Национален парк Бутринт

национален парк во Албанија

Национален парк Бутринт (алб. Parku Kombëtar i Butrintit) — национален парк во јужниот дел од Албанија, оддалечен 18 километри од градот Саранда, во регионот на Валона. Паркот зазема површина од 94.244 км2 и се простира на ридест терен, со бројни езера, мочуришта, ливади, солено песокливо земјиште и острови. Во овој богат геоеколошки систем живеат преку 1200 растителни и животински видови. Под заштита и управа на националниот парк Бутринт влегуваат и сите езера и лагуни во Бутринт, природниот канал Вивари, островот Ксамил и археолошкото наоѓалиште во кое се најдени драгоцени остатоци на древните цивилизации.

Национален парк Бутринт
МСЗП — Категорија II (национален парк)
Рушевини на Бутринт
Грешка во Lua во Модул:Location_map, ред 411: Malformed coordinates value
МестоВалона (област)
Најблизок градСаранда
Координати39°44′51″N 20°1′13″E / 39.74750° СГШ; 20.02028° ИГД / 39.74750; 20.02028
Површина94,244 км2[1]
Воспоставен(а)2 март 2000
Мрежна страницаOfficial Website
Тип:културно
Критериуми:iii
Прогласено:1992
Број570

Паркот Бутрит е стациониран на источниот брег на Крфскиот Теснец, на крајниот југ на Албанија, опкружен со езерото Бутринт и каналот Вивари, кој го поврзува езерото со Јонско Море. Климата во регионот е средоземна, со непосредно влијание од близината на Јонското Море.

Археолошкото наследство на Бутринт е едно од најголемите и најважни наоѓалишта во Албанија. Во него се најдени предмети и градби од бронзено време, па сѐ до среден век. И денес се гледаат остатоци на градските ѕидини, крстилници од античкиот период, базилика, римски амфитеатар и два замка. Остатоците од древниот град се наоѓаат во природен амбиент, со комплексен екосистем кој зависи од блиското езеро и каналот кој ја одведува водата во Јонско Море. Оваа комбинација на историски споменици и природното опкружување го прави Националниот парк Бутринт уникатен културно-природен споменик.

Меѓународниот сојуз за заштита на природата (МСЗП) го ставил овој парк во втора категорија на заштита. Во 1992 година, Националниот парк Бутринт пристапил во УНЕСКО и е внесен во списокот на светското културно-природно наследство. Лагуната и мочуриштето се влезени во подрачја од меѓународно значење, според Рамсарската конвенција. Езерото Бутринт е важна област во која се наоѓаат голем број на растителни видови и птици од меѓународно значење.[2][3]

Администрација на националниот парк

уреди

Националниот парк Бутринт бил основан со уредбата број 82, на 2 март 2000 година, за да се сочува природниот екосистем и релјефот, растителниот и животинскиот свет, како и културното и археолошкото наследство.[4] До 2005 година, територијата на паркот била неколкупати проширувана, сè додека не ја достигнала сегашната површина. Со паркот управува дирекцијата одредена од Министерството за животна средина на Албанија чие седиште е во Саранда. Паркот станал центар на културата и природата на Албанија, со помош на Бутринт фондацијата, Светската банка и УНЕСКО. Состојбата на паркот е значително подобрена, поради што УНЕСКО во 2005 година го тргнал Бутринт од списокот на загрозени подрачја на светското наследство. Паркот е основан од Министерството за култура на Албанија во соработка со УНЕСКО, Информативниот центар за студии за заштита и реставрација на културни богатства и во соработка со Меѓународниот совет за споменици и градови. Целта била да се создаде одржлив ресурс на културното наследство кое би ги вклучило локалните заедници и националните институции, за да послужат како модел за други паркови во земјата.

Денес овој парк е главен центар на училиштето за археологија и конзервација, кое е организирано од Бутринт организацијата во партнерство со албанските институции за археологија и споменици и со странски универзитети и меѓународни експерти и консултанти. Во рамките на паркот функционира и активна програма за театарски претстави, концерти и настапи, како и програми за локални училишта и колеџи. Во 2010 година, властите урнале преку 200 нелегално изградени објекти во селото Ксамил, кои го прекршиле главниот урбанистички план и интегритетот на Националниот парк Бутринт.

