Жан Пол Мара
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Жан-Пол Мара (24 мај 1743 - 13 јули 1793), бил медицински доктор, физичар, истражувачки научник за топлина, светлина и електрицитет, политички теоретичар, книжевник и полиглот, а најдобро познат по својата кариера во Франција како радикален новинар и политичар за време на Француската буржоаска револуција. Неговото новинарство се прочуло по својот гневен тон, бескомпромисен став кон новите водачи и институции на револуцијата, и застапување на основни човекови права за најсиромашните членови на општеството.
Жан-Пол Мара | |
---|---|
Жан-Пол Мара од Анри Греведон, 1824 | |
Делегат во националниот конвент | |
На должноста 20 септември 1792 – 24 април 1793 | |
Изборна единица | Париз |
Лични податоци | |
Роден(а) | 24 мај 1743 Будри, Нешател, Прусија (сега дел од Швајцарија) |
Починал(а) | 13 јули 1793 Париз, Франција |
Партија | Јакобински клуб (1789–1790) Кордељерски клуб (1790–1793) |
Сопружник | Симон Еврар |
Родители | Џана Мара Лујз Каброљ |
Установа | Универзитет Сејнт Ендрјус, MD |
Занимање | Новинар, политичар, револуционер, физичар, научник, медицинар, книжевник, полиглот |
Потпис |
Мара бил еден од најрадикалните гласови на Француската револуција. Тој станал енергичен бранител на санкилотите, објавувајќи ги своите ставови во памфлети, плакати и весници, посебно неговиот L’Ami du Peuple (Пријател на Народот), што помогнало да го направи неофицијална врска со радикалната, републиканска јакобинска група којашто дошла на власт после јуни 1793.
Мара бил убиен од Шарлот Кордеј, симпатизерка на ројалистите, додека ја практикувал својата медицинска бања поради неговата влошена кожна состојба. После својата смрт, Мара станал икона за јакобинците како револуционерен мартир, како што и е портретиран во славната уметничка слика на Жак-Луј Давид, Смртта на Мара.
Живот и образование
уредиЖан-Пол Мара е роден на 24 мај 1743 година, во градот Будри, близу Нешател, во северозападниот дел на Швајцарија, како дете на незабележлива Сардиниска фамилија. За неговите родители се сочувани оскудни податоци. Неговиот татко, кој имал презиме Маra (без „t“ кое подоцна Жан-Пол го додава), роден е во градот Каљариј, во Сардинија, а во Швајцарија се доселил малку пред раѓањето на својот син. По занимање бил цртач и сликар, а подоцна предавал странски јазици. Има податоци дека се занимавал и со медицина. Со својата работа скромно го издржувал своето големо семејство (освен најстариот син Жан-Пол, имало уште пет деца, две сестри, Марија и Албертин, и три браќа, Анри, Давид и Жан Пјер). Жан-Пол Мара Постариот живеел осумдесет години. Неговиот првенец Жан-Пол се родил кога тој имал четириесет години. До 1754 година Жан-Пол Мара Постариот живеел во Будри, а потоа се преселил во Нешател. Подоцна, во 1768 година, преминал во Женева. Во тоа време малиот Жан-Пол Мара веќе се отселил од домот на своите родители. За својот татко Жан-Пол Мара малку пишувал, но со длабока почит. Тој пишувал со посебна благодарност за тоа што добил „во родителскиот дом многу примерно воспитување“. Од својот татко го наследил интересот и способноста за учење странски јазици па научил француски, англиски, германски, италијански, подоцна шпански и холандски, а потоа латински и грчки. Татко му сакал од него да стане научник. Тоа било од големо влијание на умното формирање на идниот познат трибун. Многу често и со повеќе топлина Жан-Пол ја споменувал својата мајка. Лујз Каброл по раѓање била Французинка. До стапувањето во брак таа живеела со своите родители во Женева, каде се доселиле во 1723 година. Жан-Пол Мара признавал дека токму неговата мајка имала одлучувачко влијание врз развитокот на неговиот карактер и неговите етички идеали.
Таа почитувана достојна жена, чија загуба ја оплакувам до денешен ден – пишувал тој во својата автобиографија, која ја објавил пред својата смрт – ме воспитуваше во првите мои години и таа придонесе за буење на човекољубието во моето срце, љубов кон правда и слава… Со моите раце таа укажуваше помош на сиромашните, и начинот на кој таа со нив зборуваше пробудуваше во мене чувство со кое таа беше обземена.
Длабоката љубов и почитување кон својата мајка Мара ги сочувал низ целиот негов живот. Подоцна, во своите публицистички и социолошки дела, тој често прибегнувал кон метафорично споредување на татковината со мајка му. Наспроти директното значење на смислата на самиот збор „татковина“ (и на француски јазик овој збор ја има истата смисла „la patrie“), кај Жан-Пол зборот татковина не предизвикувал асоцијација на татковски лик, туку лик на мајка.
Кога бил во Бордо, Франција, како шеснаесетгодишник во текот на тие две години таму Мара служел како воспитувач на деца во куќа на богати бродосопственици и трговци на робови. Во 1762 година деветнаесетгодишниот Мара преминал во Париз. Без име, без пари, без врски, млад човек од Нешател, кој никој не го познава… Немало во тоа ништо необично. И пред и после Мара илјада непознати млади луѓе кои со себе не носеле ништо друго освен своите осумнаесет години и соништа, исто така го отпочнувале својот пат. Мара знаел дека патот кон подвизите и славата водел преку Париз. Тој пристигнал во Париз во 1762 година кога е завршена и за француската армија неславната и нешто повеќе за Франција понижувачката седумгодишна војна со Англија. Во Париз Мара поминал околу три години, до 1765 година. Каде тој живеел? Кој го прифатил младиот човек кој никој не го познавал – поранешниот воспитувач од Бордо – во огромната престолнина? Од што тој живеел за време на својот тригодишен престој во Париз? Во какво друштво се движел? Со кој се гледал? Кои биле неговите пријатели? Сите тие прашања, кои би можеле да се прошират, остануваат и сега без одговор. Мараовите биографичари, дури и оние најдобрите, како што се Бужар и Шевремон, кои после сто години вложувале труд да ја состават биографијата на големиот француски револуционер, кои до крајност совесно го собирале сиот материјал што се однесувал на неговиот живот, не биле во состојба да пронајдат какви било документи кои би можеле да ја осветлат таа страна на првиот Мараов престој во Париз. Не подоцна од 1765 година, Жан-Пол Мара го напуштил Париз и отпатувал во Англија.
Мара живеел во Англија околу десет години. Живеел во Лондон, Единбург и Њукасл. Отпатувал и во Ирска. За тоа време отпатувал и во Холандија, во Амстердам. Таму Мара станал член на ложата на „Слободно прифатени масони“ на 15 јули 1774. Неговата масонска диплома била продадена меѓу извонредна збирка на документи во врска со Револуцијата во 1862 година. Тоа било фолио-документ, на фин пергамент, потпишан од Големиот секретар „Ja. Heseltine“. Бил одобрен од автографски сертификат потпишан: „E. P. Renouard“, секретар на Ложата Bien Aimée, од Амстердам, сведочејќи дека Братот Жан-Пол Мара ја посетил Ложата, на 12 октомври 1774 година.
Десет години, се‘ до 1776 година, Мара поминал главно во Англија, каде се занимавал со медицина, а исто така со ветерина и физика. За Мара во Англија главно занимање а наскоро и професија било медицината. Тој се занимавал со неа и како лекар практичар и како научник. Како и кога тој ги совладал сите тајни на овие науки? Тоа останува недоволно објаснето. Изгледа дека тој сериозно ја изучувал медицината, покрај другите науки, уште во Франција, па во Англија се усовршувал. Мара како лекар практичар се стекнал со голема популарност. Во 1769 година Мара го објавил во Лондон своето прво научно дело „За една очна болест“, што сведочи дека тој во тоа време никако не бил обичен лекар. Од 1770 година до 1773 година Мара живеел во Њукасл, каде се занимавал со лекарска пракса. Градот Њукасл му подарил титула почесен граѓанин на градот поради големите успеси во борбата со епидемиите. Кон крајот на шеесеттите или во првата половина на седумдесеттите години, Мара ординирал како лекар во Лондон и во главниот град на Шкотска, Единбург. Во 1775 година Единбуршкиот универзитет свети Ендрјус му доделил виши научен степен – докторат на медицина. Во дипломата која му ја издал Единбуршкиот универзитет наведено е дека Мара работел во областа на медицината во текот на многу години и дека во сите нејзини делови стекнал големо искуство.
Лекар, доктор на медицина, во тоа време имало малку. Мара бил меѓу тие малобројни и јасно е дека тој се гордеел со академското образование, кој го стекнал со свој труд во туѓа и непозната земја. Од тоа време тој на насловните страници на своите печатени дела додавал пред своето име два збора: „доктор на медицина“. Во Англија неговата слава како научник кој умеел да излече тешки болести бргу растела. Во неговата лекарска чекалница секогаш имало многу посетители. Мара – хуманист, кој уште од своето детство сонувал за тоа да придонесе корист за човештвото, давал бесплатни здравствени прегледи на сиромашните кои ќе се обратиле. Во оваа амбуланта, тој со полна волја и бесплатно давал и предавања во одредени денови за хигиена и исхрана, бидејќи сметал дека болеста и смртта се забрзуваат кај лошо хранетите и лошо образованите. Но, меѓу неговите пациенти имало и богати и угледни луѓе. Тој, секако, не заработувал малку како лекар. Тоа може да се заклучи од тоа што за време на својот престој во Англија објавил на свој трошок многу книги, а во тоа време требало многу пари за публикација.
Младиот Жан-Пол Мара уште не знаел во што се состои неговиот вистински книжевни дар. Уште во детството мечтаел за книжевна слава. Одлучил да ја испроба својата способност во уметничката литература. Во 1770 година, не прекинувајќи ја својата редовна работа, почнал да пишува роман. При крајот на 1770 година тој го завршил својот голем роман под насловот „Доживувањата на младиот гроф Потовски“. Овој роман во поголемиот негов дел бил напишан во облик на писма. Мара никогаш не се обидел да го издаде својот прв голем книжевен труд. Тој негов единствен роман никогаш не би ја видел светлината ако тоа не била постарата негова сестра Албертин која внимателно го чувала целото книжевничко наследство на својот славен брат. Во 1841 година ракописот е предаден на младиот републиканец Ем Мартен, а тој пак подоцна го предал ракописот на библиографичарот и издавач Жокоб. Во 1847 година Жокоб го објавил овој роман во списанието „Век“, а следната година, романот бил објавен како посебно издание во два тома под насловот „Роман од срце“ и со поднаслов „Полски писма на Мара, Пријателот на Народот“. Познато е дека Катарина II во текот на многу години била во пријателска преписка со корифеите на француското просветителство укажувајќи им ја, а особено на Волтер и Дидро, својата царска милост на сосема опиплив (паричен) начин. Мара во својот роман го прикажал во вистинската боја наводното добродетелство на руската царица:
Навистина, благодарение на суетата и инстинктот за прифаќање, својствени на нејзиниот пол, спровела одредени мерки кои, меѓутоа, не донеле никаква среќа за општеството. Таа ги лиши земјоделците од земја со помош на принудни тешки даноци, а на останатите им ги одзеде мршавите плодови на нивниот труд заради задоволување на својата суета и од љубов кон раскошот. …На неа ‘и ласкаат правејќи се дека ја обожаваат, треперејќи од секој нејзин поглед – ете ги нејзините особени привилегии, а нејзиното право на почит од општеството, тоа е безгранична жед за прославување. Доста ! Таа сама си се оддолжи: не чекајќи јавноста да ‘и ја издигне славата, таа изнајми поткупливи пера кои ‘и пеат славопојки.
Волтер овде не е спомнат по име, но нема никакво сомневање дека младиот писател Мара го имал во вид прославениот „фернејски патријарх“. Несомнителни се и критичките заклучоци за „големиот Фридрих“ насочени исто така против Волтер, кој бил во пријателски однос со прускиот крал. Во друго свое дело, напишано неколку години подоцна, во книгата „Оковите на ропството“, Мара отворено напишал: „Зарем Волтер не го поткупија Луј XIV, Фридрих II и Катарина II?“ Мара не се ограничил само на разобличување на злото во својот роман:
Неопходно е да се укаже на народот на неговите права и да се повика на акција за нивно освојување, неопходно е да му се даде оружје во раце за да би ги отфрлил од власт сите ситни тирани кои го угнетуваат, неопходно е да се сруши владата и да се постави нова, чии права ќе бидат во разумна рамнотежа. Ете едно средство за обезбедување на мир, солидарност, слобода и изобилие наместо безредие, ропство и глад.
Овие зборови се упатени на Пољаците и формално се однесуваат на Полска. Политичката содржина на „Роман од срце“ стои несомнено над неговите уметнички квалитети, сведочејќи за тоа дека во најважните идејно-политички прашања на своето време Мара во своите дваесет и осум години веќе во голема мера ја одредил својата позиција – веќе не како политички радикал, веќе како револуционер. Во редовите на противниците на стариот режим Мара по своите убедувања припаѓал на левото крило и како таков веќе намерно се оградувал од признатите водачи и корифеи на француското просветителство, како што е Волтер. Нивната готовност на политички компромиси и нивното кокетирање со „просветлените монарси“, нему му биле одвратни.
Мара патува низ Европа подолго време, работејќи како доктор и научник во неколку европски градови. Тој најпосле утврдува постојана практика во Лондон, во 1770-та, каде работи за аристократијата и повисоката средна класа и се заинтересирува во научни експерименти на светлина, електрицитет и оган. Станува прилично познат уште пред Револуцијата како физичар, кому англиската влада доделува награда за еден негов пронајдок во областа на енергетиката. Несебичен и до крајности чесен, Мара повеќе ја ценел плодната работа на научникот отколку богатството и славата. Во 1773 година го штампа во Англија својот труд ,,Оковите на ропството‘‘, во кое укажувал на недостатоците на англискиот устав, на кралската власт која го упропастувала народот и на поткупливиот парламент. Тој исто така пишува неколку филозофски есеи, меѓу кои „Есеј за човечката душа“ и „Филозофски есеј за човекот“.
Политички, филозофски и медицински трудови
уредиОколу 1770 година, Мара се преселува во Њукасл. Неговото прво политичко дело, Chains of Slavery (Синџири на ропството), инспирирано од вон-парламентарните активности на пратеникот, лишен од граѓански права, а подоцна и градоначалник на Лондон, Џон Вилкс, најверојатно е напишано во тамошната централна библиотека. Според личното описливо раскажување на Мара, тој живеел на црно кафе три месеци, за време на пишувањето на ова дело, спиел само два часа навечер, а потоа, по завршувањето, спиел цврсто тринаесет дена по ред. Тој му го дава поднасловот, „Дело во кое се посочуваат тајните и злобните обиди на кнезовите да ја уништат слободата, и страшните сцени на деспотизмот обелоденети“. Ова дело му заработило почесно членство во патриотските друштва на Берик на Твид, Карлајл и Њукасл. Библиотеката на книжевното и филозофско друштво во Њукасл поседува копија, а Службата за архиви на Тајн и Вир поседува три копии презентирани пред различни еснафи на Њукасл.
