Полска еја
Возрасна женка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Соколовидни
(или Јастребовидни)
Семејство: Јастреби
Род: Еи
Вид: Полска еја
Научен назив
Circus cyaneus
(Linnaeus, 1766)
Светлозелено: лете, размножување
Темнозелено: постојан жител
Сино: зима

Полска еја (научCircus cyaneus) — граблива птица од потсемејството на еите (Circinae) од родот на јастребите. Се размножува низ северните делови на северната полутопка, односно во Северна Америка, Канада и северна Евроазија. Ја има и во Македонија. Овој вид е политипичен, со два подвида.

Преселничка е кон појужните краишта зиме. Евроазиските птици се селат кон јужна Европа и јужна умерена Азија, а американските во јужни САД, Мексико и Средна Америка. Некои птици, што живеат во умерените краишта на Франција, Велика Британија и јужни САД, може да бидат резидентни преку целата година.

Опис

уреди
 
Младенче во САД
 
Американска полска еја во лет
 
Возрасна женка во Калифорнија

Полската еја е долга 41-52 см[2] со распон на крилјата 97-122 см.[3][4] Половите се разликуваат, мажјаците тежат 290-400 г., а женките 390-750 г.[4] Освен стандардни мерки, полската еја има должина на крилото 32.8 до 40.6 см, опашката му е долга од 19.3 до 25.8 см, а стапалото 7.1-8.9 см.[4] Од грабливците, оваа птица има најдолги крилја и опашка во Северна Америка.[4]

Мажјакот од номинираната раса, C. c. cyaneus (Linnaeus, 1766), кој се размножува во Европа и Азија, е претежно сив одозгора и бел одоздола, освен горниот дел од градите кој е сив како горните делови и под опашката каде е бел; крилјата му се сиви со црни краеви. Женката е кафеава, со бело на коренот на опашката. Одоздола се кремави избраздени со кафеаво. Младенчињата се слични со женката.

Расата C. c. hudsonius (Linnaeus, 1766) која се размножува во Северна Америка понекогаш се смета за посебен вид, C. hudsonius.[5] Перјето на мажјакот е потемно сиво, а на женката потемно кафеаво и попувкасто. Понекогаш, оваа еја има прекар „сив дух“ заради впечатливото перје и аурата на главата.

Женката се огласува со свиркачко пиии-их кога прима храна од мажјакот, а кога е во тревога испушта звук како чит-ит-ит-ит-ит-ит-ит. Повикот на мажјакот е чек-чек-чек, со поедро чук-ук-ук-ук за време на додворувачкиот лет.[3]

Поведение

уреди

Полската еја е средно голема граблива птица која живее во ридови, мочуришта, бари, прерии, ливади, крајбрежја и други отворени предели.[6] Гнездото го градат на земја или на куп кал и вегетација. Изградено е од гранки, а внатре послано со трева и лисје. Несат 4-8 (ретко 2-10) белузлави јајца.[6] Јајцата се 47х36 мм големи.[7] Ова е единствен познат вид од грабливците кој практикува полигинија - еден мажјак се пари со повеќе женки. Додека се инкубираат јајцата, женката лежи на нив додека мажјакот ѝ носи храна, нејзе и подоцна на пилињата.[6] Забележано е повеќе од пет женки да се парат со еден мажјак во сезона.[8] Мажјакот просечно држи 2.6 км2 територија, а може да опфаќа територија од 1.7 до 150 км2.[9] Јајцата ги лежи претежно женката 31-32 дена. Мажјакот помага при хранењето на пилињата, но не ги чува повеќе од 5 минути.[10] Тој всушност ѝ ја носи храната на женката, па таа им ја дели на пилињата.[9] Пилињата се оперјуваат на возраст од 36 дена, а стануваат возрасни на 2 години женките, на 3 мажјаците.

Зиме, полската еја е птица на отворената земја, понекогаш создавајќи колонии заедно со малиот сокол и блатната еја.