Географија

уреди
 
Езерото Бутринт во склоп на националниот парк.

Националниот парк Бутринт се наоѓа оддалечен 18 километри јужно од градот Саранда и 5 километри северно од грчко-албанската граница. Според Кепеновата класификација на климата, пределот има средоземна клима, со долги и топли лета и благи зими, а годишно наврнуваат 1500 милиметри врнежи.

Паркот е дел од разновидната хидрографска мрежа составена од неколку реки, лагуни и езера. Реките се кратки, со стрмно дно и се длабоки.[5] Во склоп на паркот влегува езерото Бутринт на северозапад, езерото Буфи на југоисток, реката Бистрица на север, планината Мил на запад и реката Павло на југ.[6] Најголемото езеро во паркот е Бутринт, а неговиот воден режим е типичен за крајбрежна лагуна. Езерото е долго 7,1 километри, широко 3,3 километри и со површина од 16,3 квадратни километри.[5] Езерото е поврзано со Јонско Море преку каналот Вивари. Езерото Буфи е поврзано со езерото Бутринт на југоисточната страна и е на надморска височина од 2 метри.[5]

Панорамски поглед на езерото Бутринт и Јонско Море

Биоразновидност

уреди

Флора

уреди
 
Централен дел на езерото Буфи

Поради различни геолошки, хидролошки услови и разновидни типови на живеалишта, паркот изобилува со разновидни растителни и животински видови. Фитогеографски паркот припаѓа на илирскиот тип на листопадни шуми на средоземната вегетација. Конфигурацијата на теренот овозможува достапност на вода во реките, езерата и мочуриштата, што од своја страна има големо влијание на биоразновидноста на ова подрачје. Во паркот има меѓу 800 и 900 различни видови на `рбетници, што претставува 27% од сите `рбетници во Албанија.[7]

 
Езерото Бутринат и каналот Вивари

Плитките крајбрежни лагуни се каменити, а длабочината на водите во паркот е поголема отколку во другите области.[7] Тие се покриени со густа трева, широколистен рогоз и трска. Постојат итн. подводни ливади, каде најзастапени водни растенија се Zostera noltei и Ruppia cirrhosa. Во рамките на археолошките наоѓалишта, и на јужните и на источните падини на планината Сотире се наоѓаат најголемите зимзелени површини.[7] На поголемите надморски височини преовладуваат црника и лавор, а има и полски брест, полски јасен и даб. Во паркот се среќаваат и црвеноцветна капина, бел глог, зимзелена роза, бршлен и италијански клематис. Распространети се и шпаргла, лутиче и Lythrum anceps.

Фауна

уреди

Во паркот живеат повеќе од 39 вида на цицачи,[7] 246 вида на птици, 25 вида на влекачи, 10 вида на водоземци и 105 вида на риби. Според подредови, застапени цицачи се: 5 инсектојади, 9 лилјаци, 12 глодачи, еден вид зајаковидни цицачи, два вида парнокопитни, два кита, еден вид перконоги и седум Fissipedia.

Шумите се населени со: црвена лисица, куна белка, дива свиња, обичен шакал, европски зајак и видра. Само во тек на зимите се јавуваат и волци. По ливадите се среќава невестулката и Microtus levis. Во топлите води живеат: клунестиот делфин, обичниот и пругастиот делфин. Според некои извештаи, во каменестите и пештерските морски терени била забележана и средоземната фока–мечка. Поради близината на морето, езерата и реките ги посетуваат и населуваат 105 вида риби. Постојаните видови на риби се: караш, ципол-главаш и ципол-патник, европска јагула, ослич и други.

Во паркот бил направен и попис на птици, според кој тука се населени 246 вида, од кои половината тука се гнездат.[7] Некои од постојаните жители се: златен орел, сив сокол, еребица камењарка, жолна и јастреб глувчар. Заливите и естуарите долж крајбрежјето се зимски одредишта за многу птици преселници. Влажните терени се места за одмор и хранилишта за: црвеноглав кожувар, голем корморан, кокаљка, лиска и езерски галеб. На ливадите и пасиштата покрај реките се наоѓаат следните видови: блатни кокошки, барска кокошка, блатна еја, полска еја, сипка торбарка, тенкоклунест трскар и други. Мочуришните предели ги населува: малата бела чапја, калуѓерка (птица), обичен свиркач и други. Поголемиот дел од водните птици се сконцентрирани на крајбрежните делови и во мочуриштата, како на пример, малата српоклуна шлука, црвеноногата тринга, тенкоклуна рибарка и други.