Мара го објавува „Филозофски есеј за човекот“ во 1773 година и политичкото теоретско дело „Синџири на ропството“ во 1774 година. Острата критика на Волтер за есејот „De l’Homme“ (проширен превод, објавен во 1775–76), делумно во одбрана на неговиот штитеник Хелвециус, го засили растечкото чувство на Мара за проширување на јазот меѓу филозофите, групирани околу Волтер од една страна и нивните „противници“, неформално групирани околу Русо од друга страна.
Откако објавува есеј за лекување на гонореја, Мара си обезбедува медицински рецензенти за магистерска титула од Универзитетот во Сент Ендрјус во јуни 1775 година.
Мара го објавува Enquiry into the Nature, Cause, and Cure of a Singular Disease of the Eyes (Истражување на природата, причината и лекувањето на една болест на очите кога се враќа во Лондон. Во 1776 година, Мара се преселува во Париз по краток престој во Женева за да го посети своето семејство.
Во Париз, неговата растечка репутација како високо делотворен доктор, заедно со покровителството на маркиз де л’Обеспин (сопруг на еден од неговите пациенти) го обезбеди неговото назначување за доктор на телохранителите на гроф д’Артоа, најмладиот брат на Луј Шеснаесетти кој ќе стане крал Шарл Х во 1824 година. Тој ја започнува оваа позиција во јуни 1777 година. Позицијата го плаќа 2000 ливри годишно плус додатоци.
Научни трудови
уредиНајголема желба на Мара му била да стане претседател, по предлог на шпанскиот министер гроф Флорид Бланк, на Шпанската кралска академија на науките чие реализирање е осуетено од истакнати членови на Француската академија на науките, дискредитирајќи го Мара пред министерот. Доволно е да го цитираме Ленге, познат филозоф и економист на 18 век, кој го кажал следново за членовите на Академијата: „Тие имаат добар стомак, но слабо срце“. Мара повеќе го ценел креативниот труд на научникот отколку богатството и славата, а положбата на претседател на Шпанската кралска академија би му овозможила научна самостојност, не водејќи грижа за штедење пари, да врши научни испитувања, додека во Париз тој морал сè да работи на свој трошок, па сите негови големи приходи оделе за плаќање на скапи експерименти.
Мара воспостави лабораторија во куќата на маркиз Де Л’Обеспин со средства добиени со тоа што работи како кралски доктор за аристократијата. Неговиот метод беше детално да ги опише прецизните серии на експерименти што ги прави за одреден научен проблем, со цел да ги истражи и потоа да ги исклучи сите можни заклучоци, освен оној до кој стигнал.
Објавува дела за оган и топлина, електрицитет и светлина. Објавува резиме на своите научни ставови и откритија во Découvertes de M. Marat sur le feu, l'électricité et la lumière (Откритија на г-дин Мара за огнот, електрицитетот и светлината) во 1779 година. Објавува три подетални и обемни трудови проширени на секоја од неговите области на истражување.
Recherches Physiques sur le Feu
уредиПрвата од главните публикации на Мара, во која се детализирани неговите експерименти и во која се извлечени заклучоци од нив, е Recherches Physiques sur le Feu (Истражувања во физиката на огнот), која е објавена во 1780 година со одобрување на официјалните цензори.
Оваа публикација опишува 166 експерименти кои Мара ги прави за да докаже дека огнот не е, како што вообичаено се верувало, материјален елемент, туку „огнена течност“. Мара бара од Академијата на науките да ја процени неговата научна работа и таа назначува комисија да го направи тоа, за која дава извештај во април 1779 година. Во извештајот се избегнува да се одобрат заклучоците на Мара, но се зборува за неговите „нови, прецизни и добро извршени експерименти, соодветно и оригинално дизајнирани“. Потоа, Мара го објавува својот труд, со тврдење дека Академијата ја одобрила неговата содржина. Бидејќи Академијата ги одобрува неговите методи, но не изјавила ништо со што би се согласила со неговите заклучоци, ова тврдење го налутило Антоан Лавоазие, кој побарал од Академијата да се одрече од трудот. Кога Академијата го сторила тоа, ова го означило почетокот на влошување на односите меѓу Мара и многу нејзини водечки членови. Голем број од нив, меѓу кои и самиот Лавоазие, како и Кондорсе и Лаплас изразиле силна ненаклоност кон Мара. Сепак, Ламарк и Ласепед позитивно пишувале за експериментите и заклучоците на Мара.
Découvertes sur la Lumière
уредиВо време на Мара, гледиштата на Њутн за светлината и бојата се сметаа за скоро универзално како дефинитивни, но сепак експлицитната цел на Мара во неговото второ големо дело Découvertes sur la Lumière (Откритија за светлината) требаше да докаже дека во одредени клучни области, Њутн не бил во право.
Фокусот на трудот на Мара бил студијата за тоа како светлината се наведнува околу предметите, а неговиот главен аргумент беше дека иако Њутн сметал дека белата светлина се поделува во бои со рефракцијата, боите всушност биле предизвикани од дифракција. Кога зракот на сончевата светлина заблескал низ отворот, поминал низ призма и проектирал боја на ѕидот, раздвојувањето на светлината во бои се случило не во призмата, како што тврдел Њутн, туку на рабовите на самиот отвор. Мара се обидел да докаже дека има само три основни бои, наместо седум како што тврдел Њутн.
Уште еднаш, Мара побарал од Академијата на науки да го разгледа неговиот труд и таа формирала комисија за тоа. Во период од седум месеци, од јуни 1779 до јануари 1780 година, Мара ги направил своите експерименти во присуство на комесарите, за да можат да ги проценат неговите методи и заклучоци. Изработката на нивниот последен извештај му била доделена на Жан-Батист Ле Рој. Извештајот конечно бил изработен по многу одложувања во мај 1780 година и се состоел од само три кратки параграфи. Она што е значајно, извештајот заклучил дека „овие експерименти се толку многубројни ... [но] ... не ни изгледа дека ни докажуваат она што авторот верува дека тие го потврдуваат“. Академијата одбила да ја поддржи работата на Мара. Кога било објавено, кралското одобрување не било отпечатено во Découvertes sur la lumière. Според насловната страница, книгата е отпечатена во Лондон, што значи или дека Мара не можел да го добие официјалниот цензор за да ја одобри, или не сакал да потроши време и труд да го стори тоа.
Recherches Physiques sur L'Électricité
уредиТретото главно дело на Мара, Recherches Physiques sur l'Électricité (Истражување на физиката на електрицитетот), опишува 214 експерименти. Едно од неговите главни области на интерес беше електрично привлекување и одбивање. Одбивањето, според Мара, не било основна сила на природата. Тој се осврнува на голем број други области на испитување во својот труд, завршувајќи со еден дел за громобрани, каде тврди дека оние со зашилени краеви се поефикасни од оние со тапи краеви, и ја демантира идејата за „земјотресни прачки“ за која се залагал Пјер Бертолон де Сен-Лазар. Оваа книга била објавена со цензорски печат на одобрување, но Мара не побарал одобрување од Академијата на науки.
Во април 1783 година, Мара поднесува оставка од неговото назначување во дворецот и ги посветува своите енергии со полно работно време на научни истражувања. Освен неговите главни трудови, во овој период Мара објавува пократки есеи за медицинска употреба на електрицитетот (Mémoire sur l'électricité médicale (1783)) и на оптиката (Notions élémentaires d'optique (1784)). Го објавува добро примениот превод на Њутновите Opticks (1787), кој сè уште се печати, а подоцна и збирка есеи за неговите експериментални откритија, вклучително и студија за ефектот на светлината врз меури од сапун во неговите Mémoires académiques, оu nouvelles découvertes sur la lumière (Академски мемоари или нови откритија за светлината, 1788). Бенџамин Франклин го посетува во неколку наврати, а Гете го опишува неговото одбивање од страна на Академијата како блескав пример за научен деспотизам.
Други пред-револуционерни трудови
уредиВо 1782 година, Мара го објавува својот „омилен труд“, „План за кривичниот законик“. Во овој труд Мара запишал дека „кражбата е поврзана со правото на сопственоста“ чија суштина се насилството и узурпацијата на она што секој човек треба подеднакво да го користи за сопствен опстанок. Сметал дека на секој му припаѓа само она што му е неопходно за животот: „Никаков вишок не може законито да ни припаѓа толку долго додека постојат луѓе кои немаат најнеопходни нешта за живот“. Се залагал за отворање јавни работилници во кои треба да се вработуваат невработени лица, како би можеле со свој труд да си го обезбедат опстанокот, а не да им се дава социјална помош.
Пред почетокот на револуцијата, тешко болен, со лекарска дијагноза за брза смрт, Мара го напишал делото „Подарок на татковината или говори за третиот сталеж на Франција“. Во делото ја изразил надежта за успехот на револуцијата и советува како да се продолжи борбата за слобода. Здравјето му се подобрува, продолжува да се бори и прави планови како на народните маси да им влее надеж и сила да продолжат со борбата за промените во општеството. Во „Повикот до народот“ од 1789 година барал револуцијата да започне и да не заврши сè додека царува неправдата и додека дел од народот живее во беда и синџири.
Окови на ропството (1774)
уредиЖан-Пол Мара бил оригинален мислител, имал несогласувања со Монтескје. Единствен од мислителите од неговите современици со којшто се сложувал бил Жан Жак Русо. Меѓутоа, во Маратовото дело немало само полемичка жестокост. Напротив, тој доследно и логично, согласно со внимателен промислен план, ги изложувал своите позитивни идеи, систем на своите убедувања. Денис Дидро го нарекол Мара „доста надарен човек“. Книгата „Оковите на ропството“ било и првото политичко дело на Мара. Било оригинално и своевидно и по мислите, и по композицијата, и по книжевниот стил.
За својот настанок, државата треба да му се заблагодари на насилието.
стои на почетните страници од ова дело на Мара.
Скоро секаде законите во својата основа не биле ништо друго освен полициски правила коишто осигурувале секому да може мирно да ужива во она што го ограбил.
Но, Мара не бил песимист, овој сјаен бранител на правдата понатаму пишува во истото дело:
Колку-годе да е валкано потеклото на државата, слободата се родила од угнетувањето.
Мара дал многу длабоко објаснување на потеклото на државата, сметајќи дека таа произлегла од насилието. Мара во однос на ова важно прашање од општествената теорија го развил подалеку од Русо и од многу други истакнати мислители на 18 век. Во „Оковите на ропството“ може да се пронајдат извонредни предвидувања за класната природа на државата. Развитокот на деспотизмот, политичкото и социјалното угнетување, Мара го објаснува пред се‘ со непросветеноста на народот, иако, се разбира, ова е идеалистичко објаснување на законитоста којашто го одредува развојот на историскиот процес. Но, она што заслужува внимание е силината и длабочината на Маратовите мисли кога тој ги осветлува со стихијно материјалистичка анализа појавите во социјалниот живот и нејзините процеси, коишто за неговите современици останале темни и неразбирливи. Мара веќе во ова негово прво политичко дело тврдел дека создавањето на големите имоти, коишто се наоѓаат во малку раце, доведува до тоа
класата на независни граѓани да исчезнува и дека државата се состои само од господари и потчинети.
Мара ја увидел разликата помеѓу интересите на богаташите и сиромашните:
Богаташите сакаат да уживаат, а сиромасите само да го сочуваат својот гол живот.
Мара во „Оковите на ропството“ прецизирал и конкретизирал каде точно се јавува најсилно оваа противречност:
Во комерцијализирана нација, каде што капиталисти и рентиери скоро одат рака под рака со закупниците на државни приходи, финансиерите и берзијанците, големите градови имаат само две класи на граѓани, од кои едната се наоѓа во беда, додека другата има се‘ во изобилие, едната ги држи во свои раце сите средства за угнетување, додека другата нема никакви средства за своја заштита.
освен да ја продава својата работна сила и интелект. Мара исто така дошол и до сфаќањето на класната природа на државата:
Станувајќи господари над послабите, насилниците во одредена мера стануваа и господари на државата.
Маратовото дело „Оковите на ропството“ е извонредно и по тоа што тоа дошло како едно од првите во политичката литература на 18 век во кое дадена остра критика на порокот на новиот капиталистички поредок во она време кога тој само се раѓал. Веќе во тоа свое прво дело, посветено на општествено-политички прашања, Мара се појавил како смел и одлучен револуционерен демократ. Таков тој и останал до последните денови од својот живот.
Револуцијата од 14 јули 1789
уредиКога отпочнува Револуцијата, Мара ги остава своите научни обврски и сиот се предава во служба на народот. Како и повеќето Парижани, и Мара учествувал во револуционерните настани од 13 и 14 јули 1789. Подоцна тој зборувал како ноќта, на 14 јули, му успеало со помош на револуционерна народна маса да задржи на Новиот мост одреди на драгони и германска коњаница кои се насочувале кон квартот Сен Жермен и Сент Онор. Според Мара, задржувајќи ги коњаничките одреди на мостот, тој многу влијаел врз развитокот на вооружената борба меѓу побунетиот народ и владините трупи. Мара бил храбар учесник во славните јулски денови од 1789 година.
Првата политичка победа на Мара била неговиот избор во комитетот на округот Карм-Дешосе, каде што тој живеел. За изборите на Генералните сталежи, Париз бил поделен на 60 окрузи. Јавните собранија отворени за сите жители биле одржувани во секој округ со цел да се избере комитет кој би ги избрал париските претставници на Третиот сталеж. Состаноците на реонските собранија, сепак, наскоро го презеле политичкиот живот на своја рака, а реонските комитети се развиле во активистички организации кои почнале да практикуваат политичка власт на локално ниво.
На 14 јули 1789 реонскиот комитет бил во постојано заседание и Мара работел деноноќно, без прекин, во текот на три деноноќија. Задачата за сите окрузи била да ја организираат националната гарда како постојана војска способна воено да ја брани нивната Револуција. Вечерта во петокот, 17 јули, најпосле Мара тргнал дома да спие.
Утрото во саботата, 19 јули, тој се вратил во штабот да презентира предлог пред комитетот. Мара одлучил дека највредниот придонес што тој би можел да го даде за Револуцијата бил со неговото перо, па предложил округот да објавува политички весник и ги понудил своите услуги како негов уредник. Неговата иницијатива била одбиена, сепак, бидејќи мнозинството на комитетот сметало дека веќе доволно имало револуционерни изданија во промет. Иако Мара го прифатил ова одбивање смирено, подоцна тој рекол дека тоа го натерало да даде оставка од реонскиот комитет за да основа свој политички весник.
Ако округот се согласил да спонзорира издание, тој ќе овозможил машини за печатење, хартија, мастило, словослагачи, печатари и дистрибутери, но без неговата поддршка, Мара морал да го сноси сето бреме на производството врз себе. Тој успеал во тоа „живеејќи штедливо во сиромашни околности“, вели тој.
