„Доктор Живаго“ е роман на рускиот писател Борис Пастернак, првпат објавен во 1957 година. Романот е насловен според главниот лик, лекарот Јуриј Живагo. Зборот „живаго“ го има истиот корен со зборот „живот“ (жизнь), кој, воедно, е една од најголемите и најважните теми во романот. Во него се раскажува за еден човек кој е распнат помеѓу две жени, за неговата работа за време на Руската револуција и за време на Руската граѓанска војна. Уште подлабоко, овој роман зборува за маките на поединецот кој животот, отсекогаш го знаел како драматична борба помеѓу две сили кои се надвор од неговата контрола. „Доктор Живаго“ е еден од најпознатите политички романи во 20 век.

Предната корица на „Доктор Живаго“

Содржина

уреди

Прва книга

уреди
  • Прва глава. Брзиот во пет: По погребот на Марија Николаевна Живаго, нејзиниот син Јуриј (Јура) живее со вујко му Николај — познат писател и поранешен поп. Јура не се сеќава не татко му, кој рано го напуштил семејството, а детето го поминало детството со мајка му. Иако татко му на Јура бил многу богат човек, наеднаш, семејството осиромашило. Едно лето, за време на престојот на Јура и вујко му во малото место Дупљанка, во близината накратко застанува возот поради тоа што еден патник извршил самоубиство. Во возот патува Миша Гордон, дете со еврејско потекло, кое со татко му патува за Москва.[1]
  • Втора глава. Девојката од друга средина: За време на Руската револуција, во Москва се доселува вдовицата Амалија Гишар, која таму купува мала кројачка работилница. Таа одржува љубовна врска со пријателот на нејзиниот покоен сопруг, адвокатот Виктор Комаровски, кој набргу се вљубува во нејзината убава малолетна ќерка, Лариса (Лара). Есента, железничарите стапуваат во штрајк, а Козаците ги разбиваат демонстрациите. Во тоа време, во Москва се доселува Николај, откако претходно таму го испратил внукот Јура, кој станува добар другар со Миша Гордон. Во близината на станот на Амамила Гишар се водат борби на барикадите, па таа и Лара се принудени привремено да се сместат во хотелот „Црна Гора“. Во јануари 1906 година, за време на една забава во куќата каде е сместен Јура, домаќинот Александар, кој е лекар по професија, мора итно да замине во хотелот „Црна Гора“ за да прегледа некоја пациентка, а тој со себе ги зема Јура и Миша. Всушност, се работи за Амалија која се обидела да се отруе. Таму, Јура ја здогледува Лара и тоа му предизвикува чуден душевен немир.[2]
  • Трета глава. Божиќната забава кај Свентицки: Во 1912 година, Јура и Миша Гордон ги завршуваат студиите: тој дипломира медицина, а Миша — филозофија. Истовремено, Јура пишува стихови. Вујко му Николај веќе неколку години живее во Лозана, како познат автор на неколку книги. Домаќинката на куќата каде престојува Јура, Ана Ивановна, е тешко болна и, претчувствувајќи ја скорешната смрт, му дава завет на Јура да се ожени со нејзината ќерка Антонина (Тоња) со која тој другарува за време на своето школување. Во меѓувреме, пролетта 1906 година, со цел да побегне од Комаровски, Лара се вработува во едно богато семејство како воспитувачка на малолетната ќерка. Таму, таа работи неколку години при што нема никакви односи не само со Коамровски, туку и со мајка си. За тоа време, таа ја завршува гимназијата и се запишува на факултет, а истовремено парично му помага на сиромашното момче Павле (Паша) Антипов, кое е вљубено во неа. Пред Божиќ 1911 година, Лара дава отказ од работата, решена да започне самостоен живот и оди кај Комаровски со намера да му побара пари. Комаровски не е дома и Лара се упатува бо куќата на семејството Свентицки, кое приредува божиќна забава на која присуствува и Комаровски. Претходно, таа навраќа кај Паша и го моли што побрзо да се венчаат. И Јура и Тоња се поканети на забавата кај Свентицки, а на патот до таму, вниманието