Владимир Мајаковски

Владимир Владимирович Мајаковски (руски: Влади́мир Влади́мирович Маяко́вский; 19 јули 189314 април 1930) — руски писател, еден од најпознатите претставници на поетскиот футуризам во Царска Русија и Советскиот Сојуз во раниот XX век.

Владимир Владимирович Мајаковски
Роден 19 јули 1893
Багдати, Кутаиска губернија, Руска Империја
Починал 14 април 1930
Москва, СССР
Татко Владимир Константинович Мајаковски (1857-1906)
Мајка Александра Алексеевна Павленко (1867-1954)

Животопис

уреди
 
Мајаковски во Кутаиси

Владимир Мајаковски, кој себеси се нарекувал Владим Владимич, е роден на 19 јули 1893 година, во грузиското село Багдади (кое денес се вика Мајаковско) во близината на Кутаиси. Уште како дете покажувал наклонетост кон поезијата: татко му постојано ја фалел неговата способност за паметење и за сите слави го терал да учи стихови. Не бил добар ученик, особено бил лош по математика, но затоа пак многу читал. Пред приемниот испит за гимназијата, неговото семејство се преселило во Кутаиси, а тој за малку ќе паднел на приемниот испит. Тогаш, кај него се појавила одбивност кон старото и црковнословенското. Во училиштето, нагло почнале да му се развива уметничката дарба. Како дете, во 1905 година учествувал во демонстрациите против царската власт. Меѓутоа, во 1906 година претрпел голем удар - починал татко му, а потоа, со мајка му и со двете сестри (Људа и Оља), се преселил во Москва, каде семејството живеело многу бедно, а тој морал да работи - цртал на дрво со жешко железо, вапцувал велигденски јајца, итн. Во 1908 година, откако бил исклучен од гимназијата, поради неплатената школарина, Мајаковски ја започнал илегалната работа и им се приклучил на болшевиците, дејствувајќи како пропагандист во трговско-индустрискиот реон. Истата година бил уапсен, но бил ослободен како малолетник.[1] Поради своите револуционерни идеи, во 1909 година, бил уапсен заради поседување револвер и одлежал неколку месеци во ќелијата број 103, во Бутирскиот затвор во Москва.[2][3] По неговото трето апсење, почнал да прави скандали поради што често го преместувале од едно во друго место, а во самица поминал дури 11 месеци. Потоа, свесен дека мора да го испече писателскиот занает, ја напуштил партиската работа и приватно започнал да учи сликарство и рачна работа, а потоа се запишал во училиште за сликање, скулптура и архитектура. Кога почнала Првата светска војна, Мајаковски се пријавил како доброволец, но бил одбиен како „политички неподобен“.[4]

 
Мајаковски во 1910 година

Во 1915 година, Мајаковски ја запознал својата голема љубов и муза Лилја Брик чиј сопруг му ги откупувал песните, плаќајќи му по 50 копејки. Истата година, Мајаковски бил повикан на фронтот, но тој ја одбил поканата и започнал да црта[5] На почетокот од 1920-тите, Мајаковски носел знамиња за време на првите саботници (доброволни работни акции во саботите) кои се организирале за време на Новата економска политика,[6] а пишувал и рекламни пароли за големите московски стоковни куќи, „ГУМ“ и „Москвопром“. Одредено време работел во руската телеграфска агенција „Роста“,[3] а од 1921 година работел за весникот „Известија“, но истовремено ја организирал работата во МАФ (Московската асоцијација на футуристите), додека од 1923 до 1925 година работел во списанието ЛЕФ (Лев фронт на уметноста). Во 1925 година го започнал своето патување по светот (Берлин, Париз, Хавана, Њујорк) при што известувал за весниците „Известија“, „Труд“, „Работничка Москва“, „Зора на Истокот“, „Бакински работник“ итн. Во 1927 година, повторно го активирал списанието ЛЕФ, но повеќе работел за „Комсомолска правда“.[7]