Во паркот се документирани десет вида на водоземци и тие главно се населени во шумите и грмушките.[7] Најчести видови водоземци се: шарениот дождовник, големиот мрморец, краставата жаба, грчката жаба и други. Има и бројни влекачи, повеќе отколку во било која друга заштитена област во Албанија, а најчести видови се: Lacerta trilineata, Anguis fragilis и смокот (Zamenis longissimus).

Археолошко и архитектонско наследство

уреди
 
Римскиот амфитеатар во Бутринт

Главните архитектонски споменици во паркот се: римскиот амфитеатар, олтарот на Дионис, римските бањи, гимназиумот, античкиот плоштад, аквадуктот, храмот на Минерва и Асклепиј, Лавовата капија и крстилница. Сите се под заштита на УНЕСКО од 1992 година.

Римскиот амфитеатар во Бутринт спаѓа меѓу најстарите објекти во паркот и се наоѓа во близина на каналот Вивари. Бил изграден во 3 век п.н.е. и се смета дека бил поставен на темелите на уште постар објект. За време на Римската република, тој бил неколкупати реновиран и прошируван.

Во паркот се наоѓа и Алипашиниот замок, кој се наоѓа на устието на каналот и е наречен според Али-паша Јанински, кој управувал со Јанинскиот пашалук, кој се наоѓал во овој регион. Замокот е со правоаголен облик и со разурнати ѕидини. На аглите се наоѓаат две кули со топови свртени кон морето, и уште две квадратни кули од другата страна.

Лавовата капија била еден од шестте влеза во градот и се смета дека била изградена во 4 век п.н.е. На ѕидовите се гледа лав кој се подготвува да изеде бик. Лавот ги симболизирал жителите на градот, а бикот непријателите. Вратата има многу тесен премин, кој оневозможувал влегување на повеќе луѓе.

На западниот дел од паркот се наоѓа островот Ксамил до кој може да се дојде само со чамец или брод. Околу островот се забележани обичниот и клунестиот делфин.

Галерија

уреди


Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „RRJETI I ZONAVE TË MBROJTURA NË SHQIPËRI“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-09-05. Посетено на 2016-01-12.
  2. „BirdLife Data Zone“. datazone.birdlife.org. Посетено на 2019-03-22.
  3. „Important Plant Areas of the south and east Mediterranean region“ (PDF).
  4. „PER SHPALLJEN PARK KOMBETAR NE MBROJTJE TE SHTETIT TE ZONES ARKEOLOGJIKE TE BUTRINTIT“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-10-27.
  5. 5,0 5,1 5,2 „Butrint“.
  6. „Human – climate interactions in the central Mediterranean region 2 during the last millennia: The laminated record of Lake Butrint“ (PDF).
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 7,5 The Albanian Society for the Protection of Birds and Mammals. „BUTRINT NATIONAL PARK MANAGEMENT PLAN“.

Литература

уреди
  • Ceka N. Butrint: A guide to the city and its monuments (Migjeni Books) Tirana 2005
  • Crowson A., "Butrint from the Air", in Current World Archaeology 14 (2006).
  • Hansen, Inge Lyse and Richard Hodges, eds., Roman Butrint: An Assessment. Oxford: Oxbow Books, 2007.
  • Richard Hodges and Matthew Logue, "The Mid-Byzantine Re-Birth of Butrint", Minerva 18, #3 (May/June 2007): 41–43.
  • A. M. Liberati, L. Miraj, I. Pojani, F. Sear, J. Wilkes and B. Polci, ed. by O. J. Gilkes. The Theatre at Butrint. Luigi Maria Ugolini's Excavations at Butrint 1928-1932.
  • Jarrett A. Lobell, Ages of Albania (Archeology magazine March/April 2006)
  • Ugolini L. M., Butrinto il Mito D'Enea, gli Scavi. Rome: Istituto Grefico Tiberino, 1937 (reprint Tirana: Istituto Italiano di Cultura, 1999)

Надворешни врски

уреди