на Јура го привлекува една свеќа која гори во нечиј стан, а тоа е станот на Паша во мигот на Ларината посета. Кога пристига на забавата кај Свентицки, Лара чека погоден миг да му се обрати на Комаровски, но тој не ја приметува. Тогаш, Лара пука во таа насока, а куршумот лесно го повредува помошникот на државниот тужител. Тогаш, Јура ја забележува Лара и се присетува дека веќе ја видел во хотелот „Црна Гора“. Меѓутоа, во тој миг, Јура и Тоњ мора да се вратат дома, зашто умрела мајка ѝ на Тоња, Ана Ивановна. Утредента, на погребот на Ана, Јура се присетува на закопот на мајка си и решава да напише песна за Ана.[3]
  • Четврта глава. Доаѓањето на неизбежното: За да се спаси од можниот скандал, Комаровски изнајмува соба во која ја сместува Лара, но набргу таа се сели во друг стан. Откако ги завршуваат студиите, таа и Паша прават свадба по што се селат во родниот град на Лара на Урал. По неколку години започнува Првата светска војна. Јуриј (Јура) Живаго е лекар кој работи во московските болници, оженет со Тоња која набргу му раѓа син. Лара и Паша работат како гимназиски професори и имаат ќерка. Паша ја сака Лара, но се сомнева дека таа е со него не поради љубов, туку поради великодушноста и сака да побегне од таквиот брак, па се пријавува како доброволец на фронтот. Откако подолго време не добива писма од сопругот, Лара се пријавува како медицинска сестра и заминува на фронтот за да го најде Паша. За време на една битка, Павле Антипов е заробен, но во руската војска мислат дека погинал. Истовремено, и д-р Живаго е испратен на должност на фронтот, а еден ден, него го посетува Миша Гордон. Кога непријателската војска го напаѓа селото во кое се сместени тие, Гордон веднаш го напушта селото, а д-р Живаго е ранет. Во болницата во која се лекува работи Лара. Еден ранет офицер ѝ кажува на Лара дека Павле е заробен, но таа не му верува зашто веќе ја слушнала веста за неговата смрт. Во меѓувреме, во Москва излегува од печат првата книга на д-р Живаго. Еден ден, во болницата доаѓа веста за избувнувањето на револуцијата.[4]
  • Петта глава. Разделба со минатото: Д-р Живаго закрепнува и има чести средби со Лара додека ја извршуваат својата должност во воената болница во едно мало место. Сепак, поради настанатиот хаос и распадот на војската и на власта, по некое време, Лариса го напушта фронтот, а малку подоцна си заминува и д-р Живаго, кој во возот патува заедно со глувонемиот човек за кој постојано слушал на фронтот.[5]
  • Шеста глава. Престојот во Москва: Најпосле, д-р Живаго пристига дома и таму првпат го гледа својот двегодишен син Александар (Саша). Истовремено, од Швајцарија се вратил вујко му Николај и д-р Живаго ужива во средбите со него, зашто двајцата имаат исти ставови за уметноста. Во тоа време, иако конечно се наоѓа во своето семејство, д-р Живаго се чувствува осамен и несреќен, претчувствувајќи голема несреќа. Тој повторно работи во болницата, но неговото семејство, исто како и целиот град, се бори со гладот и големата сиромаштија. Кон крајот на октомври 1917 година избувнува нова револуција и власта ја преземаат болшевиците. По некое време, д-р Живаго заболува од тифус, но успева да иѕдрави. Во тоа тешко време, неговиот полубрат Јевграф од Омск, му помага на семејството на Живаго да преживее, а потоа, по неговиот совет, тоа се сели на имотот на мајката на Тоња во Уралската област.[6]
  • Седма глава. Патување: По долготрајни подготовки, откако ги добива неопходните дозволи, семејството Живаго најпосле поаѓа на пат со воз до Урал, патем продавајќи разни домашни предмети во замена за храна. Патувањето е долго и мачно, а кога возот застанува на една станица, д-р Живаго го запознава познатиот офицер на Црвената армија, Стрељников при што воопшто не знае дека се работи за сопругот на Лара, Павел Антипов.[7]