Низ изминатите девет месеци јас живеев на леб и вода за да ги покријам трошоците за печатењето, кои станаа прекумерни.[1]
На 11 август, еден месец откако го напуштил реонскиот комитет, неговото ново издание, Moniteur Patriote, било отпечатено, но било со краток рок. Следниот месец, сепак, Мара го отпочнал одново но под различно име и овојпат можел да го продолжи неговото печатење.
Во август 1789 година го критикувал Проектот на декларацијата за правата на човекот и граѓанинот на Муние, со образложение дека авторот зборува само за правата, за „желбата за среќа“, а не кажува ниеден збор за должностите. Во Декларацијата „треба да се зборува за максимум на правата и за максимум на должностите“ и да се води исклучителна грижа за „среќата на народот, како основна цел на општествениот договор“.[2]
Внимавал Уставотворното собрание да не скршне во погрешна насока, третиот сталеж да не се претвори во непријател на народот и да не биде „маска на деспотизмот“. Заради тоа, енергично се спротивставувал на предлогот на Лали Толендал да му се додели на Луј XVI звањето – „обновител на политичката слобода во Франција“.[3]
L'Ami du Peuple (Пријателот на Народот)
уредиНа 12 септември бил отпечатен првиот број на весникот кој оттогаш ќе биде поврзуван со името на Мара: L’Ami du peuple—Пријателот на Народот. Тоа било дневен весник со првичен тираж од околку 2000 примероци. Производствените трошоци на Мара биле проценети на околу 80 до 90 ливри од едно издание, што било приближен еквивалент на месечна плата на неквалификуван работник или цената на оброк за четворица во отмен париски ресторан. Во почетокот, L’Ami du peuple изгледа дека опстанал со помош на висококаматни заеми од печатари и дистрибутери, но откако весникот станал популарен, се разбира Мара можел да заработи доволен приход за да го покрие трошокот за негово издавање. Иако нема бројки на располагање за да директно се одреди профитабилноста на весникот на Мара, еден друг весник, „споредлив во формат и промет со L’Ami du peuple” (Coquard, Marat, 464), заработувал годишен профит од околу 62 000 ливри (Gilles Feyel, “Les frais d’impression et de diffusion de la presse parisienne entre 1789 et 1792,” La Rеvolution du journal, 1788–1794, Centre national de la recherche scientifique [CNRS] [Paris, 1989]). Личното „нето богатство“ на Мара во време на неговата смрт било буквално нула, па ако приходот од весникот ги надминувал трошоците за негово печатење, најверојатно тој го вложувал вишокот за зголемување на капацитетот за негово печатење. „Од денот кога Револуцијата започна, Мара живееше на леб и вода, не фигуративно зборувајќи, туку во стварноста. И кога тој беше убиен, целото богатство на Пријателот на Народот беше банкнота од 25 ливри (франци)“ (Кропоткин, Големата Француска револуција 1789-1793).
Влијанието на весникот на Мара не може да се процени според обемот на неговиот тираж, бидејќи бројот на неговите читатели бил многупати поголем. Според историчарот Џереми Д. Попкин тоа бил „најславниот радикален весник на Револуцијата“.[4] Поединечните примероци на весникот биле пренесувани од рака на рака и читани на глас на јавни места и кафеани. Еден коментатор од тоа време проценил дека секој еден примерок на популарните весници бил читан од десет луѓе.[5] Сепак, тиражот на весникот на Мара се зголемил како што растело неговото влијание, достигнувајќи максимум од можеби 6000 примероци. Обемот на тиражот не бил одреден од економската побарувачка, туку од физички ограничувања на печатарската технологија во осумнаесеттиот век. За да се произведуваат секојдневно три до шест илјади примероци на весник, еден историчар пресметал дека тоа „било задача која барала без прекин три до пет едноставни рачни печатари да работат во текот на буквално цела работна седмица.“[6] Понекогаш L’Ami du Peuple се печател истовремено во три различни печатници за да го достигне дневниот тираж од 6000 примероци.[7]
L’Ami du peuple не беше само име на весник. Од почетокот тоа било исто така името на измислен лик кој ги олицетворува доблестите на идеален револуционерен патриот. Пријателот на Народот бил храбар, решителен, посветен на правдата и вооружен со непогрешливо политичко „шесто сетило“ кое му овозможило да ги открива лагите и измамите и да ја чита скриената политичка стварност.
„Народот“ со кој Мара настојувал да се спријатели била револуционерната класа, санкилотите. Терминот санкилоти означувал луѓе кои носеле работнички панталони до глуждови наместо панталони до колена вообичаени за господа. Санкилотите биле „иматели на работилници, занаетчии, наемни работници, трговци и ситни трговци“ од Париз.[8] Мара напишал:
Револуцијата беше изведена и поддржана само од најниските класи на општеството – работници, занаетчии, трговци на мало, земјоделци – од простиот народ, од оние сиромаси кои богаташите бесрамно ги нарекуваат отпад.[9]
Во почетокот Мара се идентификувал во весникот како „Мара, уредник на L’Ami du Peuple“. Но, кога писмата до уредникот редовно му се обраќале како Пријателот на Народот, Мара почнал да се идентификува со тој карактер. Тој го скратил својот потпис на „Маrat, l’Ami du Peuple“ и станал Пријателот на Народот, колку за себе толку и за неговите читатели.
Во скоро време новинарството на Мара престанал да биде во својата суштина реформистичко и станало отворено револуционерно. За одредено време, двете гледишта коегзистирале во неговите написи, но наскоро откако го отпочнал издавањето на Ami du peuple, тој престанал да повикува за реформи во постоечкиот политички поредок и почнал да повикува за негово соборување. Иако во септември 1789 година скоро секој сметал дека Националното собрание и Париската Комуна биле институциско отелотворување на Револуцијата, Мара гласно настојувал дека двете владини тела биле непријатели на Револуцијата. Тој го предвидел доаѓањето на „втора револуција“ бидејќи политичката доминација на богатството во сегашниот систем им оневозможила на сиромашните да остварат општествена правда со мирни средства. Санкилотите веќе успешно се побуниле против благородништвото. Зошто тие исто така не би востаниле со оружје против богаташите?
Ami du peuple многу бргу почнал да се одвојува од конкурентните револуционерни весници. Спектарот на мислење меѓу нив се протегал од оние кои верувале дека востанието од 14 јули ја завршило револуцијата и оние кои верувале дека револуцијата била во почетна фаза. Ami du peuple припаѓал на вториот крај од спектарот, додека повеќето други припаднале некаде меѓу двата пола. Весникот на Мара според тоа почнал да привлекува внимание, како од радикализирачката јавност така и од новата власт која сè повеќе била посрамотувана на неговите страници. За помалку од две седмици откако весник почнал да се издава, Мара веќе успеал да ја разбесни општинската влада и на 25 септември уште еднаш добил покана да се појави пред советот на градот.
Најнатежнувачкото политичко прашање во тој момент била цената на лебот. Лебот бил главен производ во исхраната на санкилотите а со остриот пораст на неговата цена имало опасност голем број на луѓе да гладуваат и веројатно да умрат од глад. Во париските посиромашни реони избувнале побуни и насилни демонстрации во врска со цената на лебот. Париската Комуна организирала Комитет за прехрана за да справи со кризата. Мара ја ужаснува градската власт опишувајќи го нејзиниот Комитет за прехрана не како дел од решението туку како главен дел од проблемот. Тој го обвинил за заговор со еснафот на млиновите и кралскиот министер за финансии, Жак Некер, дека трупат зрна за да ја присилат цената на лебот да порасне многу високо. Тој ги обвинил мелничарите како алчни профитери и го обвинил Некер, на кого тој одушевувачки му ракоплескал само пред неколку месеци, дека го измислил заговорот за да ја дискредитира Револуцијата и на крајот да ја уништи.
Советот без сомнение имал намера да побара од Мара да престане со својата распалувачка реторика. Кога тој пристигнал му било кажано да почека во претсобјето. Часови подоцна, на полноќ, бил информиран дека советот нема да го види тој ден, туку дека тој треба да се врати следниот ден, а Мара и така направил. Откако поминал уште еден цел ден во чекалната, сепак, му било кажано уште еднаш дека тој ќе треба да се врати следниот ден.
Иако Мара знаел дека бил повикан таму за да биде нападнат, тој испланирал да ја смени ситуацијата во свој прилог кажувајќи му на советот на градот како да се исчисти од предавничките елементи. Тој имал причина да верува дека делегатите од помалку богатите реони ќе го бранат и ќе ги земат предвид неговите обвинувања сериозно. Но, откако поминал два дена седејќи во чекалната, на Мара му било доста од нивните маневри. Наместо повторно да се враќа, трет ден по ред, тој решил да се обрати јавно. Објавил отворено писмо до градскиот совет во бројот од 28 септември на Ami du peuple, изразувајќи го своето разочарување што не му било дадена можноста да се обрати на собранието. Тој рекол дека собранието требало да ги ислуша неговите обвинувања и да делува според нив. И за да го истакне својот презир кон градскиот совет, тој дал споредба за нивната важност:
Јас сум окото на народот, а вие најмногу што можете да бидете сте неговиот мал прст.[10]
Градскиот совет веднаш одговорил наредувајќи Мара да се појави пред него таа вечер, и овојпат тој бил примен без да мора да чека. Претседателот на собранието побарал Мара или да ги конкретизира своите обвинувања или да ги повлече. Мара ги дал само истите воопштени обвинувања кон Комитетот за прехрана кои се појавиле во неговите статии. По бесен разговор, она што се случило потоа е вообичаено. Не било побарано отштета од Мара – што тој го протолкувал како притаено признание дека неговите обвинувања биле точни – и едноставно му било допуштено да си оди.
Овој судир му дал уште едно издигнување на растечкиот углед на Мара како претставник на малите луѓе против општествената елита, вклучувајќи ја новата општествена елита која се издигнала со Револуцијата. Како што изминувало времето, неговите читатели му давале сè повеќе „важни информации“, овозможувајќи му да дава уште поточни обвинувања. Издигнувањето на Мара од непознатоста отпочнало.
Маратовиот весник ја будел работничката совест, поттикувал револуционерна енергија, додавал максими, ги формулирал народните барања. Аристократијата и крупните капиталисти многу бргу го увиделе во него својот најопасен непријател, а веќе во 1789 година претседателот на париската општина наредил да се уапси Мара. Принуден да се крие и по неколкупати на ден да го менува склоништето, Мара наоѓал сила и можности да не го прекинува издавањето на „L’Ami du Peuple“.
Водејќи цело време војна против предавниците на татковината, огорчен од нивните гадости и суровости, јас им ги симнував маските, изложувајќи ги разголени пред светот, ги засрамував. Го презирав нивното клеветење, нивните лаги, нивното навредување. Но, не се плашев од нивната одмаздољубивост, од нивниот гнев… Мојата глава беше уценета. Пет лути шпиони, кои ме пратеа во чекор, и две илјади платени убијци ни за миг не можеа да ме натерат да го измамам својот долг. Да би ги избегнал ударите на убијците, јас се осудив наживот во илегалност. Понекогаш против мене се кревани батаљони од платеници. Принуден да бегам, лутајќи по улиците среде ноќ, не знаејќи понекогаш каде да прибегнам, проповедувајќи го меѓу мечеви делото на слободата, бранејќи ги угнетените, спремен да си ја ставам главата на трупец, јас од сето тоа постанав уште пострашен за угнетувачите и политичките никаквеци.
Мара сметал дека целта на неговиот весник е учењето на народните маси да ја користат слободата, да им ги
објаснува на граѓаните нивните права, да им влева волја да ги користат овие права, храброст да ги бранат, смелост да се одмаздуваат на оние кои ги газат. Смислата на слободата е во тоа таа да му помогне на народот да се запознае со злоупотребите на своите претставници и да им пружи можност поради тоа да ги казни; смислата на слободата е во тоа да ги научи луѓето да се покоруваат само на правичните и мудрите закони, а да се противат на неправичните и да востануваат против тиранските закони.
Одговарајќи на своите непријатели, Мара напишал:
Иако не можам да гледам како страда ситен инсект, тие сепак ми кажуваат дека сум суров. Но, мене ме обзема длабока огорченост поради нашите лажни хумани сфаќања и поради нашата длабока попустливост кон секој наш суров непријател. Ние сме глупаци поради тоа што забораваме да се чуваме од нивните удари. Ако било кога тие добијат надмоќ спрема нас, погледајте ги тогаш како, носејќи оган во едната и меч во другата рака, ги пустошат регионите и просто ги убиваат сите родољубци, ги убиваат нивните жени и нивните деца, а градот го препуштаат на пламени јазици.
