Мала бела чапја
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Птици
Ред: Штрковидни
Семејство: Ardeidae
Род: Egretta
Вид: E. garzetta
Научен назив
Egretta garzetta
(Linnaeus, 1766)

Малата бела чапја (Egretta garzetta) е вид на чапја од родот Egretta која е многу слична на снежната чапја. Ја има и во Македонија.

Подвидови

уреди

Постојат барем два подвидови на малата бела чапја.

  • Истоимениот подвид E. g. garzetta живее во Европа, Африка и Азија.
  • E. g. nigripes се гнезди во Индонезија и Австралија.
  • Некои автори ја одделуваат E. g. immaculata како трет подвид во Австралија, а други ова име го сметаат за синоним на E. g. nigripes.

Неколку други чапји во минатото биле одвреме-навреме класифицирани како подвидови на малата бела чапја, но денес тие се сметаат за посебни видови. Африканската црна чапја (Egretta gularis) живее на крајбрежјето на западна Африка и од Црвеното Море до Индија. Диморфната чапја Egretta (garzetta/gularis) се среќава во источна Африка, Мадагаскар, Коморите и островот Алдабра.

Физички опис

уреди

Возрасната единка е долга 55–65 cm, со распон на крилјата од 88–106 cm. Тежи 350-550 грами. Сите пердуви се бели. Поседува долги црни нозе со жолти стапала и тенок црн клун. За време на сезоната на парење, на тилот се јавуваат два долги пердува и проѕирни пердуви на грбот. Голата кожа меѓу клунот и очите станува црвена или сина. Младите птици наликуваат на возрасните кога не се во сезона на парење, но нозете и стапалата им се со побледа боја. Подвидот E. g. garzetta има жолти нозе и сивкасто-зелена кожа меѓу клунот и очите, додека E. g. nigripes е со жолта кожа меѓу очите и клунот и црнкасти стапала.

Распространетост

уреди

Се гнезди колонијално во јужна Европа во мочуришта и делти на реките кои поседуваат доволно дрвја за изградба на гнезда. Во пролет редовно достигнува подалеку на север, што довело до проширување на ареалот. Во останатиот дел од годината се среќава крај плитките води, особено во мочурливите предели со солена или засолена вода.

Во потоплите месеци повеќето од овие птици имаат свои територии. Тие кои живеат на север се селат во Африка и јужна Азија во големи растурени јата. Доаѓаат главно во септември и октомври. Некои единки остануваат тука во текот на летото.