Мери Болејн
Мери Болејн или Лејди Мери[1] (родена 1499 – починала на 19 јули 1543) — сестра на англиската кралица Ана Болејн и член на англиската фамилија Болејн, која имала големо влијание за време на владеењето на кралот Хенри VIII. Некои историчари тврдат дека таа била помладата сестра на Ана, но нејзините деца верувале дека таа е постарата, како што денес веруваат повеќемина.
Мери Болејн | |
---|---|
Портрет од Мери Болејн | |
Роден(а) | c. 1499/1500 Бликлинг Хол, Норфолк |
Починал(а) | 19 јули 1543 (43–44 г.) |
Благородно семејство | Болејн |
Сопружник(ци) | Вилијам Кери Вилијам Стафорд |
Деца | |
Татко | Томас Болејн |
Мајка | Елизабета Болејн |
Мери била една од љубовниците на кралот Хенри VIII. Се верува дека таа му родила две деца. Имало гласини дека Мери, освен на Хенри VIII, му била љубовница и на неговиот противник, кралот Франсоа I[2].
Детство
уредиСе верува дека Мери е родена во Бликлинг Хол, Норфолк[3], а пораснала во замокот Хевер, Кент. Таа била ќерка на богат дипломат и дворјанин, Сер Томас Болејн, и неговата сопруга Леди Елизабета Ховард. Нема докази за нејзината точна дата на раѓање, но се претпоставува дека тоа било меѓу 1499 и 1508 година. Историчарите мислат дека таа била најстарото дете од фамилијата Болејн кое го преживеало детството[4]. Во 1597 година нејзиниот внук, Лорд Хунсдон, ја барал титулата „Гроф на Ормонд“, бидејќи тој бил законскиот наследник од фамилијата Болејн. Според строгите правила за наследување во аристократскиоте кругови, ако Ана била најстарата, титулата ќе и припаднела на нејзината ќерка Елизабета. Титулата се наследувала преку линијата на најстарата ќерка доколку немало синови во фамилијата. Меѓутоа, се вели дека кралицата Елизабета му ја понудила титулата на Хенри, синот на Мери, бидејќи бил тешко болен и умирал, но тој ја одбил. Ако Мери била најстарата, Хенри би ја наследил титулата по смртта на својот дедо без да има потреба да ја бара. Сепак многу историчари денес мислат дека таа е најстарата и веруваат дека се родила околу 1499 година[5].
Порано се верувало дека Мери била онаа која се образувала во странство и поминала време со надвојводката Маргарет од Австрија, но денес се знае дека тоа било нејзината сестра Ана Болејн. Мери останала во Англија поголемиот дел од нејзиното детство. Во 1514 година нејзиниот татко ја испратил во странство да ѝ биде придружничка на сестрата на кралот, Мери, која заминувала во Париз за да се омажи со францускиот крал Луј XII. По неколку недели, англиските придружнички на кралицата биле вратени, но Мери останала веројатно бидејќи нејзиниот татко бил новиот англиски амбасадор во Франција. Дури и кога на 1 јануари 1515 година, кралицата Мери заминала од Франција бидејќи станала вдовица, Мери Болејн останала за да се придружи на кралството на новиот крал, Франсоа I и неговата сопруга Клаудија.
Кралската афера во Франција
уредиВо Париз, на Мери ѝ се придружиле нејзиниот татко, Сер Томас Болејн, и нејзината сестра Ана Болејн која во последната година студирала во Холандија. Наводно, Мери имала неколку афери, дури и со кралот Франсоа I. Иако некои историчари сметаат дека приказните за нејзините љубовни авантури се претерани, сепак францускиот крал ја нарекувал „англиската кобила“[6] и „una grandissima ribalda, infame sopra tutti“ (најголемата проститутка)[7][8].
Таа се вратила во Англија во 1519 година каде станала придружничка на Катерина Арагонска, сопругата на Хенри VIII[9].