Порано од сите останати револуционери тој сфатил на какви крупни тешкотии ќе мора да наидува револуцијата. Тој исто така го предвидел одметнувањето на крупните капиталисти од народот и нивниот иден сојуз со реакцијата. Тој барал така да се измени Уставотворното собрание што да стане извршител на народната волја, барал општо изборно право за народот, барал избирачите да им даваат на своите претставници одредени наредби и да можат да ги отповикуваат ако не постапувале по народните барања. Мара го опишал почетокот и еволуцијата на неговиот весник (заедно со неговите политички ставови) во својот весник на 19 март 1793 година:
На почетокот на Револуцијата, уморен од прогоните со коишто бев соочен толку долго време во рацете на Академијата на науките, со нетрпение ја прифатив приликата што се претстави себеси за пораз на моите угнетувачи и за постигнување на мојата соодветна позиција. Ја затекнав Револуцијата со моите идеи што веќе беа формирани и јас бев толку запознаен со принципите на висока политика што тие станаа вообичаени за мене. Имајќи поголема доверба во исмејуваните патриоти на Уставното собрание отколку што заслужуваа, јас бев изненаден од нивната маленкост, нивниот недостаток на доблест. Верувајќи дека им е потребно просветлување, стапив во преписка со најпознатите делегати, особено со Шапелие, Мирабо и Барнав. Нивното упорно молчење на сите мои писма наскоро ми докажа дека иако им треба просветлување, тие се грижеа малку за да бидат просветлени. Почнав да ги објавувам моите идеи преку печатот. Го основав L'Ami du Peuple. Го започнав со строг, но искрен тон, на човек кој сака да ја каже вистината без да ги прекрши конвенциите на општеството. Го одржував тој тон цели два месеци. Разочаран што открив дека не го произведува посакуваниот ефект што го очекував, и огорчен што стабилно се зголемуваше дрскоста на неверните претставници на народот и на лажните јавни функционери, чувствував дека е потребно да се одречам од умереноста и да ја заменам сатирата и иронијата за едноставна цензура. Огорченоста на сатирата се зголеми со бројот на малверзации, беззаконието на нивните проекти и несреќите на јавноста. Силно убеден во апсолутната перверзност на приврзаниците на стариот режим и непријателите на слободата, чувствував дека ништо не може да се добие од нив, освен со сила. Револтиран од нивните обиди, од нивните постојано повторливи заговори, сфатив дека нема да им се стави крај, освен со истребување на оние кои се виновни за нив. Налутен од гледањето на претставниците на нацијата во сојуз со нејзините најсмртоносни непријатели и законите кои служат само за да ги тиранизираат невините, наместо да ги штитат, го потсетив суверениот народ дека, бидејќи нема што повеќе да очекува од своите претставници, негова должност е да направи нешто за да ја исполни правдата за себе. Ова беше сторено неколкупати.[11]
Мара вообичаено го објавувал L’Ami du Peuple на дневна основа, но има неколку прекини во неговото објавување затоа што неколкупати Мара морал да се крие за да избегне апсење, кога не можел да го печати весникот. Неговите континуирани напади против Жак Некер, Жан Силвен Баји, грофот де Мирабо, Париската комуна, маркиз де Лафајет, Националното конститутивно собрание, Законодавното собрание, Националната конвенција, емигрантите и самиот крал Луј XVI предизвикале неколку декрети за кривично гонење и обвинение против него и обиди да се потисне неговиот весник. Неговата машина за печатење била уништена и копиите на L’Ami du peuple биле конфискувани најмалку двапати.[12] Во една прилика неговиот печатар бил уапсен и затворен, а плочите користени за печатење на еден особено контроверзен број - во којшто Мара се заканил дека ќе го откорне срцето на Лафајет, ќе го запали кралот и ќе ги избоде до смрт пратениците на нивните собраниски клупи - биле уништени.[13]
Во септември 1789 година Мара го поддржал барањето на пратеникот Жак-Иганациј Гилотин да се отфрли предлогот на Мирабо, Таргет, Клермон-Тонер и Лали Толендал за правото на вето на монархот на законите што ќе ги донесува Законодавниот дом. Мара сметал дека ветото на монархот е неприфатливо, оти Законодавното собрание е претставник на народниот суверенитет, на волјата на народот: „Само тоа може да ги анулира законите што ги донело“.[14]
Настаните од 5 и 6 октомври 1789
уредиМара на страниците на својот весник L’Ami du Peuple објавил колумна под наслов Извештај за заговор против татковината. Во неа било објавено писмо, датирано четврти октомври 1789, во кое со негодување е прикажано оргирањето на офицерите во Версај. „Вие се покажавте достоинствен да ви се верува од чесните граѓани“, пишува авторот на писмото. „Вие сте единствениот кој ги разоткри сите предавнички заговори. Помогнете ни со вашите совети“. Мара на ова писмо отворено одговорил. Од страниците на својот весник тој упатил повик до народот на Париз:
„…Не смее да се изгуби ни еден момент“, пишува Пријателот на Народот, „сите чесни граѓани треба да се соберат со оружје в раце. Треба да се испрати одред доволно силен за да го собере сиот барут во Есон. Секој округ треба да земе пушки од локалните управи. Народната полиција е доволно свесна да разбере дека таа не смее да оди одвоено од своите сограѓани“.
Мара гласно го рекол она што тајно или несвесно им се вртело во главите на многу луѓе. Тој воскликнал: „Вооружете се, па во воен поход тргнете кон Версај!“ Каква улога одиграл во тие незаборавни денови Мара? Познато ни е само тврдењето на Камиј Демулен, кој напишал во својот весник Histoire des Révolutions de France et de Brabant за Маратовата улога: „Мара јуриша во Версај, се враќа како молскавица и крева сам толкава врева како сите труби на денот на страшниот суд, довикувајќи ни: „О, мртви, пробудете се!“ Наспроти силниот ефект кој сакал да го створи Демулен, неспорно е дека Мара не само што на страниците на својот весник се јавил со повик да се оди на Версај туку и дека лично учествувал во настаните на 5 и 6 октомври.
Во ноември 1789 година, Мара пишувал против предлозите на Таргет за воведување на слободниот мандат на ниво на дистриктите, арондисманите и на национално ниво. Слободниот мандат го сметал за неприфатлив, бидејќи избраните претставници можат да се осамостојат и да работат против интересите на народот. Слободниот мандат оди на рака на „опресијата и тиранијата“.[15]
1790
уредиНе го поштедувал ниту Лафаjет, во времето кога бил Генерален командант на полицијата во Париз. Во јануари 1790 година му напишал писмо, обвинувајќи го дека ја злоупотребува националната доверба што ја има како воен генерал и командант на Париската полиција. Не стравувајќи од неговиот авторитет, му укажувал дека се однесува како „генерал-играчка“, како командант кој париската полиција ја става во служба на непријателот, спротивставувајќи ги „граѓаните едни против други, потпалувајќи ја граѓанската војна“.[16]
Од егзил во Лондон, во мај 1790 година, пишува студија против Жак Некер, министер за финансии. Познавајќи го петнаесет години, уште од времето на првото министерствување, по смената на Тирго, со горчина од странство, констатира дека неговата политика, како прв министер во владата на Луј XVI, не значи ништо друго освен ,,несреќа на населението, глад и немаштија“.[17] Во 1790-та, Мара е присилен да пребегне во Англија по објавувањето статии против министерот за финансии Некер. Мара остро ја осудува висината на францускиот јавен долг предизвикана од лудоста на ануитетите, под водство на министерот за финансии од доцните 1770-ти, Жак Некер.
Во исто време пишува и писмо до претседателот на Уставотворното собрание, критикувајќи ја бавната работа на Комитетот за подготовка на уставот. Пишува дека е веќе три месеци во Лондон и дека е разочаран што не може да биде од полза за татковината. Бара од претседателот да ја поттикне работата врз Уставот и де преземе итни мерки за попречување на Комитетот за уставот да стане „аполитичен орган“.[18]
Во јуни 1790 година пишува за говорот на Мирабо, по повод смртта на Бенџамин Франклин, оценувајќи го како „опасен говорник, со патриотска маска“. Мара го оспорува патриотизмот на Мирабо, поради поддршката на воениот закон и слободниот мандат на пратениците: „Со еден збор, тој е без сомнение противник на политичката слобода“.[19]
На 24 јуни 1790 година му напишал писмо на Камиј Демулен, во врска со уставот што се подготвува подолго време во Уставотворното собрание. Во писмото пишува дека „еден вистински слободен устав“ мора да обезбеди услови „сите закони да бидат поддржани од народот“, односно да се создадат такви претпоставки кои ќе овозможат да дојде до израз „националниот дух“, преку консултација на народот за „сите основни прашања“. Нарекувајќи го Демулен „брат по оружје“, писмото го заклучува со зборовите дека „ништо не треба толку да триумфира колку среќата на народот“, како и ништо друго не смее да биде толку свето колку правата на граѓаните и интересите на народот.[20]
„На оружје или готово е со нас!“ (26 јули 1790)
уредиВо јули 1790 година Мара ги известил граѓаните на Париз за опасноста од контрареволуцијата, повикувајќи ги да се запишат на список на доброволци, подготвени во секој момент да им се спротивстават на оние што ја загрозуваат револуцијата. Авторот на писмото побарал поврзување на патриотите, меѓусебно информирање за тоа што се случува во земјата и заедничка борба со сите средства, убеден дека граѓаните со свои сили можат да ја заштитат Франција во целост, независно од каде доаѓа опасноста.[21]
Многу противници на Мара ексцерптираат еден пасус од историскиот контекст на овој памфлет и го злоупотребуваат со цел да го дискредитираат Мара како крвожедник наспроти неговата одлика на предострожност и благоразумие за заговорите на странските сили чија контрареволуција е олеснета од внатрешните непријатели (кралскиот кабинет од министри, градоначалникот Баљи, командантот генерал Лафајет и др.). Во овој памфлет Мара дава три точни обвинувања. Првото се однесува на заговорот на М. Маљбоа, кој бил обвинет за комитетот за истражување на општина Париз од Масо-Гран Мезон. Ова било проект за да се врати гроф д‘Артоа во Франција и да му се овозможи да ја поврати контролата над земјата. Второто обвинување е насловено Обвинување премногу сериозно против општинскиот комитет за истражување во кое Мара обвинува дека комитетот бил известен после шест седмици за аферата околу гроф д‘Артоа, дека не направил ништо да го спречи ова и дека ги игнорирал наредбите на националниот комитет. Третото обвинување носи наслов Скорешни новости и објавува дека виенскиот дворец побарал од кралот слободно поминување на трупите на територијата на Франција. Мара дискутира исто така како воениот комитет ги растурил фронтовите на патриотски батаљони. И како заклучок Мара во одделот Повик до сите граѓани ги наговара да се вооружат како на 14 јули и 5 октомври 1789. „Пишував така“ повторува Мара „бидејќи не сакав да гледам како спие народот“ додека беснеат масакри, војни и бескрајни контрареволуционерни уништувања кои го унесреќуваат. За Мара, генерал Лафајет е „злосторничка кукавица, виновен за злоупотреба, кој не заслужува доверба кај народот, предавник на својата татковина“. Мара го знаел многу добро предизвикувачкиот карактер на својот памфлет. Извадоков е сместен во почетокот на памфлетот: „Јас го знам тоа, дека мојата глава е уценета, од никаквеците кои ги водат државните работи; петсто полицајци ме бараат ден и ноќ. Па добро! Ако тие ме фатат, ќе ме заколат и ќе умрам како маченик на слободата. Никогаш нема да се каже дека татковината пропаднала и дека пријателот на народот кукавички молчел.“
Во август 1790 година пишува за непријателите на револуцијата и ги повикува Французите да ги отворат очите, да видат дека аристократијата е опасна за татковината и за револуцијата. Кажува дека на страната на левицата е само срцето, но не и оружјето и власта. Во ноември истата година забележал дека и Камиј Демулен подзастанал и дека се оддалечува од револуцијата, чекор по чекор. Побарал да се слушне гласот на „трубите“, да се разбуди нацијата, да станат граѓаните на нозе и „Французите да ги отворат очите“.[22]
Масакрот во Нанси (31 август 1790)
уредиРеволуцијата ја олеснила положбата на војниците во војската. Тие почнале да создаваат свои организации и да бараат отчет од своите офицери за финансиското трошење кое е одредено за нив. Поради тоа отпочнале судири во многу полковски штабови меѓу офицерите аристократи и војниците. Во 1790 година војниците од гарнизонот во градот Нанси побарале од своите офицери да им дадат отчет. Овие не сакале да го направат тоа. Тогаш војниците ја презеле полковската каса. Делегација од осум луѓе заминала во Париз да се жали поради суровоста на старешините. Уставотворното собрание ја уапсило делегацијата. Тоа издало наредба со која ги осудило нансиските војници поради тоа што ја прекршиле дисциплината. На гарнизоните од соседните градови им било наредено да ги смират побунетите војници. Лафајет издал наредба по која народната гарда требала да делува против побунетиот гарнизон. Меѓутоа, судирите во Нанси веќе се смириле. Повеќето војници потпишале „акт на покајување“. Но, буржоазијата и реакционерните офицери сакале да се пресметат со војниците кои тежнееле да воведат демократски односи во војската. Во Нанси била испратена војска. Таа извршила колеж не само врз војниците туку и врз градското население. Три илјади граѓани биле убиени – тоа бил резултатот на нансискиот колеж по наредба на генерал Лафајет. Кралот „кој не сакал жртви и крв“, како и собранието, ја искажале својата благодарност до оние кои го смириле нансискиот гарнизон. Само Мара, Пријателот на Народот, кренал глас на негодување против ова злосторство.
Во декември 1790 година Мара прави план за ликвидација на контрареволуиционерите во сите места од кралството. Бара од граѓаните да бидат внимателни, да дејствуваат јавно и да ги посочуваат непријателите, да им дадат до знаење дека не стравуваат од нив. Погубувањето на контрареволуционерите го сметал за „единствено средство за спас на татковината и за заштита на животите на три милиони граѓани“.[23]
1791
уредиВо март 1791 година пишува за антиреволуционерите во армијата, предводени од Луј XVI. Од тој момент Мара постојано го набљудува францускиот крал што прави, откривајќи ги неговите врски со европските монархии и заговорот што го правел против револуционерните сили. Мара ќе биде и првиот политички публицист кој ќе го наговести бегството во странство на францускиот крал во јуни 1791 година. Постојано, кралот го сметал за непријател на Револуцијата, означувајќи го како „голем разобличувач на заговорот против политичката слобода“.[24]
Во април 1791 година, Мара пишува за „молитвениот погреб на Мирабо“, обраќајќи му се на народот со следниве зборови:
Народе, молете се на господ, вашиот опасен непријател е штотуку погребан. Рикети веќе го нема. Тој е жртва на сопствените предавства…Тој се покажа како најголем монархист, оној што го поддржал воениот закон, суспензивното вето, оној кој бил иницијатор на војната, на независноста на делегатите од нацијата, оној кој ја овозможил емиграцијата, во договор со конспираторите.[25]
Ле Шапељеовиот закон од 14 јуни 1791
уредиЛе Шапељеовиот закон ги забранува штрајковите и сите видови на работнички организации и предвидува свирепи казни за иницијаторите на штрајкови и сите оние кои учествуваат во нив. Според Маркс „француската буржоазија се осмели во почетокот на револуционерната бура да им го земе на работниците назад тукушто извојуваното право на асоцијација. Со декрет од 14 јуни 1791 таа ги прогласи сите работнички коалиции за „атентат врз слободата и врз декларацијата за правото на човекот“ што ќе се казнува со 500 ливри и со одземање на активните граѓански права за една година“.[26] Мара ги бранел работниците во својот весник L’Ami du Peuple (Пријател на Народот) „оставени на милоста на шака подлеци кои се дебелат на сметка на трудот и ги ограбуваат неговите плодови“. Мара бил единствениот кој го осудил Ле Шапељеовиот закон, бидејќи ги „изолирал граѓаните и ги исклучил од јавните работи“. Уште во својот Повик до нацијата Мара се појавува како заштитник на интересите на сиромашните. Тој ја осудува политиката на Уставотворното собрание поради тоа што тоа им служи на интересите на богатниците, додека интересите на сиромашните луѓе останале пренебрегнати.
Во 1791-та, откако Париз се наоѓа под воениот закон по Мартовските масакри врз демократската интелигенција, оди во канализации, криејќи се од генерал Лафајет и Националната гарда.
Јас го знам тоа, дека мојата глава е уценета, од никаквеците кои ги водат државните работи; петсто полицајци ме бараат ден и ноќ. Па добро! Ако тие ме фатат, ќе ме заколат и ќе умрам како маченик на слободата. Никогаш нема да се каже дека татковината ќе пропадне и дека пријателот на народот бил држан во кукавички молк.
Симон Еврар (април 1792)
уредиВрз одлуката на Мара да се врати на револуционерното новинарство во април 1792 година влијаела една извонредна жена што ја сретнал. Некаде во 1790 година тој ги запознал сестрите Еврар, Катрин, Етиенет и Симон - работнички девојки од Бургоњ кои се преселиле во Париз да најдат работа. Сопругот на Катрин, Жан-Антоан Корн, бил печатар кој работел за L'Ami du Peuple и го познавал Мара лично. Преку оваа врска Мара ги запознал сестрите Еврар, сите три огнени партизанки на Револуцијата. Во октомври 1791, тој ја побарал нивната помош за да ја избегне полицијата на Лафајет и бил поканет да остане во нивната куќа на улица Сен Онор, бр. 243.