Втора книга

уреди
  • Осма глава. Пристигнување: При крајот на патувањето, семејството Живаго се запознава со еден патник, Самдевјатов, кој им дава подробни објасненија за крајот во кој ќе се населат, нудејќи им помош. Набргу, семејството пристига на имотот Варикино, каде ги пречекуваат запрепастените домаќини, брачниот пар Микулицин.[8]
  • Деветта глава. Варикино: Семејството Живаго живее обработувајќи ја земјата, но исто така и благодарение на помошта од Самдевјатов. Д-р Живаго забележува дека Тоња е бремена. Во текот на зимата, д-р Живаго води дневник, но со доаѓањето на пролетта го прекинува пишувањето. Еднаш, за време на посетата на библиотеката во блискиот град Јурјатин, тој ја здогледува Лара, а по некое време ја посетува во нејзиниот дом. Тогаш, таа му кажува дека Стрељников, всушност, е нејзиниот маж, но дека сè уште немала средба со него. Наскоро, тие започнуваат љубовна врска, а докторот го гризе совеста поради неверството кон Тоња и сака да ја прекине врската. Меѓутоа, по една средба со Лара, на патот кон дома, него го пресретнува група партизани, кои го мобилизираат во Црвената армија.[9]
  • Десетта глава. На главниот друм: Во градот Ходатско, во близината на главниот сибирски пат, трговката Галузина е вознемирена поради општата мобилизација во која е повикан и нејзиниот син. Во исто време, група партизани одржува таен состанок на којшто присуствуваат и таткото на Павел Антипов, поранешниот железнички работник Тиверзин од Москва и Ливериј Микулицин. Сопругот на Галузина, Власа, е дел од регрутната комисија која спроведува мобилизација за Белата армија. Додека трае регрутацијата, во градот одекнува експлозија по што настанува безредие и некои од регрутите бегаат, а меѓу нив се наоѓа и синот на Галузин.[10]
  • Единаесетта глава. Шумско војување: Веќе година и половина, д-р Живаго се наоѓа во партизанскиот одред со кој командува Ливериј Микулицин. Докторот трипати се обидел да побегне, но без успех. Иако тој не носи оружје и не учествува непосредно во борбите, сепак, за време на една битка, тој пука кон непријателот при што ранува младо момче кое потоа го спасува. Неколку партизани, меѓу кои и синот на Галузини, коваат завера против Ливериј со намера да го заробат и да го предадат на Белата армија, но заверениците се откриени.[11]
  • Дванаесетта глава. Зашеќерената оскоруша: Набргу, на партизаните им се придружуваат нивните семејства кои побегнале пред Белата армија и сите заедно се селат на друго место, длабоко во тајгата. Таму, партизаните ги стрелаат заверениците. Ливериј му кажува на д-р Живаго дека Варикино е опустошено, но дека нема вести за судбината на неговото семејство. Тогаш, докторот ја остварува својата намера за која се подготвувал веќе подолго време — бега од партизанскиот логор.[12]
  • Тринаесетта глава. Наспроти куќата со фигури: По долго и напорно пешачење, д-р Живаго пристигнува во Јурјатин кој се наоѓа под советска власт. Тој веднаш оди во куќата на Лара која меѓувреме заминала во Варикино, оставајќи му порака да го чека тука. Тој дознава дека Варикино е уништено од непозната разбојничка банда, но неговото семејство претходно заминало во Москва, а Тоња му родила ќерка. Истоштен од патувањето, д-р Живаго се наоѓа неколку дена во бунило, а кога се освестува, ја здогледува Лара која го негува. Живаго и Лара разговараат за нејзината судбина, за нејзиниот брак со Павел Антипов и за Комаровски, кој е виновен и за смртта на татко му на Жиавго. Летото, д-р Живаго започнува да работи како лекар. Еден ден, тој добива писмо од Тоња, која го известува за нивната ќерка Маша, за преселбата во Москва и за прогонството во странство. Сфаќајчи дека никогаш повеќе нема да го види своето семејство, Живаго се онесвестува од тие несреќни вести.[13]
  • Четиринаесетта глава. Повторно во Варикино: Еден ден, во домот на Лара и Живаго се појавува Комаровски, кој им кажува дека се наоѓаат во голема опасност и им нуди да ги префрли на некое безбедно место на Далечниот Исток. Тие грубо ја одбиваат неговата понуда, но свесни за опасноста, заминуваат во Варикино каде живеат некое време во кое Живаго пишува поезија. По некое време, повторно ги посетува Комаровски, кој им нуди помош. Тој му кажува на Живаго дека Стрељников е стрелан и тогаш Живаго ги испраќа Лара и Каќа со Комаровски, а тој останува во Варикино. По некој ден, во куќата се појавува Стрељников, кој и претходно се криел тука. Насетувајќи дека ќе биде уапсен, тој побегнал по што долго време се криел на разни места и најпосле дошол во Варикино. Тој и Живаго разговараат за Лара, а утредента, Живаго го наоѓа мртвото тело на Стрељников, кој ноќта извршил самоубиство, свесен дека неговите гонители наскоро ќе го фатат.[14]
