Барска кокошка
Научна класификација
Царство: Животни
Класа: Птици
Ред: Жеравовидни
Семејство: Блатни кокошки
Род: Блатни кокошки
Вид: Барска кокошка
Научен назив
Rallus aquaticus
Linnaeus, 1758

Барската кокошка (научRallus aquaticus) е крајбрежна птица од семејството блатни кокошки (Rallidae), која се размножува во бујни, растителни, влажни предели низ Европа, Азија и северна Африка. Таа е птица преселница од северните области, но во појужните и умерени е постојан жител преку целата година. Ја има и во Македонија.

Таксономија и систематизација

уреди

семејството на блатните кокошки се состои од речиси 150 видови. Иако потеклото на групата се изгубило во античко време, најголем број видови и најпримитивни форми се среќаваат во Стариот Свет, што укажува дека ова семејство потекнува таму. Сепак, родот Rallus (блатни кокошки), групата долгоклуни птици од трските, на кои припаѓа и оваа птица, се појавила и во Новиот Свет. Најверојатно, еволуирале од една инвазија преку Атлантикот.[2] Барската кокошка прв ја опишал Карл Лине во неговата Systema Naturae, 1758 под сегашното научно име Rallus aquaticus.[3]

Има три појасно дефинирани подвида на оваа птица.[4]

  • R.a.aquaticus (Linnaeus, 1758), номинираниот подвид, кој е распространет во Европа, северна Африка, Турција, западна Азија до Касписко Море;[4]
  • R.a.hibernans (Salomonsen, 1931), исландската раса, која има малку потопли кафеави горни делови, а линиите на слабините се темнокафеави, а не црни; клунот е малку пократок, а сивото во долните делови може да има кафеавкава нијанса;[4]
  • R.a.korejewi (Zarudny, 1905) (вклучувајќи ги и несигурните форми deserticolor, tsaidamensis и arjanicus), распространет во јужна Средна Азија, од Иран до западна Кина и Индија. Малку е поголем од номинираниот вид и со посветло перје и одозгора и одоздола. Има слаба кафеава линија преку очите.[4][5]

Опис

уреди
 
Глава на барска кокошка

Барската кокошка е средно голема блатна птица, со должина од 23 до 28 см, со распон на крилјата од 38 до 45 см. Мажјаците обично тежат од 114 до 164 грама, а женките се малку помали со тежина од 92 до 107 грама.[6] Горните делови од главата до опашката се маслинавокафеави со црни линии, особено на рамењата. Од страните на главата и долните делови кај градите е сивкавосина, освен црнкавиот дел од клунот до очите и кафеавото од страните на градите. Слабините се во црно-бели линии, а под опашката е бела со потемни линии. Долгиот клун и очите се црвени, а нозете се светлокафеави. Половите се исти, со тоа што женките се малку помали имаат потенок клун.[7] Младенчињата имаат црнкава круна и бела брада и грло. Долните делови им се кремави или бели со потемни линии, а слабините се во линии кремаво-кафеави, а не црно-бели. По сезоната на парење, барската кокошка има интезивно митарење и е безлетна околу 3 недели.[1] Огласувањето на оваа птица е слично на гровтање и цвичење како прасе. Ваквите звуци ги испуштаат за означување на територијата, за тревожење и известување. Додворувачаката песна на двата пола е тик-тик-тик, мажјакот со малку понизок тон, а завршува со треперлив звук од женката. Мажјакот може да пее со саати. При лет, испуштаат остар свиреж, често пропратен со гласен повторлив крик од страна на мажјакот кога ѝ го покажува местото за гнездење на женката и гугукање кога се во гнездото со пилињата. Овие птици се најгласни кога го одбираат местото за гнездење и во раната фаза на додворување кога пеењето продолжува длабоко во ноќта.[4]

Живеалиште и поведение

уреди

Барската кокошка живее на места со постојана влажност, со стоечки или бавно проточни води, висока и бујна растителност, со трски, ириси и слични водни растенија.[4] Живеат и во солените крајбрежни мочуришта. Кога се селат или во зима, користат поразнолики влажни живеалишта, вклучувајќи бари, градини и дупки со ѓубре,па дури и такви што замрзнуваат.[8]