 
Мајаковски и Лилја Брик

Иљја Еренбург го опишал Мајаковски на следниов начин: „Понекогаш беше неиздржливо невесел и болно внимателен, во џебот носеше кутија со сапун, и кога мораше да се ракува со човек кој му беше физички непријатен, веднаш заминуваше и внимателно ги миеше рацете. Во париските кафеани пиеше жешко кафе со сламка, која ја даваа за студените пијалаци, само за да не ја допре шолјата со устата. Го исмејуваше суеверието, но постојано се плашеше од нешто, ги обожуваше хазардните игри - круна или глава, пар или непар.“[8]

 
Мајаковски во 1914 година

На 12 април 1930 година, Мајаковски напишал проштално писмо, адресирано „На сите“ во кое, покрај другото, стоело: „Не окривувајте никого за мојата смрт и, ве молам, да не правите сплетки. Покојникот тоа никако не го сакаше. Мамо, сестри, другари, простете, ова не е начин (на другите не им го препорачувам), но навистина немам излез. Лилјо, сакај ме. Другарке Владо - моето семејство се Лилја Брик, мама, сестрите и Вероника Витолдовна Плонска. Ако им овозможиш пристоен живот - ти благодарам. Започнатите стихови дајте им ги на Брикови - тие знаат што треба.“ Во писмото, Мајаковски напишал и една строфа (и Есенин постапил на истиот начин кога извршил самоубиство):[9][10]

Понекогаш велат -

„Случајот е целосно јасен“,

На брегот на живеењето

се скрши љубовниот брод.

Со животот ги заклучив сметките,

не треба список гласен

на заемните болки,

навреди
и караници.

Останете среќни,

Владимир Мајаковски.
 
Последното писмо на Мајаковски

Два дена подоцна, на 14 април 1930 година, во 10 часот и 15 минути, во Москва, Мајаковски извршил самоубиство. Борис Пастернак ја дал следнава романтична слика на умрениот Мајаковски: „Тој лежеше настрана, свртен кон ѕидот, намуртен, крупен, под чаршавот до брадата, со половично отворена уста, како да спие. Гордо свртувајќи им го грбот на сите, дури и лежејќи, дури и во овој сон, тој тврдоглаво некаде стремеше и заминуваше. Лицето нè враќање во она време кога тој самиот се нарече убав, дваесет и двегодишен, затоа што смртта ја беше скаменила мимиката, која речиси никогаш не достасува во нејзините шепи. Тоа беше изразот со којшто се започнува животот, а не оној со којшто се завршува. Тој се потсмеваше и негодуваше.“[11] По повод неговата смрт, Пастернак ја напишал песната „Смртта на поетот“ во која вели: „Спиеше мирен, тих / Дваесетгодишник убав / Како што претскажа твојот стих“, како и: „Твојот пукот сличен на Етна е / Во предгорјето на кукавиците.[12] Осврнувајќи се на Мајаковски, во последниот дел од својата автобиографија од 1958 година, Пастернак пишува: На Мајаковски сакаа да му накалемат сила како што правеа со компирот во времето на Катарина. Тоа беше неговата втора смрт. За неа — тој не е одговорен.“[13]

До ден-денес, самоубиството на Мајаковски останува голема мистерија и се води обемна дебата за причините за самоубиството. На таа тема, неговиот биограф, Дмитриј Биков пишува: „Самоубиството на Мајаковски - тоа е ексцес во неговата биографија и ниту оддалеку не е она главното во неа. Во право е Марина Цветаева кога рекла дека Мајаковски на своите долги нозе заминал некаде далеку, зад хоризонтот и дека таму уште долго ќе нè чека... И ние секако ќе пристигнеме таму... ќе пристигнеме на таа главна патека на човештвото која тоа во 20. век ја трасира, ја искомпромитира, ја заборави... И, на крајот на краиштата, тој магистрален, единствениот вистински пат од кој погрешно и предавнички скршнавме, порано или подоцна, во тоа сум уверен, повторно ќе стане наш... Тоа е главната лекција што може да се научи од биографијата на Мајаковски.“[14] Мајаковски оставил две деца: синот Глеб-Никита Лавински и ќерката Елена Владимировна Мајаковска (подоцна позната како Патриша Томпсон).