  • Петнаесетта глава. Завршеток: Во оваа глава се опишани последните осум-девет години од животот на д-р Живаго. Пролетта 1922 година, тој пристигнува во Москва по долго патување, поголемиот дел — пеш, а последниот дел од патувањето го минува со воз. Патем, тој доаѓа во непознато, запалено село и таму среќава едно момче и патувањето го продолжуваат заедно со него. Момчето е Васја Брикин, кое своевремено патувалос со семејството Живаго во истиот воз кон Урал. Неправедно обвинет за убиство, Васја бил затворен, но побегнал од затворот и се скрил во родното село кое подоцна го запалила Црвената армија, по што селаниет се иселиле и така селото останало пусто. Докторот и Васја некое време живеат заедно во Москва, каде момчето се запишува во графичко училиште, додека д-р Живаго пишува кратки популарни книги на разни теми, кои се одлично прифатени од публиката. Меѓутоа, откако Васја ги прифаќа комунистичките идеи, тие се разделуваат и оттогаш д-р Живаго живее осамен, запуштен и беден живот. Подоцна, тој се запознава со Марина, ќерката на неговиот поранешен слуга Маркел, која му станува невенчана сопруга и со неа има две ќерки. Во тоа време, д-р Живаго се допишува со семејството кое живее во Париз, но нивната преписка се прекинува кога сопругата и тастот дознаваат за неговата нова жена, а потоа, по петгодишен прекин, тие повторно се допишуваат. Летото, 1929 година, по еден разговор со старите пријатели Дудоров и Гордон, д-р Живаго тргнува кон својот дом, но случајно го среќава братот Јевграф. По разговорот со него, Живаго не се враќа дома, туку тајно живее во една соба во Москва, каде секојдневно пишува, а Јевграф му помага финансиски. Три дена по исчезнувањето, д-р Живаго им испраќа писма на сопругата Марина и на двајцата пријатели, барајќи од нив да не го бараат, зашто сака да биде сам и да го преиспита својот живот. Марина и другарите упорно се обидуваат да откријат каде се наоѓа Живаго, но без успех. Најпосле, д-р Живаго добива работно место во една болница и додека патува со трамвај натаму, тој чувствува силна болка во градите и паѓа мртов на плочникот. Околу него се собира голема група луѓе, меѓу кои се наоѓа и една стара жена со која тој живеел во истата куќа додека служел на фронтот за време на војната. Во неговата соба се собираат многу луѓе, кои сакаат да му оддадат последна почит на покојникот, а за неговото кремирање се грижи брат му Јевграф. Сосема случајно за неговата смрт дознава Лара, која во тоа време доаѓа во Москва и, додека шета по улиците, ја забележува собата во која некогаш живеел нејзиниот сопруг Павел Антипов. Таа влегува во собата и таму го здогледува мртвото тело на д-р Живаго. По кремирањето, Лара и Јевграф ги средуваат ракописите на Живаго, но по неколку дена таа наеднаш исчезнува при што најверојатно е уапсена и одведена во концентрационен логор.[15]
  • Петнаесетта глава. Епилог: Летото 1943 година, Гордон и Дудоров, кои се офицери во Црвената армија, се среќаваат во едно мало место во близината на фронтот и разговараат за својата животна судбина: Пред војната, Гордон бил затворен во еден гулаг во Сибир, и од таму заминал како доброволец на фронтот. И Дудоров бил затворен, но потоа бил ослободен и повторно предавал на универзитетот. Во 1941 година, тој се свршил со неговата студентка Христина, но војната ги разделила, а таа погинала во херојска акција. Подоцна, во друго место, тие ја среќаваат Татјана (Тања) која служи во позадинската чета на Црвената армија и таа им ја раскажува својата животна приказна: таа била родена во близината на монголската граница, но уште како мало девојче мајка ѝ била принудена да ја напушти; така, за Тања се грижеле еден железничар и неговата жена; еден ден, во нивната куќа дошол разбојник, кој претходно го убил железничарот, но Тања избегала; во следните години, таа скитала по разни места и живеела во домови за сираци; пред извесно време, таа се запознала со генералот Јевграф Живаго и кога му го раскажала својата животен пат, тој се заинтересирал за неа, укажувајќи ѝ дека можеби се роднини. Слушајќи го нејзиниот исповед, Гордон и Дудоров сфаќаат дека таа е вонбрачната ќерка на Јуриј Живаго и Лара. По неколку години, Гордон и Дудоров ги читаат записите на Јуриј Живаго, кои ги објавил брат му Јевграф, и го претчувствуваат доаѓањето на слободата во нивната земја.[16]
  • Шеснаесетта глава. Песните на Јуриј Живаго: Во последната глава на романот се прикажани 25 песни на д-р Живаго: „Хамлет“, „Март“, Страсната недела“, „Бела ноќ“, „Пролетно беспаќе“, „Објаснение“, „Лето во градот“, „Ветар“, „Пијанство“, „Бабино лето“, Свадба“, „Есен“, „Бајка“, Август“, „Зимска ноќ“, „Разделба“, „Средба“, „Божиќна ѕвезда“, „Разденување“, „Чудо“, „Земја“, „Злокобни денови“, „Марија Магдалрна I“, „Марија Магдалрна II“ и „Гетсиманската градина“.[17]