Со своето перје кое се претопува во средината, оваа птица многу тешко може да се забележи. Нејзиното тенко тело ѝ овозможува да се провлекува низ трските, а ако се најде во опасност на отворено, таа се „скаменува“.[9] Оди исправено, но кога е во опасност потклекнува и трча. Плива, кога е неопходно, а кратки растојанија прелетува со нозете испружени надолу. Иако летот ѝ изгледа слаб, таа е способна да прелетува долги преселби, ноќе.[5] Барската кокошка ја брани својата територија, понекогаш заедно, двајцата од парот, напаѓајќи го натрапникот со испружен врат.[4]

Размножување

уреди
 
Јајце

Барската кокошка е моногамна и многу територијална кога се размножува. Паровите се создаваат веднаш штом пристигнат од преселба, па дури и за време на летот. Во поголеми пространства, со добри услови за исхрана, овие птици гнездат на оддалеченост од 20 до 50 м. Територијата варира во големина, но најтипична е од 300 метри. На почетокот парот се додворува и се спојува со повици. Мажјакот го избира местото за гнездење и ѝ го покажува на женката, со накострешен грб, кренати крилја, испрчена опашка и клун насочен вертикално надолу. Ова додворување е придружено со гласни повици. Пред спарувањето, мажјакот ги крева своите крилја и опашка, и со својот клун си ги допира градите. Мажјаците ги хранат женките за време на додворувањето, а за време на инкубацијата, женката може да се тргне од гнездото за да кружи околу мажјакот, нежно да го повикува, да го трие нејзиниот од неговиот клун и да трчка од и кон него.[4]

Гнездото е направено од растителноста која е достапна, обично од страна на мажјакот, за еден ден. Кренато е на 15 или малку повеќе сантиметри од нивото на мочуриштето, понекогаш конструирано на купче корења или слична поддршка. Може да се постави и повисоко ако водата знае да го крене своето ниво. Гнездото е околу 15 см во пречник и 7 см високо. Добро е скриено, со тесен приод.[4][9][10]

Обично несат 6-11 јајца.[4] Јајцата се од валкано бели до розовокремави, со црвенокафеави дамки од страните.[10] Обата родитела ги квачат, но женката малку повеќе. Инкубацијата трае 19-22 дена. Храната ја носи родителот кој не инкубира во моментот. Пилињата по два дена можат да го напуштаат гнездото, но родителите сè уште ги хранат. По пет дена тие и самите си наоѓаат храна.[4] Стануваат независни по 20-30 дена, а може да летаат по 7-9 недели.[4] Ако гнездото биде откриено, женката е во состојба да ги пренесува јајцата или пилињата едно по едно на друга локација. Јајцата ги пренесува во клунот, а пилињата под крило.[9] Овие птици стануваат сексуално зрели на 1 година, а обично имаат по 2 легла годишно. Најголема регистрирана возраст за оваа птица е 8 години и 10 месеци.

Исхрана

уреди

Барските кокошки се сештојади, иако тие главно се хранат со животни, како на пример, со пијавици, црви, полжави, мали ракови, пајаци, како и широк спектар на копнени и водни инсекти и нивните ларви. Исто така, јаде мали ’рбетници, како што се водоземци, риби, птици и цицачи, кои ги убиваат или ги јадат како мрши. ’Рбетниците ги убива со удар на клунот кој го крши ’рбетниот мозок на пленот. Растителната храна, која ја конзумира повеќе во есен и зима, вклучува пупки, семиња, цвеќиња, плодови и овошје.[4]