Една од сестрите, Симон, станала девојка на Мара и, макар што без црковна или граѓанска церемонија, негова сопруга. Нивната врска траела до смртта на Мара, после неговото убиство таа станала позната како „вдовицата Мара“. После 31 година упорно бранење на споменот за Пријателот на Народот низ тешките времиња на Термидорската реакција, Империјата на Наполеон и Реставрацијата на Бурбоните, таа умрела во сиромаштија во 1824 година.
Кога Мара ја запознал Симон, тој бил 47 а таа била 26 години. Нејзината прва привлечност не била кон Жан-Пол Мара туку кон прославениот Пријател на Народот. Нивната врска се развила од тесна политичка соработка. Повторното раѓање на L'Ami du Peuple во април 1792 веројатно немало да биде можно без скромната, но важна финансиска поддршка овозможена од нејзината заштеда и плата. По укинувањето на монархијата на 10 август 1792 година, Комитетот за полиција и надзор на Париската комуна му дал на Мара четири од кралските печатарски машини, а новата печатница на Мара била поставена во подрумот на Клубот на кордељерите.[27]
Улогата на Мара во септемвриските погубувања
уредиОдговорноста за масакрите во септември му се припишува, но колективниот менталитет што ги предизвика е резултат на околности, а не од волјата на која било посебен поединец, аргументира историчарот Жорж Лефебр во својата книга Француската револуција: Од нејзините почетоци до 1793.
септемвриските масакри (2-7 септември 1792), што се случија заради страв дека странските и кралските војски ќе го нападнат Париз и дека затворениците во градските затвори ќе бидат ослободени и ќе им се придружат. На 2 септември пристигнале вести во Париз дека војската на војводата од Брауншвајг ја нападнал Франција и со инвазијата на тврдината Верден бргу паднала, и дека Прусите бргу напредувале кон главниот град. Оваа информација распламтила разјареност и страв кај населението. Парижани знаеле дека во затворот Абеји било приредена илуминација на денот на заземањето на Лонгви каде зад решетките уапсените ги навредувале поминувачите и ги уверувале дека Прусите ќе го заземат Париз и ќе го уништат. Дека омразата на Парижани кон ројалистите била основана, може да се заклучи и по еден напис кој е објавен во еден жирондински весник од 2 септември, во кој стои дека ројалистите одлучиле по влезот на пруската војска во Париз да го запалат градот од сите страни, да се изгладне градското население и да се казнат револуционерите. А пак Манифестот на војводата од Брауншвајг (25 јули 1792), кој во голем дел е напишан од братучедот на Луј XVI, Луј Жозеф де Бурбон, принц од Конде, инаку водач на големи трупи на емигранти во сојузничката војска, се заканил на францускиот народ со инстантно казнување ако тој дава отпор на императорските и пруските војски и поновото воведување монархија. септемвриските денови во Париз биле дело на самоодбрана на народот кој знаел колку ѕверски свирепи биле контрареволуционерите, народ кој стравувал од пресврт во Париз додека се борел на фронтот. После заземањето на Верден пруската војска се наоѓала на само сто милји од Париз. Цела Европа не се сомневала во победата на војводата од Брауншвајг. Пад на Париз не се очекувал подоцна од 10 септември. Било доволно само Законодавното собрание, на енергично барање на Комуната, на 4 септември да објави соопштение до францускиот народ во кое ветило „дека со сите сили ќе се бори против кралот и кралската власт“, за да колежот престане истиот ден и Парижани тргнат на фронт. Битката кај Валми (20 септември 1792) била првата победа над непријателите од почетокот на војната. Таа победа го спасила Париз. Гете, големиот германски поет и почитувач на научното дело на д-р Мара, рекол, сфаќајќи го значењето на Битката кај Валми: „На тоа место, на тој ден, отпочна нова доба во светската историја. Тоа е првата победа на народот над кралевите“.
На 3 септември, Комисијата за претпазливост на Комуната, во која сега служел Мара, објавува циркулар во кој се повикуваат провинциските патриоти да го одбранат Париз и побарува од нив, пред да ги напуштат своите домови, да ги елиминираат контра-револуционерите. Жирондинците потоа направија голем број копии од овој циркулар, но нема докази дека имал некакво влијание. Mара е само директно одговорен за народната акција во еден од затворите, имено, таа во Абеји. Еве што тој вели на темава:
Која е должноста на народот? Последното нешто што мора да го направи, и најсигурното и најмудрото, е да оди вооружен пред Абеји, да ги оддели предавниците, посебно швајцарските офицери и нивните соучесници, и да ги убие. Која будалштина да се сака да им се овозможи судење! Сè е направено, ги вооруживте против нацијата, ги масакриравте војниците, зошто би ги поштедиле офицерите, кои се неспоредливо повиновни? Лудост е што се слушаат ласкавците, кои советуваа да ги направат само воени заробеници. Тие се предавници кои неопходно е да се жртвуваат веднаш, бидејќи тие не можат да бидат сметани во друго светло.[28]
Во бр. 12 од Journal de la République Мара се брани од злобните напади на жирондинците во Конвентот против Комуната, Комитетот за надзор и против него самиот во врска со септемвриските погубувања:
Несреќните настани од 2 и 3 септември, кои подмолни и поткупливи лица ги припишуваат на Општината, беа целосно поддржани од порекнувањето на правдата од страна на Трибуналот за злосторства кој го ослободи заговорникот Монтмарен, со заштитата на тој начин објавена до сите други заговорници, и со разлутеноста на народот, плашејќи се да стане роб на сите предавници кои толку долго време ги злоупотребувале неговите несреќи и катастрофи. Тие ги нарекуваат ајдуци оние кои ги масакрираа предавниците и подлеците затворени во затворите. Ако тие беа ајдуци, Песион би бил злосторник бидејќи мирно ги пушти ајдуците да ги извршуваат своите злосторства за време на двата последователни дена во сите затвори на Париз. Неговото виновничко неделување би било најсериозното злосторство, а тој би заслужил да ја загуби својата глава бидејќи не ги мобилизирал сите свои вооружени сили да им се спротивстават. Тој без сомнение ќе ви рече, за да се искупи, дека вооружената сила немала да му се потчини и дека сиот Париз учествувал, што всушност е факт. Тогаш, ајде да се согласиме дека се работи за измама да се направат ајдуци одговорни за една операција која за жал беше само премногу нужна. Тоа е поради што заговорниците го избегнаа мечот на правдата па потоа паднаа под секирата на народот. Дали е неопходно да се рече повеќе за да се побие нечесното потпикување, кое би го направило Комитетот за надзор на Комуната одговорен за овие погубувања од страна на народот? Но, неговото оправдување не завршува овде. Ние ќе видиме што направиле водечките членови на овој Комитет за да спречи било кое невино лице, било кој должник, било кој виновник за обичен прекршок, да биде подложено на опасностите кои се озабија врз големите злосторници. Јас бев во Комитетот за надзор, кога се објави дека луѓето само што ја напуштиле националната гарда и егзекутирале неколку тврдоглави свештеници, обвинети за учество во заговори, осудени од Комитетот за Ла Форс, и дека луѓето се заканиле дека ќе влезат во затворите. При оваа вест, Пани и јас извикавме заедно, со идеја: „Поштедете ги малите деликвенти, сиромашните должници, оние обвинети за обични прекршоци!“ Комитетот веднаш нареди на различни чувари на затворите да ги одделат овие од сериозните злосторници и контрареволуционерните предавници, како не би требало луѓето да бидат изложени на ризикот да жртвуваат некои невини лица. Одделувањето веќе било направено кога во затворите било насилно влезено, но претпазливоста беше непотребна, благодарејќи на грижата преземена од страна на судиите поставени од народот, кои ги извршуваа функциите на трибуни за време на експедицијата, да истражуваат во секој случај и да ги ослободат сите оние кои Комитетот за надзор ги одделил. Ова е дискриминација којашто деспотот сигурно немаше да ја практикува ако победеше на 10 август. Такви се фактите кои се спротивставуваат на клеветите кои ја изопачија приказната за настаните од 2 и 3 септември.
Колективниот менталитет е доволно објаснување за погубувањата, како што аргументира историчарот Жорж Лефебр. Погубувањата беа спроведувани од толпите на Националните гардисти и федерати и, до 6 септември, половина од затворското население во Париз било погубено: околу 1200 до 1400 затвореници.
Откако е уапсен, а потоа ослободен од обвиненијата на жирондиската партија во 1793-та, го помага нападот врз жирондистите и нивното обезвластување на 1 јуни, истата година.
Мара во Националниот Конвент
уредиМара бил избран во Националната конвенција во септември 1792 година како еден од 26 пратеници на Париз, иако тој не припаѓал на ниту една партија. Кога Франција била прогласена за Република на 22 септември, Мара го преименува својот весник L'Ami du Реuple во Le Journal de la République française (Весник на Француската Република). Дотогашното мото на весникот Vitam impendere vero (Да се жртвува животот за вистината) било заменето со ново мото Ut redeat miseris, abeat fortuna superbis (Богатството треба да премине од моќните кај сиромашните). Неговиот став за време на судењето на соборениот крал Луј XVI бил единствен. Тој изјавил дека било неправедно да се обвини Луј за било што пред неговото прифаќање на францускиот Устав од 1791 година, и иако несомнено, рекол тој, верувајќи дека смртта на монархот ќе биде добра работа за народот, го бранел Гијом-Кресјан де Ламоањон де Малешерб, советникот на кралот, како „sage et respectable vieillard“ („мудар и почитуван старец“).
Првиот парламентарен говор на Мара
уредиМара го одржа својот прв говор во Националното собрание, на 25 септември 1792 година:
Барам збор.
(Насилни гласови, викотници: „Долу од говорницата!“, изречени со сета жештина на негодување, се креваат на сите страни.)
Делакроа: Барам Собранието да не зборува сè додека не ги има сите појаснувања што досега му недостигаа, и јас го одобрувам експресното барање да се слушне Мара.
Мара: Значи, јас имам голем број лични непријатели во овој парламентарен дом?
(„Сите! Сите!“ Воскликнува целото Собрание, кревајќи се на негодување.)
Мара: Ако јас имам голем број непријатели во ова собрание, би ги потсетил на скромност и да не се спротивставуваат со залудни вревања, врисоци или закани кон човек кој се посветил на земјата и нејзин спас. Со закани и навреди не се докажува обвинетиот дека е виновен; не може со викање на еден бранител на народот да му покажеме дека е криминалец. Нека ме ислушаат во тишина за момент, нема да го злоупотребам нивното трпение.
Благодарам на скриената рака што фрли среде нас залуден фантом за заплашување на слаби души, за разделување на граѓаните и за предизвикување непопустливост кај делегатите од Париз. Им благодарам на моите гонители што ми дадоа можност да ви ја покажам целата своја душа.
Тие се осмелија да ме обвинат дека се стремам кон трибунат. Ова обвинение не може да има никаква боја, освен затоа што сум член. Па, добро, ѝ должам на правдата да изјавам дека моите колеги, имено Робеспјер, Дантон, како и сите други, постојано не ја одобруваа идејата за трибунат, триумвират или диктатура. Ако некој е виновен што ги промовира овие идеи во јавноста, тоа сум јас. Верувам дека сум првиот политички мислител и можеби единствениот во Франција откако почна Револуцијата, кој предложи воен трибун, диктатор, триумвират, како единствен начин да се уништат предавниците и заговорниците. Ако сметате дека ова мислење е за осуда, јас ја повикувам одмаздата на нацијата врз мојата глава! Но, пред да исфрлите прекор или меч, достоинствено ислушајте ме. (Аплауз од неколку галерии.)
Што? Мислењата, гласно декларирани и доставени до надзор на читателите, можат ли тие да се сметаат за кривични дела? Без сомнение не. Да беа лажни, тие никогаш не би биле ништо друго освен едноставни грешки, да беа екстравагантни, нивниот автор никогаш немаше да помине како слепа личност или будала. Во мракот се кријат предавниците, се изведуваат заверите и никогаш сплеткарот не ја проповедал својата доктрина транспарентно. Јас ги доставив моите мислења на испит на јавноста; ако тие се опасни, моите непријатели требаше да се борат против нив од солидни причини, а не да ми фрлаат анатема; со побивање, а не со кревање на мечот на тиранијата над мојата глава, требаше да го уништат нивното кобно влијание.
Освен тоа, моите мислења за триумвират и трибунат се запишани во списи, потпишани од мене, отпечатени и јавно раздадени скоро три години, и токму денес се нафаќаме да ги преобразиме во злосторства кон нацијата? Зошто чекавте толку долго?
И тогаш, за што ме обвинувате?
Среде махинации, предавства со кои земјата постојано е опкружена; пред очите на грозоморните заговори на еден перфиден суд; пред очите на тајни активности на предавниците во пазувите на Уставотворното собрание; конечно, пред очите на послушниците на деспотизмот кои седеа во Законодавно собрание, дали ќе ми натоварите кривично дело што ги предложив единствените средства за кои мислев дека ќе нè држат на работ на полуотворената бездна? Кога конституираните власти не служеа повеќе освен да ја оковат слободата во синџири, освен да ги заколат патриотите во името на законот, дали ќе ми натоварите кривично дело што ја испровоцирав одмаздничката секира на народот врз предавниците? Не, ако ме обвинете за тоа, народот ќе ве демантира; затоа што, слушајќи го мојот глас, тој чувствува дека средствата што му ги предложив беа единствените што ја спасија земјата; и, откако стана самиот диктатор, знаеше како да се ослободи од предавниците.
Тоа беа крвавите сцени од 14 јули, 6 октомври 10 август 2 септември, кои ја спасија Франција... Само тие да беа диригирани од вешти раце!
Јас и самиот се згрозив од импулсивните и хаотични акции на народот, кога ги гледав како продолжуваат; и за да овие акции не би биле вечно залудни, и да не бил народот повторно приморан да ги започне, јас барав да назначи добар граѓанин, мудар, праведен и цврст, познат по својата решителна љубов кон слободата, за да ги подели овие движења и да ги стави во служба на јавната безбедност. Следете ги моите списи: во оваа смисла побарав од народот да назначи диктатор, воен трибун. За да се спречат злоупотребите и опасностите од таквата должност, препорачав да се ограничи на моќта да ги казнува главно шефовите на заговорниците, мандатот да му биде ограничен на неколку дена и граѓанинот што смета дека е достоен да ја исполни, да биде окован со нозете за ѓуле, така што тој самиот би бил во секое време во рацете на луѓето во случај да ги заборави своите должности. Ако народот можеше да ја почувствува мудроста на оваа мерка и ако ја усвоеше во сета нејзина полнота, на самиот ден кога беше освоена Бастилја, ќе отсечеше, на мој знак, 500 глави на заговорници; сè ќе беше тивко денес; предавниците ќе се тресеа, сто илјади патриоти немаше да бидат заклани, сто илјади патриоти немаше да бидат загрозени со тоа, државата немаше да биде распарчена од фракции толку многу време, вознемирена од бунтови, предадена на неволји, на анархија, на мизерија, на глад, на граѓанска војна, немаше да му се закануваше на народот дека ќе падне жртва на варварските орди на толку многу засегнати деспоти, а слободата и правдата ќе беа воспоставени денес во нашите sидови.