 
Мајаковски (во средината) со своите другари-футуристи

Творештво

уреди

Својата прва песна Мајаковски ја објавил во илегалното гимназиско списание, а подоцна неа ја опишал како „неверојатно револуционерна и исто толку грда“. И за време на престојот во затворот пишувал песни, но не бил задоволен од напишаното. Подоцна, во својата биографија запишал: „Ѝ благодарам на стражата што ми ги одзеде при излегувањето од затворот. Инаку, ќе ги отпечатев!“ Пресвртна точка во неговата кариера претставува запознавањето на Бурљук, тогашниот водач на авангардните уметници и едне од најистакнатите претставници на кубофутуристите, кој со восхит ја пофалил генијалноста на Мајаковски. Бурљук го надгледувал, му купувал книги, го поттикнувал да пишува и му давал по 50 копејки дневно „за да не гладува додека пишува“. Кон крајот на 1912 година, Мајаковски ја објавил својата прва професионална песна, „Пурпурен и бел (Ноќ)“, а потоа следеле „Утро“ и други. Во 1913 година го објавил зборникот „Јас“, полн со илустрации и цртежи, како негови, така и на неговите другари од училиштето за сликарство. Весниците и списанијата биле полни со впечатливите текстови на Бурљук и Мајаковски, кои воопшто не се грижеле за предупредувањата, па набргу биле избркани од уметничкото училиште, а Мајаковски не можел повеќе да најде издавачи за неговите дела.[4]

Како што забележила Марина Цветаева, Мајаковски влегол во поезијата од сликарството. Сликовитоста, развиените метафори и концизниот исказ ги презел од симболистите, така што неговите рани песни потсетуваат на неговите претходници, но многу брзо неговата самосвест ќе се развие во футуризмот. Во 1914 година објавил неколку антивоени песни („Војната е објавена“ и други), во текот на зимата „заборавил на уметноста“, а во мај 1915 година заминал во градот Куокала, во Финска, познатата поема „Облак во панталони“ Таму го сретнал Максим Горки, кој ја пофалил неговата поезија. Полн со антибуржоаски протест, Мајаковски започнал да пишува за хумористичното списание „Нов Сатирикон“. Многу негови песни од тој период имаат тажна нота, но се одликуваат со осторумна сатира која често преминува во гротеска. Истата година ја напишал и поемата „Флејта-’рбет“. Во 1917 година, по преселбата во Петербург, започнал да работи на поемата „Поетохроника на револуција“ и ја осмислил поемата „Мистеријата буф“.[15]

Во 1920-тите, Мајаковски почнал постепено да се оддалечува од футуризмот, иако и понатаму бил активен во Московската асоцијација на футуристите. Од 1921 година натаму, работел многу интензивно и објавил повеќе книги, а од тоа време датираат неговите познати поеми „За тоа“ и „Ленин“. Од неговото патување низ светот произлегле повеќе дела во проза, поезија и публицистика. Во 1927 година напишал сценарио за детска книга и го направил концептот за книгата „Универзален одговор“ која никогаш не ја напишал, а следната година ја започнал поемата „Лошо“ која исто така не ја завршил. Во доцните 1920-ти, Мајаковски ги создал и делата: „Јас, лично“ (неговата биографија), „Слугинка“, „Помпадур“, „Писатели сме ние“, „Подлизурко“, а тогаш биле објавени и првите два тома од неговите собрани дела. Во 1929 година напишал повеќе песни („Писмо до другарот Костров“, „Писмо до Татјана Јаковлева“, „Монте Карло“, „Парижанка“, „Убавици“, „Америкаците се чудат“, „Стихови за советскиот пасош“), ја завршил драмата во шест чина „Бања“ итн. Последното важно дело на кое работел била поемата за петолетката, но успеал да го заврши само првиот пролог кој го објавил посебно со наслов „На цел глас“. Во Клубот на писателите била отворена изложбата „Дваесет години работа“, посветена на јубилејот на неговото творештво. Притоа, на конференцијата на одделението на РАПП (Руската асоцијација на пролетерските писатели) го објавил своето членство во неа и го прочитал прологот на „На цел глас“, а набргу била одржана премиерата на „Бања“ во театарот на Маерхолд.[16]

