Народен музеј „Д-р Никола Незлобински“
Национална установа музеј „Д-р Никола Незлобински“ — музеј во Струга, кој има статус на национална установа.[1] Името на музејот е во чест на основачот Никола Незлобински.[2]
Поглед на природонаучната зграда на музејот | |
Грешка во Lua во package.lua, ред 80: module 'Module:Infobox dim' not found | |
Основан | 1928 |
---|---|
Место | ул. „Боре Хаџиески-Путе“ бр. 69, Струга, Македонија |
Директор | Сашо Цветкоски |
Мреж. место | Службена страница |
Историјат
уредиМузејот бил отворен во 1928 година од страна на познатиот руски хуманист и визионер Никола Незлобински. Во почетокот, тој својата поставка ја поставил во бараките на струшката болница, како постојана музејска поставка и со тоа го втемелил Природонаучниот музеј во Струга и музејската дејност на територијата на денешна Македонија.[2] Веќе во 1938 година, тој покренал иницијатива за изградба на нова, посебна музејска зграда, за која самиот ги подготвил плановите, а го изготвил и внатрешното решение за експозицијата на музејската поставка. Така, во 1938 година поставката била готова, а со тоа и Музејот бил отворен за прием на посетители. Порано, музејот го носел називот Народен музеј „д-р Никола Незлобински“.[3]
Организација
уредиВо рамките на музејот делуваат билошко, етнолошко, археолошко, историско и одделение за ликовна уметност (со дела на Вангел Коџоман). Постојаната музејска изложба опфаќа голем број препарирани растителни и животински видови, по потекло од Охридското Езеро и од Струшко и Охридско. Посебна знаменитост на музејот е примерокот на теле со две глави.[3]
Природонаучно одделение
уредиДолги години од неговото основање, во 1928 година, Музејот имал статус на природонаучна установа, што била и негова основна дејност. Таа била научно-истражувачка, набљудувачко-собирачка дејност со морфолошко систематска обработка, препарирање и претставување на природонаучниот материјал. Во првите години од постоењето на Музејот, односно природонаучниот оддел бил воден од ловџија и препаратор, за ловење (собирање) и препарирање на природниот материјал под раководство на д-р Никола Незлобински. После ослободувањето, односно со неговото повторно отворање за јавноста, во музејот биле вработени и стручни лица биолози (зоолог и ботаничар) и двајцата препаратори. Интензивното собирање со целосна научна обработка на материјалот овозможила брзо збогатување на фондот на музејските поставки. Денес во музејските депоа и самата изложба се наоѓа богат музејски материјал од непроценливо значење за науката.
Скромната ентомолошка збирка, со неколкуте претставници на цицачи и грабливи птици во почетокот, денес претставува еден огромен комплекс каде се претставени карактеристичните претставници на сите животински групи кои постојат на поднебјето во Струшко и Охридско,[4] а во последно време и дел од ботаничкиот материјал (претежно блатни и водни растенија).
Во изложбата се уредени голем број мали и големи диорами (витрини) во кои се прикажани повеќе видови животни со нивните карактеристичи места на живеење. Целокупниот материјал претставен во изложбата и депониран во депоата е собран од најблиската околина на градот (крајбрежните и длабинските води на Охридското Езеро, полето и планинските масиви - Јабланица, Галичица и Караорман, како и течното корито на реката Црн Дрим), со што и самиот Музеј добил одлика на месен музеј, но со огромен број примероци несвојствени за еден помал регион. Во музејските витрини денес можат да се сретнат примероци кои веќе одамна се водат како исчезнати како резултат на промената на еколошките услови од една страна и нови видови регистрирани примероци, што претставува голем придонес за биолошката наука воопшто, додека пак застарениот начин на претставување не ги задоволува стандардите на современата музеологија.
Активноста на стручните лица од ова одделение е насочена кон остварување на биолошката програма, а и активност на полето на воспитно-образовен план преку обезбедување достапност на Музејот и неговите поставки за посетителите и дополнети со стручни објаснувања за богатството на регионот со природниот свет. Стручниот состав на ова одделение постојано е во тек со научните достигнувања од областа на музеологијата преку учество на конгреси, симпозиуми секции и др. и организирање на тематски изложби. Тематската изложба „Охридското Езеро и неговиот каратеристичен жив свет“ припремена и претставена од овој оддел во повеќе градови во Македонија (Охрид, Кичево, Прилеп, Струмица), со карактеристичен приод - извонредната изработка на препаратите со нивно претставување, преку уметничко ангажирање на животните станишта каде поединецот постои.
Заштитата на биолошките препарати се постигнува со третирање на поставките со посебно хемиски средства за заштита од музејската гризлица, на секои две години, од страна на овластени професионални организации и постојано надгледување на истите од стручна екипа при Музејот.
