Довезенце

село во Општина Куманово
(Пренасочено од Довезанце)

Довезенце (познато и како Довезанце или Довезенци) — село во Општина Куманово, во областа Средорек, во околината на градот Куманово.

Довезенце
Довезанце или Довезенци

Воздушен поглед на селото Довезенце

Довезенце во рамките на Македонија
Довезенце
Местоположба на Довезенце во Македонија
Довезенце на карта

Карта

Координати 42°6′6″N 21°54′27″E / 42.10167° СГШ; 21.90750° ИГД / 42.10167; 21.90750
Регион  Североисточен
Општина  Куманово
Област Средорек
Население 83 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1304
Повик. бр. 031
Шифра на КО 17031
Надм. вис. 360-560 м
Слава Спасовден
Довезенце на општинската карта
Податотека:Довезенце во Општина Куманово.svg

Атарот на Довезенце во рамките на општината
Довезенце на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Поглед на селото Довезенце, а во позадина се гледа и соседното село Јачинце

Селото се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Куманово, чиј атар се допира со подрачјето на општината Старо Нагоричане. Тоа е сместено на левиот брег на Крива Река, недалеку од десната страна на железничката линија Скопје-Куманово-Бељаковце.[2] Селото е ридско и неговите маала се наоѓаат на надморска височина од 360 до 560 метри. Од градот Куманово, селото е оддалечено 26 километри.[2]

Низ атарот на самото село поминува регионалниот пат 29277.

Довезенце е познато село во Кумановско, кое се наоѓа во долината на Крива Река, сместено главно на нејзиниот лев брег. Околни села се Мургаш на југ, Јачинце на запад, Бељаковце на исток и Стрезовце на север. Во минатото, мештаните водата за пиење ја добивале од бунари и од неколку извори соѕидани во чешми. Некои извори се наречени Јеленац, Лозница, Бунарче, Чешмиче, Дерков Чукар, Брестов Дол, Ајдучко Кладенче, Мутавџиска Чешма, Зајевац, Црна Врба, Ѓоровац и други.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Лачуга, Дерково Чукарче, Солиште, Оџина Падина, Маренковац, Делено Поле, Лозница, Јованов Чукар, Селиште, Шумулатица, Падовник, Стари Лозја, Ратковац, Спасевица, Будимирац, Липац, Стара Црква, Градиште, Јастребичарник, Долна и Горна Река и Орљак.[3]

Селото има разбиен тип и е поделено на голем број маала. Најголем дел од нив се наречени по родовите, како Велчевци, Вукановци, Јовевци, Ратковчани, Младеновци и други. Како средишни маала се сметаат Ратковското и Јовевското. Кај нив се наоѓа основното училиште изградено по Првата светска војна.[3]

Историја

уреди

Остатоци од стари населби се наоѓаат на три места, Селиште, Солиште и Преко Река, за што мештаните кажуваат дека таму живееле Римјаните. Кај Селиште се наоѓа селската црква „Вознесение Христово“ („Св. Спас“), која е изградена кон доцниот XVI или почетокот на XVII век на остатоци на поранешен храм. Тука се наоѓало и старото селско училиште, изградено уште во 1820 година.[3]

Месноста Градиште се наоѓа во северниот дел на атарот (десно од Крива Река), на самата граница со Стрезовце.[3]

Денешното село влегува во релативно старите села во Кумановско. Во него се зачувани бројни стари родови. Постои предание дека ова село и соседното село Мургаш ги основале двајца браќа. Најпрвин браќата живееле во Мургаш, но нивните сточарски трла биле на местото на Довезенце. Кога се поделиле, едниот од браќата останал во Мургаш, а другиот се преселил во Довезенце.[3]

Од основачот на селото потекнуваат сите денешни родови, кои слават Свети Архангел (Велчевци, Џаковци, Јовевци, Вукановци, Далевци и други).[3]

Стопанство

уреди
 
Издвоено маало на Довезенце во јужниот дел на атарот

Атарот на селото зафаќа простор од 12,7 км2, при што преовладуваат пасиштата со површина од 549,6 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 548,2 хектари, а на шумите само 52,5 хектари.[2]

Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција.[2]

Довезенце и останатите села во долината на Крива Река повеќе се насочиле да имаат земјиште за обработување и за чување на стоката. Така, поголемиот дел од нивите се наоѓаат јужно од реката, додека пасиштата се наоѓаат северно од реката. Од таа причина и нивните атари се издолжени во насока север-југ.[3]

Во селото во текот на отоманскиот период немало чифлици и мештаните обработувале своја земја. Во тоа време, во маалото Станишковци се наоѓала мала станица со запчаници („каракол“).[3]