Критички осврт кон творештвото на Мајаковски

уреди

Својата биографија, насловена „Јас лично“, Мајаковски ја започнува со реченицата: „Поет сум. Поради тоа сум интересен.“[17] Заедно со Бурљук, Хлебников и Кручоних, Мајаковски е автор на познатиот „Шлаканица на општествениот вкус“ кој ги урнал каноните на дотогашната поезија. Притоа, Мајаковски станал поет на новата, револуционерна поезија. Според филологот Александар Ушаков, Мајаковски е „човек кој со себе носи некакво чувство на апсолутот. Неговите критериуми се многу високи. Со многу нешта во животот не се помирува. Го гледа загушувањето на поединецот, вулгарноста, огромната маса недостатоци.“ Висок, силен, со остри црти на лицето, тој излегувал пред публиката со рацете во џебовите и своите песни ги рецитирал со потсмев. Според зборовите на еден негов современик, сите песни на Мајаковски во себе содржеле „бездна на поетски електрицитет“. Иако е повеќе познат по песните напишани по Октомвриската револуција, според Ушаков, во неговите рани песни постои нешто што никогаш го немало во поезијата пред него; пред Мајаковски не постоел лиричар со толкава експресивност и метафоричност.[18]

Поезијата на Мајаковски драстично се променила по Октомвриската револуција, кога песните со растурени стихови станале неговиот заштитен знак. Неговите смели експерименти во таа област, богатите, длабоки, но и непотполни рими биле резултат на огромните можности што му ги отворила употребата на акцентскиот стих. За него, римата била „стихувана стихија, паралелно движење на мислите и звукот“ и тука дошло до израз неговото семантичко мајсторство, а неологизмите што ги создал во своите поеми живеат до ден-денес. Меѓутоа, тој не е само новатор во областа на лексиката. Според мислењето на некои историчари на книжевноста, тој не само што ја урнал хармонијата на силабичкиот стих, туку создал сосема нова поезија поради што заслужено бил наречен „Ломоносов на руската поезија на XX век“. Од друга страна, неговата љубовна лирика претставува потполна загатка и љубовта претставува неисцрпна и општоприсутна тема во целокупното негово творештво.[19]

Според Слободан Мицковиќ, поезијата на Мајаковски секогаш предизвикувала поделеност кај критиката и кај читателите: некои го прифаќаат неговото дело во целост, додека други прифаќаат само некои делови од него. Сепак, нема сомнение дека неговото дело се вбројува во редот на најдоброто што го дала руската литература. Неговата поезија се одликува со извонредна сложеност и поради тоа, во најголемиот број изданија, неговото дело се прикажува хронолошки, а под секоја песна се наведува годината на нејзиното настанување, зашто секој друг начин на класификација е многу тежок. Како дел од футуристите, Мајаковски му објавил војна на старото книжевно наследство и на неговото канонско толкување, отворајќи нов хоризонт кон книжевните вредности на неговото време. Припадноста на Мајаковски на футуристите беше условена и од нивната бунтовна премиса и напорот да се оствари чиста уметност, а во тој футуристички бунт Мајаковски ја согледа можноста да го синтетизира своето многустрано незадоволство. Во футуризмот, Мајкаовски го пронајде својот однос кон минатото, сегашноста и иднината. Притоа, тој се однесува кон минатото со иронија свртена кон сегашната интерпретација на минатото; кон современоста се однесува како кон противник со кого треба да се пресмета; а иднината за него е простор што треба со помош на поетското пророштво да се моделира според мерата на новиот човек кој доаѓа. Кај него, чувствувањето на времето не е онаа апсолутна преокупација што ја носеше Велимир Хлебников, но сепак е значајна платформа од која тој ги говореше своите стихови. Синтетскиот вид на неговото пророчко чувствување се прпеознава во секоја негова песна. Интегралноста на делото на Мајаковски најсуштински се согледува во доследноста со која во себе го носеше времето како грутка недефинирано присутна во неговата инспирација. Тој најчесто се искажува низ грлестиот, гласен стих во кој песната одекнува со сите свои нијанси и непредвидливи изблици. Притоа, во вистинската звучност на неговата поезија фундаментален звук е лирската основа, но неговата лирика е интензивна состојба на чувствата каде поетот страда со телото и со срцето, со сето свое битие. Неговата лирика не е „лирика за пред спиење“, туку интензивна состојба на чувствата, а за да ја искаже својата болка тој го користи секојдневниот „јазик на плакатите“.[20]