Статус

уреди

Бројот на барските кокошки опаѓа, но сепак има голема популација од 100.000 до 1.000.000 возрасни, како и голема распространетост на 15.600.000 км2. Затоа спаѓаат во категоријата на најмала загриженост. Луѓето со илјадници години ги јаделе барските кокошки,[11] ги јаделе Римјаните,[12][13] ги има на фреските во Помпеја,[14] каде консумацијата продолжила од средниот век до ден денешен.[15] Како и да е, заради животната средина и нејзината прикриеност, ловот е отежнат, и не претставува сериозна закана за овој вид.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2012). Rallus aquaticus. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. Taylor & van Perlo (2000) p. 29
  3. Linnaeus, C (1758). Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I. Editio decima, reformata (латински). Holmiae:Laurentii Salvii. стр. 153.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 Taylor & van Perlo (2000) pp. 293–299
  5. 5,0 5,1 Ali, Salim; Ripley, S Dillon (1980). Handbook of the Birds of India and Pakistan: Volume 2: Megapodes to Crab Plover (2. изд.). New Delhi: OUP India. стр. 149–151. ISBN 0-19-565935-X.
  6. CRC Handbook of Avian Body Masses by John B. Dunning Jr. (Editor). CRC Press (1992), ISBN 978-0-8493-4258-5.
  7. Fuertes, Benito; García, Javier; Fernández, Juan; Suárez-Seoane, Susana; Arranz, Juan José (2010). „Can Iberian Water Rail Rallus aquaticus be sexed reliably using simple morphometrics?“ (PDF). Ringing & Migration. 25: 42–46. doi:10.1080/03078698.2010.9674413.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  8. Mullarney, Killian; Svensson, Lars; Zetterstrom, Dan; Grant, Peter (1999). Collins Bird Guide. London: Collins. стр. 124. ISBN 0-00-219728-6.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  9. 9,0 9,1 9,2 Coward (1930) pp. 319–321
  10. 10,0 10,1 Seebohm, Henry (1896). Coloured Figures of the Eggs of British Birds. Sheffield: Pawlson & Brailsford. стр. 86.
  11. Boev, Zlatovar (2006) "Gamefowl in Bulgaria over the last 8,000 years" pp. 398–389 in Botev, Nicola (ed) (1996). Proceedings of the 22nd Congress of the International Union of Game Biologists 1995: The game and the man. Sofia: Pensoft Publishers. ISBN 954-642-013-1.CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
  12. Allason-Jones, Lindsay (2005). Women in Roman Britain. York: Council for British Archaeology. стр. 103. ISBN 1-902771-43-5.
  13. Grimm, Jessica M (2010) "A bird for all occasions. The use of birds at the Romano-British sanctuary of Springhead, Kent, UK" pp. 187–195 in Prummel, W; Zeiler, J T; Brinkhuizen, D C (2010). Birds in Archaeology: Proceedings of the 6th Meeting of the ICAZ Bird Working Group in Groningen 23.8-27.8.2008. Groningen Archaeological Studies, 12. Eelde: Barkhuis. ISBN 978-90-77922-77-4. Text " 2010 " ignored (help)CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  14. Watson, George E (2002) "Birds: evidence from wall paintings sculpture, skeletal remains, and ancient authors" pp. 360,394 in Jashemski, Wilhelmina Mary Feemster; Meyer, Frederick Gustav (2002). The natural history of Pompeii. Cambridge: Cambridge University Press. ISBN 0-521-80054-4.
  15. Serjeantson, Dale 2006) "The consumption and supply of birds in Late Medieval England pp. 131–147 in Woolgar, C M; Serjeantson, Dale; Waldron, Tony (2006). Food in medieval England: diet and nutrition. Oxford: OUP. ISBN 0-19-927349-9.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)

Литература

уреди
  • Coward, Thomas Alfred (1930). The Birds of the British Isles and their eggs (two volumes). London: Frederick Warne.
  • Edwards, Christopher R W; Bouchier, Ian A D (editors) (1991). Davidson's Principles and Practice of Medicine (16 ed.). Edinburgh: Churchill Livingstone. ISBN 0-443-04092-3.CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
  • Taylor, Barry; van Perlo, Berl (2000). Rails. Robertsbridge, Sussex: Pica. ISBN 1-873403-59-3.

Надворешни врски

уреди