Зубовце (Гостиварско)

село во Општина Врапчиште

Зубовце — село во Општина Врапчиште, во околината на градот Гостивар.

Зубовце

Поглед кон селото

Зубовце во рамките на Македонија
Зубовце
Местоположба на Зубовце во Македонија
Зубовце на карта

Карта

Координати 41°49′45″N 20°52′40″E / 41.82917° СГШ; 20.87778° ИГД / 41.82917; 20.87778
Општина Врапчиште
Население 844 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1238
Шифра на КО 07038
Надм. вис. 558 м
Зубовце на општинската карта

Атарот на Зубовце во рамките на општината

Географија и местоположба

уреди
 
Црквата „Св. Марена“

Зубовце лежи во подножјето на Шар Планина измеѓу Дебреше на југ и Врапчиште на север. Селото лежи по текот на Зубовскиот Поток на надморска висина од 556 метри. Селото има три главни извори на вода и тоа: Сугарски, Калапетроец и Лапнимушица. Селскиот атар е доста голем. Нивите се наоѓаат во источниот рамничарски дел како: Долен Цес, Цапркојца, Крс, Мал П'т, Чапрага,Дапче, Дреноец, Кобел, Манастирско, Под Лаг, Кара Зела, Голема Нива, Клукоо, Лажец, Крило, Бунарче, Цигалче, Орашлика, Крепи Куќица, Пскарсник и Калишаноец. Ливадите се наоѓаат на местата: Слатина и Ливадје, а додека шумите на местото Костур-Самар над самото село.[2]

Зубовце е населба од збиен тип.Куќите се групирани по маала, кои се наоѓаат покрај потокот од лева и десна страна.

Историја

уреди
 
Фрагмент од псалтир од првата половина на XVI век, најден во Зубовце

Зубовце е стара населба. За првпат се споменува во 1595 година. Според усните преданија на селаните, првите зубовчани дошле од чисто македонското место Пилигринци, кое тогаш се наоѓало во рамничарскиот дел на Полог на 3 км источно од денешното село. Покрај тоа место постоел главен пат т.н. Алабачки Пат по кој оделе дервишите. Поради нивните зулуми селаните се иселиле од таму и дошле на денешното место.[3] Тврдењето дека тие го основале селото се смета за легенда, а не за историски факт.

Вкупно 5 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948663—    
1953719+8.4%
1961690−4.0%
1971554−19.7%
1981563+1.6%
ГодинаНас.±%
1991543−3.6%
1994530−2.4%
2002762+43.8%
2021844+10.8%

На крајот од XIX век Зубовце е македонско село в Гостиварска нахија на Тетовска каза на Османлиското Царство. Според Васил К’нчов во 1900 година Зубовци има 720 жители[5], сите Македонци, додека веќе во 1905 година има 752 жители кои се поделени во две цркви.[6] Според Селишчев во 1929 година Зубовце е центар на општина од 4 села во Горнополошкиот срез и има 109 куќи со 705 жители.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 600 Македонци.[8]

Според пописот од 2002 година селото има 762 жители и претставува средна по големина населба.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 844 жители, од кои 428 Македонци, 278 Албанци, 120 Турци, 3 Срби и 15 лица без податоци.[10]

На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[11]

Година Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. б.п. Вкупно
1948 663
1953 719 719
1961 686 2 1 1 690
1971 551 1 2 554
1981 548 6 5 4 563
1994 526 2 2 530
2002 478 223 58 2 1 762
2021 428 278 120 3 15 844