Втора голема одлика на поезијата на Мајаковски, според Мицковиќ, е идентификацијата со Октомвриската револуција, како Мајаковски да си го зема правото да зборува во свое име наместо неа. Таа идентификација не се изразува само низ богатството на темите во неговите песни, туку тој е целиот исполнет со револуцијата, а апологетскиот однос на Мајаковски кон револуцијата се должи на тоа што тој ја предвидел уште пред таа да се појави. Впрочем, причината за неговото одделување од футуристите била поради нагласениот социјален интерес и желбата да се ослободи од апстрактниот бунт го довела до левичарството. Сепак, десет години по револуцијата, тој влегол во судир со политиката на левиот фронт во културата, зашто тој никогаш не ја сфаќал револуцијата како натсила. Најбитниот начин со кој Мајаковски се идентификува со револуцијата е моќта на неговиот стих, моќта да се говори погласно од хорот на непријателите, способноста да се издвои сопствениот глас од бучавата на официјалната поезија. Најпосле, творештвото на Мајкаовски, колку што се потпира врз новите теми и поетски согледувања, толку се остварува и низ нов поетски јазик. Мајаковски внесува иновации во поетскиот јазик, преку инстистирањето на значењето на цезурата, на внатрешниот ритам на песната и на ефектноста на римите. Тој го барал јазикот на поезијата насекаде каде што се употребува зборот, поради што тој експериментирал со зборовни споеви, користел парадоксални и апсурдни компарации и песните ги озвучувал со алитерации кои зборовите ги доведуваат до непредвидливи врски.[21]

Оценувајќи го иноваторството на Мајаковски, Бора Ќосиќ смета дека „револуционерноста“ на формата на неговите песни е преценета. Имено, новината во неговиот стих е тоа што тој е прекршен, претставен скалесто, со зборови напишани еден под друг, но и во неговите најсложени структури лесно може да се препознае четиристихната строфа со строга форма и со меѓусебно римувани парни и непарни слогови. Така, во неговиот стих, римата останува врховен критериум, мелодиски и мисловен. Но заглавен во мелодиозноста на својот стих, Мајаковски стигнал до бројни јазични откритија. На пример, често употребувал римување „на акцентот“, каде што еден повеќесложен збор се римува со неколку кратки зборови. Исто така, тој римувал необични и ретко употребувани зборови, имиња, популарни наслови, идиоми и кратенки. На тој начин, на секој збор можело да му се пронајде соодветна рима, зашто повеќе не било важно секоја буква да се поклопува со некој симетричен збор, туку било доволно јадрото околу акцентираниот слог да биде слично. Во тие рамки се разгранува иноваторството на Мајаковски: необични, парадоксални и хиперболични слики, ритамот на уличните фрази, реферати, новински реченици, отсуство на секакви предрасуди во однос на темата, реалистичен однос кон поетскиот занает. Како уништувач на јазичните конвенции, тој е еден од поетите кои, по Рембо, направиле најмногу за поетот да го загуби „Убавото однесување“. Поуките кои произлегуваат од него се однесуваат на натприродните и невообичаени слики, јазичните слободи и постојаното присуство на надреална фантазија и хумор.[22]

Руската поетеса Марина Цветаева го опишала Мајаковски на следниов начин: „Мајаковски секогаш би имал име, - не би имал, туку и го имаше, отсекогаш. И постоеше, може да се каже, пред него самиот. Тоа момче во себе чувствуваше сила, каква - не знаеше, само ја отвори устата и рече: Јас, Владимир Мајаковски... И потоа, ништо повеќе. А понатаму, сè. Така, и почна: Владимир Мајаковски, оној кој е: јас. Се смееја, но „јас“ во ушите и жолтата блуза во очите останаа...“.[17]

