Сипка торбарка
Сипка торбарка | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Врапчевидни |
Семејство: | Торбарести сипки |
Род: | Remiz |
Вид: | Сипка торбарка |
Научен назив | |
Remiz pendulinus (Linnaeus, 1758) |
Сипката торбарка (науч. Remiz pendulinus) е мала врапчевидна птица од родот Remiz. Распространета е низ умерениот појас на Евроазија и САД. Ја има и во Македонија. За првпат видот беше опишан како Motacilla pendulinus од Linnaeus во неговата Systema naturae, 1758.[2]
Опис
уредиСипката торбарка е мала птица, долга 10-11 см, има распон на крилјата 16-18 см и тежи 8-13 грама. Има кафеавкави горни делови, посветли долни делови, сива глава и црна маска преку очите. Има полов диморфизам, мажјаците се со појаки бои, грбот им е прошаран со црвеникава нијанса, маската преку очите е поширока и го опфаќа и челото, а долните делови се со посветла крем боја прошарано со црвеникаво.
Кај женките грбот е еднобојно кремав, маската е многу потенка, а долните делови посветло крем, малку прошарани или воопшто, со црвеникаво. Младенчињата се целите светло крем, без маска на очите. Нозете им се сиви, клунот е прав, остар, елегантен и светлосив, очите темни, а пердувите на опашката и крилјата се темнокафеави обрабени со посветла кремава боја. Кај женките, основата на тие пердуви е малку посветла и посивкава.[3]
Поведение
уредиЖивеалиштето на сипката торбарка се бреговите на езерата и реките со бујна крајбрежна вегетација или трски за гнездење, поретко во копното.
Специфично за овој вид е изградбата на гнездото, од каде го добила и македонскиот назив. Гнездото е во вид на торба (висулец), обесено најчесто врз водна површина, и тогаш го прават пониско, на околу 1.5 - 5 метри, а ако не е над вода го градат повисоко, на околу 12 метри. Изградбата на гнездото го започнува мажјакот, тој ја прави основата, става јамка, а потоа му се придружува и женката. За изградба користат стебленца од тревки, цветот од трска, врбови ливчиња, животински влакна и сл. Надворешната структура на гнездото ја градат 4 недели, и тоа е долго 17 см, 10 см во пречник, влезниот тунел е 4-5 см, а самиот влез 25 мм широк. Ѕидовите на гнездото се многу силни, со дебелина од 20 до 25 мм. Тоа може да се уништи по 5-8 години, но најчесто самите птици го разрушуваат употребувајќи ги материјалите за ново гнездо. Не го користат истото гнездо двапати. Понекогаш ги несат јајцата пред гнездото да биде целосно довршено.
Леглото има просечно 6-7 јајца (3-16), жолтеникави со розова нијанса. Само женката ги инкубира јајцата 11-14 дена, а пилињата остануваат во гнездо 15-18 дена. Птиците имаат голема довреба во гнездото, па пилињата често ги оставаат сами. Кога започнува инкубацијата, мажјакот ги напушта и почнува да гради ново гнездо во близина со тенденција да формира нов пар. Тој не учествува во грижата за потомството. Во текот на летото тој може да има 3 гнезда, а женката има само едно. По оперјувањето, младенчињата може да останат со женката уште 1-2 недели, а потоа се групираат во јата.[4]
Подвидови
уредиИма 4 подвида:
- во Европа:
- Remiz pendulinus - номинираниот подвид;
- во Азија:
- Remiz macronyx;
- Remiz coronatus;
- Remiz consobrinus.
Занимливости
уредиВо минатото во Европа, гнездото на сипката торбарка се употребувало како детски влечки.[5]
Статус
уредиВо Европа полово зрела популација има 210.000-420.000 пара, односно 630.000-1.260.000 единки,[6] а Европа опфаќа 25-49% од глобалниот опсег. Според тоа, и опсегот и популацијата на овие птици е голема и не е во опаѓање, односно има благ раст, па во Црвениот список на МСЗП е класифициран како вид со најмала загриженост.[1]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 BirdLife International (2012). „Remiz pendulinus“. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
- ↑ (латински) Linnaeus, Carolus (1758). Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I. Editio decima, reformata. Holmiae. (Laurentii Salvii). стр. 189.
M. capite ferrugineo, macula nigra oculan, remigibus rectricibusquc fuscis margine utroque ferrugineis
- ↑ http://www.ibercajalav.net/img/399_PendulineTitRpendulinus.pdf[мртва врска]
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2013-04-17. Посетено на 2013-09-04.
- ↑ Harrap, Simon; Quinn, David (1996). Tits, Nuthatches and Treecreepers. Christopher Helm. стр. 205–211. ISBN 0-7136-3964-4.
- ↑ BirdLife International 2004
Надворешни врски
уреди„Сипка торбарка“ на Ризницата ? |
- Возраст и пол (PDF; 3.8 MB) од Javier Blasco-Zumeta & Gerd-Michael Heinze[мртва врска]
- Видеа, фотографии и звуци Архивирано на 11 март 2016 г. на Интернет колекцијата птици
- Фотографии на www.naturlichter.com