Кралската љубовница
уредиНа 4 февруари 1520 година Мери се омажила со Вилијам Кери[10], богат дворјанин, а на самата свадба присуствувал и Хенри VIII. По некое време, Хенри и Мери започнале врска. Иако некои не се сигури за точното време, сепак се верува дека таа врска започнала во 1521 година. Аферата никогаш не станала јавна и Мери никогаш не уживала во славата, богатството и моќта кои ја имале љубовниците во некои други земји, како на пример, во Франција. Се верува дека аферата завршила во март 1526 година по раѓањето на второто дете на Мери, Хенри Кери, и дека траела пет години. Нејзиното прво дете, Кетрин, се родило во 1524 година.
За време на аферата или некое време по неа, имало гласини дека Хенри е таткото на едно или пак на двете деца на Мери[11]. Еден сведок забележал дека синот на Мери, Хенри Кери, личел многу на Хенри VIII. Џон Хал, свештеник на Ајслворт, десет години по раѓањето на детето, тврдел дека го запознал младиот господин Кери, синот на кралот. Не постојат современи докази со кои би се потврдило дека Хенри бил биолошкото дете на кралот.
Катерина Арагонска, пред нејзиниот брак со Хенри VIII, била краток период во брак со неговиот брат, Артур Тјудор, кој починал неколку месеци по свадбата, кога имал околу петнаесет години. Подоцна, Хенри го искористил тој факт за да го поништи бракот, бидејќи така се создавало сродство меѓу нив двајца (ако бракот бил конзумиран). Според црковниот закон, кога Мери станала љубовница на Хенри, се создало слично сродство меѓу него и Ана. Во 1527 година за време на неговите обиди да добие поништување на бракот со Катерина Арагонска, Хенри исто така барал слобода да се ожени со сестрата на својата љубовница[12].
Моќта на нејзината сестра
уредиСестрата на Мери, Ана Болејн во јануари 1522 година се вратила во Англија и станала многу популарна во кралскиот дворец. Се мисли дека сестрите не биле многу блиски и се движеле во различни социјални кругови.
Иако се вели дека Мери била поатрактивна од сестра ѝ, сепак наводно Ана била поамбициозна и поинтелегентна од Мери. Кога кралот се заитересирал за Ана, таа одбила да му биде љубовница[13], бидејќи била паметна веднаш да не се влезе во љубовна врска туку да почека и да го искористи тоа кога најмногу ќе ѝ одговара. Кон средината на 1527 година Хенри бил одлучен да се ожени со неа. Ова му дало поголем поттик за да бара поништување на бракот со Катерина. Една година подоцна, кога сопругот на Мери починал од треска, Хенри му доделил старателство на Ана врз нејзиниот внук, Хенри Кери. Сопругот на Мери ѝ оставил многубројни долгови, па затоа Ана ѝ помогнала со тоа што го запишала Хенри да студира во Цистерианскиот манастир, а на Мери ѝ давала месечен надоместок од £100[14].
Втор брак
уредиВо 1532 година кога Ана Болејн го придружувала Хенри во Кале, со нив била и Мери. На 1 јуни 1533 година Ана Болејн била крунисана, а на 7 септември ѝ се родила првата ќерка (подоцна кралицата Елизабета I). Во 1534 година Мери тајно се венчала со војникот Вилијам Стафорд. Бидејќи Стафорд бил обичен човек со мали примања, се верува дека нивниот брак бил од љубов. Кога Ана Болејн разбрала за венчавката збеснала, а фамилија Болејн се откажала од неа, веројатно затоа што се омажила без нивна согласност и под нејзината социјална положба. Двојката била протерана од кралскиот двор.
Финансиската положба на Мери станала толку очајна што го молела Томас Кромвел, советникот на кралот да зборува со Хенри и Ана Болејн за да ѝ помогнат. Таа признала дека можела да одбери сопруг од повисок чин, но никогаш не би нашла почесна личност и некој кој толку многу ќе ја сака. Таа рекла и дека: “побрзо би просела за корка леб со него отколку да бидам најголемата кралица во светот, а и со сигурност можам да тврдам дека не би ме оставил за да биде крал”. Но изгледа Хенри бил рамнодушен на нејзините молби, па затоа Мери го замолила Кромвел да зборува со татко ѝ, чичко ѝ и брат ѝ, но и од тоа ништо не произлегло. Ана Болејн била онаа која попуштила и ѝ пратила на Мери величествен златен куп и пари, но сепак одбивала да ја прими во кралството. Се верува дека ова делумно смирување било нивната најблиска средба, бидејќи изгледа дека повеќе не се сретнале по протерувањето на Мери од кралството.