Родови

уреди
 
Црквата „Св. Никола“
 
Црквата „Св. Тома“
 
Зунина чешма

Ѓегиновци, Ѓоневци , Кочевци и Поповци стари родови, доселени се од сега раселеното село Пилигринец, за Кочевци се зборува дека се намножени од предок Ром, и сега во овој род има луѓе со темна боја на кожата; Коруновци стари доселеници, доселени се од сега албанското село Прошовце; Бошковци доселени се однекаде, дошле кога и Коруновци; Трајановци и Тунџовци доселени се од селото Куново; Желкаровци доселени се од сега муслиманското село Врановци; Пољковци доселени се од некое село во областа Порече; Дуковци доселени се од некое село Думково или Дуково, жителите на овој род не знаат кај се наоѓа тоа село (на Шар Планина во околината на врвот Голема Враца постои простран планински гребен и месност која се вика Думково); Фичуровци доселени се од селото Арачиново, Скопско; Степановци доселени се од некое село во Порече; Бардевци доселени се од селото Бардовци, скопско; Марковци доселени се однекаде; Цоцолевци доселени се од Прошовце или Пожаране; Крагујевци доселени се однекаде; Спасевци потекнуваат од домазет кој дошол од Дебреше. Таму биле староседелци; Тодор родот го основал домазет кој дошол од Дебреше; Форинци доселени се од селото Форино; Бакаловци доселени се однекаде; Сиљан (1 к.) дошол од Порече; Ѓоковци гранка се од родот Бошковци; Рачиновци гранка се од родот Фичуровци; Страшевци доселени се однекаде.[12]

Општествени установи

уреди

Стопанство

уреди

Во селото постои индустриска зона во која функционираат неколку фабрики.[16] Во селото функционира фарма за ноеви.[17]. Една од нив е од месната индустрија која произведува доста прочуени колбаси кои се пласираат на пазарите во Македонија и странство.

Самоуправа и политика

уреди

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 454 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на културен дом.[18]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 393 гласачи.[19]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Раокина чешма
 
Споменик во центарот на селото од Втората светска војна
 
Гоцев Мост — еден од многуте на Зубовски Поток

Селото е доста познато по своите мостови преку Зубовскиот Поток и по своите чешмии.

Редовни настани

уреди
  • Патронен празник на селото - 30 јули, денот на заштитничката на селото Св. Марена. Се слави во дворот на истоимената црква.[20]
  • Василичарски средби - секоја година на 14 јануари
  • Одење по Билки -Спроти Ѓурѓовден на 5 мај се оди по билки. Сите девојки заедно низ полето берат растенија од штотуку расцутените плодни дрвја и цеќиња. Се берат билки и се пее:
Слагај билке од планина,
билјаро, билјаро,зар ти плачет машко дете,
билјаро,билјаро, ако палчет нека плачет,
билјаро, билјаро,качите го на нишалка
билјаро, билјаро, ќе му дувнет тивко ветре,
билјаро, билјаро, ќе заросит ситна роса,
билјаро, билјаро, ќе заспиет машко дете,
билјаро, билјаро.

Младите невести и девојчиња прават венчиња од полски цвеќиња и се кршат зелени гранчиња од расцутените плодни дрвја. При берењето на билките, покрај другите се пее:

Ајде билке на билје, билјаро, билјаро
билки да си береме, билјаро, билјаро,
венци да си правиме, билјаро, билјаро,
кобли да наредиме, билјаро, билјаро,
бутин да наредиме, билјаро, билјаро,
куќа да закитиме, билјаро, билјаро...

Со набраното зеленило се закитуваат влезните порти на куќите, самите куќи и клетовите, како и котарите каде што е сместен добитокот. Со венчиња се китат коблите и бутините, лонците каде што се преработува домашното млеко. Со ѓурѓевденското зеленило се најавува родна и бериќетна година, здрав и плоден добиток, среќа и напредок во фалилијата.[21]

  • Водици - Богојавление - традиционално се прославува на 19 јануари. Од утринските часови се пее:
Во Јордање крештајусја Тебја Господи, Троическое јависја Поклонение.
Родителе со глас Свидетелство ваше тебје, Возљубљенога тја сина Именуја.
И дух видје голубиње Известуваше словесе Утврждение.
Јављенсја Христе Боже И мир просвеиште Слава тебја..

Личности

уреди

Култура и спорт

уреди

Карактеристично за Зубовце е прославата на празникот Прочка. Во текот на денот во бавчите (градините) се палат огнови. Запалените китчиња слама им се дават и на децата, а тие, трчајќи низ бавчите на сиот глас извикуваат:

Бегај крту бегај,
бегај ќ’те изгорам
Бегај крту, бегај,
бегај ќ’те изгорам.