Затоа, неколкупати предложив да му се даде моментален авторитет на мудар и силен човек, под името на народен трибун, диктатор, итн.; името не е важно. Но, доказ дека сакав да го оковам за татковината, е дека, како што реков, побарав да му се врзе ѓуле за нога и тој само да би имал овластување да ги сече главите на криминалците. Ова е мое мислење; јас не го пропагирав во одредени кругови, го отпечатив во мојот весник; го ставив моето име таму и не се срамам од тоа. Ако сè уште не сте подготвени да ме слушнете, толку полошо за вас (иронично смеење на некои клупи; аплаузи на некои трибини), неволјите не се завршени, поплави од крв еден ден ќе ве натераат да ја почувствувате својата грешка и горко ќе ја жалите својата фатална сигурност.
Уште еднаш повторувам: веќе сто илјади патриоти се заклани, бидејќи мојот глас не беше слушнат доволно брзо; сто илјади повеќе ќе бидат заклани повторно или ќе бидат под закана да бидат заклани; и, ако народот омекне, на анархијата нема да има крај. Овие мислења ги изложив пред јавноста; ако се опасни, на просветлените луѓе останува да ме побијат со докази на рака, да ја образоваат јавноста. Јас и самиот прв ќе ги прифатев нивните идеи и ќе докажев дека сакам мир, ред, владеење на законите кога тие се праведни.
Дали ќе бидам обвинет за амбициозни ставови? Јас нема да прибегнам на лично оправдување. Видете ме и судете ме. Ако сакав да ставам цена на мојот молк, ако сакав малку простор, судот можеше да ме фаворизира; но која беше мојата судбина? Се фрлив во подземни темници, се осудив на мизерија, на сите опасности. Мечот на дваесет илјади атентатори висеше над мене, а јас ја проповедав вистината со главата на егзекуторскиот трупец.
Во овој момент само барам да ги отворите очите; не гледате ли дека е формиран заговор за да се создаде раздор и да се одвлече вниманието на Собранието од големите предмети што мора да го окупираат? Нека ми се придружат оние што денес го оживеаја духот на диктатурата; нека се обединат со сите добри патриоти и го поттикнат Собранието да маршира кон големите мерки што мора да ја обезбедат среќата на народот, за која би се жртвувал секој ден од мојот живот. Јас барам, ставајќи крај на овие скандалозни дискусии, Собранието да се зафати со исправка на декларацијата на правата и слободите, така што спасот на народот повеќе не биде во застој.[29]
Судскиот процес против Луј XVI
уредиКога се дискутирало во Конвентот за односот кон Луј XVI после Варен, Сен-Жист делегатот кој прв побарал Луј Капе да биде суден не како крал или дури граѓанин туку како предавник кој заслужува смрт во својот славен говор Discours sur le jugement de Louis XVI. Според Сен-Жист, „Оn ne peut régner innocemment. Tout roi est un rebelle et un usurpateur“ (Не може да се владее невино. …Сите кралеви се бунтовници и угнетувачи). На пример, Камиј Демулен во јули 1789 година веќе се борел за република, отворено изјаснувајќи се за република, додека Мара бил приврзаник на уставната монархија дури после бегството на кралот од Тиљерискиот дворец на 21 јули 1791, сметајќи дека како најитна практична мерка е неопходно привремено да се избере регент, меѓутоа „само идиот би можел да ме осомничи за поддршка на ројализам“, пишува Мара. „Јас сум претставен дека ги носам своите жалби од моите прогонувачи до Принцот. Тој е последниот човек, после неговите министери, за кои треба да мислам да зборувам. Далеку сум од тоа да очекувам благосостојба на народот од монархот, јас кој го сметам како вечен непријател. Луј XVI е во моите очи покриен со крвта на патриотите од Нанси, кој му ракоплескаше на нивниот егзекутор; сè додека живеам, нема да престанам да му го упатувам тоа злосторство на негова адреса.“[30]
На 21 јануари 1793 година, Луј XVI бил гилотиниран, што предизвикало политички превирања. Во бр. 105 од Le Journal de la République française по повод погубувањето на поранешниот монарх Мара напишал:
Главата на тиранинот само што падна под мечот на законот; истиот удар ги турна темелите на монархијата меѓу нас. Конечно јас верувам во републиката. ... Погубувањето на Луј XVI, далеку од тоа да го вознемири мирот на државата, ќе служи само за да го зајакне, не само зафаќајќи ги внатрешните непријатели со терор, но исто така надворешните непријатели. Погубувањето на тиранинот исто така ќе ѝ даде на нацијата нова сила да ги притисне назад свирепите орди на странските верни следбеници на тиранинот кои би се осмелиле да земат оружје против неа. Бидејќи нема враќање назад и ова е положбата во која ние се наоѓаме денес: ние мораме да победиме или да погинеме, очебијна вистина која Пјер-Жозеф Камбон ја укажа во возвишена слика кога тој рече на говорницата пред два дена: „Конечно ние пристигнавме на островот на слободата и ние го запаливме бродот кој нè донесе овде.“
Publiciste de la Révolution française (април 1793)
уредиВо април 1793 година, жирондинците донеле закон (подоцна укинат) што го направил незаконски за членовите на Конвенцијата да бидат во исто време законодавци и новинари, а како одговор, Мара повторно го сменил името на својот весник - овој пат во Publiciste de la Révolution française - тврдејќи дека е публицист, а не новинар. Весникот продолжил да биде издаван под ова име до неговата смрт.[31]
Мара поднел оставка од Конвенцијата на 3 јуни 1793 година, по завршетокот на соборувањето на жирондинците од власт. Неговата болест на кожата сега била проследена со поплака на белите дробови, а поголемиот дел од времето го поминал во медицинска бања. Неговиот весник во ова време главно се состоел од писма од многу негови дописници.[32] На 13 јули, Мара бил убиен од Шарлот Кордеј. Последниот број на неговиот весник бил објавен еден ден по неговата смрт.[33]
Судир со Жак Ру и „гневните“
уредиИако судењето на кралот доминирало во свеста на политичка класа, брзо растечката цена на лебот создала глад и превирања меѓу посиромашните класи. Најрадикализираните од париските санкилоти започнале да бидат привлекувани од нова група милитантни агитатори како Жак Ру, Жан Варле и Теофил Леклерк. Тие биле наречени Enragés или „гневните“, но тие го прифатиле името со гордост. „Гневните“ се залагале за директна демократија и ја повикувале владата да ги спроведе максималните цени на неопходните стоки, почнувајќи од лебот. Бидејќи дивеењето на инфлацијата од хартиени пари ги водело сиромашните дури подлабоко во мизерија, „гневните“ побарале од владата да ја стави валутата под контрола со примена на стабилност на нејзината вредност.
„Гневните“ го почитувале Пријателот на Народот и верувале дека оделе по неговите стапки. Жак Ру, кој во декември станал член на општинската влада, се нарекувал „Мара на Комуната“. Мара, сепак, не им возвратил на нивното воодушевување. На 12 февруари „гневните“ предводеле делегација што ги претставувала 48-те секции на Париз до подиумот на Конвенцијата барајќи шпекулантите на пченица да бидат казнети. Тие несомнено претпоставувале дека Мара ќе ги поддржи, но тој не го направил тоа. Тие го насочиле своето огнено говорништво против Конвенцијата како целина, вклучително и Монтањата, а Мара сега се сметал себе за Монтањар.
Мара ги советувал „гневните“ да се смират, но кога тие одбиле да го смират нивното конфронтативно однесување, тој одговорил на ист начин. Мара ги окарактеризирал нивните барања како „прекумерни, бизарни и субверзивни“ и побарал „оние што го трошиле времето на Конвенцијата на овој начин, да бидат гонети за нарушување на мирот.“[34] Никој не го очекувал овој одговор. Пријателот на народот ја повикувал полицијата да ги гони ултрарадикалците! Како индикација за тоа колку збунувачки може да им изледа на оние кои не биле свесни за „новиот курс“ на Мара, е пофалбата на жирондинскиот водач Бизо за придонесот на Мара во дебатата.[35] Делегацијата на „гневните“ не добила скоро никаква поддршка од Конвенцијата.
Кое било значењето на овој неверојатен пресврт? Дали Мара ги напуштил своите принципи и „се продал“? Се чини дека она што сега го зборувал Мара било во остра спротивност на неговиот претходен став. Всушност, многу од изјавите на „гневните“ што тој ги осудил како контрареволуционерни биле буквални цитати од неговите сопствени списи. Но, Мара не бил недоследен или дволичен. Имало една фундаментална промена во политичкиот контекст, и тој ја сменил својата тактика земајќи ја предвид новата ситуација. Суштинската цел останала непроменета: завршување на социјалната револуција.
Кога „гневните“ ги цитирале обвинувањата од Мара во 1792 година за Законодавното собрание и тврделе дека истите важат и за Конвенцијата, Мара категорично не се согласил. Во неговите очи Законодавното собрание било целосно безнадежно, но Конвенцијата не била, и покрај нејзините слабости поради жирондинскиот елемент. Жирондинците, верувал тој, дека може да се отстранат и тогаш Конвенцијата ќе биде моќен инструмент за социјална револуција.
Мара се плашел дека ултралевичарската агитација на „гневните“ би ги довеле во заблуда санкилотите и со тоа ќе го саботира неговиот обид да ги соедини во сојуз со Монтањата. Покрај тоа, и Мара и Монтањата биле свесни дека ултрарадикалните активности во Париз би го изолирале главниот град од остатокот на Франција и би ѝ дале лесна победа на контрареволуцијата. Мара не започнал да проповеда умереност затоа што тој одеднаш станал конзервативен, туку затоа што верувал дека ултралевичарските лудории на „гневните“ претставувале голема опасност за Револуцијата.
Пријателот на Народот претходно одговорил на читател кој прашал до кога ќе трае неговата нова политика на умереност, велејќи: „Додека не го снема тиранинот и да не биде партијата на Роланд поразена.“[36] Првата од тие две задачи била извршена, но втората останала незавршена. Времето, верувал Мара, одело во прилог на Монтањата. Жирондинците биле на работ да бидат изложени како контрареволуционери какви што навистина биле, и тогаш сите добри патриоти низ цела Франција – не само париските радикали – би ги избркале од власт.
Сепак, Мара добро знаел дека поплаките изразени од „гневните“ во Конвенцијата биле реални. Недостатокот на храна и вртоглаво растечките цени на храната ги довеле сиромашните парижани под нивото на егзистенција. Анализата и заклучоците што ги изнел Мара на 25 февруари во својот весник биле радикални исто како и она што го кажувале „гневните“:
„Неспорно е дека капиталистите, шпекулантите, монополистите, трговците на луксузни стоки, итн., итн., сите се, до еден или друг степен, поддржувачи на стариот режим на кои им недостасуваат старите профитабилни измами со кои тие се збогатија на сметка на народот. Како тогаш тие би можеле да се согласат со добра волја со воспоставување на поредок на слобода и еднаквост? Со оглед на неможноста да се променат нивните срца и немајќи надеж да видам како законодавецот презема силни мерки за принудување на една таква промена, на тоталното уништување на таа проклета раса јас гледам како на единствен начин да се воспостави спокојство во државата.
Денес тие ја удвојуваат својата ревност да го сведат народот на мизерија со преголемиот пораст на цените на основните прехранбени производи и со стравот од глад. Нацијата, заситена од овие одвратни неволји, самата ќе ја преземе одговорноста да ја исчисти земјата од таа криминална раса, која кукавички избраните службеници ја охрабруваат да прави криминал без да биде казнета. Никој не треба да се чуди што народот, натеран на очај, ја наметнува сопствената правда. Во сите земји каде правата на луѓето се повеќе од празни зборови ... грабежот на неколку продавници, на чија врата се обесени монополистите, наскоро ќе стави крај на проневерата што сведува милиони луѓе на очај и предизвика милиони да умрат во сиромаштија.“[37]
На денот кога била објавена оваа статија – но пред таа всушност да се појави на улиците – полуспонтано движење за „фер цени“ започнало да се шири низ Париз. Организирани групи на санкилоти нападнале прехранбени продавници и наместо едноставно да ја ограбат стоката што ја нашле таму, тие поставиле цени што ги сметале реални за шеќер, сапун и други неопходни производи и платиле за нив. Сопствениците на продавниците, непотребно е да се каже, сметале дека ова едноставно било друга форма на грабеж. Написот на Мара не можел го иницира ова движење, но голема е веројатноста дека го охрабрил неговиот континуитет.
Мара не се залагал за линч и грабеж – тој ги предвидел тие последици доколку владата успеала да реагира навреме. Неговата статија всушност предложила специфичен начин да се избегнат линчувањата преку создавање на револуционерен трибунал со овластување да ги гони криминалните шпекуланти. Но, ако владата не успее во својата должност да го заштити народот, тогаш луѓето немаат друг избор освен да дејствуваат во самоодбрана.
Иако имало основа да се обвини гласникот за ширење на лоши вести, жирондинците сепак го обвиниле Мара дека ги предизвикал немирите за храна и повторно побарале негово апсење. Мара за возврат ги нападнал жирондинците обвинувајќи дека немирите биле поттикнати од нивни агенти како дел од нивниот заговор да ги свртат провинциите против Париз. Монтањата застанала во одбрана на Мара овој пат и нападот против него бил одбиен.
Во меѓувреме, во почетокот на март војските на Коалицијата извршиле инвазија врз Белгија, и кога стигнала веста до Париз дека генералот Димурие ја напуштил Белгија незаштитена, тоа речиси предизвикало уште едно востание. На 10 март градот бил преплавен со протести повикувајќи на негово апсење и отстранување на жирондинците од Конвенцијата. Со оглед на долгогодишните обвинувања од Мара за Димурие и жирондинците, неговиот одговор повторно не бил каков што можеби се очекувало. Тој бил силно против востаничко движење принудувајќи ги овие барања врз Конвенцијата во тој момент. Времето било од најголема важност.
Робеспјер и Мара обајцата знаеле дека тие можат лесно да ги мобилизираат париските санкилоти да маршираат кон Конвенцијата и да ја наметнат нивната волја, но тоа ќе им заличело на провинциите како гол грабеж на власт. Жирондинците тогаш би можеле да го обединат остатокот од Франција за да го поразат изолираниот Париз и да го свртат текот на Револуцијата во обратен правец. Ако тие биле трпеливи, сепак, воената криза наскоро би го убедила јавното мислење на провинциите дека Димурие и жирондинците се во заговор заедно со непријателите на Франција и дека тие треба да бидат елиминирани.