Животот на Мери од 1534 година па сè до погубувањето на нејзината сестра на 19 мај 1536 година е непознат. Не постојат записи дека ги посетила своите родители и сестра ѝ Ана Болејн или пак брат ѝ Џорџ Болејн додека бил затворен во Кулата во Лондон. Исто така, не постојат докази дека се допишувала со нив. Можеби, како и нејзиниот чичко Томас Ховард, третиот војвода од Норфолк, мислела дека е попаметно да стои настрана од нејзината посрамотена фамилија.
Мери и нејзиниот сопруг продолжиле да бидат исклучени од кралството и да живеат во Рошфорд Хал во Есекс, имот на фамилијата Болејн. По смртта на Ана Болејн, нивната мајка се повлекла од кралството и умрела во осаменост две години подоцна, а нивниот татко Томас починал наредната година. По смртта на своите родители, Мери наследила дел од имотот во Есекс. Изгледа дека остатокот од животот живеела во удобност со својот втор сопруг. Починала на 19 јули 1543 година во раните четириесетти.
Деца
уредиОд нејзиниот брак со Сер Вилијам Кери (1495–22 јуни 1528) имала две деца (иако имало гласини дека кралот е нивниот биолошки татко):
- Кетрин Кери (1524 – 15 јануари 1568). Имало гласини дека била ќерка на кралот Хенри VIII. Придружничка на Ана Клевска и Катерина Хауард. Се омажила за пуританец, Сер Франсис Нолис. Подоцна станала главна Леди во одаите на својата братучетка, Елизабета I. Една од нејзините ќерки, Летисија Нолис, станала втора сопруга на Роберт Дадли, првиот војвода од Ланчестер, миленикот на Елизабета I.
- Хенри Кери, првиот барон на Хансдон (4 март 1526 – 23 јули 1596). Исто така имало гласини дека е син на Хенри VIII. Му била доделена благородничка титула веднаш по крунисувањето на кралицата Елизабета I, а подоцна станал и витез. Пред да почине, Елизабета I му ја понудила титулата на фамилијата Болејн „гроф на Ормонд“, која тој многу ја посакувал, но на крајот ја одбил. Бил во брак со Ана Морган.
Од нејзиниот брак со Сер Вилијам Стафорд (починал на 5 мај 1556) имала две деца[15]:
- Ана (? - ?) , веројатно крстена во чест на сестрата на Мери, кралицата Ана Болејн.
- Едвард (1535 – 1545).
Потомци
уредиМери е предок на многубројни важни и реномирани благородници: Винстон Черчил, Џон Дејвисон Рокфелер, П.Г. Вудхаус, Елизабет Бовс – Лион, Дијана - принцезата на Велс, Сара - војводтката од Јорк, Чарлс Дарвин и Томас Вест - третиот барон на Де ла Вар.
Приказ во филмови
уредиМери во филмот Ана од илјада дена, од 1969 година е одиграна од Валери Герон. Била играна и во Тајниот дневник на Ана Болејн од Робин Максвел, Елизабет на Росалинд Мајлс, Розата на Хевер од Маурен Питерс, Дамата во Кулата од Шон Плејди, Госпоѓата Ана на Нора Лофтс, Конкубинката на Нора Лофтс, Ана Болејн од Евелин Антони, Краток раскошен час од Маргарет Кембел Барнс и Младите кралеви: проколнатата кралица Ана од Каролин Маер.
Мери била главен лик во три новели посветени на нејзиниот живот: Court Cadenza (подоцна објавена како Сестрите Тјудор) од британскиот автор Елен Армитаж, Последниот член на фамилијата Болејн од Карен Харпер и Другата Болејн на Филипа Грегори. Грегори изјавила за BBC History Magazine дека Мери е нејзината лична хероина. Нејзината книга станала бестселер, а таа објавила уште пет книги од истата серија. Меѓутоа, книгата била контраверзна бидејќи дел од историчарите не се сложувале со историските настани и поединечните карактери на личностите[6][16].