Историско одделение
уредиДејноста на историското одделение е насочена кон собирање сведоштва за минатото на овој крај, нивна обработка и претставување. Тие сведоштва се во облик на документи и изворни фотографии на личности, настани и места од нашата историја, мемоарска граѓа на живи учесници за нашето историско минато, предмети од историско значење, старо оружје, фотографии со Струга и Струшко, лична заоставнина на д-р Никола Незлобински. Во негова чест е направена и спомен соба, во која е прикажан животот и делото на Незлобински.[5]
Од почетокот на 80-тите години до 1993 година, во рамките на ова одделение на Музејот, работел и Спомен домот на браќата Миладиновци.[5] Во овој простор била изложена најбогатата збирка изворни документи, факсимили и фотографии на браќата Димитар, Константин и Наум Миладинов. Во неа бил сместен и фондот на Меѓународната поетска библиотека.
Одруга страна пак поради годишнини и јубилеи на историските настани, стручните лица на ова одделение подготвувале и претставиле тематски изложби соодветно на настаните. Во оваа прилика само ќе ги наведме нивниот број според тематска содржина: за илинденкиот период две изложби, за браќата Миладиновци три изложби, за НОАВМ четири изложби, за места две изложби и една изложба со наслов „Борбениот пат на 1 македонска пролетерска бригада“ како постојана поставка во Спомен куќа на бригадата во Локов.[5] Некои од овие изложби биле поставувани и во други места во Македонија, други се преизлагаат по поводи.
Археолошко одделение
уредиАрхеолошкото одделение било создадено во 1980 година со што започнуваат и редовните археолошки активности во Музејот, иако збирката на археолошки предмети започнала да се образува многу порано, кон крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години кога со препознавање на теренот од археолозите на Музејот во Охрид и првите систематски истражувања на наоѓалиштето Устие на Дрим,[6] спроведени од Археолошкиот музеј во Скопје, (археолог, С. Саржоски) истата била пополнувана и збогатувана. Со создавање на археолошкото одделение започнале и редовни систематски ископувања на повеќе наоѓалишта во Струшко, препознавање на теренот и пределите околу Струга, прибирање, евиденција и обработка на археолошки предмети и материјали.
Покрај веќе познатите наоѓалишта: ранохристијанската базилика во Радолишта, (акд. Д. Коцо, археолог Б. Маленко) истражена и конзервирана во педесеттите години за која се води трајна грижа и одржување, се продолжи со ископување и конзервација и на ранохристијанската базилика во наоѓалиштето Свети Никола во село Октиси (акд. Д. Коцо, д-р В. Битракова Грозданова), а било откриено и истражено и наоѓалиштето Свети Мартинија во село Ташмаруништа (д-р В. Битракова-Грозданова). Сите овие базилики се со вредни подни мозаици од периодот на 5-6 век. Некои од нив се целосно заштитени и претставени, а другите се во фаза на реставрација и конзервација за да бидат подготвени за претставување.
Богат археолошки материјал е добиен од ископувањата и истражувањата и на други наоѓалишта: Устие на Дрим во Струга и Црковни Ливаѓе во село Враништа[6] (археолог Р. Пашиќ) со наоди од праисторискиот период и остатоци од наколни живеалишта, наоѓалиштето Свети Илија во село Делогожди[6] (д-р В.Битракова-Грозданова) каде, покрај другите наоди: алатки, прстени, белегзии, садови и накит, бил пронајден и еден редок примерок на древномакедонски шлем. Меѓу позначајните истражувања се ископувањата на наоѓалиштето кај црквата „Св. Богородица“ во село Враништа (акд Д. Коцо). Значајни археолошки наоди биле откриени на наоѓалиштата Плачи Круша во село Добовјани, Гробишта во село Корошишта,[6] Света Атанасија во Октиси (д-р В.Битракова-Грозданова).
Повеќе од триесет години како соработник на Музејот во Струга и раководител на повеќето од археолошките истражувања била д-р В. Битракова-Грозданова. За нејзиниот успешен професионален и стручен ангажман, во 2008 година, Музејот ја предложил за добитник на државната Светиклиментова награда. Музејот во Струга, за првпат во Македонија, започнал со подводни археолошки истражувања во наоѓалиштето Врбник[6] кој се наоѓа во близина на градот, во водите на Охридското Езеро (археолог В. Санев, археолог Г. Санев). При овие истражувања е дојдено до богат археолошки материјал кој денес се наоѓа во депото на Музејот.
Археолошкиот материјал со кој располага Музејот е богат, разновиден и се состои од камени и коскени орудија, бронзени и железни примероци на орудија, делови од оружја, разни видови садови, до премети од глина, украсни предмети и накит од метал и стакло.[6] Музејот располага и со вредна и разновидна нумизматичка збирка.
Етнолошко одделение
уредиВо претходниот период, со прибирање на етнолошки материјал, фрагменти од носии и цели народни носии, алатки садови од домаќинство и слично, како и запишување и регистрирање преку записи (пишувани, аудио и видео записи) се занимавале кустосите од историското одделение. Со тоа овој фонд прилично бил збогатен, па се јавила потребата од вработување стручно лице етнолог и на тој начин да биде создадено посебно одделение кое исклучиво ќе се занимава со оваа дејност.