Од 1957 година, селото е поврзано со железничката линија Куманово-Бељаковце, поради што покрај пругата за брзо време се создало ново маало. Една година претходно, во месноста Орљак се отворил рудникот „Туф“, од каде се вади глина потребна за цемент и со железницата се пренесува во Куманово.[3] Како дел од проектот за обнова на пругата Куманово-Бељаковце и подоцнежно нејзино продолжување до Бугарија, предвидено е во селото да биде изградено железничко стојалиште.[4]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948752—    
1953796+5.9%
1961762−4.3%
1971612−19.7%
1981392−35.9%
ГодинаНас.±%
1991210−46.4%
1994162−22.9%
2002123−24.1%
202183−32.5%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Довезенце живееле 560 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Довезенце имало 40 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија и 640 Македонци патријаршисти.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 650 Македонци.[7]

Од селото се иселил значителен број на населението, така што тоа преминало од средно во мало село. Така, во 1961 година селото броело 762 жители, додека во 1994 година бројот се намалил дури на 167 жители, од кои 163 биле Македонци, а тројца жители Срби.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Довезенце живееле 123 жители, сите Македонци.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 83 жители, од кои 73 Македонци, 1 Србин и 9 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 560 680 752 796 762 612 392 210 162 123 83
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови

уреди

Довезенце е македонско село.[3]

Според истражувањата од 1972 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Велчевци (10 к.), Џаковци (6 к.), Јовевци (6 к.), Вукановци (6 к.), Далевци (5 к.), Ратковци (5 к.), Младеновци (4 к.), Ајдамци (4 к.), Шупелевци (4 к.), Станковци (3 к.), Николчевци (3 к.), Чепчевци (3 к.), Тодоровци (2 к.), Таировци или Борозанци (2 к.), Милошовци (2 к.), Караџовци (2 к.), Гекевци (2 к.), Божиновци (1 к.), Станишковци (1 к.), Ѓоргијовци (1 к.), Петковци (1 к.), Топчијовци (1 к.), Тошковци (1 к.), Шанковци (1 к.), Рогожарци (1 к.) и Ристевци (1 к.). Од родот Велчевци потекнувал Јован Довезенски. Во истиот род се знае и следното родословие: Ванко (жив на 72 г. во 1972 година) Пешо-Стојан-Крсто-Велко. Подалечните предци по име не ги знаат.
  • Доселеници: Прилепци (2 к.), доселени се од некое село во Прилепско; Мутавџини (5 к.), Милковци (4 к.), Тренчевци (2 к.) и Смилковци (1 к.), доселени се, но не знаат од каде. Родовите Тренчевци и Смилковци потекнуваат од ист предок; Мургашанци (2 к.), доселени се од селото Мургаш.

Иселеништво

уреди

Во турско време од ова село имало иселеници во селата Јачинце (Гужваровци), Вак'в (Богданови), Винце (Домазетовци).[3]

Во 1946 година 2 семејства се иселиле во селото Глогоњ кај Панчево.[3]

Меѓутоа од 1958 година почнало најсилното иселување и водело кон градовите Скопје и Куманово.[3]

Општествени установи

уреди
 
Општествен објект во селото
  • Поранешни основни училишта

Самоуправа и политика

уреди

Кон крајот на XIX век, Довезенце било село во Кумановската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Куманово, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Клечевце.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово. Селото припаѓало на некогашната општина Клечевце во периодот од 1955 до 1962 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Клечевце, во која покрај селото Довезенце, се наоѓале и селата Бељаковце, Зубовце, Јачинце, Клечевце, Косматац, Мургаш и Новоселани. Во периодот 1950-1952 година селото било седиште на некогашната Општина Довезенце, во која влегувале селата Бељаковце, Довезенце, Јачинце и Мургаш.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1145 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на железничката станица.[14]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 46 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Воздушен поглед на главната селска црква „Вознесение Христово“ („Св. Спас“)
Археолошки наоѓалишта[16]
  • Стара Црква — наоѓалиште на праисториска населба, доцноантичко утврдување и средновековна црква со некропола
Цркви[17]

Редовни настани

уреди
Селски слави[3]

Личности

уреди
Родени во или по потекло од Довезенце

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 100.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 Трифуноски, Јован (1974). Кумановска област. Скопје: САНУ. стр. 182–185.
  4. „Студија за оценка на влијанието врз животната средина и социо-економските аспекти“ (PDF). ЕБРД. февруари 2012. Посетено на 8 декември 2023. line feed character во |title= во положба 46 (help)
  5. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 216
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 130-131.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 8 декември 2022.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-12-08. Посетено на 8 декември 2023.
  16. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 208. ISBN 9989-649-28-6.
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  18. Българската възрожденска интелигенция (енциклопедия), ДИ „Д-р Петър Берон“, София, 1988, стр.513.

Надворешни врски

уреди