Деметриј I Опсадникот

(Пренасочено од Деметриј I Полиоркет)

Деметриј I Опсадникот (337 п.н.е. - 283 п.н.е.) — крал на Македонија кој владеел од 294 до 288 п.н.е. Бил припадник на Антигонидската династија, син на кралот Антигон I Едноокиот и Стратоника.

Биста на Деметриј I Опсадникот
Монета со ликот на Деметриј I Опсадникот
Опсадна кула (хелеполис) на Деметриј I Опсадникот

Животопис

уреди

На 22-годишна возраст неговиот татко му дал задача да ја брани Сирија од Птоломеј I Сотир. Деметриј катастрофално ја загубил Битката кај Газа (312 п.н.е.), но набргу делумно ги повратил загубите со победа кај Миј.

По неуспешниот поход на Вавилон и неколку походи против Птоломеј I Сотир на крајбрежјето на Киликија и Кипар, Деметриј запловил со флота од 250 брода кон Атина. Таму го ослободил градот од власта на Касандар и Птоломеј, го истерал гарнизонот поставен од Деметриј Фалерски, и ја опседнал и зазел Мунихија (307 п.н.е.) По овие победи атињаните го славеле како заштитно божество под титулата Сотир („Запазувач“).

Во походот во 306 п.н.е. против Птоломеј го победил Менелај, Птоломеовиот брат, во поморската битка кај Саламина, сосема уништувајќи ја поморската моќ на Египет. Во 305 п.н.е., носејќи ја титулата дадена од татко му пошол да го казни Родос за тоа што го напуштиле. Поради неговата генијалност во осмислувањето на опсадна машинерија го стекнал звањето „Опсадникот“. Меѓу неговите изуми се вбројуваат и опсаден овен долг 60 м, со кого морале да управуваат не помалку од 1.000 војници, како и опсадна кула на тркала — „градозаземач“ (хелеполис) 40 м висока и 20 м широка, со тежина над 163 тони.

Се вратил повторно во Грција како ослободител. Но Деметриј бил толку развратен и екстравагантен, што атињаните посакале да се врати Касандар. Исто така предизвикал љубомора кај останатите дијадоси; Селевк I Победникот, Касандар и Лизимах, кои се обединиле да го уништат него и неговиот татко. Противничките војски се сретнале кај Ипс во Фригија (301 п.н.е.), и во борбата бил убиен Антигон, а Деметриј, по претрпените големи штети се повлекол во Ефес. Оваа промена на околности предизвикала непријателски чувства против него - атињаните одбивале дури и да го примат во градот. Но, кратко потоа тој ја пустошел територијата на Лизимах и се помирил со Селевк I Победникот, за кого ја омажил ќерќа си Стратоника. Атина во ова време била под опресивна власт на тиранинот Лахар, но Деметриј, по подолга блокада, го зазел градот (294 п.н.е.) и им простил на жителите за претходниот лош однос.

Истата година го зазел македонскиот престол по убивање на Антипатар II, синот на Касандар. Но оваа нова позиција била во постојана опасност од Пир Епирски, кој го користел неговото повремено отсуство за да пустоши по беспомошните делови од кралството (Плутарх, Пир, 7). На крајот, заедничките сили на Пир, Птоломеј и Лизимах, помогнати од делот од народот кој не го сакал Деметриј, го натерале да ја напушти Македонија во 288 п.н.е.

Преминал во Азија и ги нападнал некои од провинциите на Лизимах со различен успех. Поголемиот дел од војската му умрела заради глад и болест, па така побарал помош од Селевк. Но пред да дојде до Сирија избиле немири, и по здобивање со некои предности над неговиот зет, Деметриј бил сосема запоставен од неговите единици на бојното поле, па морал да му се предаде на Селевк.

Син му Антигон понудил сѐ што има, па дури и сам себе, само за да го ослободи татка си. Но сето ова било залудно, и Деметриј умрел по три години лежење затвор (283 п.н.е.) Неговите останки му биле предадени на Антигон, и му бил приреден раскошен погреб во Коринт.

Неговите наследници продолжиле да го наследуваат македонскиот престол сѐ до времето на Персеј, кога Македонија била освоена од страна на Римската Република.

Литература

уреди

Наводи

уреди
  •   Оваа статија вклучуват текст од дело кое сега е во јавна сопственостChisholm, Hugh, уред. (1911). Encyclopædia Britannica (11. изд.). Cambridge University Press. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: ref=harv (link)
Претходник
Антигон I Едноокиот
Антигониди Наследник
Антигон II Гонат
Претходник
Антипатар II
Крал на Македонија
294 п.н.е. - 288 п.н.е.
Наследник
Лизимах и Пир Епирски