Дебреше

село во Општина Гостивар

Дебреше — село во Општина Гостивар, во областа Горни Полог, во северозападниот дел на Македонија. Поради близината до градот Гостивар, се смета и за негово предградие.

Дебреше

Поглед на селото Дебреше

Дебреше во рамките на Македонија
Дебреше
Местоположба на Дебреше во Македонија
Дебреше на карта

Карта

Координати 41°49′2″N 20°52′50″E / 41.81722° СГШ; 20.88056° ИГД / 41.81722; 20.88056
Општина Гостивар
Население 2.859 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1234
Шифра на КО 07029
Надм. вис. 541 м
Дебреше на општинската карта

Атарот на Дебреше во рамките на општината
Дебреше на Ризницата
Поглед на селото Дебреше, Полошката котлина и Сува Гора во позадината
Поглед на селото Дебреше, Полог и Шар Планина

Географија и местоположба

уреди

Селото Дебреше е сместено во подножјето на Шар Планина на допирот со низнискиот рамничарски дел на котлината Полог. Од градот Гостивар е оддалечено 4 километри во северозападен правец, и поради самата непосредна близина припаѓа на неговата рурбална зона[2]. Надморската височина на која се расположени куќите се движи од 590 до 640 метри[2]. Низ селото протекува малата Дебрешка Река, која спуштајќи се од Шар Планина токму во Дебреше навлегува во Полог. Дебреше претставува село од збиен тип и се дели на осум маала именувани според родовските презимиња кои ги основале и кои живееле во нив како што се: Грујоска, Буладиноска, Митреска, Чифлик и Радеска Маала во кои во минатото живееле исклучиво православни Македонци, а денес во поголем дел се населени од Албанци и три големи маала населени со муслиманско албанско население Менга, Курто и Муро Маало. Во поново време е забележливо тоа што доселените Албанци даваат нови имиња за маалата кои носат имиња на македонските родови, најчесто поврзани со Косово или Албанија како што е примерот со името Дреница Маало (именувано по истоимената област во Косово). Атарот на селото Дебреше зафаќа површина од 10,5 км2, од кои на обработливото земјиште расположено кон исток, север и југ отпаѓаат 544,6 хектари, шумите зафаќаат 188,3 хектари, а пасиштата расположени на запад на падините на Шар Планина зафаќаат 134,7 хектари[2]. Нивите и ливадите се наоѓаат под селото на потезитеЧ Долно Ливаѓе, Папраѓе, Дебел Трн, Вртач, Алабачки пат, Џигерица, Пазарски пат, Градиште, Ограѓе, Каракашаец, додека лединитеи шумите се наоѓаат над селото на падините на Шар Планина на пределите Чука, Ледиње, Сек, Пржал, Стрмол, Калуѓерица, Меѓу Кошари, Осој, Карамајнца, Ледина[3]. Етнографски селото Дебреше припаѓа на областа Горни Полог, во предлот на селата во подгорието на Шар Планина што е видливо по градбата на старите селски најчесто двокатни куќи со плитар (непечна тула), како и говорот и обичаите на населението.

Историја

уреди

Дебреше спаѓа во редот на доста стари села во Полог и воопшто во Македонија. Во пишаните извори Дебреше за првпат се споменува помеѓу 1366 и 1371 година[3]. Тогаш во Дебреше живеел попот Михајло, кој бил родум од соседното село Лешница[3]. Во тоа време, во XIV век, Дебреше било значајно место, бидејќи во него се наоѓале неколку цркви, од кои сите подоцна биле урнати од Турците[3]. Во белешка од XIX век во Дебреше се наведуваат 17 црквишта, а во друга се наведени 12, од кои најзначајни биле рушевините на црквите Св. Димитрија, Св. Богородица, Св. Троица, Св. Ѓорѓија, Вознесение и други, на чии денови на патроните празници жителите на селото одржувале собири и колеле жртви, а кај некои црквишта се вршело и осветување на вода (водокрст)[3]. Според народните преданија Дебреше некогаш било големо македонско село со 12 цкрви и манастири: Св. Атанасиј (под селото во нивите и ливадите), Св. Димитрија на влезот на Дебреше од правец на Гостивар (до скоро се познавале рушевини и остатоци од гробишта), Св. Никола во Муро Маало, Св. Богородица јужно од селото во правец на с. Здуње (возобновена во 1998), Св. Илија во Курто Маало, Св. Ѓорѓија возобновена во 1924 над селото, Св. Спас во месноста Јасики над селото, Св. Петка над селото од десната страна на Дебрешка Река, каде се познавале остатоци од гробови и манастирот Св. Јован кој се нааоѓал помеѓу Дебреше и заселокот Ропај[4]. На границата на дебрешкиот атар во правец на Здуње во подножјето на Шар Планина се наоѓа варовничко возвишение наречено Градиште, за кое меѓу жителите постои предание дека некогаш „бил град“ недалеку од патот за Дебар, а во чија внатрешност течела река која избивала на Земјината површина кај селото Чајле близу Гостивар[5].