Главни ликови

уреди

Во романот се појавуваат поголем број ликови, како:[18]

  • Јуриј (Јура, Јурочка) Андреевич Живаго
  • Николај Николаевич Ведењапин (вујко Коља) — вујко на д-р Жиавго
  • Антонина (Тоња) Александровна Громеко — жена на д-р Живаго
  • Александар (Саша, Сашењка) — син на д-р Живаго и на Антонина
  • Александар Александрович Громеко — татко на Антонина
  • Ана Ивановна Громеко (родена Кригер) — мајка на Антонина
  • Јевграф (грања) Андреевич Живаго — полубрат на д-р Живаго
  • Лариса (Лара) Фјодоровна Антипова (родена Гишар)
  • Павле Павлович (Паша, Патуља) Антипов-Стрељников — маж на Лара
  • Катерина (Каќа, Каќенка) — ќерка на Лара и на Павле
  • Амалија Карловна Гишар — мајка на Лара
  • Родион (Роѓа) Фјодорович Гишар — брат на Лара
  • економката Тања — ќерка на Лара и на д-р Живаго
  • Виктор Иполитович Комаровски — адвокат, љубовникот на Лара во младоста
  • Маркел Шчапов — слуга на Громекови
  • Марина — ќерката на Маркел
  • Капитолина (Капа, Капка) и Клавдија (Клаша) — ќерки на Марина и на д-р Живаго
  • Михаил (Миша) Григориевич Гордон — пријател на д-р Живаго
  • Инокентиј (Ника) Дудоров — пријател на д-р Живаго
  • Гимазетдин Галијулин — железничарски работник и подоцнежен офицер
  • Фатима Галијулина — негова жена
  • Осип (Јусупка) Гимазетдинович Галијулин — син на Гимазетдин и на Фатима
  • Марфа Гавриловна Тиверзина
  • Кипријан (Куприк, Куприњка) Савељевич Тиверзин — син на Марфа Тиверзина
  • Аверкиј Степанович Микулицин
  • Ливериј (Ливка) Аверкиевич Микулицин-Шумски — син на Аверкиј Микулицин
  • Елена Прокловна Микулицина — втората жена на Аверкиј
  • Агрипина (Аграфена) Тунцева — првата жена на Аверкиј, мајката на Ливериј
  • Евдокија (Авдотја) Тунцева — сестра на Агрипина
  • Глафира (Глаша) Тунцева — сестра на Агрипина
  • Серафима (Сима) Тунцева — сестра на Агрипина
  • Анфим Јефимович Самдевјатов
  • Пелагија Ниловна Тјагунова (тета Поља, Палаша)