Лов и исхрана

уреди

Полската еја е типична грабливка што лови со долгите крилја во плитка V позиција и низок лет. Претежно лови мали цицачи.[11] Но, тие ловат и птици, исто така. Најчесто врапчевидни, но и мали бекасови, како и младенчињата од кокошковидните. Во исхраната повремено вклучуваат водоземци, особено жаби, како и влекачи, инсекти и др.[4] Поголем плен, како зајаци и патки, кога ќе ги уловат ги дават во водата пред да ги јадат.[4] Полската еја лови така што го изненадува пленот летајќи многу ниско до земјата на отворените простори, лебдејќи над полињата и ридовите.[6] Прво кружи и ја надлетува областа неколкупати, наслушнувајќи и набљудувајќи.[6] Ејата го користи слухот за пронаоѓање на пленот, зашто имаат особено силен слух за дневна грабливка, а тоа е во контекст на нејзината сличност во фацијалниот диск со утовите.[4] Оваа еја е многу гласна додека прелетува преку областа за лов.

Смртност и конкуренција

уреди
 
Circus cyaneus

Нема многу информации за животниот век на полската еја. Познато е за една дека живеела 16 години и 5 месеци. Како и да, возрасните ретко живеат подолго од 8 години. Смртноста во младата возраст е поврзана со грабливците. Јајцата им ги крадат ракуни, творови, јазовци, лисици, кучиња и сл. Пилињата, исто така, се подложни на грабливците, особено од страна на утовите.[12] Ако се приближи потенцијален грабливец, обата родитела агресивно реагираат, вклучувајќи силни повици и удирајќи со канџите. Блатниот був е природен непријател на полската еја, кој има исто ловиште и иста животна средина, како и многу сличен начин на размножување. Понекогаш се случува двете птици да се борат додека едната не ѝ го украде пленот на другата, практика позната како клептопаразитизам. Почесто еите се агресорите кои го грабнуваат пленот од бувот.[13]

Статус

уреди

Овој вид има широк опсег, со глобална распространетост на 1–20 милион км², и популација од 1.3 милони единки. Иако има докази за благ пад на популацијата, сепак спаѓаат во категоријата на најмала загриженост.[1]

Врски со луѓето

уреди

Во некои делови на Европа се верува дека ако се види полската еја качена на куќа, таму ќе умрат тројца. Или, посреќно верување, некои домородни американски народи веруваат дека ако видат полска еја на денот од свадбата - ќе имаат долг и среќан брак. За разлика од многу грабливки, оваа еја, историски се фаворизирала од страна на земјоделците бидејќи ги јадат потенцијалните крадци на јајца, глувците и другите штетници. Понекогаш се нарекувани „добри јастреби“ зашто не претставуваат никаква закана за живината, како некои други јастреби.[6]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2012). Circus cyaneus. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. del Hoyo, J. Elliott, A. and Sargatal, J. Handbook of the Birds of the World Volume 2: New World Vultures to Guineafowl. Lynx Edicions, Barcelona
  3. 3,0 3,1 Mullarney, Killian; Svensson, Lars; Zetterstrom, Dan; Grant, Peter (1999). Collins Bird Guide. London: HarperCollins. стр. 86. ISBN 0-00-219728-6.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Ferguson-Lees, J.; Christie, D. (2001). Raptors of the World. London: Christopher Helm. ISBN 0-7136-8026-1.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  5. Ferguson-Lees, J., & Christie, D. A. (2001). Raptors of the World. Christopher Helm, London ISBN 0-7136-8026-1.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 „Northern Harrier (Circus cyaneus)“. Wildlife Fact Sheets. Texas Parks and Wildlife Department. Посетено на 25 June 2012.
  7. Baicich, P., C. Harrison. 1997. A Guide to the Nests, Eggs, and Nestlings of North American Birds. New York City, New York, USA: Academic Press ISBN 0120728311.
  8. Northern Harrier, Life History, All About Birds – Cornell Lab of Ornithology. Allaboutbirds.org. Посетено на 2012-08-23.
  9. 9,0 9,1 Macwhirter, R., K. Bildstein. 1996. Northern Harrier. The Birds of North America, 210: 1–25.
  10. Scott Weidensaul (1996). Raptors: the birds of prey. Lyons & Burford. ISBN 978-1-55821-275-6.
  11. Ryser, F. 1985. Birds of the Great Basin: A Natural History Архивирано на 5 јануари 2014 г.. Reno, Las Vegas: University of Nevada Press ISBN 087417080X.
  12. Wheeler, B., W. Clark. 1995. A Photographic Guide to North American Raptors. San Diego: Academic Press Inc ISBN 071366763X.
  13. Short-eared Owl – Asio flammeus – Information, Pictures, Sounds. Owlpages.com (2012-08-12). Посетено на 2012-08-23.

Надворешни врски

уреди