Делегација под силно влијание на „гневните“ отишла во Конвенцијата на 12 март и побарала Димурие да биде уапсен веднаш. Полемиката на Мара против тој предлог изгледала особено парадоксална, бидејќи изгледало дека тој го брани Димурие. Нападот врз Димурие во овој момент, рекол Мара, бил напад врз воените одбранбени сили на Револуцијата.[38] Делегацијата на „гневните“, според тоа, поддржувала контрареволуционерен заговор. Жирондинците повторно неочекувано биле затекнати во ситуација да му аплаудираат на Мара.[39]
Мара повторно им помогнал на јакобинците по нивното доаѓање на власт на 2 јуни 1793 во нивниот напор против „гневните“. На 4 јули тој објавил остро обвинување за Ру, Варле и Леклерк како „лажни патриоти кои се поопасни и од аристократите и ројалистите.“[40] Фрустрацијата поради својата сопствена намалена физичка состојба несомнено имала улога во разгорување на неговиот гнев, но Мара имал да даде легитимна политичка поента. Во неговите очи, „гневните“ биле неодговорни ултралевичари кои поставуваат ултиматистички барања за да ги мобилизираат санкилотите против новородената, кревка јакобинска Република.
Мара верувал дека „гневните“ играат во рацете на контрареволуцијата, и тоа, во неговите очи, било недопустливо. Тој знаел, сепак, дека тие му даваат глас на оправданиот гнев на санкилотите поради вртоглаво зголемените цени на храната, за што тој ја фрлил вината пред сè на „грабливоста на монополистите и алчноста на трговците, кои го туркаат народот во очај.“[41] Секундарната вина ќе ја сноси Конвенцијата ако таа одбие веднаш да преземе мерки за намалување на цените на лебот и другите неопходни добра. Но, сепак, би било неоправдано доколку „гневните“ би ја поткопале волјата на народот за одбрана револуцијата.
Мара пред Револуционерниот трибунал
уредиОд јануари до мај 1793, Мара се бори со жирондинците, за кои верува дека се прикриени непријатели на републиканизмот. Омразата кон жирондинците кај Мара се вжештува, што го натерува да повикува на употреба на насилна тактика против нив. Жирондинците се спротивставуваат и бараат на Мара да му се суди пред Револуционерниот трибунал. По неколку дена обидувајќи се да избегне апсење, Мара конечно е затворен. На 24 април, тој е изнесен пред Трибуналот по обвиненијата дека тој печатил во својот весник изјави во кои се повикува на масовни погубувања, како и за суспензија на Конвенцијата. Мара одлучно ги брани своите постапки, изјавувајќи дека немал лоши намери насочени против Конвенцијата. Мара е ослободен од сите обвиненија придружен со бунтовнички прослави од страна на неговите приврзаници. Во својата лична одбрана, Мара спорел против обвиненијата на жирондинците со овие аргументи:
Произлезено од законодавен комитет којшто скоро целосно е составен од мои смртни непријатели, сите од нив членови на партијата на „државниците“, обвинителното решение беше издадено со таков недостиг на размислување што ги има сите одлики на глупа игнорантност, лага, лудост, гнев и ѕверство.
Со еден поглед може да се види дека овој акт е исполнет со сјајни противречности, или подобро ние треба да речеме, со духот на противречноста кон „Решението за обвинение“, коешто му служи како основа. Не се споменува говорот составен од јакобинците, чие потпишување тие ми го припишуваат како злосторство; а сепак овој говор беше она што го предизвика решението.
Кога гледам каква смешна и скудна основа има овој акт, се чувствувам засрамен од комитетот. Бидејќи говорот на јакобинците ги содржи чувствата на вистински републиканци, и бидејќи истиот беше потпишан од скоро сите мои колеги од „Монтањата“, комитетот, принуден да го напушти основниот распит во обвинувањето, се повлече на обвинувањето за одредени мои написи кои лежеа запуштени во текот на многу месеци во прашина, а тоа цитирање бесмислено го препроизведе обвинувањето на некои други мои написи, предмет што Собранието одби да го иследува, оставајќи го за посебен ден, како што ќе докажам во продолжението.
Сега да докажеме дека тој акт е незаконски. Целосно почива, како што видовте, на одредени мои политички мислења. Овие мислења беа изнесени од говорницата на Народното собрание пред тие да бидат објавени во моите написи. Моите написи, чија постојана цел е да ги открива заговорите, да ги разобличува предавниците, да предлага корисни мерки, се само прилози на она што јас не можам секогаш целосно да го објаснам во Собранието. Или членот седум од петтата секција од уставниот акт во однос на ова гласи: „Народните претставници се неповредливи; тие не може да бидат обвинети, испрашувани, ниту судени во никој случај за она што тие го изјавиле, напишале или направиле, додека ги извршуваат своите функции на претставници.“ Според тоа, обвинителниот акт е ништовен и со никакво важење бидејќи ги напаѓа најсветите права на еден претставник на народот.
Ова право не дозволува да некој сплеткари против државата, не допушта никакви делувања против интересите на слободата, не дозволува да се напаѓаат правата на граѓаните или да се компромитира јавната безбедност; јас го знам тоа, но тој допушта да некој може сѐ да каже, сѐ да напише, сѐ да направи неказниво во искрена намера да ѝ служи на татковината, да придонесува за општото добро, да ја помага победата на слободата. И ова право е толку силно врзано за функциите на еден претставник на народот што без него, ќе беше невозможно за верните делегати да ја бранат татковината и да се бранат самите себе од предавниците кои сакаат да ја угнетуваат и да ја поробат.
Без ова неотуѓиво право, зарем слободата ќе можеше да се одржи барем еден момент против делувањата на предавниците-заговорници? Без него, среде еден корумпиран сенат, како мал број на делегати кои остануваат непоколебливо приврзани за татковината ќе ги разобличуваа предавниците кои сакаат да ја угнетуваат и одново да ја поробат?
Без ова суштинско важно право, како еден мал број на остроумни и посветени патриоти ќе ги осуетуваа заговорите на една многубројна партија од сплеткари? Може да го препознаеме тоа според она што ни се случува. Ако партијата на „државници“, може, под еден лажен изговор, да ме напаѓа, да ме исклучи од Народното собрание, да ме даде на суд, да ме држи во заробеништво, да ме убие, утре, под други изговори, оваа партија ќе ги нападне Робеспјер, Дантон, Коло-Дербоа, Пани, Ленде, Камиј, Одоа, Давид, Лењеле, Мол, Дипуи, Жавог, Гране и сите други храбри делегати на Народното собрание, таа партија ќе ги потчини другите со терор, ќе го узурпира суверенитетот, ќе побара помош прво од Димурје, Кобург, Клејрфа и нивните соучесници; потоа од Прусите, Австријците и емигрантите, ќе го обнови деспотизмот во рацете на некој Капе кој ќе ги убие сите познати патриоти, таа ќе ги има првите работни места со државните благајни. Значи, обвинителното решение покренато против мене е атентат врз претставништвото на нацијата, и воопшто не се сомневам дека Националното собрание, кое ќе биде во целосен состав со враќањето на патриотските комесари, благовремено ќе ги разбере опасните последици од истото решение и нема да чека за да го пријави како деструктивно по целата јавна слобода.
Обвинителниот акт не е само ништовен поради тоа што прекршува уставен закон, што го напаѓа претставништвото на нацијата, тој е уште повеќе ништовен затоа што комитетот, против сите принципи, го издигна Народното собрание во трибунал за злосторства, кој треба да прогласи, без церемонија, без срам и без каење, смртна казна со гилотина против мене, и да цитира членови од кривичниот законик, кои, според неговото толкување, ме осудуваат на смрт. Не се сомневам дека таква е целта која тие ја имаат на ум. Колку „државници“ се измачуваа во очаен обид да ме држат во затвор, да го премолчат мојот глас и да го задржат моето перо? Зарем еден од нив, одвратниот Лаказ, немаше ли дрскост да побара од Собранието, како што Димурје и Кобург побараа, да јас бидам кривично гонет? Според тоа, за да обвинителниот акт стане вистински „правосилна пресуда“, тој сега мора да биде извршен.
Овој акт е хартија од лаги и измислици. Ме обвинува дека сум поттикнал убиства и грабежи, дека сум повикувал да се постави „шеф на државата“, дека сум посрамотил и распуштил Собрание, итн. Спротивното може да се докаже како точно, едноставно, со читање на моите написи. Јас барам доследно читање; бидејќи идеите на еден автор не може да се научат со искривоколчување и сакатење пасуси, туку со читање на контекстот; тогаш може да се расудува за неговите намери.
Граѓани поротници и судии, кои го сочинувате револуционерниот суд, судбината на повредената нација е во ваши раце; заштитете го невиниот, казнете го виновникот и татковината ќе биде спасена.[42]
Атентат врз Мара со смртен исход
уреди13 јули 1793
уредиНа 13 јули, Шарлот Кордеј, фанатична млада жирондистка од провинцијата, доаѓа до неговата бања под изговор дека носи список на предавници од нејзиниот роден Кан. Таму, таа го прободува смртно. Главната причина за атентатот врз Мара е неговото учество во настаните од 10 август 1792 година, септемвриските погубувања и 31 мај-1 јуни 1793 што бил голем противник на жирондинците и што остро ги критикувал монархистите. Причината е и тоа што силно ги поддржувал републиканските вредности, што отворено ја критикувал наклонетоста на француските акедемици кон власта и кон конфорниот живот, што ги поддржувал „бесните“ и што гласал за смртната казна на Луј XVI. Шарлот Кордеј (1768-1793), пред гилотирањето јавно признала дека Мара го убила во неговата бања поради теророт што го спроведувал врз жирондинците и врз ројалистите. Атентаторката е во роднинска врска со Пјер Корнеј, француски комедиограф и сатиричар, чии херои страдат поради преголемата желба за слава.
Заради Кордејското убиство на Мара, монтањарците се предизвикани да ги затвораат и егзекутираат останатите жирондисти во почетокот на Владеењето на теророт. Мара е погребан во Пантеон, а потоа во 1794 г. е пренесен на гробиштата Saint-Étienne-du-Mont. За време на затворањето на овие гробишта, неговите останки се фрлени на јавно место. Гробиштата не постојат повеќе и според тоа нема повеќе гроб за Мара.
Кожна болест
уредиПоради своите ставови, Мара честопати се наоѓал во бегство. Поминал три години криејќи се во визби и тавани, па дури и во париските канализации и катакомби за да ги избегне своите лути непријатели. Но, во 1793 година, Мара конечно имал постојан дом и шанса да ја третира својата сè повеќе болна состојба на кожата. Сега, неговата кожа го претворила во буквален осаменик. Последните месеци ги минувал на пишување и барајќи олеснување за својата егзема и плускавична кожа со долги киснења во када, каде што работел и ги примал своите пријатели и гости.
Драматичното убиство го претворило Мара во револуционерен маченик, а неговата сестра внимателно ги сочувала весниците извалкани со неговата крв, кои постојат до ден-денес. Прашањето дали дамките на крвта содржат генетски индиции за состојбата на кожата на Мара го заинтригирало францускиот форензички детектив Филип Шарлие, научник за судска медицина, кој истражува историски мистерии. Тој стапил во контакт со шпанскиот палеогенетичар Карлес Лалуеза-Фокс и го прашал дали е можно да се анализира ДНК зачувана во весниците кои биле испрскани од крвта на Мара.
За да се извлече примерок без да се оштети скапоцениот весник на Мара, Лалуеза-Фокс и неговите колеги зеле пример од современата форензика, користејќи ги истите видови на брисеви што се користат на сцените на криминал за да добијат примероци од крвавиот весник.
Родовската анализа потврдила француско и италијанско потекло на Мара. Но, ДНК што не припаѓала на луѓе била уште поинтригирачка. Тимот открил ДНК на неколку нечовечки патогени на делот од весникот што е извалкан во крв и го искористил присуството на тие микроби на крвавиот дел од весникот за да отфрли многу претходни дијагнози кои кружеле како извор на кожното воспаление на револуционерот.
Мара немал сифилис, како што кажувале неговите непријатели. Тој немал и лепроза, кандида или шуга. Наместо тоа, Malassezia restricta, габа што може да предизвика опортунистички инфекции на кожата, била веројатен извор на состојбата на Мара.
Студијата не била без свои ограничувања: ДНК очигледно не била добиена додека Мара бил жив и според тоа, не кажува колку други раце ја допирале и ја загадиле хартијата на весникот низ годините. И, дури ако современиците на Мара знаеле дека тој има габична инфекција (или знаеле за теоријата на болест од микроби), тие немале да знаат како да ја третираат.
Современите дерматолози можеби не ќе можеле да ја третираат, според Лалуеза-Фокс: Историските извештаи сугерираат дека габичната инфекција или евентуална секундарна инфекција кога имунолошкиот систем на Мара бил ослабен од Malassezia, достигнала крајност што ретко би се појавила под современ медицински надзор. „Дури и обучените дерматолози никогаш не би виделе еден таков екстремен пример“, изјавил Лалуеза-Фокс.[43]
„Смртта на Мара“ од Жак-Луј Давид
уредиЗавршена во 1793 година, неколку месеци подоцна, Давидовата слика на настанот живописно ги претставува моментите на смртта на радикалниот новинар, веднаш по неговото убиство. Освен што беше водечки француски сликар во неговата генерација, Давид беше истакнат монтањар и јакобинец, во сојуз со Мара и Максимилијан Робеспјер. Делегат за секцијата Музеј во Конвенцијата, тој гласаше за смртта на кралот и служеше во Комитетот за општа безбедност, каде што активно учествуваше во казнувањето и затворањето на многу заробеници.
Насликан во идеализиран стил, кој потсетува на христијански маченик, Мара се појавува без знаци на неговата хронична кожна болест, но наместо тоа му се дава неизвалкан изглед. Монументалното платно беше направено за да го одбележи споменот на еден личен херој. И покрај тоа што името на Шарлот Кордеј се гледа на хартијата во левата рака на Мара, самиот убиец е изоставен од сликата, иако би ја дала најдраматичната точка на фокусот. Наместо тоа, се потенцира ранливоста на Мара, иако во реалноста таа сè уште била присутна во собата. Давид избра благородништвото на мачеништвото да биде доминантна порака на сликата. Иако Кордеј го оставила ножот убоден во градите на Мара, тој е претставен на земја, покрај кадата, овозможувајќи му на херојот порафинирана смрт. За инспирацијата околу држењето на човекот што умира, историчарите на уметност идентификувале сличности помеѓу „Погребувањето на Христос“ од Караваџо и „Смртта на Мара“ во примената на светлината и сенката.
На сликата е прикажано писмото на Кордеј, стиснато од раката на човекот што умира, и гласи „Il suffit que je sois bien malheureuse pour avoir droit a votre bienveillance“ (Со оглед на тоа што не сум среќна, имам право на ваша помош.) Измамата на убиецот е откриена за сите да ја видат. Во долниот центар на композицијата, десната рака на Мара сè уште стиска перо, бидејќи во последните моменти напишал белешка, што може да се види на дрвената кутија. Писмото напишано на брза рака одобрува директна исплата за некоја вдовица и нејзините пет деца, чиј татко бил убиен борејќи се за каузата на Републиката. Дури и во смртта, Мара е претставен како величествен херој.