Вкупно 26 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]

 
Грујовско Маало, во подножјето на Шар Планина

Потекло и значење на името Дебрeше

уреди

Името на селото Дебреше е од македонско потекло, односно со потекло и значење од македонскиот, старословенскиот и другите словенските јазици. На старословенски јазик именката дебар (дьбръ) означува долина, котлина[7], што соодветствува со местоположбата и околината во која што се наоѓа селото Дебреше, во долина на допирот на подножјето на Шар Планина и рамнината на котлината Полог. Во Македонија постојат повеќе имиња на села, области, предели и други топоними кои се изведени од именката дебар како што се градот Дебар, областа, а воедно и котлина, етнографски предел и општина Дебрца во Охридско, Дебреште (Прилепско), Дебриште (Кавадаречко) (во постари записи и тетовското село Доброште се среќава како Дебреште), месноста Дебревник (Струмичко)[7], со една заедничка одлика дека се наоѓаат во долини и котлини, односно подножја на планини каде започнува долинскиот или рамничарскиот дел на котлините. Исто така, македонскиот просветител, преродбеник и учител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во своите записи, патописи и објавени статии во педесеттите години на XIX век, често го употребува зборот дебрина, дебрини за долини и котлини. Оттаму може да се заклучи дека името (топонимот) дебар е образувано од физичкогеографски, односно орографски термини со значење долина, односно котлина[7].

Стопанство

уреди
 
Глетка од Дебреше

Во основа Дебреше има полјоделска функција. Од полјоделските култури најзастапени се житата, односно пченицата, јачменот и пченката. Во голема мерка се одгледуваат и индустриски (фуражни) култури за сточна храна како што е детелината и луцерката, како и градинарски култури особено во полето близу до автопатот и Гостивар каде што се одгледуваат домати, пиперки, кромид, лук. Поради идеалните услови во подножјето на Шар Планина е застапено и овоштарството од кое највеќе се одгледуваат јаболка, круши, сливи, цреши, кајсии, вишни, ореви и костени. Во минатото, сè до изградбата на Мавровското Езеро многу се одгледувала и успевала виновата лоза. Поради богатите пасишта и ливади застапено е и сточарството, односно одгледувањето на крупен добиток како крави, волови, како и овци и кози, кои се претежено за сопствени потреби. Сточарството се развива под влијание на бројните доселеници од соседните повисоки планинскисела, додека староседелското население претежно се занимава со земјоделство (полјоделство). Поради големината на населбата и близината до градот Гостивар, во Дебреше работат повеќе фирми од други стопански дејности како што се продавници, големи ресторани за свадби, автосервиси, автолакери, вулканизери, производствени погони и стоваришта за градежни материјали, како и повеќе работилници.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.600—    
19531.788+11.7%
19611.882+5.3%
19712.291+21.7%
19813.213+40.2%
ГодинаНас.±%
1991179−94.4%
19944.236+2266.5%
20024.847+14.4%
20212.859−41.0%

Дебреше претставува голема населба со постојан пораст на бројот на своето население, што се должи на поволната местоположба на допирот на две релјефни целини и непосредната близина до градот Гостивар и важните сообраќајни правци. Во 1900 година Дебреше имало 50 православни и 60 муслимански куќи со 300 Македонци, 365 Турци и 145 Албанци, во 1961 година Дебреше броело 1882 жители, од кои 375 Македонци, 1391 Албанец, 112 Турци, 1 Србин и само тројца жители останати[8], додека во 1994 година бројот на жители се зголемил дури на 4236 од кои 114 Македонци, 4115 Албанци, 1 Турчин, 1 Србин и 6 други[2].