Во романот „Доктор Живаго“, Борис Пастернак пишува: „Мајаковски отсекогаш ми се допаѓал. Тој е некакво продолжение на Достоевски. Или поточно, таа лирика ја напишала некоја од неговите млади бунтовни личности, некој како Хиполит, Раскољников или јунакот на „Момче“. Неверојатна сила на талентот! Тоа е кажано еднаш засекогаш, непомирливо и отворено. И колку е само сето тоа смело зафрлено во лицето на општеството и уште некаде подалеку, во пространството!“.[23] Од друга страна, во својата автобиографија од 1958 година, Пастернак искажува негативни ставови кон поезијата на Мајаковски. Признавајќи „одредени технички сличности во конструкцијата на сликите и во римите“, тој тврди дека токму тоа го натерало да се оддалечи од Мајаковски и „да ги потисне во себе херојскиот тон и барањето ефекти“. Притоа, Пастернак тврди дека од времето на Леф и „Мистериите Буф“, никогаш повеќе не можел да ги разбере пропагандистичката ревност на Мајаковски и насилната интеграција во социјалната свест, кооперативниот дух и потчинувањето кон гласот на актуелноста. Уште повеќе, според неговите зборови, „освен бесмртниот документ напишан спроти смртта, „На цел глас“, Мајаковски во неговиот последен период, почнувајќи од „Мистериите Буф“, за мене е неприфатлив. Јас останувам рамнодушен кон неговите модели на пишување, несреќно римувани, со вештачки изглед, кон тие општи места и повторени вистини, изречени на толку вештачки начин, толку збркан и со толку малку дух. Од мојот аспект, тоа е ништожниот, непостоечки Мајаковски. За чудење е тоа што тој непостоечки Мајаковски се смета за револуционерен.“[24]

Анегдоти поврзани со Мајаковски

уреди

Мајаковски бил човек полн со хумор и сарказам и бил многу отворен и директен во односот кон луѓето и за време на своите учества на литературните настани.

Кога на познатиот руски сликар Иљја Репин му ја прочитал поемата „Облак во панталони“, тој бил воодушевен и го поканил во своето ателје за да му наслика портрет - нешто што било резервирано само за најтесен круг луѓе. На тоа, Мајаковски го прашал: „А колку ќе ми платите за тоа?“ Подоцна, сепак отишол во ателјето, но со избричена глава, шокирајќи го славниот уметник.[25]

Во друга прилика, Корнеј Чуковски се воодушевил од стиховите на Мајаковски и сакал да го пофали. Го нашол како игра билјард, го извлекол од играта и почнал да му зборува, а Мајаковски го прекинал со зборовите: „Јас сум зафатен... извинете... ако сакате да ја пофалите таа книга, ве молам, одете во оној агол... кај последната маса... таму, гледате ли, седи старец со бела кравата. Јас одам со неговата ќерка и таа веќе знае дека сум голем поет... ама таткото се сомнева.“[26]

Во една прилика, некој му рекол: „Мајаковски, вие мислите дека сите ние овде сме идиоти!“ На тоа, Мајаковски одговорил: „Од каде ви е тоа? Јас пред себе гледам само еден“.

Во друга прилика, некој му забележал со зборовите: „Мајаковски, вие себеси се сметате за пролетерски поет, а постојано велите: јас, јас, јас. Како така?“ На тоа, Мајаковски одговорил: „Дали Николај Втори бил колективист? Тој постојано зборуваше: Ние, Николај Втори...“

Најпосле, кога некој злонамерен противник му се обратил со зборовите: „Вашите стихови се актуелни, тие ќе умрат брзо, вас ќе ве заборават. Бесмртноста не е ваша судбина.“ Мајаковски одговорил: „А, вие дојдете по илјада години. Тогаш ќе разговараме“.[27]

Литература

уреди
  • Владимир Мајаковски, „На сет глас“, Скопје: Македонска книга, 1970.
  • Владимир Владимирович Мајаковски, „Облак во панталони“, Битола, 1997.
  • Сергеј Есенин, Владимир Мајаковски, „Поезија“, Скопје: Арс Либрис, 2015.
  • Александар Маркоски, „Владимир 'Волоѓа' Мајаковски: кус живот, трајно дело“, Скопје: Авант прес, 2019.