На овој начин како и со запалениот оган се бркале кртовите кои им нанесувале големи штети на градинарските култури. Пред да падне првиот мрак, се палат големите маалски огнови, наречени Баба вештица, направени од слама, од пченкарница и од смрека. На времето меѓу зубовските маала, постоел и натпревар кое маало ќе има најразгорен оган, со највисок пламен. Околу огновите, децата трчале и ги прескокнувале пламените јазици. Со јагленчињата од огнот на малите деца им цртале крстиња на челото за здравје и заштита од уроци. Попладнето на Поклади, според стариот обичај, младите одат на посета кај постарите за традиционално да побараат прошка без разлика дали некој некому му згрешил или не. Проштавај ако сум се огрешил нешто годинава! – е вообичаеното обраќање на помладите кон постарите. Нека ти е просто и блосоено и од мене и од Бога – одговара оној од кого се бара проштевање. Вечерта во секој зубовски дом се подготвува свечена вечера. Традиционално се коле петел или кокошка и се подготвува зубовскиот специјалитет калејнца – ориз во тава. Се прави и алва, а се вари и по едно јајце за секој член од потесното семејство и уште едно за куќата. По завршувањето на вечерата, се изведува вообичаеното ацкање (амкање) јајце. Домаќинката зема кадела (урка, рачно изработена направа за предење волна) на која на плетена волнена врвка го врзува вареното јајце. Јајцето го ниша околу софрата. Сите со зинати усти, се обидуваат да го лапнат јајцето без да се служат со рацете. Ацкањето (амкањето) трае сè додека некој не го лапне јајцето, кое потоа се лупи и секој од семејството каснува по малку за здравје. Во една лушпа од јајцето се налева црвено вино или како што го викаат крто вино. Домаќинката послужува со зборовите: напиј се крто вино, а оној што ќе се напие од лушпата наздравува: ај да ги снема кртовите од бавчите. На вечерата се изведува уште еден обичај наречен јадец. Тој што ќе го најде т.н. јадец во месото се обложува со надлажување. Надлажувањето може да трае за целото време на велигденските пости.[25]

Иселеништво

уреди

Жителите на Зубовце во минатото и денес издршката за своите семејства ја обезбедувале и од печалбарство. Многумина од нив биле и се врвни угостители во Србија, Романија, Германија, Бугарија, како и во Египет и во Турција.

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Trifunovski, Jovan F. (1976) (на француски). Polog (Etudes Anthropogeographiques) (1 издание). Belgrad: Academie Serbe des Sciences et des Art.
  3. Трифуновски, Ј.. Села кои сега не постојат во Полог. стр. 162.
  4. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  5. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, стр.124-125.
  7. Афанасий Селищев. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр.25.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Министерство за локална самоуправа. База на општински урбанистички планови“. Архивирано од изворникот на 2008-09-15. Посетено на 2010-08-16.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
  12. Ф., Трифуноски, Јован (1976). Полог : антропогеографска проучавања. Српска академија наука и уметности. OCLC 5846115.
  13. „Света Огнена Марина – Марена“. Македонска нација. 28 јули 2009. Посетено на 2010-05-01.
  14. Ст. Новаковић, Балканска питања, стр. 532
  15. „Академик Томе Серафимовски ја даруваше црквата "Св. Тома". Вест. 13 октомври 2008. Посетено на 2010-05-01.[мртва врска]
  16. „Ќе се градат пет фабрики во гостиварско Зубовце“. Утрински Весник. 4 септември 2009. Посетено на 2010-08-16.
  17. „Фарма за ноеви „Штраус". Архивирано од изворникот на 2010-01-24. Посетено на 2010-08-16.
  18. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  20. „Зубовце го прослави патрониот празник на заштитничката Огнена Марија“. МИА. Посетено на 2010-08-16.[мртва врска]
  21. „Зубовце“, Гале Фиданоски, издавач Месна заедница Зубовце, 2000
  22. „МАНЕ ЈАКОВЛЕВСКИ, ГОДИНАШЕН КУМ НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА ВОДИЦИ -Реномиран угостител и голем верник“. Вечер. 5 септември 2006. Посетено на 2010-08-16.[мртва врска]
  23. МВР, на СРМ. „Прашалник за ревизија на лично досие“. Архивирано од изворникот на 2014-12-20. Посетено на 2012-09-26.
  24. „Цел на тајните југословенски полициски служби“. Нова Македонија. 26 септември 2012. Архивирано од изворникот на 2012-10-01. Посетено на 2012-09-26.
  25. „Зубовце“, - Гале Фиданоски, Зубовце 2008

Надворешни врски

уреди