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Дебреше живееле 805 жители, од кои 365 Турци, 300 Македонци и 140 Албанци.[9]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Дебреше имало 304 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија и 40 Македонци патријаршисти.[10]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 4.847 жители, од кои 93 Македонци, 4.739 Албанци, 2 Турци, 1 Бошњак и 12 други, и претставува една од најголемите населби во Горни Полог.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2.859 жители, од кои 59 Македонци, 2.683 Албанци, 5 Турци, 1 Влав, 8 останати и 103 лица без податоци.[12]

На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[13]

Година Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. б.п. Вкупно
1948 1.600
1953 448 1.335 2 1 ... 2 1.788
1961 375 1.391 112 ... ... 1 ... 3 1.882
1971 250 1.974 54 ... 10 ... 3 2.291
1981 216 2.964 6 1 ... 26 3.213
1991 88 78 11 1 ... 1 179
1994 114 4.115 1 1 ... 6 4.236
2002 93 4.739 2 1 12 4.847
2021 59 2.683 5 1 8 103 2.859

Родови

уреди

Во Дебреше живеат следните родови:

Според податоците од 1946 година, родови во селото се:

Православни Македонци

  • Староседелци: Геговци (1 к.), имаат иселеници во Гостивар (едно семејство), Скопје (две семејства) и во Белград (едно семејство). Во овој род живеел и некој предок Гего, кој дошол како домазет од селото Горна Ѓоновица; Митревци (5 к.), во овој род бил познат некој предок Спасен; Смилевци (3 к.), имаат иселеници во Романија (едно семејство); Павлевци (5 к.) и Грујовци (3 к.), порано чинеле еден род. Имаат иселеници во Свилјанац (едно семејство); Пурдиќевци (2 к.), од овој род бил познат некој Змејко Пурдиќ. Имаат иселеници во Гостивар (едно семејство); Војновци (4 к.) и Буладиновци (2 к.).
  • Доселеници: Даиловци (4 к.), доселени се од Порече. Родот го основале браќата Петко и Николче; Картаровци (4 к.) доселени се од Охридско. П. Јовановиќ слушал дека името го добиле по селото од кое се доселиле Картар-Село во охридско? овде биле чифлиџии на турските имоти; Новевци (2 к.) доселени се однекаде. Овде работеле на Чифлик. Затоа ги викаат и Чивлижани. Имаат иселеници во Романија (едно семејство); Џуклевци (5 к.) доселени се од Охридско; Тримчевци (3 к.) доселени се од Сушица. Потекнуваат од предокот Тримче; Радевци (8 к.) доселени се од некое место Сливо. По кажувањето тоа се наоѓало близу кичевското село Турије? (можеби се мисли на Турје во Дебрца ?). П. Јовановиќ забележал дека биле Власи од Крушево. Имаат иселеници во Белград (едно семејство); Андоновци (6 к.) потекнуваат од предокот Кузман. Кузман дошол од Порече; Симјаноски (1 к.) доселени се од селото Врапчиште. Таму биле староседелци; Андоновци (1 к.) доселени се од селото Врапчиште. Таму им биле роднини Цветановци, и таму биле староседелци.

Турци

  • Доселеници: Абдиљовци (8 к.), живеат во Курто-маало; Шкорлеј (4 к.); Стамболии (1 к.); Маџури (2 к.) овие последните се доселени од местото Дели-Орман во Бугарија.

Турцизирани Албанци

  • Доселеници: Барјактаровци (6 к.), доселени се од северна Албанија. П. Јовановиќ кажува дека се од областа Матија. Сега зборуваат турски; Шабан Менга (8 к.) доселени се од Дарда во Љура, северна Албанија. Од Дарда се иселиле четири браќа, еден се населил во кичевското село Туин, два во Трново, и еден во Дебреште; Рушитови (5 к.) и Мустафовци (5 к.) доселени се од северна Албанија; Елмазовци (6 к.) доселени се од соседното село Ропаќ. Таму од Врановци, а уште подалечно потекло од Албанија; Корбовци (9 к.) потекнуваат од фисот Тсач во северна Албанија; Ибишовци (3 к.) доселени се од Љума во северна Албанија.