За романот

уреди

Иако содржи делови који се напишани во 1910 и 1920 година, „Доктор Живаго“ не бил завршен сè до 1956 година, кога Борис Пастернак го дал на увид на весникот Новиј мир. Весникот одбил да го објави поради Пастернаковите политички ставови кои не биле прифатливи во Советскиот Сојуз. Имено, како и самиот главен лик, авторот повеќе се грижел за благосостојбата на поединецот, наместо за благосостојбата на општеството, поради што советските цензори го прогласиле делото за антимарксистичко, затоа што во него има имплицинтни критики на затворските логори. Во 1957 година, италијанскиот издавач Џанџакомо Фелтрин го копирал ракописот на романот од СССР, па истовремено го објавил во две изданија, прво на руски, а потоа и на италијански јазик во својата издавачка куќа „Фелтринели“ во Милано. Следната година, романот бил објавен и на англиски јазик, а потоа уште на осумнаесет јазици. За популарноста на романот придонесол и фактот дека на Борис Пастернак му била доделена Нобеловата награда за литература во 1958 година. Романот бил објавен во Советскиот Сојуз во 1988 година, и тоа на страниците на весникот „Новиј мир“.

„Доктор Живаго“ е првото подолго прозно дело на Пастернак и во него тој значително ги изменил својата книжевна постапка и израз. За разлика од неговата рана проза која се одликува со субјективно есеистичка ориентација, во овој роман доминира стремежот кон поголема објективност, односно тој се вратил на традиционалниот стил на раскажување, прикажувајќи го животниот пат на еден човек од смртта на мајка му во 1905 година до неговата смрт во 1929 година (со епилог за некои подоцнежни настани). Во позадината на оваа животна приказна се прикажани главните историски настани во Русија: револуцијата од 1905 година, Првата светска војна, Октомвриската револуција, почетокот на изградбата на социјализмот и Сталиновата епоха. Притоа, јадрото на романот го сочинуваат љубовта и слободата: иако д-р Живаго општествено пропаѓа прилично рано, а потоа и умира, сепак неговата ќерка од врската со Лара го продолжува неговото физичко наследство, а книгите го претставуваат неговото духовно наследство. Така, Пастернак ја изложува идејата за уметноста како еден од најважните облици на создавањето трајни духовни вредности и како најскапоцениот начин на човековот траење и достигнување на вечноста. Уште повеќе, во романот доминира идејата за човековата слобода и можноста за нејзиното остварување. Во романот се испитува дали поединецот, соочен со страшните тоталитарни околности, успева да ја сочува индивидуалноста во себе. За разлика од егзистенцијалистите, Пастренак не се задржува само на апсурдноста и парадоксалноста на растојанието меѓу животните услови и личната слобода, туку пее химна за големата човекова победа, за имунитетот на личноста. Според него, во човекот постојат длабоки, внатрешни сили кои успеваат да го ослободат од општетсвениот детерминизам. Во продолжение, Пастернак ја изложува идејата за љубовта како првата човекова судбина, фаталност од најголемите длабочини на битието, како сила која овозможува максимална хармонија во животот; љубовта е најважниот начин на стекнување на слободата, овозможена од делувањето на вечните, природни сили во човекот. На тој начин, во романот Пастернак го искажува своето старо верување за природната перспектива на човекот, кое е застапено уште во неговото автобиографско дело „Заштитна повелба“. Човекот е такво природно суштество кое со сите искуства стреми кон целосно проживување на сопствената индивидуалност, а на врвот од тоа движење, тој успева да се слее со надиндивидуалното, со општиот тек на нештата. Оттука, индивидуалноста не е цел, туку само средство, а ослободувањето се состои во „враќањето“ на човекот кон својата природа. Во таа смисла, романот содржи модерна варијанта на романтичарскатафилозофија“, т.е. порака која ги поврзува Русоовата и Хегеловата теорија на отуѓувањето со Блоковите сфаќања. Тука има и остатоци на христијанството, како што е основната идеја за враќањето на човекот кон својата суштина која личи на христијанскиот мит за враќањето во изгубениот рај. Исто така, во романот има и непосредно, отворено христијанство од толстоевски тип, но тоа е повеќе декларативно, отколку литерарно. Уште повеќе, некои книжевни критичари сметаат дека романот претставува библиска парабола.[19]