Наводи

уреди
  1. Радојица Нешовић, „О песнику“, во: Владимир Мајаковски, Песме и поеме. Нови Сад: Академска књига, 2015, стр. 295-296.
  2. Владимир Мајаковски, На сет глас. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 74.
  3. 3,0 3,1 Владимир Мајаковски, Нови облак у панталонама. Београд: Нолит, 1963, стр. 178.
  4. 4,0 4,1 Радојица Нешовић, „О песнику“, во: Владимир Мајаковски, Песме и поеме. Нови Сад: Академска књига, 2015, стр. 296-297.
  5. Радојица Нешовић, „О песнику“, во: Владимир Мајаковски, Песме и поеме. Нови Сад: Академска књига, 2015, стр. 296-298.
  6. Božo Bulatović, „Majakovski“, во: Majakovski, Pesme. Beograd: Rad, 1964, 150-151.
  7. Радојица Нешовић, „О песнику“, во: Владимир Мајаковски, Песме и поеме. Нови Сад: Академска књига, 2015, стр. 300.
  8. Бора Ћосић, „Мајаковски и ми“, во: Владимир Мајаковски, Нови облак у панталонама. Београд: Нолит, 1963, стр. 180.
  9. Božo Bulatović, „Majakovski“, во: Majakovski, Pesme. Beograd: Rad, 1964, 156-157.
  10. Радојица Нешовић, „О песнику“, во: Владимир Мајаковски, Песме и поеме. Нови Сад: Академска књига, 2015, стр. 301-302.
  11. Бора Ћосић, „Мајаковски и ми“, во: Владимир Мајаковски, Нови облак у панталонама. Београд: Нолит, 1963, стр. 179-180.
  12. Борис Леонидович Пастернак, Песме и поеме. Нови Сад: Orpheus, 2011, стр. 204-205.
  13. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 14.
  14. Радојица Нешовић, „О песнику“, во: Владимир Мајаковски, Песме и поеме. Нови Сад: Академска књига, 2015, стр. 302.
  15. Радојица Нешовић, „О песнику“, во: Владимир Мајаковски, Песме и поеме. Нови Сад: Академска књига, 2015, стр. 297-299.
  16. Радојица Нешовић, „О песнику“, во: Владимир Мајаковски, Песме и поеме. Нови Сад: Академска књига, 2015, стр. 300-301.
  17. 17,0 17,1 Радојица Нешовић, „О песнику“, во: Владимир Мајаковски, Песме и поеме. Нови Сад: Академска књига, 2015, стр. 295.
  18. Радојица Нешовић, „О песнику“, во: Владимир Мајаковски, Песме и поеме. Нови Сад: Академска књига, 2015, стр. 298-299.
  19. Радојица Нешовић, „О песнику“, во: Владимир Мајаковски, Песме и поеме. Нови Сад: Академска књига, 2015, стр. 299-301.
  20. С. Мицковиќ, „Мајаковски и Револуцијата“, во: Владимир Мајаковски, На сет глас. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 77-80.
  21. С. Мицковиќ, „Мајаковски и Револуцијата“, во: Владимир Мајаковски, На сет глас. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 81-83.
  22. Бора Ћосић, „Мајаковски и ми“, во: Владимир Мајаковски, Нови облак у панталонама. Београд: Нолит, 1963, стр. 184-187.
  23. Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 234.
  24. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 11.
  25. Božo Bulatović, „Majakovski“, во: Majakovski, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 154.
  26. Božo Bulatović, „Majakovski“, во: Majakovski, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 155.
  27. Božo Bulatović, „Majakovski“, во: Majakovski, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 150-157.

Надворешни врски

уреди