Муслимански Албанци

  • Доселеници: Тоскаларве (10 к.) доселени се од јужна Албанија. Некое време живееле и во Долна Ѓоновица; Аљуш (2 к.) и Асипови (4 к.) доселени се од северна Албанија; Чајани (1 к.) и Кадриовци (3 к.) доселени се од местото по кое и го добиле името, Чаја во Љума; Аљуш (1 к.) доселени се од некое место Тануш во с. Албанија. Познати се како разбојници кон православните Македонци. Во 1944 година од овој род од страна на партизаните биле стрелани татко со своите 4 синови; Куртишовци (2 к.) доселени се од северна Албанија. П. Јовановиќ слушал дека се од околината на Пешкопеја; Метовци (12 к.) и Адиљовци (6 к.) доселени се од северна Албанија.

Помуслиманети и поалбанчени Македонци

  • Џелилови (7 к.)

Општествени установи

уреди
Цркви
Археолошки наоѓалишта[14]

Самоуправа и политика

уреди

Избирачко место

уреди

Во селото постојат избирачките места бр. 425, 425/1, 426, 426/1, 427 и 427/1 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месна зедница и основното училиште.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 4.553 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости

уреди

Редовни настани

уреди

Во Дебреше секоја година се одржува прослава на Василица (14.01.), кога православни жители Македонци од селото или од Гостивар со потекло од Дебреше, составуваат групи (тајфи) кои одат по куќите на дебрешани или иселениците во Гостивар, пеејќи ги познатите василичарски песни и собираат прилози во храна, пијалаци и парични средства со кои подоцна се подготвува василичарска вечера (трпеза). Исто така во Дебреше традиционално се одржува прослава на Водици (19.01. Богојавление-Водокрст) во дворот на црквата со кумство кое секоја година преминува кај некое од семејствата кои живеат во селото или се иселени во Гостивар. Секоја година се одржуваат и прославни на верските празници Велигден и Успение на Пресвета Богородица (28.08) во истоимената црква, кога се одржува и мал панаѓур со наддавање и продажба на ракотворби.

Личности

уреди

Култура и спорт

уреди

Иселеништво

уреди

Родови кои изумреле во Дебреше се Трпевци и Драгановци, кои биле старинци, додека целосно иселени се Спасевци и Тодоровци (во с. Зубовце), а од муслиманите Арифови во Гостивар и Грк во с. Чегране[20]. Од останатите македонски родови најмногу се забележани иселеници во градот Гостивар, особено засилено по Втората светска па сѐ до денес, а исто така и во Тетово, Скопје, Романија, Србија (во градовите Белград, Смедерево, Свилајнац)[3]. Од албанските и муслиманските родови се забележни иселеници исто така во Гостивар, како и во Турција,а во поново време сѐ почесто и во Швајцарија, Германија, Австрија, Словенија, а во помала мерка и во САД, Хрватска и други држави во Западна Европа.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр. 92
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Трифуноски, Ф. Јован. Полог, антропогеографска проучавања .САНУ, Белград, 1976 година. стр. 245
  4. Трифуноски, Ф. Јован. Полог, антропогеографска проучавања .САНУ, Белград, 1976 година. стр. 245-246
  5. Трифуноски, Ф. Јован. Полог, антропогеографска проучавања .САНУ, Белград, 1976 година. стр. 246
  6. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  7. 7,0 7,1 7,2 Станковска, Љубица. Средновековниот топонимски модел во Струмичко. Акта Велјуса - Acta Veljusa - Зборник на трудови. Филозофски факултет, Скопје, 1984 г. стр. 142
  8. Трифуноски, Ф. Јован. Полог, антропогеографска проучавања .САНУ, Белград, 1976 година. стр. 24
  9. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, с. 213.
  10. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, стр. 122-123.
  11. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
  14. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. „Пратенички состав“. Собрание на Македонија. Посетено на 2010-08-16.
  18. „Пратенички состав“. Собрание на Македонија. Посетено на 2010-08-16.
  19. Burhan Ahmeti. Muzej na grad Skopje. 2008. ISBN 9989156638.
  20. Трифуноски, Ф. Јован. Полог, антропогеографска проучавања .САНУ, Белград, 1976 година. стр. 246-247

Надворешни врски

уреди