Непосредно по појавата на романот, поголем број критичари го пречекале со воодушевување, нарекувајќи го „доцен плод на големата класична раскажувачка традиција“, кој „го евоцира целото руско искуство во текот на последните педесет години“ и претставува „клучна книга не само на подерна Русија, туку и на целиот наш противречен и страсен век“. Книгата се одликува со оригиналност и уметничко мајсторство и содржи блескави и неповторливи пасажи во која објективноста е секогаш лирска, а рационалноста е стопена со поезијата. Во романот, Пастернак го изменил својот стар метод — комбинирањето на метафората (поетската слика) со коментарот (дискурзивната расправа) и применува поголема рационалност, при што метафората е збогатена, по цена на претерана барокна раскошност, додека коментарот е исчистен од филозофската заматеност, губејќи дел од свежината, но добивајќи на едноставноста. Сепак, таквата поразвиена книжевна постапка во принцип го зачувува изворното значење на поетската слика. На крајот од романот, како додаток, се ставени „Песните на Јуриј Живаго“ кои претставуваат или поетска надградба на некои моменти од животот на Живаго или се однесуваат на некои слободни теми.[20]

Според Света Лукиќ, набљудуван во целост, романот зазема видно место во светската книжевност и има непроценливо значење за руската книжевност, зашто Пастернак ја продолжува традицијата на слободоумната, оригинална расправа за централните проблеми на човекот и на општеството. Сепак, романот има и некои недостатоци, кои првенствено се изразени во отсуството на кохерентност. На пример, некои места кои се однесуваат на љубовта и на слободата (првата средба на Јура и Лара во младоста, нивната средба на фронтот, сцената со Лара и мртвиот Живаго итн.) се маркантни во книжевна смисла, но не се подреднеи на целината и не го држат јадрото на романот. Истиот впечаток се добива и со тоа што бројни други фрагменти се надвор од главниот тек на книгата, како: детството на Гордон, првата љубов на Дудоров, средбата со глувонемиот човек, младиот селски кретен Галузин, претераните описи на природата и на физичката работа со која се бави Живаго итн. Со овие фрагменти, центарот на романот постојано се поместува настрана од она место каде би требало да биде. Исто така, главните ликови во романот, кои се паметни но невитални, повеќе лимфатични отколку несреќни, не оставаат секогаш впечаток дека се длабоко зафатени и погодени од крупните историски настани што се случуваат околу нив, а кога се, тие не им се спротивставуваат. Најчесто, тие вегетираат во ламентации, во жалење за минатото и декадентски, лесно и брзо се претопуваат во минливоста, заборавот или смртта. Од техничка гледна точка, книжевниот израз на Пастернак се колеба меѓу автентичната метафора, вообичаената прозна нарација и есеистичкиот коментар при што понекогаш овие средства се судираат меѓусебно како различни ракописи. Навистина, планот на книгата е целосен, складен, затворен и строг како да е правен според некој геометриски систем, но е недокажан и авторот не успева секогаш да ги направи убедливи оние неколку среќни околности кои ги спојуваат главните ликови — Живаго и Лара. Понекогаш, Пастернак запаѓа во сентименталност, па дури на границата на кичот, а во последните глави се спушта на нивото на социјалистичкиот реализам. Романот е напишан поетски каприциозно и претставува еден вид антологија на убавите фрагменти од творештвото на Пастернак, кој прави лирски ексцеси и на местата каде што тие не се неизбежни, останувајќи претерано дискретен таму каде што е потребна поголема експликација. Оттука, романот делува невоедначено, како дел на значаен, но веќе уморен писател.[21]

Адаптации

уреди

Врз основа на романот се снимени неколку филмски верзии, а најпознат е истоимениот филм од 1965 година во режија на Дејвид Лин.[22]

Наводи

уреди
  1. Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 37-56.
  2. Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 57-103.
  3. Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 104-135.
  4. Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 136-180.
  5. Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 181-221.
  6. Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 222-271.
  7. Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 272-324.
  8. Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 9-34.
  9. Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 35-68.
  10. Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 69-93.
  11. Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 94-120.
  12. Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 121-147.
  13. Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 148-196.
  14. Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 197-251.
  15. Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 252-295.
  16. Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 296-313.
  17. Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 214-348.
  18. Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 35-36.
  19. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 17-23.
  20. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 23-27.
  21. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 30-32.
  22. IMDb (посетено на 1.4.2012).