Другата Болејн во јануари 2003 година станала телевизиска драма на ББС. Наташа Мекелхон ја играла Мери а Џоди Меј ја играла Ана. Во февруари 2008 година се снимила и холивудска верзија. Скарлет Јохансон ја глумела Мери, а Натали Портман, Ана.
Пердита Векс ја играла Мери во драмската серија Тјудори.
Научно – стручна литература
уредиИсто така, Мери е главен лик на две научно – стручни книги, Љубовницата на Хенри VIII од Кели Харт и Мери Болејн: вистинската приказна за љубовницата на Хенри VIII од Џозеф Вилкинсон.
Литература
уреди- Weir, Alison. (2011). Mary Boleyn: The Mistress of Kings. Ballantine Books. ISBN 978-0-345-52133-0
- Wilkinson, Josephine. (2010). Mary Boleyn: The True Story of Henry VIII's Favorite Mistress. Amberley. ISBN 978-1-84868-525-3
- Hart, Kelly. (2009). The Mistresses of Henry VIII The History Press. ISBN 978-0-7524-5852-6
- Harper, Karen. (2006). The Last Boleyn: A Novel. Three Rivers Press. ISBN 978-0-307-23790-3
- Lofts, Norah. (1979). Anne Boleyn.
- Gregory, Philippa. (2003). The Other Boleyn Girl. Touchstone. ISBN 0-7432-2744-1
- Adair, Anne. (2011). Mary Boleyn: Sister to Queen Anne Boleyn and Sister in Law to King Henry VIII. Webster's Digital Services. ISBN 978-1-241-00378-4
- Denny, Joanna. (2004). Anne Boleyn: A New Life of England's Tragic Queen. Da Capo Press. ISBN 978-0-306-81540-9
- Fraser, Antonia. (1992). The Wives of Henry VIII. Vintage. ISBN 978-0-14-013293-9
- Bruce, Marie-Louise. (1972). Anne Boleyn
- Ives, Eric.(2004). The Life and Death of Anne Boleyn. Wiley-Blackwell. ISBN 978-1-4051-3463-7
- Lindsey, Karen. (1995). Divorced Beheaded Survived: A Feminist Reinterpretation of the Wives of Henry VIII. Da Capo Press. ISBN 978-0-201-40823-2
- Weir, Alison.(1991). The Six Wives of Henry VIII. Grove Press. ISBN 978-0-8021-3683-1
Наводи
уреди- ↑ „Katherine Knollys“. Westminster Abbey – Founded 960. The Dean and Chapter of Westminster. Архивирано од изворникот на 2017-09-24. Посетено на 2 June 2016.
Katherine Knollys' tombstone in Westminster Abbey reads thus: "This Lady Knollys and the Lord Hundesdon her brother were the childeren of William Caree Esquyer, and of the Lady Mary his wiffe one of the doughters and heires to Thomas Bulleyne Erle of Wylshier [Wiltshire] and Ormond. Which Lady Mary was sister to Anne Quene of England wiffe to Kinge Henry the Eyght father and mother to Elizabeth Quene of England".
- ↑ Letters and Papers of the Reign of Henry VIII, X, no.450.
- ↑ Писма од Метју Паркер, стр. 15
- ↑ Ives, p. 17; Fraser, p. 119; Denny, p. 27. All three scholars argue that Mary was the eldest of the three Boleyn children.
- ↑ Antonia Fraser, The Wives of Henry VIII (Alfred A. Knopf, New York, 1992), p. 119
- ↑ 6,0 6,1 von Tunzelmann, Alex (6 August 2008). „The Other Boleyn Girl: Hollyoaks in fancy dress“. The Guardian. Посетено на 31 May 2013.
- ↑ Charles Carlton, Royal Mistresses (1990)
- ↑ Denny, p. 38
- ↑ Marie-Louise Bruce, p. 13
- ↑ The Life and Death of Anne Boleyn: The Most Happy by Eric Ives
- ↑ Ives, Eric William (2004). "The Life and Death of Anne Boleyn", p. 369 (note 75). Malden, MA: Blackwell Pub.
- ↑ Kelly, Henry Angsar: The Matrimonial Trials of Henry VIII pp42 ff
- ↑ Weir, p. 160
- ↑ Карен Линдсеј, p. 73
- ↑ Hart p. 118
- ↑ Gregory, Philippa, "The Other Boleyn Girl"