По иницијатива на тогашната Културно просветна заедница на Општина Струга, започнала да биде организирана културната манифестација „Ревија на народни носии“. Со текот на времето таа стана традиционална републичка смотра на народни носии и фолклор, а последниве години неа ја организира Музејот. Богатиот етнолошки материјал, традицијата и големиот интерес на граѓаните и гостите беа причината музејот отпорано да организира тематски етнолоши изложби со застапеност на народни носии, делови од носии, накит, садови, етнолошки предмети и фотографии. Овааа традиција продолжува и по образувањето на етнолошкото одделение.[7]
Денес, Музејот располага со преку 150 делови од народни носии од сите подрачја на Струшко, неколку целосни народни носии, дваесетина парчиња накит, осумдесетина предмети од покуќнина, алат и други предмети, како и голем број фотографии и други записи.
Одделение за ликовна уметност
уредиОдделението за историја на уметност се занимава со истражувачки работи, евиденција и изработка на документација за живопис, резба, библиографски материјал и друг црковен материјал, но исто така прибира и обработуваи дела од областа на современата ликовна уметност, организира тематски изложби и го публикува истражениот материјал. Градската црква „Св. Ѓоргија“, во чиј состав е и Галеријата на икони на самата црква. Меѓу нив, најзначајна е иконата на Свети Ѓорѓи од 1267 година, која се вбројува во најубавите дела на средновековниот иконопис во Македонија.[8]
Активноста на одделението била зголемена со приклучувањето на ликовната галерија „Вангел Коџоман“ кон Музејот. Спомен-галеријата била основана во 1980 година како изложбен простор за постојана изложба на еден од основоположниците на македонската современа уметност, Вангел Коџоман, и во неа постојано се изложени 33 дела на авторот работени на тема „Струга во минатото“.[8] Изложените слики се проникнати со единствената тематска нитка на традицијата, наследството и духот на поднебјето. Во богатото ликовно творештво на Вангел Коџоман како значаен сегмент и трајна преокупација се издвојува неговиот опус вдахнат од родниот град Струга и поднебјето што ја опкружува. Бројни се мотивите кои како разлеани фотографски кадри се нижат, ковертираат и преобразуваат во слики низ кои авторот на еден силен и емотивен начин ги доживувал и воспримал поднебјето, старата градска куќа, чаршијата со опеаните кепенци.
Многу од мотивите кои авторот го опчинувале и поттикнувале низ едно својствено емпириско изразување да ги пренсе на платно, хартија, картон денеска ги нема. Тие се неповратно исчезнати со здивот на времето и во динамиката на современото живеење. Но затоа пак, неговите слики прекриени со патината на годините добиваат еден документарен призвук на последни корифеи кои засекогаш ќе не потсетуваат на прекрасната староградска архитектура, животот во чаршијата и идиличниот пејзаж на опкружувањето.
Покрај галеријата со сликите на Коџоман, Музејот располага и со ликовни дела на други лица[8] како што се Димитар Пандилов, Димче Коцо, Борислав Траиковски, Сергеј Кучма, Борис Пастернак, Борјана Божиновска, дела од ликовната колонија која во 2005 годила била одржана под покровителство на Музејот. Во просторот на галеријата се организирани и повремени изложби на реномирани автори, како и изложби на млади академски уметници, а значаен сегмент од работата претставува и преземање на реализирани изложби од другите културни установи во Македонија, галерии, музеи, домови на културата и културно информиративни центри.
Надворешни врски
уреди- Службено мрежно место на Н.У. Музеј „Д-р Никола Незлобински” - Струга Архивирано на 28 декември 2010 г.
Наводи
уреди- ↑ Pero Keckarovski (1980). Muzejska dejnost vo SR Makedonija. Republički sekretarijat za kultura.
- ↑ 2,0 2,1 „За нас“. НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“. Архивирано од изворникот 2022-05-20. Посетено на 10 ноември 2022.
- ↑ 3,0 3,1 Н.У. Музеј “Д-р Никола Незлобински” - Струга, Природонаучна изложба - Natural scientific exposition, Струга, 2013.
- ↑ „Биолошко одделение“. НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“. Архивирано од изворникот 2022-05-20. Посетено на 10 ноември 2022.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 „Историско одделение“. НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“. Архивирано од изворникот 2022-05-20. Посетено на 10 ноември 2022.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 „Археолошко одделение“. НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“. Архивирано од изворникот 2022-05-20. Посетено на 10 ноември 2022.
- ↑ „Етнолошко одделение“. НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“. Архивирано од изворникот 2022-05-20. Посетено на 10 ноември 2022.
- ↑ 8,0 8,1 8,2 „Одделение за историја на уметност“. НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“. Архивирано од изворникот 2022-05-20. Посетено на 10 ноември 2022.