Жак-Луј Давид

(Пренасочено од Жан Луј Давид)

Жак-Луј Давид (фр. Jacques-Louis David; 30 август 1748 - 29 декември 1825) — француски сликар којшто бил претставник на неокласицизмот. Бил активен за време на Француската револуција и бил голем пријател со Максимилијан Робеспјер. Тој имал главна улога во сликањето на сликите во Франција во тој период. По убиството на Робеспјер, Жак-Луј Давид сè уште бил активен како пријател на Наполеон Бонапарт. Познато е за него дека за времето на Наполеон и неговото прогласување за крал, тој ги развил т.н. „Венецијански бои“.

Жак-Луј Давид
Автопортретот на Жак-Луј Давид (1794), Лувр, Париз
НационалностФранцузин
Познат(а) посликарство, цртање
Правецнеокласицизам
НаградиРимска награда

Жак-Луј Давид имал големо влијание во сликарството на Франција и во првата половина на XIX век, сè до неговата смрт во 1825 година.

Рани години

уреди

Жак-Луј Давид е роден во Париз. Неговото семејство било во подем и пред него се појавила голема перспектива. Кога неговиот татко загинал во двобој, Жак имал само 9 години, а неговата мајка го зела и отишла да живее кај неговите чичковци кои биле видни архитекти.

Го испратиле во престижно училиште, но тој никогаш не бил добар ученик. Впрочем, уште од мал се заинтересирал за цртање и сите негови тетратки и бележници секогаш биле чкртани и обоени. Наскоро посакал да стане сликар. Со тоа не биле задоволни неговата мајка и чичковците бидејќи сакале да биде архитект. Сепак, бил испратен и најпрвин негов учител бил Франсоа Буше којшто во тоа време бил во врвот на ликовната уметност, а бил и подалечен роднина на семејството Давид. Франсоа Буше го открил талентот на младото дете и го испратил кај својот пријател Жозеф-Мари Виен.

Уште како млад Жак-Луј Давид конкурирал за ликовната награда во француската академија во Рим од 1770 до 1774 и по неколку неуспешни обиди ја добил во 1774 година. По Рим, бил под виенско влијание и заминал во Виена. Веќе наредната 1775, се вратил во Рим каде што бил повикан од директорот на француската академија. Во Италија, а тој ги видел речиси сите ремек-дела на најпознатите италијански сликари и бил импресиониран од нив, а особено се воодушевувал од делата на Рафаело. Во 1779 година тој ги видел урнатините на Помпеја што му дало дополнителни впечатоци. Во овој период тој големо значење му дал на класицистичкиот стил што подоцна ќе влијае многу на неговите насликани дела.

Во Италија Жак-Луј Давид останал до 1780 година кога ја насликал сликата „Велизариј“.

Понатамошниот живо и неговите дела

уреди

Во 1783 година е избран за доживотен член на Француската академија. Во периодот на 80-тите години на XVIII век тој активно работел и е творец на првите негови поголеми дела во духот на новиот правец сличен на класицизмот (неокласицизам). Во овој период тој ги насликал сликите „Заклетвата на Хорациеви“ (1784), „Смртта на Сократ“ (1787) и „Љубовта на Парис и Елена“ (1788).

За време на Француската револуција Жак-Луј Давид бил мошне активен. Тој бил во движењето против кралот и се залагал за воспоставување на република. Во 1792 година бил избран за член на Конвентот, а бил и близок пријател со Жан Пол Мара и Максимилијан Робеспјер. По смртта на Жан Пол Мара, Давид ја насликал сликата „Смртта на Мара“ (1793).

По смртта на Робеспјер во 1794 година тој не се повлекол од државните работи и го поддржал доаѓањето на власт на Наполеон Бонапарт. Во чест на Наполеон и неговото преминување на Алпите преку превојот Сен-Бернар, Жак-Луј Давид ја насликал својата најпозната слика „Наполеон ги преминува Алпите“ (1801).

Кога на 2 декември 1804 Наполеон Бонапарт се крунисал за крал, Жак-Луј Давид планирал и го насликал крунисувањето. Па, така неговата слика „Крунисувањето на Наполеон“ била готова во 1806 година.

За Наполеон Бонапарт значајно е и неговото дело „Наполеон во својот работен кабинет“ од 1812.

Портретите на Жак-Луј Давид

уреди

Жак-Луј Давид сликал и портрети. Неговата желба за сликање портрети не исчезнувала и покрај неговите политички работи и останатите ремек-дела.

Во 1790 тој го насликал портретот на грофицата Де Сорси. Во 1794 година тој насликал и автопортрет. Во 1800 тој го нласликал можеби својот најдобар портрет, портретот на мадам Рекамер. Пет години подоцна, тој се заинтересирал да црта портрети и на влијателните личности, па во 1805 година го нацртал портретот на папата Пиј VII. По овој портрет во 1813 година тој нацртал и портрет на Маргарита-Шарлота Давид, а во 1816 и на Етјен-Морис Жерар.

Денес сликите на Жак-Луј Давид се наоѓаат во најголемите светски музеи и претставуваат творби на развојот на сликарскиот неокласицизам.

Прогонство и смрт

уреди

По доаѓањето на власт на Бурбонците и враќањето на монархијата на чело со кралот Луј XVIII, кралот барал надарен сликар којшто ќе работи на неговиот двор. Откако дознал за оваа вест Жак-Луј Давид избегал во Брисел каде што живеел до крајот на животот. Таму тој живеел со својата жена и се дружел со француските емигранти коишто се иселиле по државните промени во Франција.

Таму во 1822 година, тој го започнал своето последно дело „Марс обеззоружан од Венера“ коешто го завршил една година пред смртта. Во декември 1823, Жак-Луј Давид запишал: „Ова е последната слика што сакам да ја насликам, но во неа сакам да се изненадам. На неа ќе ја ставам датата на мојот 75-ти роденден и повеќе нема да ставам четка в рака.“ Сликата премиерно била прикажана во Брисел, а потоа била однесена и во Париз, а ја виделе околу 13.000 Французи.

Жак Луј-Давид умрел на 29 декември 1825 година во Брисел.

Галерија

уреди