати, Кира Киралина. Скопје: Темплум, 2006, стр. 116-196.
- ↑ Панаит Истрати, Кира Киралина. Скопје: Темплум, 2006.