Турје
Турје — село во Општина Дебрца, недалеку од патот Кичево - Охрид.
Турје | |
Координати 41°24′48″N 20°51′59″E / 41.41333° СГШ; 20.86639° ИГД | |
Општина | Дебрца |
Население | 4 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 19048 |
Надм. вис. | 1256 м |
Турје на општинската карта Атарот на Турје во рамките на општината | |
Турје на Ризницата |
Потекло на името
уредиНе е јасно сосема од каде е името на селото, според некои претпоставки можно е да го добило бидејќи еднаш било турено (рушено).[2][3]
Географија и местоположба
уредиСелото Турје се наоѓа во областа Дебрца, на северните падини на Илинска Планина. Селото е оддалечено 33 километри јужно од Кичево и 40 километри северно од Охрид. Атарот на селото Турје граничи со атарите на селата Сливово на југозапад, Мраморец на југ, Козица на исток, Свињиште, Брждани и Јудово на исток, североисток и север, и Малкоец на северозапад.[2] Поедини места во атарот на селото ги носат следните имиња: Подпеш, Добра Вода, Чешма, Изворче, Неговиште, Пепелкојца, Миајлев Дол, Касапница, Карџаној Падини, Коловоз, итн.[3]
Историја
уредиТурје е многу старо село, за првпат се спомнува под името Турје во 1582 година и спаѓало во Охридскиот Санџак, нахија Дебрца. Селото еднаш пропаднало па го обновиле родови кои живееле во месноста Касапница, тоа било во ХVIII век.[3] За време на Илинденското востание селото дало доста борци, па така од одмазда Турците го запалиле селото, и запалиле 64 куќи. Селото било запалено до темел и во текот на Втората светска војна, а од балистите биле стрелани 4 жители.
Според податоците од 1873 година, селото имало 40 домаќинства со 110 жители христијани (Македонци).[4]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Турје живееле 320 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Турје имало 456 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Турје е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 43 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.[8]
Според пописот од 2002 година, во селото Турје живеат 17 жители, сите Македонци.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 4 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 320 | 456 | 492 | 493 | 338 | 205 | 87 | 38 | 36 | 17 | 4 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
уредиПоголемиот број родови во селото се староседелски, кон крајот на ХVIII век родовите се поместиле од месноста наречена Касапница, која лежела западно од денешната местоположба на селото.
Родови во селото се: Трпчевци (6 к.), Андреевци (5 к.), Николовци (4 к.), Тодоровци (3 к.), Стефановци (2 к.), Тунтевци (2 к.), Здравевци (2 к.) и Војневци (1 к.) староседелски родови, кои живееле во месноста Касапница, во родот Трпчевци се знае следното родословие: Стојмир (жив на 67 г. во 1980 година) Богоја-Ѓорче-Митре-Ристе-Трпче, основачот на родот кој се поместил од месноста Касапница кон крајот на XVIII век, целосно се иселени староседелските родови Дебељаковци и Таневци; Корџановци (3 к.) доселени се од некое село во околината на Корча (во Албанија), го знаат следното родословие: Сандре (жив на 70 г. во 1980 година) Костадин-Јоан-Трпе, основачот на родот кој се доселил во првата половина на XIX век; Петревци (1 к.) доселени се од селото Издеглавје.[3]
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година родови во селото се:
- Староседелци: Николовци (11 куќи) живеат во маалото Ореше, и слават Св. Никола летен или Пантелеј; Тунтевци или Јовевци (3 куќи) живеат во Ореше, слават Св. Никола; Смутревци (4 куќи) се делат на Здравевци (3 куќи) и Алексијевци (1 куќа) Здравевци живеат во Маало Трпчевци, додека Алексијевци во Смутревци, слават Св. Никола; Алексовци (7 куќи), Грујовци или Панаѓијовци (1 куќа) и Андревци (9 куќи) се еден род, и живеат по целото село, и сите слават Св. Никола; Трпчевци (10 куќи) живеат во своето Маало Трпчевско, 9 куќи, а 1 куќа живее во Крајчевско Маало; Шукдуровци (2 куќи), Антиловци или Поповци (2 куќи), Муринковци (2 к.) и Богдановци (2 к.) живеат во Трпчевско и Крајчевско Маало, и слават Св. Никола зимен; Радичовци (9 куќи) се делат на Стефановци (3 куќи), Пидуровци или Настовци (2 куќи) и на Кисковци (4 куќи) живеат во своето Радичовско Маало, и слават Св. Никола летен; Крајчевци (13 куќи) се делат на Војневци (1 куќа), Дебељаковци (4 куќи), Марковци (2 куќи), Таневци (3 куќи), Илијовци (1 куќа) и Новевци (2 куќи) живеат во своето Крајчевско Маало, и слават Св. Никола зимен.
- Со непозната старина се: Дуковци (1 куќа) некои ги сметаат за староседелци.
- Доселеници: Корџановци (3 куќи) доселени се од некое село кај Корча, Албанија во 1880 година. Живеат во Смутревско Маало, и слават Св. Никола; Јолевци (2 куќи) доселени се 1908 година од Издеглавје, подалечно потекло имаат од некое место Уљуф во Голо Брдо, денес во Албанија. Живеат во Крајчевско Маало, слават Св. Никола летен.[2]
Самоуправа и политика
уредиИзбирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1331 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на приватен објект.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 8 гласачи.[15]
Општествени установи
уреди- Црква „Св. Богородица“ од почетокот на XVII век.
Личности
уреди- Родени во Турје
- Јаќим Богоев Кузманоски (р. 1874 - ? ) — македонски револуционер од ВМОРО. Комита во реонот на Дебрца. Учествувал во нападот на турската мудурница во Издеглавје, и во други битки.[16]
- Андре Максимовски — македонски револуционер од ВМОРО.[17]
- Вељан Најдев Спасески — македонски револуционер од ВМОРО.[18]
- Томе Трајчев Тренески — македонски револуционер од ВМОРО.[18]
- Јован Андревски — македонски воен генерал, бил началник на Генералштабот на АРМ во 2000-2001 година.[19]
- Андре Јованоски — македонски партизан
- Иванчо Кузманоски — македонски партизан
- Методија Димитриески — македонски партизан
- Смиле Јованоски — македонски партизан
- Стојко Костоски — македонски партизан
Потекло
уреди- Гордана Јанкулоска — македонска политичарка.
- Спасен Сиљаноски — македонски музичар.
Иселеништво
уредиОд крајот на 1950-тите години миграциите од селото се исклучиво во градовите, селото Другово и прекуокеанските земји.
Иселеници највеќе има во Кичево (15 куќи), Охрид (10 куќи), Битола (10 куќи) и Скопје (10куќи). Други иселеници има во Струга, Прилеп, Тетово, Гостивар, како и во Австралија.
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Русиќ, Бранислав. Дебрца-Турје. Архивски фонд на МАНУ АЕ 89/1.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 Трифуноски, Јован (1992). Охридско-Струшка област. Белград: САМУ. стр. 301-302-303.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.102-103.
- ↑ Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр 253.
- ↑ Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Paris, 1905, pp. 162-163.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 31.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. стр. 1353–1354.
- ↑ Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 18,0 18,1 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ „Воени генерали од Македонија (1943-2017)“ (PDF). Клуб на генерали на Република Македонија. Архивирано од изворникот (PDF) на 2021-08-03. Посетено на 2020-08-09.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди- Турје на Ризницата ?
- Сателитска снимка на Турје на Карти на Гугл