За време на теророт, на сликата ѝ се воодушевуваа, а водачите нарачале неколку копии на оригиналното дело. Сепак, по соборувањето и погубувањето на Робеспјер, сликата стана помалку популарна. На лично барање, сликата му била вратена на Давид во 1795 година, кога тој самиот бил кривично гонет за вмешаност во теророт. Дури по доаѓањето на Наполеон на власт, тој повторно ќе стане истакнат сликар. Од 1795 година до смртта на Давид, сликата исчезнала без трага. За време на прогонството на уметникот во Белгија, таа била скриена во Франција од Антоан Грос, ученик на Давид. Во 1826 година семејството се обидело да ја продаде сликата, но без успех. Критичарите повторно ја откриле во средината на XIX век, кога одново имало зголемен интерес за Давид кај уметниците и научниците. Во дваесеттиот век, сликата инспирирала неколку водечки уметници, вклучувајќи ги Пикасо и Мунк, кои произвеле свои верзии на оваа тема.
Оригиналната слика моментално е изложена во Кралскиот музеј за ликовни уметности во Брисел, бидејќи еден од потомците на Давид ја оставил во 1886 година на градот кој му пружел на уметникот прибежиште. Преживеале неколку копии направени од ученици на Давид, особено во музеите во Дижон, Ремс и Версај. Интересно е што оригиналното писмо, со дамки од крв и вода од бањата кои сè уште се видливи, преживеало и во моментов недопрено е во сопственост на Роберт Линдзи, 29-тиот гроф од Крафорд.[44]
Политичката мисла на Жан-Пол Мара
уредиЖан-Пол Мара, под влијание на Жан-Жак Русо, е поодреден во предвидувањето на Француската револуција од 1789 година од Шарл Луј Монтеские, Франсоа Волтер и другите просветители. За разлика од нив, отворено и гласно, дваесет и пет години пред време, го употребувал зборот „револуција“, тврдејќи дека злото е во самите нешта, дека „лекот мора да биде силен“ и дека „мора да се удри по коренот“. Од четири илјади објавени книги пред 1789 година, неговите се најзабележителни по јасноста на повикот на народот на вооружено востание.
Тврдел дека народот има право да стане против оние што го оковале во ропски синџири, дека востанието е највисок чин и најголема обврска и дека народот може да се ослободи само со сопствени сили, не чекајќи помош од другите. Пред Оноре Балзак ја разоткрил страотната власт на златото и парите, пред физиократите ги нападнал шпекулантите, преварантите, банкарите и сите други алчни за профит и пред сите јакобинци ја предвидел нужноста од револуционерен терор во Франција.
На дваесет и осум години од животот ги определил своите политички ставови на кои им останал верен до крајот на животот, станувајќи најголем револуционер-илегалец во историјата на Франција. Деспотизмот го сметал за „смртен непријател на народот“, поради што со гнев пишувал за најмоќните владетели во неговото време, критикувајќи ги без страв и Волтер и Дидро, поради нивните славопојки за владеењето на Фридрих Пруски и Катерина II.
Во исто време го критикувал и народот поради тоа што недоволно го користи правото на востание, што толку многу стравува од деспотската власт и што лекомислено ја прифаќа тиранијата. Политиката ја сметал за наука која има сопствени поставки, закономерности и безброј комбинации. Барал секое решение да се проучи трезвено, да се промисли длабоко и да се утврди тактика за негово остварување во практиката.
Битно влијаел врз Француската револуција од 1789 година, пристапувајќи кон неа како практичен политичар, заземајќи ја радикалната страна, најблиската до идеологијата на санкилотите и гневните. Бил уредник и издавач на весникот „Пријател на народот“ (l’Ami du Peuple) во првите три години од Револуцијата, а потоа и на весникот „Новинар на Француската Република“, сè до неговото убиство во јули 1793 година.
Мара се сметал себеси за пријател на народот и за вистински граѓанин на парискиот дистрикт Корделиери. Така се претставувал пред пошироката јавност и така се потпишувал под текстовите што ги пишувал, сакајќи да им даде до знаење на неговите противници дека води исклучиво грижа за интересите на народот и дека по своите убедувања е вистински граѓанин, жител на најнапредниот дистрикт на Париз.
Поистоветувањето на Мара со народот започнува уште за време на неговиот престој во Лондон, кога го пишувал делото „Ропските синџири“. Но, отворено станал пријател на народот и вистински граѓанин, кога во септември 1789 година започнал да го издава весникот „Пријател на народот или вистински граѓанин“ (L’ami du peuple ou le vrai citoyen). Со извесни прекини, весникот излегувал до 22 септември 1792 година, кога официјално се воведува Првата Република на Франција и кога во сила стапил републиканскиот календар за ново мерење на времето. Оттогаш па до смртта, Мара го уредува весникот, „Републикански публицист“, непрестанувајќи и натаму да се претставува како пријател на народот.
Припаѓањето на народот Мара го сметал за своја трајна определба и како човек и како мислител. Како човек сочувствувал длабоко со тешката положба на народот, а како мислител сметал дека секоја добра држава мора да има пријателски однос кон народот, да има пријателска насмевка, а не „бирократска гримаса“, како што е случај со голем број современи држави.
Пријателскиот однос кон народот го покажувал нагласено во текот на револуцијата, следејќи ја работата на Уставотворното собрание, на министрите и на одделни личности со поголемо влијание врз тековните настани. Секогаш кога забележувал дека се предлага нешто што е против народот или ако се користи сила против народните бунтови, ако некој министер со конкретни мерки ги штити само интересите на крупната буржоазија или некој кова завера против револуцијата, Мара пишувал анализи и писма, му се обраќал непосредно на народот и барал од него непосредна акција. Останал пријател на народот засекогаш, без оглед на околностите и опасноста за неговиот живот. Во тоа се состои и неговата најголема вредност, високо вреднувана и од младите поколенија на XXI век, вклучувајќи ги и македонските.
Знаел за себе да каже отворено и пред најшироката јавност: „Јас сум стражар на слободата, јас сум око на народот“. Бил јакобински, кордиљерски и монтењарски водач, пратеник во Конвентот и непосреден учесник во клучните настани на Револуција. Како поддржувач на „револуционерната влада“, барал остра пресметка со жирондинците и сите други кои не го прифаќале Конвентот како „орган на револуционерната диктатура“. Од него потекнал предлогот да се формира Комитетот за јавен спас и да не се прават никакви отстапки на контрареволуцијата. Се смета за најголем противник на жирондинците и на оние што подзастанувале во пресметката со непријателите, што не оделе напред.
Се залагал за социјалната содржина на револуцијата, барајќи новата државна власт да покаже пријателски однос кон сиромашните. Пишувал за оние кои ништо немаат, а ги критикувал оние што имаат сè. Се залагал за отворање јавни работилници во кои треба да се вработуваат невработените лица, како би можеле со свој труд да си го обезбедат опстанокот, без да чекаат социјална помош од другите.
Мнозина го сметале за идеолошки водач на санкилотите и за главен организатор на јакобинскиот терор. Бил под влијание на Мелије, Монтескије, Русо и Мабли, а најмногу соработувал со Робеспјер и Сен-Жист. Подолго време соработувал и со Дантон и Демулен, пред да подзастанат во нивната борба против жирондинците. Во историјата на политичката мисла оставил траги на исклучителен револуционер, политички публицист и посветен пријател на народот.
Револуцијата ја сфаќал на едноставен начин: „Спротивставување на угнетувањето – тоа е револуција, тоа е востание“. Мара ја третира Француската револуција како класна борба, како „борба на класите за спроведување на своите посебни интереси“. Во еден број од весникот „Пријател на Народот“ (Ami du Peuple), објаснувајќи го цепењето на третиот сталеж на групи кои меѓусебно се борат, тој истакнува дека „тоа доаѓа поради спротивностите на различните интереси што ги раздвојуваат сограѓаните во различни класи...“
Се смета за предвесник и на Февруарската револуција од 1848 година, залагајќи се за социјалните права на работниците и нивно излегување на политичка сцена како „четврти сталеж“. Од десеттемина најпознати личности на Француската револуција најмалку се пишува за него како позитивна личност. Во трудовите на Елизабет и Роберт Бадентер продолжува и натаму неговото омаловажување како научник: „La fausse science de Marat“, омаловажување кое е побиено од страна на Клифорд Конер во неговата книга Jean Paul Marat: Scientist and Revolutionary (1997).
„Кога подоцна ја прочитав Бужаровата книга за Мара, открив дека во многу погледи несвесно го поддржувавме вистинскиот идеал (не оној којшто ројалистите го изопачиле) на „Аmi du Реuple“, и дека сето ова бесно и мачно врескање и сето фалсификување на историјата, поради кои скоро цело едно столетие бил познат само потполно изобличениот лик на Мара, се објаснуваат единствено со тоа што Мара немилосрдно ги демаскирал тогашните идоли – Лафајет, Баји и другите – и ги разобличувал како веќе готови предавници на револуцијата, како и со тоа што тој, како и ние, сметал дека револуцијата не е заклучена, туку дека е перманентна“ (Фридрих Енгелс, Маркс и „Новиот Рајнски весник“)
- ↑ Marat, Jean-Paul (September 30, 1789). L’Ami du Peuple, no. 20. Paris.
- ↑ Marat, Jean-Paul (1989). Oeuvres politiques 1789-1793, Tome I. Bruxelles: Pole Nord. стр. 57.
- ↑ Marat, Jean-Paul (1989). Oeuvres politiques 1789-1793, Tome I. Bruxelles: Pole Nord. стр. 62.
- ↑ Darnton, Robert and Roche, Daniel (1989). Revolution in Print: the Press in France, 1775-1800. University of California Press. стр. 162.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Delisle de Sales, J.-B.-C. (1811). Essai sur le journalisme depuis 1735 jusqu’а l’an 1800. Paris: de Colas. стр. 96–7.
- ↑ Chisick. “Production, Distribution and Readership of a Conservative Journal”. стр. 66.
- ↑ Andries, Lise (2006). “Radicalism and the Book in Paris During the French Revolution”. Paris: CNRS.
- ↑ Rudé, George (1972). The Crowd in the French Revolution. Oxford: Oxford University Press. стр. 178.
- ↑ Marat, Jean-Paul (July 7, 1792). L’Ami du Peuple, no. 667. Paris.
- ↑ Marat, Jean-Paul (September 25, 1789). Lettre aux reprеsentants de la Commune. Paris. стр. 104.
- ↑ Gottschalk, Louis R. (1927, преиздадена 1966). Jean-Paul Marat: A Study in Radicalism. Benjamin Bloom. стр. 52. Проверете ги датумските вредности во:
|year=
(help) - ↑ Gottschalk, Louis R. (1927, преиздадена 1966). Jean-Paul Marat: A Study in Radicalism. Benjamin Bloom. стр. 62. Проверете ги датумските вредности во:
|year=
(help) - ↑ Gottschalk, Louis R. (1927, преиздадена 1966). Jean-Paul Marat: A Study in Radicalism. Benjamin Bloom. стр. 78. Проверете ги датумските вредности во:
|year=
(help) - ↑ Marat, Jean-Paul (1989). Oeuvres politiques 1789-1793, Tome I. Bruxelles: Pole Nord. стр. 120.
- ↑ Marat, Јеаn-Paul (1989). Oeuvres politiques 1789-1793, Tome I. Bruxelles: Pole Nord. стр. 406.
- ↑ Marat, Jean-Paul (1989). Oeuvres politiques 1789-1793, Tome I. Bruxelles: Pole Nord. стр. 553.
- ↑ Marat, Jean-Paul (1991). Oeuvres politiques, II. Bruxelles: Pole Nord. стр. 695.
- ↑ Marat, Jean-Paul (1991). Oeuvres politiques, II. Bruxelles: Pole Nord. стр. 718.
- ↑ Marat, Jean-Paul (1991). Oeuvres politiques, II. Bruxelles: Pole Nord. стр. 897.
- ↑ Marat, Jean-Paul (1991). Oeuvres politiques, II. Bruxelles: Pole Nord. стр. 950.
- ↑ Marat, Jean-Paul (1991). Oeuvres politiques, II. Bruxelles: Pole Nord. стр. 1093.
- ↑ Marat, Jean-Paul (1991). Oeuvres politiques, II. Bruxelles: Pole Nord. стр. 1250.
- ↑ Marat, Jean-Paul (1993). Oeuvres politiques, Tome III. Bruxelles: Pole Nord. стр. 1921.
- ↑ Marat, Jean-Paul (1993). Oeuvres politiques, Tome IV. Bruxelles: Pole Nord. стр. 2436.
- ↑ Marat, Jean-Paul (1993). Oeuvres politiques, Tome V. Bruxelles: Pole Nord. стр. 2650.
- ↑ Маркс, Карл (1975). Капиталот, том I. Скопје: Мисла. стр. 648.
- ↑ Gottschalk, Louis R. (1927, преиздадена 1966). Jean-Paul Marat: A Study in Radicalism. Benjamin Bloom. стр. 97. Проверете ги датумските вредности во:
|year=
(help) - ↑ Marat, Jean-Paul. L’Ami du Peuple, No. 680.
- ↑ „Archives Parlementaires de 1787 A 1860, Vol. 52: Recueil Complet des Débats Législatifs Et Politiques des Chambres Françaises; Imprimé par Ordre Ordre du Sénat Et de la Chambre des Députés; Première Série (1787 à 1799); Du 22 Septembre 1792 au 26 Octobre 1792“.
- ↑ Marat, Jean-Paul. L’Ami du Peuple, No. 24.
- ↑ Gottschalk, Louis R. (1927, преиздадена 1966). Jean-Paul Marat: A Study in Radicalism. Benjamin Bloom. стр. 152–53. Проверете ги датумските вредности во:
|year=
(help) - ↑ Gottschalk, Louis R. (1927, преиздадена 1966). Jean-Paul Marat: A Study in Radicalism. Benjamin Bloom. стр. 166. Проверете ги датумските вредности во:
|year=
(help) - ↑ Gottschalk, Louis R. (1927, преиздадена 1966). Jean-Paul Marat: A Study in Radicalism. Benjamin Bloom. стр. 168–69. Проверете ги датумските вредности во:
|year=
(help) - ↑ Mow. univ. no. 45, February 14, 1793.
- ↑ Mow. univ. no. 45, February 14, 1793.
- ↑ JRF no. 81, December 22, 1792.
- ↑ JRF no. 133, February 25, 1793.
- ↑ P. J. B. Buchez and P. C. Roux, Histoire parlementaire de la Revolution francaise (Paris, 1834-38), vol. XXV, 74-5. line feed character во
|title=
во положба 62 (help) - ↑ Buchez and Roux, Histoire parlementaire, 75.
- ↑ PRF no. 233, July 4, 1793.
- ↑ PRF no. 224, June 23, 1793.
- ↑ Léo Taxil et J. Vindex (1883). Marat ou Les Héros de la Révolution, Grand roman National Historique, Plaidoyer de Marat. Paris. стр. 885–88.
- ↑ Blakemore, Erin (November 20, 2019). „What can 200-year-old DNA tell us about a murdered French revolutionary?“.
- ↑ Delphi Complete Works of Jacques-Louis David. Delphi Classics. 2017. На
|first=
му недостасува|last=
(help)